Анализи

Секое трето евро во странските инвестиции од државна помош

Вкупно 26 компании што склучија договори за државна помош добиле субвенции од 121 милион евра заклучно со минатата година, покажуваат збирните податоци до кои дојде БИРН. Тие пак, инвестирале 348 милиони евра

На секои две евра вложени од странските инвеститори, државата им дала по едно евро, покажува анализата на БИРН на вкупно 26 компании што склучиле договори за државна помош. Тие добиле субвенции од 121 милион евра, од кои 26 милиони евра се кеш грантови за изградба на фабриките, помош за обуки за работниците или пак, субвенции за секое отворено работно место, додека пак, 95 милиони евра се даночни и царински ослободувања заклучно со крајот на 2016 година.

Според податоците што БИРН ги доби од Управата за јавни приходи, вкупната сума е за 26 милиони евра поголема од онаа што пред еден месец ја објави Владата на прес конференција, бидејќи толку изнесуваат даночните ослободувања за 2016.  

Инвеститорите што ги субвенционирала државата, пак, до крајот на минатата година инвестирале 348 милиони евра, покажуваат пресметките на БИРН од финансиските извештаи на овие компании објавени во базата на податоци „Странските инвестиции под лупа“. Ова се, всушност, нетековните средства од билансот на состојба на компаниите, коишто ги вклучуваат вредностите на фабриките, имотот, опремата.

Трошоците на државата за привлекувањето на странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони каде што се лоцирани најголем дел од корисниците на државна помош, пак, се дури и поголеми ако се вкалкулираат и парите потрошени за изградба на инфраструктурата во овие зони.

Според завршните сметки на државниот буџет, последните десет години за оваа намена властите потрошиле 56 милиони евра. Со тоа, произлегува дека вкупната потрошена сума на народни пари за овие инвеститори надминува половина од вредноста што тие ја инвестирале во земјава.

Анализата по одделни компании покажува дека само еден инвеститор е најблиску до искористување на законски дозволениот максиум за државна помош од половина од вредноста на инвестицијата. Станува збор за Џонсон Мети која, всушност, е и најголемата странска инвестиција во Македонија, што значи дека најголем дел од државната помош му е исплатен токму на овој инвеститор.

Анализата на БИРН според податоците од базата на податоци „Странски инвестиции под лупа“ покажува дека од субвенционираните компании, фабрики засега отвориле 17, во тек се две инвестиции, а седум компании не ги реализираа инвестициите или пак, пропаднаа, односно ги затворија фабриките.

Според пресметките сите заедно, до крајот на 2016 година отвориле 14.020 работни места, но за да го достигнат предвидениот таргет од договорите за државна помош, треба да вработат уште околу 10 илјади луѓе.

Економска (не)оправданост

Отворањето на договорите за државна помош за јавноста, ги покрена прашањата за (не)оправдано трошење на народните пари за привлекување на странските инвеститори.

Договорите за државна помош што ги објави БИРН, исфрлија на виделина многу нелогичности во распределбата на народните пари за странските инвеститори.

На една компанија, на пример, претходната влада ѝ одобрила грант за изградба на фабриката во износ од половина милион евра, а таа, всушност, најави дека ќе произведува во изнајмен објект. Станува збор за американската компанија Леар којашто со договор за долгорочен лизинг, се всели во веќе изграден објект од компанијата Нормак која и управува со ТИРЗ Тетово. БИРН нема информации дали оваа компанија го искористила одобрениот грант за изградба на објекти.

Анализата на сите 26 договори за државна помош, исто така покажа дека отсуствуваат прецизни критериуми за одобрување на народните пари, па така различни владини претставници одлучувале субјективно за секоја компанија.

Од тројца потписници коишто одобриле пари како државна помош, поранешниот министер задолжен за привлекување странски инвестиции, Веле Самак во име на Владата потпишал договори вредни најмалку 23,5 милиони евра, Џери Наумоф  ставил потпис на договори во вредност од најмалку 22,5 милиони евра, Виктор Мизо како тогашен директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони потпишал државна помош од 19,7 милиони евра.

Трошоците на државата за привлекувањето на странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони каде што се лоцирани најголем дел од корисниците на државна помош се дури и поголеми ако се вкалкулираат и парите потрошени за изградба на инфраструктурата во овие зони

Меѓутоа, ако се вкалкулираат и даночните и царинските ослободувања што им се одобрени на овие инвеститори, а коишто не можат однапред да се пресметаат, овие договори ќе станат уште „потешки“.

Кога станува збор за одобрување помош за креирање работни места, „најдарежлив“ бил министерот Самак, кој потпишал договор со којшто на германската компанија Маркарт ѝ се одобрени по 11 илјади евра за секое од вкупно планираните 600 работни места, што е апсолутно најголема сума во споредба со останатите компании коишто најчесто добивале од една до седум илјади евра. Тоа значи дека државата пред оваа компанија се обврзала да исплати пари доволни за платите на секој од работниците за најмалку три години.

Доделувањето државна помош за секое отворено работно место не била условена од висината на платите, ниту пак од бројот на отворени работни места, па така компании со слични просечни плати за работниците добивале драстично различни суми помош. Ниту пак, компаниите што се обврзале да отворат најмногу работни места, добивале најголема помош за секое од нив.

