Свен Милекиќ, Сан Лоренцо де Ел Ескориал
Фрањо Туѓман беше првиот демократски избран претседател во историјата на Хрватска, но никогаш не го криеше своето воодушевување од шпанскиот фашистички лидер, генералот, Франциско Франко.
„Точно е дека имало жртви на фашизмот, но исто така е вистина дека хрватскиот народ претрпел уште поголеми жртви од страна на четниците и на комунизмот. Треба да им подигнеме споменик на сите, како што тоа го направи Франко, со што овозможи нормален развој на демократијата во Шпанија“, изјави Туѓман непосредно пред избувнувањето на војната, во април 1991 година, за хрватскиот неделник „Старт“.
Споменикот на Франко, на кој Туѓман се осврнува, е Долина на паднатите (Valle de los Caídos), кој се наоќа во долината Куелгамурос во Сиера де Гвадарама, 50 километри од центарот на Мадрид.
Во криптите на споменикот се закопани посмртни останки на близу 34.000 војници, припадници на фашистичката фаланга, како и на оние кои биле од спротивната страна, од страната на републиканците, кои, за време на Шпанската граѓанска војна, се бореле едни против други.
Туѓман видел сличности со Хрватска, затоа што, како што изјави во јули 1990 година за германскиот „Тагесцајтунг“, во Втората светска војна и „Хрватите се бореле за слобода под различни знамиња”, некои го поддржувале профашистичкиот усташки режим, а други, пак, партизаните на Јосип Броз Тито .
Тој го фалел Франко, бидејќи „заедно ги закопал фашистичките и комунистичките жртви”.
„Само врз основа на овој вид на помирување, може да се дојде до демократско општество, во кое повеќе нема да има завојувани страни. Треба да им се изгради споменик за сите жртви на војната и конечно да се сфати дека сито тоа е последица на историска ситуација“, додаде Туѓман.
Биле потребни повеќе од 18 години за да се изгради Долината на паднатите. Споменикот бил завршен во 1959 година, а поставениот 150 метри висок крст над базиликата врежана во карпа, може да се види на одалеченост од над 30 километри.
Базиликата е составена од долга масивна просторија, со бројни големи мозаици и скулптури на ангели и светци.
[cincopa AELAyEOM5dAt]
Над влезот во криптите, каде што се погребани загинатите војници, а каде што само монасите можат да влезат, е врежан шпанскиот фашистички слоган, „Паднаа за Бога и за Шпанија”.
Во централната просторија во облик на круг, има статуа на Христос распнат на крст, а над куполите се наоѓаат мозаици со ангели и фашистички војници.
Пред крстот се наоѓа гробот на Хозе Антонио Примо де Ривера, основачот на фалангата, кој беше убиен во граѓанската војна, а зад него е гробот на Франко.
Бидејќи функционира како место за молитва и контемплација, дозволен е влез и за посетители, но од нив се бара да бидат тивки, што ја комплетира севкупната атмосфера на светост.
Откако неколкупати беа прашани, луѓето од обезбедувањето на крајот одговорија дека фондацијата „Франциско Франко“, која го одржува сеќавањето на овој шпански лидер, редовно положува цвеќиња на гробот на генералот.
„Долината е реализација на сонот на Франко”, вели за БИРН, Гарет Стокеј, британски историчар на Универзитетот во Нотингем.
Стокеј, автор на книгата „Долина на паднатите: Никогаш несменетото лице на споменикот на генерал Франко“, објаснува дека Франко бил „опседнат” со изградбата на споменикот.
Тој забележува дека споменикот првично им бил посветен на паднатите воени бунтовници, односно на силите на Франко, од Шпанската граѓанска војна (1936-1939).
„Кога споменикот на 1 април 1940 година првпат беше најавен, изјавата … беше јасна дека тоа ќе биде споменик на оние кои паднале за ослободување, за време на националната крстоносна војна. Значи, во таа смисла, во 1940 година ‘паднатите’ беа јасно дефинирани“, објаснува Стокеј.
Објаснувањето кое преовладува, вели дека од самиот почеток, Франко имал намера во долината да постави споменик на паднатите борци од двете страни, но Стокеј ја отфрла таа идеја и нуди поверојатно објаснување.
„Веројатно, во раните 60-ти години, кога се соочија со изгледи за изградба на многу скап, голем споменик, кога не можеа да ја пополнат криптата, ова беше еден од начините да ја пополнат. Франко, исто така, дозволи и републиканците да бидат погребани, под услов да бидат католици, иако се знаеше дека тие се католици. Дури и во таа смисла, режимот наметна своја дефиниција за тоа што значи да се биде Шпанец“, вели тој.
