Анализи

Четири предвесници на 2018 година

БИРН анализира четири клучни економски трендови и проценки што претскажуваат каква ќе биде 2018 година на економски план

Завршната сметка за македонската економија за 2017 година, седум месеци откако почна да ја менаџира премиерот Зоран Заев, покажува дека не заслужува бонус. Билансот на успех за минатата година бележи стагнација на бруто домашниот производ (БДП) во првите три месеци, намалување од 1,3% во вториот квартал, и минимален раст од 0,2% во третиот квартал. Додека се сумираат податоците за последните три месеци, проценките се дека економскиот раст за цела година, нема да биде поголем од 0,5%.

Ако се анализираат причините што доведоа до стагнирање на економијата лани, произлегува дека запирањето на неколку крупни градежни проекти, како одлуката на новата Влада да ја прекине изградбата на дел од објектите од проектот „Скопје 2014“, но и забавувањето на изградбата на автопатите, всушност го издишаа градежниот меур којшто се дуеше претходните години, финансиран со народни пари. Кај останатите сектори во економијата, исто така е евидентирано благо намалување на производството, но сепак моторот на домашната економија, градежништвото, е тој што го заринка.

Од сите графикони, по формирањето на новата Влада, најголем пораст покажа оној на оптимизмот.

Но, почетокот на секоја година, е всушност период кога сите се прашуваме што нѐ чека следниот период. БИРН анализира четири клучни економски трендови и проценки што претскажуваат каква ќе биде 2018 година на економски план.

Забрзување на економскиот раст до 3,2%

За разлика од завршната сметка, деловниот план за македонската економија на новата влада е пооптимистичен. Проценките на Министерството за финансии за 2018 година се дека економскиот раст ќе забрза до 3,2% на годишно ниво. Независни консултанти, како што се ММФ или Светска банка, потврдија дека планот е реално остварлив, а иста е проценката и на Народната банка.

Оптимизмот произлегува главно од надминувањето на домашната политичка криза.

„Политичката стабилност и враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка. Понатаму, зголемувањето на извозот од новите производствени капацитети, како и закрепнувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери, ќе придонесат за зголемување на извозот на Македонија“, објаснуваат од Министерството за финансии.

Деценијата на Владата на ВМРО ДПМНЕ заврши неславно со поразителни економски резултати, но и почетокот на владеењето на Владата на Заев досега не остави простор за спектакуларни огномети.

Прогнозите за најголемите трговски партнери на Македонија, каде што земјава најмногу извезува, исто така велат дека европските ѕвезди ќе ни бидат наклонети годинава. Економијата на Европската унија се очекува да порасне 2,1% што е меѓу највисоките стапки на пораст последнава деценија, а особено е важно што и за германската економија каде што се извезуваат речиси половина од македонските производи, прогнозите се попозитивни.

Ако гледаме малку подолгорочно, следните четири години, македонската економија ќе оствари раст најмногу до 4% и овие проценки јасно покажаа дека целта на новата Влада, а и на премиерот Зоран Заев, за остварување многу повисоки стапки на економски раст што ги вети во изборната кампања, а потоа ги вметна и во владината програма, засега е неостварлива.

„Нашата цел е остварување просечна стапка на раст на економијата повисока од 5% во периодот на мандатот“, пишува во новата владина програма за работа до 2020 година, но, за жал, владиниот ентузијазам го нема во нивните официјални проценки, ниту пак, во прогнозите на меѓународните финансиски институции.

Економистите оценуваат дека новите власти мора да спроведат длабоки реформи за да може економијата да ги испорачува посакуваните резултати. ММФ и Светска банка исто така посочија дека земјата треба да започне со спроведување подлабоки институционални реформи кои ќе обезбедат попредвидливо работно опкружување за приватниот сектор и според тоа зголемување на инвестициите, вработеноста, платите.

Бордот на директори на ММФ истакна дека формирањето на новата влада е пресвртна точка за македонската економија, и го истакна ова како можност за обнова на политичкиот простор и заживување на реформите.

Со други зборови, како што вообичаено сака да илустрира шефицата на ММФ, Кристин Лагард, земјава мора „да го искористи ведрото време за да го реконструира покривот и со тоа да се подготви за следните бури“.

Новата Влада веќе објави сет на мерки во таканаречениот „План за економски раст“, наменети за поттикнување на инвестициите, вработувањата и раст на платите.

Нови задолжувања и раст на јавниот долг


Првиот државен буџет што го скрои новата Влада предводена од СДСМ, покажа дека годинава ќе се потрошат вкупно 3,44 милијарди евра. Меѓутоа, анализата на одделните ставки од буџетот не покажа драстична промена во трошењето на народните пари споредено со претходните години.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, истакна дека ова е буџет за финансиска стабилизација на државата.

