Анализи

Партиите затекнати од изборите

Засега соочување само преку билборди | Фото: БИРН

Ако се суди по првиот ден од кампањата за локалните избори, Македонија влегува во нова предизборна трка во која кандидатите ќе се натпреваруваат на теренот на поголемите приказни зачинети со национализам и со обвинувања за криминал, додека во втор план ќе паднат решенијата за конкретните градски и маалски проблеми.

А, по сѐ изгледа и на овие избори ќе останеме покуси за дебатите меѓу кандидатите.

Атмосферата на локални избори со вкус на парламентарни се подготвуваше цело лето откако ВМРО-ДПМНЕ упорно преку навидум независни граѓански иницијативи  ја туркаше идејата на истиот ден со изборите да се одржат референдуми против населувањето на мигранти, кое наводно го подготвувала владата на СДСМ, додека партијата на Заев преку полицијата речиси на дневно ниво лиферуваше кривични за градоначалниците од противничките редови.

Оваа атмосфера се преслика и врз главните пораки коишто двајцата лидери ги пратија од Демир Хисар и Битола, односно од Охрид.

Премиерот Заев од митингот во Демир Хисар порача дека овие не се обични локални избори на кои се гласа само за градоначалник и за советници во општините.

„Ова се избори на кои одлучуваме како ќе продолжиме. Граѓаните веќе избраа слобода, Македонија веќе живее нова ера на слобода од режимот на Никола Груевски“.

Неговиот политички опонент, пак, изборите на 15. октомври ги изедначи со референдумско изјаснување против новата власт.

„Можеби со драконски и незаконски владини забрани ќе се спасат од референдумите за мигранти, но нема да се спасат од референдумот на народот, референдумот за нова ера и ново утро за Македонија“, порача вчера Груевски од Охрид.

Кампањата стартуваше без детални програми

Атмосфера на локални избори со вкус на парламентарни | Фото: БИРН

Двете најголеми партии од македонскиот блок и нивните коалициски партнери тактизираа со објавувањето на кандидатите, така што за некои од нив дознавме буквално денови пред почетокот од кампањата, како што беше случајот со претендентите за градоначалници на Центар, директорот на ПОЦ, Саша Богдановиќ и екскошаркарот Дејан Јовановски.

Сево ова го засилува впечатокот е дека партиите во овој изборен циклус излегуваат изнемоштени од двегодишната политичка криза и влегуваат неподготвени во новото предизборие.

СДСМ вчера доцна попладне преку фејсбук-профилот на премиерот Зоран Заев ја промовираше веб-страницата со кандидатите и со нивните ветувања, која го носи името „Живот за сите“.

На овој сајт само за Градот Скопје и за уште неколку скопски општини има детални програми во pdf-формат, додека за другите набројани се по неколку ветувања, а за ниту еден од кандидатите не може да се прочита биографија и љубопитните граѓани ќе треба да се задоволат со линк до фејсбук-профилот на кандидатот.

Дополнително, на веб-страницата може да се види само уште календарот на предизборните митинзи на СДСМ и да се прочита што содржат четирите принципи врз кои се базира нивната предизборна понуда: Градиме по план, Вода и воздух, Пари кај граѓаните и Отворена општина.

Од друга страна, иако ВМРО-ДПМНЕ во големите општини како Скопје, Аеродром и Прилеп „напаѓа“ со досегашните градоначалници, сепак, вчера ниту оваа партија не ги промовираше деталните програми за сите општини.

Листата на кандидатите од овој политички блок се наоѓа на веб-страницата „Нова ера“, тоа всушност е само галерија од предизборни плакати, без никаков список на ветувања, а уште помалку рокови и преземени обврски што беше карактеристично за претходните изборни циклуси..

Исто и како кај СДСМ и на овој сајт може да се види календарот на митинзи, а единствено информативно видео е она на кое што преку десетминутна 3Д-анимација се прикажани предвидените градежни проекти за Скопје.

Освен ова, ВМРО-ДПМНЕ оди и со видеопрезентација на досегашните успеси на градоначалниците од нејзините редови.

Подетални ветувања ама само за неколку општини има на официјалниот сајт на ВМРО-ДПМНЕ, таму може да се прочитаат интервјуа со кандидатите за Кисела Вода, Вевчани, Аеродром, Бутел и уште неколку други градови.

И овие избори без дебати

Се чека деталната програма на актуелниот градоначалник Коце Трајановски | Фото: БИРН

Впечатокот дека изборите ги затекнале и институциите се должи  и на фактот што и Државната изборна комисија кубури со општи информации околу изборите. Само за пример –  на почетната веб-страницата на ДИК не може да се најдат имињата на сите кандидати за градоначалници и ништо не укажува дека постои посебна страница со имињата на кандидатите за градоначалници и советници.

Првиот изборен ден мина и без соочување на кандидати од големите општини.

На дебатните емисии организирани од Телма и од 24 Вести, во Велес и во Куманово не присуствуваа кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција, додека во студиото на ТВ Нова не се случи првиот дуел меѓу најсериозните кандидати за градоначалници на Скопје, Коце Трајановски и Петре Шилегов, бидејќи, според телевизијата, пратеникот од власта не се одѕвал на поканата.