Бидејќи имало потреба во криптите да се закопаат останки на повеќе лица, шпанските власти почнале да ги пренесуваат посмртните останки на републиканците од цела Шпанија, некаде околу 8.000, без знаење на нивните семејства и на јавноста.
“Често, среде ноќ, пристигнувале камиони, буквално откопувале тела и ги носеле во Куелгамурос, каде што е Долината на паднатите”, вели Стокеј.
Објаснува како Франко одржал едночасовен говор на отворањето на споменикот, предупредувајќи дека „непријателот бил поразен, но не и победен” и ги повикал Шпанците да бидат „внимателни”.
Споменикот на местото на некогашниот концентрационен логор во Јасеновац. Фото: Викимедиа комонс, Берн Барч |
Според Стокеј, Франко никогаш јавно не изјавил дека „и двете страни се бореле за Шпанија”, како што изјави Туѓман.
Додава дека уште повеќе останки биле погребани во долината во текот на 1960-тите и 1970-тите години, веројатно затоа што некои луѓе од францускиот режим биле “малку повеќе далекусежни” во врска со промените во шпанското општество.
Ова е времето кога се менува наративот за споменикот, кога почнува тој да се претставува како „споменик изграден за двете страни во граѓанската војна во Шпанија”.
Во овие подоцнежни години на режимот на Франко, официјалниот наратив го опишува генералот како личност која донела мир во Шпанија.
„Граѓанската војна повеќе се сметаше за војна помеѓу браќа или за колективна трагедија или лудило меѓу Шпанците. Ова, во време на транзиција на шпанското општество во демократија, беше многу погодно, бидејќи одеднаш се доби вграден наратив кој Шпанците веќе го учеа, а според кој сите треба да бидат обвинети за граѓанската војна, што значи никој не е виновен за граѓанската војна“, вели Стокеј.
„Долината на паднатите никогаш не била замислена како споменик на двете страни”, заклучува тој, отфрлајќи ги тврдењата на Туѓман.
Пако Ферандиз, шпански антрополог, член на комисијата за изготвување на предлог за трансформација на споменикот, формирана од Владата, вели дека денес туристите го посетуваат споменикот без „јасна слика за тоа кој бил Франко”.
Туристичките водичи им кажуваат на посетителите дека тоа е споменик на помирувањето и се фокусираат на неговата естетска страна.
Ферандиз смета дека поради фашистичкиот и милитаристички симболизам, тој не може да биде симбол на помирување.
„На покривот имате фашистичка сцена од граѓанската војна. Имате импозантни тела (на војници); имате фашистичко знаме“, вели тој за БИРН.
Истакнува дека Франко никогаш не споменал оти тоа е споменик на помирувањето, иако во најавата имало реченица дека на тоа место ќе бидат погребан луѓе кои загинале во војната, односно „луѓе кои биле убиени на двете страни во војната, под услов да се католици“.
Франко никогаш не се обидел да создаде „модел на помирување”, вели Ферандиз.
„Немаше помирување. Тешко беше да се победи Франко; тој продолжи да убива и по војната. Имаше многу луѓе кои отидоа во концентрациони логори и беа уапсени … Жените и децата (на републиканците) беа јавно понижувани “, вели тој.
Од Франко до Фрањо
Текстот ‘Коски во миксер’, објавен во весникот Ферал Трибјун кој се осврнува на иницијативата на Туѓман. Фото: Ферал Трибјун |
По завршувањето на војната во Хрватска во 1995 година, Туѓман, инспириран од Франко, почнал активно да работи на промовирање на својот модел на помирување.
Во својот говор во Собранието на Хрватска, на почетокот од 1996 година, Туѓман ја изнел својата идеја за изградба на „споменик за сите хрватски воени жртви” во Јасеновац.
Во Јасеновац, во август 1941 година, хрватскиот фашистички усташки режим, го отвори својот најголем концентрационен логор, во кој, до април 1945 година, животот го загубиле повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.
Туѓман предложи во Јасеновац заедно да бидат закопани усташките војници, партизаните и сите останати цивилни жртви, идеја која беше инспирирана од споменикот на Франко.
Туѓман дури и сугерираше, останките на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, на водачот на усташите, Анте Павелиќ, како и на другите историски водачи и хрватски националисти, кои биле закопани надвор од Хрватска, да бидат заедно погребани на местото на спомен-обележјето во Јасеновац.
Во 1996 година, Маринко Чулиќ, во Ферал Трибјун објави сатирична статија под наслов „Коски во миксер”.