Сумата на регионалната помош за креирање работни места не секогаш била одредена од стапката на невработеност во одредени региони. Тука не важело логичното правило – инвеститорите во регионите со поголема стапка на невработеност да добиваат поголема државна помош за креирање работни места.

Друг проблем е што компаниите со државната помош не биле обврзани да вработуваат невработени луѓе, туку често се случувало да ги преземаат работниците од други компании нудејќи поголеми плати, и сепак да бидат поконкурентни на пазарот на труд поради дотурот на пари од државата.

Менаџери на некои од компании велат дека странците „користат субвенции за обука, а земаат обучен кадар од домашните компании, и на тој начин делуваат нефер и несовесно на пазарот“.

„Странски компании што работат во зоните, буквално ги ‘напаѓаат’ домашните и го земаат обучениот кадар, за кој не плаќаат никакви даноци. Ова мора што поитно да биде спречено, бидејќи им се прави директна штета на домашните компании кои се изложени на нерамноправни услови, кои инвестираат и го обучуваат својот кадар, а потоа дел од странските компании кои се субвенционирани, им го ‘крадат’“, вели Златко Симоновски, генерален директор на компанијата Факом.

Владата во новите мерки како дел од Планот за економски раст што ги објави неодамна, меѓу другото предвидува и дека субвенции за секое ново креирано работно место ќе им доделува на компании коишто барем 80% од луѓето што ќе ги вработат, ќе ги преземат од списокот на Агенцијата за вработување, меѓутоа, нејасно е дали овие мерки ќе важат и за компаниите што веќе имаат потпишано договори за државна помош со претходната власт.

Според пресметките од базата на податоци на БИРН сите странски инвеститори заедно, до крајот на 2016 година отвориле 14.020 работни места, но за да го достигнат предвидениот таргет од договорите за државна помош, треба да вработат уште околу 10 илјади луѓе

Државна помош им била одобрена и на пет компании за коишто претходно не беше познато во јавноста, односно Комисијата за заштита на конкуренцијата не ги објавила во своите годишни извештаи. Тоа се М Скуаре Балкан, Герман Електро Мехатроникс, Делфи Електроник Системс, Акомпласт и Продис.   

Она на што најчесто се обврзувале инвеститорите во договорите е минимална инвестиција и/или број на креирани работни места како услов за добивање грант за изградба на фабриките, банкарски гаранции, како и одржување на бројот на работни места во период од неколку години. На пример, во договорот со компанијата Продис, инвеститорот се обврзува да го одржува бројот од 100 вработени до 2019 година или во спротивно да плати по 1.000 евра казна за секое нереализирано вработување. Но, како што е познато, Продис уште лани ја затвори својата фабрика во зоната во Бунарџик.

Во неколку договори предвидени се казни и до милион евра за непочитување на роковите за реализирање на минималната инвестиција.

Државниот завод за ревизија во својот последен извештај за Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот од 2013 година, алармираше дека при исплата на државната помош, не се водела целосна евиденција за висината и видот на доделената помош по одделни компании, не се вршело следење и контрола на исполнувањето на обврските од страна на инвеститорите за вредност на инвестицијата, за бројот на вработени, немало контрола на остварените даночни и царински ослободувања. Притоа, Заводот сугерираше да се обезбеди контрола на наменско трошење на парите по основа на грантови и контрола на остварените даночни и царински ослободувања. 

Економистите велат дека државните институции, како што се Заводот за ревизија или пак, институциите потписници на договорите за државна помош, да оценат колку инвеститорите ги исполниле преземените обврски во поглед на вредноста на инвестицијата и бројот на отворените работни места како услов за добивање субвенции од државата.

Политичка (зло)употреба

Друг аспект е и политичката (зло)употреба на државната помош. Поддржани со народни пари да отворат фабрики овде, да ангажираат работници што со години ги плаќа исто така државата, овие компании постојано беа дел од партиската пропаганда во неколку изборни циклуси во говорите на властите. Истакнувајќи ги како голем владин успех, со фабрики и работни места финансирани со народни пари ги ловеа гласовите на народот. Всушност, станува збор за пософистицирано купување гласови од класичното преку социјална помош – преку вработување во приватни компании, но со плати од државата.

Во текот на целиот период субвенционирањето на странските инвеститори беше исклучително нетранспарентно, со договори коишто беа класифицирани како доверливи и со тоа недостапни за увид пред јавноста. Комисијата за заштита на конкуренцијата, пак, којашто требаше да оцени дали со субвенционирањето на одредени компании државата ги става во повластена положба на пазарот, кога ги објавуваше одлуките, сумите ги пречкртуваше.

БИРН веќе ги објави сите договори за државна помош со инвеститорите, 13 од нив што ги склучила Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони и уште 13 склучени од различни министри задолжени за привлекување странски инвестиции, во име на Владата.

И покрај тоа што новата Влада го тргна превезот на тајност на овие документи, сѐ уште останува непознато колку ќе достигне вкупната одобрена државна помош, бидејќи станува збор за активни договори и властите се обврзаа дека и следните години ќе ги исполнуваат обврските во поглед на даночните и царинските ослободувања, ќе ги исплатуваат одобрените грантови за изградба на фабрики и парите за креирање на новите работни места. Познато е само дека законот дозволува максималната помош да не надмине половина од вкупните признати инвестициски трошоци.