Регион

Злосторствата од омраза во БиХ, не секогаш се пријавуваат и ретко се гонат

Предизвикувањето на национална, расна или верска омраза е кривично дело во Босна и Херцеговина, но обвинителите ретко, за вакви дела, поднесуваат обвиненија

Напаѓачот на Хоџиќ, Ренато Марјановиќ, го сними инцидентот, а видео-снимката ја објави на Фејсбук. На снимката, која подоцна беше отстранета, се гледа како тој на Хоџиќ му вели: „Убаво кажи, извинете Срби во Приедор, што го залепив знамето на БиХ на приколката, нема никогаш повеќе тоа да го направам, јас ја почитувам Република Српска и Милорад Додик како претседател”.

Марјановиќ беше уапсен на 12 март, а полицијата во Приедор соопшти оти против него е покрената истрага поради сомнение дека сторил кривично дело злоставување, тортура и нехуман и понижувачки третман.

Но, фактот што инцидентот не е класифициран како злосторство мотивирано од омраза, предизвика загриженост меѓу повоените повратници во БиХ, а го покрена и прашањето, дали злосторствата од омраза, правилно се истражуваат.

Хоџиќ изјави оти Марјановиќ не го знаел од претходно и дека не може да објасни што го предизвикало нападот.

„Прво, бев шокиран што побара од мене да ја отстранам налепницата, помислив дека е тоа некоја чудна шега … тогаш ме нападна, одзади”, изјави Хоџиќ за БИРН.

Мирсад Дуратовиќ, советник во општина Приедор, најави дека ќе поднесе официјално барање до Министерството за внатрешни работи на Република Српска, делото да биде преквалификувано како злосторство од омраза.

„Овој напад беше мотивиран од омраза, врз основа на национална, расна и верска омраза, и ние, бошњачките функционери во Приедор, имавме заеднички состанок, на кој ова барање, беше еден од главните заклучоци”, вели Дуратовиќ за БИРН.

Од Министерството за внатрешни работи на Република Српска, до објавувањето на овој текст, не добивме одговор на прашањата врзано за најавата на Дуратовиќ.

Недолго по инцидентот со Хоџиќ, Ален Џиндо, уште еден повоен повратник во Власеница, град во источна Република Српска, изјави оти неговото семејство нашло пет бомби во задниот дел од дворот.

„Јас не се сомневам само во себе, во мојата сопруга и децата, како ниту во  луѓето што работат тука”, изјави Џиндо за интернет страницата на радио Сараево, radiosarajevo.ba, на 18-ти март.

Од полицијата во Зворник, во чија надлежност е Власеница, за БИРН изјавија дека случајот го истражуваат и оти не можат да ни дадат други детали.

До овие два инциденти дојде откако западните дипломати изразија загриженост во врска со наводното поттикнување на верска и национална омраза, на собирот на униформираните четнички приврзаници во градот Вишеград, Република Српска, на 10 март.

Американската амбасада во Сараево соопшти дека е „изненадена од извештаите за закани и националистичка реторика” на собирот.

Членовите на равногорското движење, повеќе познати како четници, на собирот носеле црни униформи и, како што беше објавено, пееле националистички песни. Истрагата за овој настан е во тек.

Многу злосторства од омраза не се пријавени

 Состојбата во БиХ е претежно мирна, а бројот на пријавени етнички мотивирани инциденти е мал. Се чини дека обвинителите во Република Српска, неволно го користат законот за злосторства од омраза.

Драгица Тојагиќ, портпарол на јавното обвинителство на Република Српска, за БИРН изјави дека во 2018 и 2017 година „немало поддржано или потврдено обвинение за злосторства од омраза”.

Босанските безбедносни и статистички институции не чуваат податоци за злосторствата од омраза поврзани со националната или верската припадност, така што најсигурните бројки за ваквите инциденти доаѓаат од мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, која месечно изготвува „Монитор на омраза”.

ОБСЕ, во првите три месеци од 2019, бележи 33 случаи во кои постои сомневање дека се работи за злосторства од омраза – 11 во јануари, 6 во февруари и 16 случаи во март. Повеќето од нив вклучуваат физичко насилство, но има и инциденти во кои се оштетени верски објекти и е забележано сквернавење на гробишта.

Организацијата во БиХ регистрирала вкупно 113 инциденти мотивирани од омраза во 2018 и 173 во 2017 година.

„Кога податоците се класифицирани според целта или жртвата, може да се види дека поголемиот дел од овие инциденти се насочени кон групи или поединци врз основа на нивната етничка или верска припадност”, вели за БИРН, Халиса Скопљак, правен советник на ОБСЕ во БиХ.

Провоцирањето на етничка, расна и верска омраза, раздор и нетолеранција, се кривични дела според член 145а од Кривичниот закон на БиХ. Но, бидејќи овие одредби беа донесени во 2010 година, досега само четири случаи имале судска разрешница – три се завршени со осудителна,а еден со  ослободителна пресуда.

Во еден од овие случаи, во јуни 2015 година, судот во Биелина му одреди шестмесечна затворска казна на босански Србин, кој нападна двајца Бошњаци, татко и син, во близина на џамијата во Зворник. Полицијата првично го класифицира ова дело како „предизвикување на телесни повреди”, но обвинителството подоцна ја призна омразата како значаен фактор.

Во истиот период, босанските судови изрекоа 24 конечни пресуди за делото, провоцирање на омраза. Пет случаите завршија со ослободување, а 19 со осудителни пресуди.

Но, во ОБСЕ претпоставуваат дека вистинскиот број на злосторства од омраза е уште поголем.

„Индикаторите покажуваат дека бројот на пријавени инциденти извршени поради предрасуди не соодветствува со вистинскиот број на инциденти. Мисијата започна анализа на ова несовпаѓање во податоците, почнувајќи од истражување на проблемот на непријавување на овие инциденти и има намера да продолжи со анализата во оваа насока“, нагласува Скопљак.

Повоените повратници се сметаат за најподложни на напади инспирирани од меѓунационална омраза, особено оние што се вратиле во подрачјата од кои биле избркани за време на војната 1992-1995 и каде што сега се во малцинство.

„Секој напад врз повратниците може да се смета за напад врз секого од нас, бидејќи овие напади претставуваат директна закана за сè што е направено во претходните години, кога станува збор за градење на мирот, процесот на враќање и интеграцијата”, изјави минатата година Семиха Боровац, министер за човекови права и бегалци на БиХ, откако автомобили во сопственост на бошњачко семејство, беа запалени во Соколац, каде што мнозинството локални жители се Срби.

Дејтонскиот мировен договор, со кој беше ставен крај на војната во БиХ, вели дека секој бегалец и раселено лице во конфликтот во 90-тите, има право слободно да се врати во својот предвоен дом.

Во него се нагласува дека властите мора да осигураат нивно безбедно враќање, „без ризик од малтретирање, заплашување, прогон или дискриминација, особено поради нивното етничко потекло, верско уверување или политичко мислење”.

Но, бидејќи официјалните статистички податоци не се чуваат, а мал е и бројот на обвиненија, останува нејасно како тогаш во БиХ, повеќе од две децении по војната, се раширени случаите на етничко вознемирување и заплашување.