Три со три

Богоeв: Способен сум за лидер на СДСМ

Разговор со потпретседателот на партијата Стефан Богоев

СДСМ е во потрага по целосен организациски ремонт и нов имиџ по најтешкиот изборен пораз што го доживеа партијата, со освоени одвај над 150 илјади гласови и 18 пратенички места.

Овој процес почна со оставки на сите партиски функционери, на чело со лидерот Димитар Ковачевски. Се очекува, дел од овие функционери да се обидат да дојдат до лидерската позиција, верувајќи дека можат да ги донесат очекуваните промени.

Потпретседателот во оставка, Стефан Богоев, кој на 34 години има 16-годишен партиски стаж, за БИРН вели дека размислува за опцијата да се кандидира за претседател. Лично смета дека му е предност што ги помина и опозиционерските денови во првите редови на протестите.

БИРН: Ковачевски оцени дека СДСМ претрпел тежок пораз „не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорашните членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции“. Сметате ли дека само ова е причината или и начинот на кој владееше СДСМ?

Богоев: Поразот е голем, бројот на освоени гласови на СДСМ е мал и сметам дека до тоа е дојдено поради комбинација на грешки и околности во сите седум години од владеењето на партијата, на сите нивоа. Но, за подлабинска анализа ќе оставам простор да зборувам во органите и телата на партијата.

Вчера колективно сите поднесовме оставки и ќе ги извршуваме нашите функции до доаѓањето нови, а, пред сè, со цел организирање отчетен конгрес, како и постапка за избор на нов претседател.

Очекувам веднаш по изборот на претседател и раководство на партијата, СДСМ да биде гласен критичар на сите погрешни одлуки на ВМРО-ДПМНЕ, загрозување или непочитување меѓународни договори.

Она што повеќе ме загрижува е дали и какви последици ќе почувствуваат граѓаните и бизнис-заедницата од непочитувањето на договорот од страна на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

БИРН: Имате ли амбиции за лидер?

Богоев: Сметам дека во овие 16 години сум ги поминал буквално сите скалила во партијата по природен пат, а и во државата, и сум бил дел од сите клучни процеси во партијата, како Отпорот, Вистината за Македонија, Шарена револуција и низ сите тие процеси, години и скалила сум стекнал големо искуство и пријателства во партијата.

Оттука, сметам дека сум способен за лидер на СДСМ, а наскоро ќе одлучам дали ќе тргнам по тој пат сега.

Најбитно е партијата да избере тим што ќе го зачува јадрото на СДСМ, а не само претседател.

БИРН: Се шпекулира дека шест-седум познати партиски членови имаат амбиции за кандидати за нов претседател на СДСМ, а истовремено во медиумите се објавуваат гласини за премин на одреден број пратеници на страната на парламентарното мнозинство. Од сето ова произлегуваат две дилеми: со оглед на многуте кандидати, колку е извесно по конгресот, евентуалното незадоволство да се преточи во фракционерство и колку е компактна пратеничката група на СДСМ и коалицијата?

Богоев: Се надевам дека претстојниот избор на нов претседател и ново раководство нема да значи нови поделби или понатамошно фракционерство во СДСМ и очекувам секој потенцијален кандидат прво да се преиспита себеси дали влегува во трка да направи нешто добро за државата и партијата или  влегува во трка за претседател мотивиран од лични или туѓи интереси.  Доколку сите кандидати на прво место ги стават партијата и државата, убеден сум дека тоа ќе биде празник за демократијата во СДСМ наместо нови поделби во СДСМ.

Исто така, верувам дека пратеничката група е компактна и не очекувам некој да ја напушти. Меѓутоа, доколку се случи тоа, гласно ќе бараме таа конкретна личност да го врати мандатот, од причина што нашиот изборен модел не предвидува гласање за личност, туку за листа предложена од политичка партија.

Убеден сум дека граѓаните гласале за програмата и листата предложена од СДСМ и коалицијата за европска иднина на овие избори, така што тој што ќе ја напушти пратеничката група, нема од каде да го црпи легитимитетот да ги претставува граѓаните во Собранието.