Од сите даноци и други јавни приходи, пак, во државната каса се планира да се соберат околу 3,14 милијарди евра, што значи дека 296 милиони евра колку што ќе недостигаат, ќе се позајмат. Сепак, буџетскиот дефицит позициониран на 2,7% од БДП годинава е почеток на процесот на фискална консолидација што веќе подолг период од нас го бараат меѓународните финансиски институции и во следните години, дефицитот ќе се намалува по 0,2 процентни поени годишно.

Но, освен за финансирање на буџетскиот дефицит, Владата во Буџетот предвидува и други задолжувања и тоа, 200 милиони евра за враќање на долгови кон домашните кредитори, 170 милиони евра кон странство и 190 милиони евра што ќе се чуваат на депозитната сметка на државата.

Ако гледаме малку подолгорочно, следните четири години, македонската економија ќе оствари раст најмногу до 4%.

Вкупно, 856 милиони евра што делумно ќе се позајмат од домашните банки преку издавање обврзници, а дел и од странство.

Во игра е издавање еврообврзница, најверојатно уште месецов, за што Reuters од свои извори веќе објави дека властите ангажирале четири меѓународни банки да го подготват задолжувањето.

Министерот Тевдовски посочи дека за странското задолжување клучно е каква ќе биде каматната стапка, односно цената што ќе ја платат граѓаните.

„Не е исто да се издаде еврообврзница која ќе има камата од 3%, 4% или 5%, или пак, до 10% како што се задолжуваше Македонија порано. Сега условите на финансиските пазари се поволни и верувам дека би добиле историски најниска камата“, изјави министерот Тевдовски.

Со тоа, јавниот долг на земјата, кој ги вклучува државниот и гарантираниот долг на јавните претпријатија и трговски друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата или на општините, од сегашните 4,7 милијарди евра или 45,8% од БДП, се проценува да се искачи на 52,4%, со што ја надминува црвената линија од 50% од БДП што ја исцртаа меѓународните финансиски институции.

Платите ќе пораснат

„Просечниот раст на бруто платата во 2018 година се очекува да изнесува 4% на номинална основа“, проценува Министерството за финансии. Но, во исто време, инфлацијата, односно цените се очекува да пораснат околу 2% според проценките на Народната банка, што значи дека реалната вредност на платите ќе се зголеми околу 2%.

Или, тоа значи дека од сегашните 557 евра, реалната бруто плата би се зголемила за околу 11 евра.

Растот на платите во приватниот сектор, делумно ќе биде последица и на зголемувањето на минималната плата на 12 илјади денари, а просекот во земјата ќе го кренат и најавените зголемувања на платите во јавниот сектор, односно во здравството и образованието по 5% и покачувањето на платите на Армијата за 10%.

Просечната нето плата до октомври изнесува речиси 380 евра, но сепак и со најавените зголемувања следната година, се чини далеку од 500-те евра што ги постави премиерот Заев како цел во својот мандат.

Според проценките на Министерството за финансии, над 130 илјади работници веќе се опфатени со новите законски решенија кои наложуваат најмалата плата да им биде 12 илјади денари.
Владата, во буџетот за 2018 година испланира 7,5 милиони евра за поддршка на приватните компании за да ја исплаќаат законската минимална плата.

Меѓутоа, повеќе синдикални организации и по стапувањето на сила на овој закон во септември, јавно сведочеа дека газдите ги присилуваат дел од платата да ја вратат во кеш, за што владините институции реагираа со закани.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека газдите кои ги тераат работниците да им враќаат дел од минималната плата прават кривично дело и ги охрабри работниците да ги пријават ваквите случаи за работодавачите да бидат казнети и оваа практика да прекине.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, просечната нето плата, пак, до октомври изнесува речиси 380 евра, но сепак и со најавените зголемувања следната година, се чини далеку од таргетот од 500 евра што си го постави премиерот Заев како цел во својот мандат.

Невработеноста ќе се намали

Просечната стапка на невработеност се проценува дека ќе се намали на 21,5% во 2019 година. Оваа проценка на Владата се совпаѓа со прогнозите и на меѓународните финансиски институции како ММФ и Светска банка.

Тоа значи дека, невработеноста за една година би се намалила за 0,6 процентни поени, од сегашните 22,1 %.

„Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени во 2018 година изнесува 1,9%“, пишува во Буџетот за 2018 година.
Во насока на зголемување на вработеноста на одредени категории невработени луѓе, Владата во новиот Буџет испланира околу 16 милиони евра за активните мерки и политики за вработување.