Во билтенот со наслов „Историски ревизионизам, говор на омраза и насилство кон Србите во 2017 година”, се регистрирани 393 инциденти на етничка нетрпеливост, ревизија и негирање на историските настани, како и навреди, закани и физички напади и говор на омраза насочени кон Србите во Хрватска.
Овие податоци се базираат на извештаите што на СНС му ги доставувале поединци, како и на информациите од медиумите што оваа организација ги собрала.
Авторот на извештајот, Тамара Опачиќ, за БИРН изјави дека вистинскиот број на инциденти можеби е многу поголем.
„Поголемиот дел од овие инциденти не ни се пријавуваат, а камоли на државните надлежни институции, како што е полицијата и државното обвинителство”, изјави Опачиќ.
Зголемувањето не е толку драстично како она во периодот 2015-2016 година, кога СНС забележа зголемување на инцидентите од 57 отсто. СНС смета дека ова е резултат на „шовинистичката кампања” предводена од тогашниот лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Томислав Карамарко.
Опачиќ, исто така, наведува дека и поранешниот лидер на Социјалдемократската партија, Зоран Милановиќ, ја критикувал Србија и нејзиното население, во обид, како што рече, да добие повеќе гласови од десничарскиот електорат.
„Последиците од овој период се чувствуваат и во денешниот политички живот”, вели Опачиќ.
Таа додаве дека актуелната влада предводена од поумерената ХДЗ, не ги охрабрува отворените говори на омраза, но дека акциите што ги презема против таквите појави се недоволни, па дури можеби и контрапродуктивни.
Опачиќ нагласува дека изгледите за оваа година се лоши. „Особено ако земеме предвид дека постојат референдумски иницијативи кои имаат за цел да ги намалат малцинските права”, додава таа.
Имено, конзервативната група, „Народот одлучува“, во моментов собира потписи за референдум, кој, меѓу другото, има за цел да го ограничи гласачкото право на националните малцинства.
Според извештај што СНС го доби минатата недела, граѓаните, на главниот плоштад во Загреб, биле повикувани да го дадат својот потпис и оти тоа ќе значело, како им било објаснувано, дека се борат против Србите.
Инаку, минатата недела, Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата на Советот на Европа (ЕКРН), предупреди дека говорот на омраза во Хрватска, насочен кон Србите, Ромите и ЛГБТ заедницата, е во пораст.