Анализи

Годината низ наша призма

Годинава ја одбележаа драматични пресвртници од нападот во Собранието, преку промена на власта, до заминувањето од политичката сцена на Никола Груевски, што Призма се обиде да ги следи преку сопствен агол и на свој начин. И во 2017 останавме доследни на обидот да ја замениме трката по кликови со барање теми од јавен интерес што силно ги засегаат граѓаните, но не добиваат доволно внимание од политичкиот естаблишмент којшто обично ја диктира медиумската агенда со своите постапки.

Две новинарски бази на податоци

Она што ја прави Призма карактеристична како медиум се пред сè новинарските бази на податоци. Во 2017 изработивме два вакви проекта, годината ја отворивме со базата „Странски инвестиции под лупа“, а есенва пред локалните избори ја промовиравме и базата „Општини под лупа“.

Базата за странски инвестиции ја „растера маглата“ околу директните странски вложувања во Македонија. Таа покажа колкава е разликата меѓу она што последниве десет години беше најавувано и она што се оствари.

Тимот на Призма, по повеќе месеци длабинска анализа на илјадници документи, докажа дека за една деценија биле најавени инвестиции во вредност од 3,8 милијарди евра, додека во државава влегле дури седум пати помалку или околу 580 милиони евра.

Значителна беше и разликата помеѓу бројот на најавените работни места и оние што навистина се отворија, 60.000 наспроти 20.000, а нашето истражување покажа и дека од вкупно 138 најавени инвестиции реализирани е 51, додека другите или се пропаднати или нивната реализација е во тек.

Насловната страница од базата „Странски инвестиции под лупа

Истражувањата и текстовите што произлегоа од базата за странски инвестиции беа дел од притисокот што ја мотивираше новата влада да ги декласифицира информациите поврзани со државните субвенции за странските инвеститори. Така дојдовме до податокот дека вкупно 26 компании добиле субвенции од 121 милион евра заклучно со минатата година.

Со втората база на податоци ги мапиравме приоритетни ветувања на сите градоначалници и проверивме до каде е нивната реализација. Покрај ова, објавивме со колку пари располагала секоја општина, колкав дел од буџетот бил предвиден за капитални инвестиции, а колку средства, всушност, биле потрошени за таа намена.

Базата за прв пат открива колку се задолжени сите општини и колку пари по глава на жител одвоиле за капитални инвестиции, цифри кои лесно може да се споредуваат и да се добие големата слика што покажува во кои региони се вложува доволно, а каде инвестициите изостануваат.

Гоштавања, Анѓушев – Белизе и сите лица на „Скопје 2014“

Призма преку серија истражувања беше еден од медиумите што ја отворија  жешката тема за гоштавањата на функционерите на државна сметка. Министри и нивни заменици со службените картици во елитни ресторани плаќале лососи, морски риби и други луксузни оброци, меѓутоа си пазареле и цигари, млеко, банани и мандарини, па дури и сончоглед за грицкање.

По силниот притисок од Призма и од другите медиуми, кои пишуваа на оваа тема, Јавното обвинителство информираше дека ќе ги истражува овие трошоци на високите државни службеници, додека пак, новата Влада се обврза да воведе ред во трошењето буџетски средства за репрезентација.

Остана мистерија кој е вистинскиот бизнис-партнер на Анѓушев | Фото: Flickr

Големи бранувања предизвика и истражувањето што го поврза бизнисот на вицепремиерот во владата на СДСМ, Кочо Анѓушев, со поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Здравев, преку офшор-фирма од даночниот рај Белизе.

Призма и во 2017 година продолжи да го истражува потеклото на партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ.

Објавивме дека ВМРО-ДПМНЕ освен што доби комплетно ново партиско седиште од „Бетон“, добила уште два милиони евра од истата градежна компанија пред да се изгради објектот. Откривме и дека партијата ја ставила под хипотека познатата бела палата.

Известувавме и за шемата во која познати градежни компании купувале деловни простории од ЕВН Македонија и од јавното претпријатие Македонски шуми и по неколку месеци ги продавале на тогаш сѐ уште владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Пишувавме и дека трошоците на ВМРО-ДПМНЕ за лобирање во САД за една година надминуваат милион долари и дека Институтот за политички истражувања (ИПИС), познат по аналитичарот Владимир Божиновски, зел повеќе од 600.000 евра од три државни институции за истражување на јавното мислење во периодот од 2011 до 2017 година.

Годинава откривме и дека поранешниот градоначалник на Општина Центар и сопственик на синџирот супермаркети „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, изградил семејна куќа на плац што е предвиден за мотел.

Истражувањето што предизвика можеби најголем интерес на социјалните мрежи е текстот со кој докажавме дека уличните кучиња се трујат со отров кој е смртоносен за луѓето и кој не може да се најде во официјална продажба, а сепак несовесни граѓани го расфрлаат по скопските улици, тема која што и деновиве е актуелна.

Годинава продолживме да ја истражуваме темата за „Скопје 2014“ и овој пат објавивме серија текстови со кои ги откривме членовите на комисиите што со својот личен потпис ги одобрувале објектите и спомениците од овој фамозен проект. Годинава ја дополнивме и базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ ЛИНК со нови договори во вредност од речиси 15 милиони евра.

Откривме и дека Македонската радио-телевизија за три години потрошила околу 1,8 милиони евра за изработка на серија историски документарци со содржини блиски на партиската идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Колумни и репортажи

Фотографија од расказот „Булевар ЈНА“ објавен во рубриката „Ракопис“ | Фото: БИРН

Како годините претходно и оваа објавивме преку 150 авторски текстови од нашите редовни колумнисти, познатите новинарски имиња Катерина Блажевска, Сашо Кокаланов и Ѕвездан Герогиевски, а повремено објавувавме ставови и на други автори, чиишто мислења верувавме дека се релевантни за актуелните случувања.

Се обидовме да ја вратиме репортажата како жанр во македонското новинарство, со тоа што инсистиравме најважните настани да ги покриеме од самото место со авторски текстови и фотографии. На тој начин известувавме од изборите и од протестите.   

И оваа година на страниците на Призма се објавија преку 30 раскази од серијата „Улиците што ги нема“, на писателката Оливера Ќорвезироска под псевдоним Небеска Скопјанова во рубриката Ракопис, сите придружени со авторски фотографии.