Донесувањето на законските измени што ја регулираат работата на финансиските друштва го намали бројот на пријави кај народниот правобранител, но, според Насер Зибери, првиот човек во институцијата, сè уште има простор за злоупотреби.
Правобранителот побарал целосно да се тргне можноста за електронско аплицирање за брзи кредити, бидејќи така најчесто се правеле злоупотреби со кражба на идентитетот, но ова барање не било прифатено.
Задоволен е што по неколку години алармирање и десетици претставки од измамени граѓани во изминатите три години, конечно е утврдено дека надзор над финансиските друштва, „кои со години беа надвор од контрола на државата“, треба да врши Министерството за финансии.
Во разговор за БИРН, Зибери, како голем чекор кон заштита на граѓаните, го наведува неодамнешното носење на правилникот за проверка на кредитоспособноста на граѓаните, со што меѓу другото, треба да се избегне давање кредит на тој што не може да го врати.
Минатата година беа донесени измени во Законот за работење на финансиските друштва, а годинава и во правилниците што произлегуваат од нив. Дали со тоа се става крај на проблемите во овој сектор, за кој во последните години добивавте многу пријави, од оние за превисоки камати, па сè до земање брзи кредити со украден идентитет?
Зибери: Мислам дека за ефектите од донесувањето на законот треба да се почека во следниот период, како и да се следи неговата примена. Се разбира, финансиските друштва сами ќе бидат заинтересирани да не направат евентуални пропусти, затоа што ќе бидат санкционирани од Министерството за финансии, и во нивен интерес е нивното работење да биде во рамки на законските решенија. Сите финансиски друштва немаат коректен пристап, но во списокот на претставки што се однесуваат на брзите кредити, постојано ни се јавуваат 4-5 финансиски друштва, а има финансиски друштва кон кои нема ниту една.
Најголема придобивка од измените е обврската Министерството за финансии да донесе правилник за проценка и управување со кредитниот ризик. Тоа беше најслабата алка во функционирањето на финансиските друштва, затоа што тие не водеа сметка, дали еден барател на брз кредит е кредитоспособен, задолжен или не, и дали тој ќе биде способен утре да го врати кредитот. И како последица на тоа, барателите на брзи кредити запаѓаа во тешка економска ситуација и неможност да ги вратат. Сето ова, на некој начин сега е регулирано, и работа на органите е тоа и на дело да го спроведат.
Се разбира, проблемот не е целосно решен, бидејќи, и во Законот, и во самиот правилник за управување со кредитниот ризик, е оставена алтернативната апликација преку електронски уреди. Ние, во нашите препораки баравме тоа сосема да се исклучи, затоа што беше еден од вентилите преку кои се злоупотребуваа податоците на граѓаните, а имавме и многу тешки примери, кога и идентитет на лице со попреченост беше злоупотребен, односно тие лица беа задолжени кај финансиските друштва. Сега се ставени некои ограничувања, но ние сметавме дека таквиот начин на апликација треба целосно да се исклучи.
Земањето брзи кредити со украдени податоци го достигна својот пик лани, кога дел од финансиските друштва почнаа да даваат брзи кредити со електронско аплицирање, за купување производи во повеќе компании, при што во ниту еден момент не се бараше физичко присуство на апликантот, ниту, пак, соодветно се потврдуваше неговиот идентитет. Сметате ли дека надлежните требаше порано да ги донесат законските измени, за да има помалку измамени граѓани?
Зибери: И порано, и порестриктивно требаше да се пристапи. Една од забелешките што ние ги имавме, а кои не се опфатени ниту во измените во Законот, ниту во правилникот за начинот за управување со кредитниот ризик, е начинот на исплата на одобрениот брз кредит. Ние баравме исклучиво тоа да биде одобрено на трансакциска сметка на корисникот на кредитот.
За жал, повторно е оставена алтернатива, што значи, кога електронски ќе аплицира, кога одобрените средства не завршуваат на трансакциската сметка, туку кај некое трговско друштво, просторот за злоупотреба е сè уште присутен.
Што се случува со претставките од измамените граѓани, кои во изминатиот период стигнаа до вас и дали има нови пријави?
Зибери: Да, и во првите 5 месеци од 2024 година има, но тој број на претставки е далеку помал од тој во 2022 и во 2023 година. Карактеристика сега, во 2024 година, е тоа што претставките, во однос на задолженоста на граѓаните кај финансиските друштва, се однесуваат на тужбите што овие граѓани ги добиваат од финансиските друштва и тие завршуваат пред извршители.
Една претставка стигна пред десетина дена, во која подносителот се жали дека вкупниот износ на трошоци за финансирање или евентуално заканување на враќање на кредитот, кој е лимитиран на 60 проценти, од вкупниот износ на одобрениот кредит, не се почитува, односно се бара од корисникот на кредитот, поголем износ од самиот кредит. И тоа е груба повреда на самата одредба на законот, која тоа прашање го има уредено и дека не смее да мине 60 проценти од одобрениот кредит.