Регион

Идентификувани две жртви на „Скорпионите“

Исечок од видеоснимката на егзекуцијата извршена од страна на припадниците на единицата „Скорпиони“

Посмртните останки, што беа ексхумирани во јуни минатата година, од масовна гробница пронајдена крај планинскиот превој Рогој, во општина Трново, одговараат на идентитетот на двајца од шестмината бошњачки мажи, кои беа убиени во 1995 година, од страна на припадници на паравоената единица „Скорпиони“.

„Според информациите на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, дел од пронајдените посмртни останки, одговараат на идентитетот на двајца од шестмината мажи, Бошњаци, кои во 1995 година во Годињске баре, ги стрелаа припадници на паравоената единица „Скорпиони““, се вели во соопштението на Институтот за исчезнати лица на БиХ.

Како што се наведува, гробницата во која биле најдени нивните останки, била откриена во шумскиот дел на Рогој, каде што природните дупки, длабоки околу четири метри, биле искористени за да се скријат посмртните останки на жртвите.

„Некои делови од човечките скелети беа најдени во најлонски вреќи“, се вели во соопштението.

Eмза Фазлиќ, стручен соработник за односи со јавноста на Институтот за исчезнати лица, вели дека во наредниот период се очекува, семејствата да ја потврдат идентификацијата, по ДНК анализата.

Жртвите, по стрелањето, се идентификувани како Сафет Фејзиќ, Азмир Алиспахиќ, Сидик Салкиќ, Смаил Ибрахимовиќ, Дино Салиховиќ и Јусо Делиќ.

Припадниците на „Скорпионите“ ги снимиле овие убиства, а снимката беше прикажан пред Хашкиот трибунал, на судењето на поранешниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, и на поранешните шефови на Службата за државна безбедност на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

На снимката се гледа како неколку членови на „Скорпионите“, дел од нив со црвени беретки на главите, симнуваат од камион шест цивили и, навредувајќи ги, ги водат во шума крај Трново.

На четворица од нив им пукаат во грб, а потоа од непосредна близина и во глава.

Другите двајца затвореници биле принудени да ги носат мртвите тела, а потоа припадниците на „Скорпионите“ ги убиле и нив, во една блиска, делумно урната куќа.

Сторителите на злосторството беа уапсени во Србија и во Хрватска, а потоа и осудени.

Командантот на „Скорпионите“ Слободан Медиќ Боца, беше осуден на 20 години затвор, а неговиот брат, Бранислав Медиќ на 15 години.

Петар Петрашевиќ, кој се изјасни за виновен, беше осуден на 13 години затвор. Милорад Момиќ во Хрватска доби 15 години затвор, колку што доби и Слободан Давидовиќ.

Слободан Медиќ, во 2014 година, со целото семејство загина во сообраќајна несреќа во Србија, додека користеше слободен викенд.