Регион

Жалбите против пресудата на Радован Караџиќ во април

Денис Џидиќ, Сараево

Радован Караџиќ во судница. Фото: МКТЈ

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), во вторникот соопшти дека Караџиќ и неговите адвокати ќе ја изнесат жалбата на пресудата со која тој е осуден за геноцид и за злосторства против човештвото на 23 април.

Хашките обвинители ќе го сторат тоа еден ден подоцна.

Хашкиот трибунал го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Со истата пресуда тој беше ослободен од обвинението за геноцид во други општини во БиХ во 1992 година.

Хашкото обвинителство најави дека ќе поднесе жалба и ќе бара Караџиќ да биде осуден за геноцид извршен во 1992 година и да биде осуден на доживотен затвор, а одбраната најави дека ќе бара тој да биде ослободен.

Претседателот на ММКТ, Теодор Мерон, го одобри барањето на Караџиќ, да зборува во текот на жалбениот претрес.