„Ќе бидат ли измешани во една гробница или закопани еден покрај друг? Тоа никогаш не беше прецизирано“, изјави за БИРН, Чулиќ, кој денес работи како новинар во неделникот „Новости“.
„Иако жртвите од Јасеновац (од Втората светска војна) не беа експлицитно спомнати, немаше гаранција дека тие нема да бидат вклучени во тоа”, додава тој.
За Туѓман, Франко бил „модел” на помирување, вели Чулиќ.
„Дури и за себе зборуваше како за ‘нов Франко’. Другите Туѓман го нарекуваа ‘хрватски Вашингтон’ (како првиот американски претседател Џорџ Вашингтон); но, ова име тој лично не го користеше, туку за себе зборуваше како за нов ‘хрватски Франко’; без воздржување, во најпозитивна смисла, велејќи: ‘Она што Франко го направив беше чудесно и тоа ќе го повториме’”, нагласува Чулиќ.
Ииницијативата на Туѓман беше пречекана со критики, а во „Ферал Трибјун“ беа објавени серија на сатирични текстови.
„Јасеновац пред суд“ и „Обединетите бои на Јасеновац“, сатирични текстови објавени во Ферал Трибјун, од судењето на неговите новинари. Фото: „Смеењето на слободата“ |
„Комунистичкиот генерал (Туѓман) се врати на власт како деклариран следбеник на генералот Франко, кој наместо „Добар ден“ или ”Фален Исус“, имаше навика да ги поздравува луѓето со поздравот „Да живеат мртвите“, а во исто време, даваше (наредби за) убиства, тортура и протерување на оние кои не се согласуваа со неговиот режим, за да можат да се измешаат коските на мртвите фалангисти и републиканци, и на тој начин да се зачува мирот во земјата“, напиша главниот уредник, Виктор Иванчиќ.
На меѓународно ниво, дојде до остри реакции од страна на американските, израелските и еврејските организации низ целиот свет.
За време на средбата со тогашниот хрватски министер за надворешни работи, Мате Граниќ, американскиот државен секретар, Ворен Кристофер, побара од Хрватска да се откаже од идејата за изградба на заедничка гробница за сите жртви од Втората светска војна во Јасеновац.
А кога во 1996 година беше усвоена законска одредба која овозможи кривично гонење на лицата кои навредиле високи функционери, државниот обвинител ги обвини Чулиќ и Иваниќ, поради нивните текстови за Туѓман.
Судењето започна во јуни 1996 година, пред Општинскиот суд во Загреб. Случајот беше следен со големо внимание, а судницата беше преполна. Добро познати адвокати ги бранеа Чулиќ и Иванчиќ про боно, а рочиштата, освен домашните, ги следеа и странските медиуми.
„Го прашав судијата: ‘Ако на избори можам да гласам против Туѓман, која е смислата да не смеам да го критикувам“, вели, Чулиќ.
Во текот на судењето, како што пишува во својата книга за „Ферал“, „Смеење на слободата“, новинарот, Борис Павелиќ, Иванчиќ изјавил дека функцијата претседател навистина била навредена, но не од „Ферал“, туку од самиот Туѓман, кога изразил восхит кон Франко.
Чулиќ во судницата дури и ја насмеа публиката кога објаснуваше дека во статијата напишал оти Туѓман е направен дел од Тито, а дел од Анте Павелиќ.
„Претпоставувам дека не е спорно, дека ми е јасно оти Фрањо Туѓман, во физичка смисла, не е направен од дел од Тито, а дел од Павелиќ”, изјави тој пред судот.
Судот во септември 1996 година, ги ослободи Чулиќ и Иванчиќ, а судијата образложи дека авторите го изразиле своето лично мислење, што не може да се дефинира како клевета.
Но, во мај 1997 година, повисокиот Окружен суд во Загреб, ја поништи ослободителната пресуда и го врати случајот на повторно судење.
Меѓутоа, кога Туѓман се разболе, целата работа во врска со обвинението беше забавена, а случајот во декември 1997 година, одложен. Туѓман почина во декември 1999 година и тогаш беше ставен крај на овој случај.
Со идејата за колективна гробница, Туѓман сакаше да го рехабилитира усташко движење, нагласува Чулиќ, да покаже дека тој режим се борел за Хрватска, исто како што се бореле и партизаните, „на ист начин како што тоа го правеше Франко во Шпанија”.
Чулиќ смета оти хрватскиот претседател мислел дека Франко е добар модел, затоа што успеал како авторитарен лидер да се одржи со децении, како Туѓман да помислил: „Ако Франко го направил тоа, зошто не би можел и јас“.