Ракопис

Булевар „ЈНА“

Раскази: Улиците што ги нема

 

 

 

 

 

Ако го сретнам сега, олку рано,.. си го заигра Симеона омилениот мисловен танц тоа утро, совршено извиткувајќи ги своите надежи на тротоарот. Беше вистински виртуоз, зашто неколкуте последни години, таа и не правеше ништо друго, освен што вака си ја ослободуваше љубовта врзана в ќош со три синџири тишина. Ќе застанам, божем изненадена, со очите ќе го прашам „од кај ти овде“ и ќе ја подадам раката нагоре кон неговиот врат, поткревајќи се напрсти, како за гушкање. Како што се гушкаме со сите пријатели, де, си се правдаше себеси пред самата себе на булеварот. Обично, рутински ќе го гушнам, продолжи, иако совршено знаеја и таа и булеварот дека тој ѝ е нешто сосем друго од сите пријатели и одделно и заедно. Можеби ќе ме погледне убаво со тие темни бунаришта место очи, можеби тоа дланкиштето ќе ми го задржи на половината секунда подолго. Ќе ми го почувствува ли парфемот, си помисли поткревајќи ја левата рака за да си ја помириса точката од внатрешната страна над дланката каде што пред само неколку минути, на излегување од дома, се прсна со својот нов „Ла ви е бел“ на „Ланком“. Уф, пресилен е! За в зима е.

На секоја точка во градов каде што се движеше, Симеона веќе имаше замислено средби со истиот човек до најситен детаљ. Секогаш со него, а тој воопшто и не живееше во Скопје, ама деноноќно беше на неговите улици. Tаа постојано и постојано, одново и одново, замислуваше нови и нови, не придавајќи им никакво значење ниту на реалноста, ниту на географијата, ниту, пак, на претходно веќе замислените средби. По должината на целиот Булевар „ЈНА“ каде што живееше, речиси не можеше да се помине од нив. Средба врз средба на секој чекор. Да не можеш да се доразминеш со сопствените мечти. И не само на булеварот. Низ цело Скопје – врволица од стари и нови замислени среќавања.

Ако го сретнам сега, во ова пеколно пладне, си замислуваше Симеона враќајќи се дома со брз чекор по горештините, нема веднаш да застанам, ќе се направам дека не сум го видела… Ако е од другата страна на булеварот, можеби само ќе му мавнам, а… ако ми даде знак да го почекам да го помине пешачкиот… Не, не, не така,.. ќе умрам додека го помине булаварот! Ако го сретнам сега, мора да биде од оваа страна на улицата, ќе се направам дека не сум го видела. Во последен момент ќе го здогледам и, божем изненадена, ќе ја подадам раката нагоре кон неговиот врат, поткревајќи се напрсти… Толку сугестивно си ги замислуваше средбите што напрсти помина покрај книжарницата „Матица“ и се виде себеси во излогот како смешна, непотребна балерина.

Немаше ден во кој Симеона не замислуваше среќавања, ама, сепак, кога беше дома, немајќи ги улиците на градот под своите нозе, средбите беа само миговни светлинки со големи дланки што ќе го гушнеа северниот ѕид во дневната и ќе заминеа како да не биле; две високи темнооки дамки на светнатите плочки во кујната или вечерен дневник на телевизија со прилог за неговиот град.

Ако го сретнам сега по ходнициве, си замислуваше Симеона, барајќи ја канцеларијата на својот дерматолог во старата зграда на Интерните клиники во Државната болница. Чукна на вратата и веќе си замисли како влегува, а внатре седи Тој со нејзиниот дерматолог. Не, не, не сакам да се сретнеме во ординација, всушност, сакам, ама тој да влезе во ординацијата каде што сум јас, да се извини и да излезе и потоа да ме почека надвор. „Од кај ти овде“ да му речам и да ја подадам раката нагоре кон неговиот врат, поткревајќи се напрсти, да го гушнам. Не слушајќи никаков потврден одговор однатре, Симеона чукна посилно на вратата и во истиот миг ѝ стана толку очајно јасно дека не замислува среќавања, туку само гушкања. Колку сум проѕирно вљубена, се прекори и се обиде да влезе. Канцеларијата беше заклучена. Симеона си замина и симнувајќи се удолу по „Водњанска“ го препозна во сите таксисти, продавачи на ѓевреци, минувачи, чекачи на автобуските постојки. Кога стигна на Булеварот „ЈНА“ сите згради се извишија над неа како да се самиот тој претворен во бетон и тули. Во сенките што ги фрлаа ги препознаваше џиновските контури на неговите дланки отпечатени на асфалтот. Неговите очи ја гледаа од сите страни како затемнети прозорци.

Ако го сретнам сега, ќе му се фрлам во прегратка и ќе заплачам, си дозволи себеси и таква замисла додека го одминуваше излогот на „АМЦ компјутери“, со траги од дождови. Капки-капки на нивното стакло, капки-капки на нејзината душа. И онака имаше земено слободен ден од работа, така што брзаше дома пред да се расплаче на булеварот. Замислата продолжуваше сама речиси без нејзино свесно учество… Тој ќе се изненади, ќе ме прими во пространата прегратка на своето големо тело, заштитувајќи ме од самата себеси. Потоа нека биде што ќе биде, си рече Симеона веќе пред влезот на својата зграда.

По „Ако го сретнам сега…“ на уште илјадници места и точки во градот, по неколкугодишното секојдневно мапирање на скопските улици со својата мечта, Симеона  на вечерниот дневник на телевизија начека долг прилог за неговиот град. Веднаш посегна по далечинското и го засили тонот, убаво да го чуе името на градот и нешто да ѝ првне во утробата. Седна на фотелјата, ги крена нозете на табуретката и речиси не дишеше. Прилогот беше за некаков општински криминал, ама таа вистински го слушаше само повторувањето на името на неговиот град додека сѐ не полета во неа. Ги спушти нозете од табуретката и ги потпре на паркетот онака балерински, само со прстите. Беше подготвена да го гушне високото, големо ништо пред неа.

Потоа надоаѓаа нови месеци, нови години, ги сменија имињата на улиците, ѝ го прекрстија булеварот на илузиите на Симеона во „Климент Охридски“, ги светнаа стаклата на „АМЦ компјутери“, се отворија убавите продавници „LaSoy “ и „Арабеска“, се запусти малиот дуќан „Сингер“ за поправка на машини за шиење, Симеона одамна го дотроши пресилниот парфем и целосно се префрли на нежниот „Премиер жур“ на „Нина Ричи“ лете и на црниот „Опсешн“ на „Келвин Клајн“ зиме, ги подразреди „Ако го сретнам сега…“ , си ја врза љубовта со уште еден синџир тишина и со нормален чекор секојдневно поминуваше пред „Матица“. Не се ни погледнуваше во излогот на книжарницата, иако смешната, непотребна балерина сѐ уште ѝ танцуваше во најскришниот дел на срцето.

Едно попладне на работ на есента, Симеона со небрежно крената коса, домашна облека и незаврзани патики се симна набрзина на Булеварот „Климент Охридски“ до цвеќарницата. Беше исчистила сѐ дома и ѝ требаше убав букет за на масата. Миг пред да влезе во цвеќарницата почувствува нечиј втренчен поглед на себе. Тие темни бунаришта место очи можеше да ги препознае и со грбот. Не се сврте, се направи дека не го виде. Човекот од другиот град! Однатре, божем бирајќи цвеќе, низ рози, каранфили, гербери и орхидеи го гледаше со најрасцутен поглед на светот. Виде дека подзастана малку зачуден што не го препозна и потоа си замина, дискретно мавтајќи ги своите дланкишта покрај големото тело. Нивната заедничка, божем рутинска пријателска прегратка остана згазена пред цвеќарницата. Сама и свената.

Ако го сретнам сега, ќе се свртам, со очите ќе го прашам „од кај ти овде“ и ќе ја подадам раката нагоре кон неговиот врат, поткревајќи се напрсти, ќе го гушнам како што не се гушкаат пријатели, ни одделно, ни заедно.

Недобројните замислени средби го измија вистинското среќавање на булеварот со силен млаз чувства.

Фотоилустрација З.Р.