Истражувањa

Што изградил Тодоровиќ до салата „Борис Трајковски“?

Дилемата е дали газдата на „Тинекс“ направил семејна куќа каде што не смее

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Луксузна хациенда „никна“ во непосредна близина на салата „Борис Трајковски“ и не може да се открие дали тоа е семејна куќа, некаков комерцијален објект придружен со спортски терени, или, пак, модерен мотел.

Се наоѓа на самиот крај од уличката што минува покрај хокеј-игралиштето, обиколена е со камена ограда, а за дополнителна безбедност се грижат лица од обезбедување, сместени во стражарска куќарка веднаш до влезот.

Деновиве кога го посетивме местото, во дворот имаше неколку долги црни автомобили и џип.

На Google maps, интернет сервисот што дава птичја перспектива на земјата, се гледа дека во дворот на хациендата има и две тениски игралишта и уште неколку придружни објекти.

Куќа или мотел?

Тодоровиќ и „Тинекс“ не одговорија на нашите прашања | Архивска фотографија на МИА

Сопственик на плацот е „Тинекс МТ“, фирмата што го држи синџирот супермаркети под истиот бренд и чиј сопственик е Владимир Тодоровиќ, поранешниот градоначалник на Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а во медиумите хациендата веќе ја нарекуваат „новата куќа на Тодоровиќ“.

Она што претставува дилема е дали газдата на „Тинекс“ направил семејна куќа на место каде што тоа не е предвидено со градежниот план.

Актуелниот Детален урбанистички план (ДУП) за тој дел од Скопје покажува дека хациендата ја подигнал врз парцела обележана како Д3, што значи дека таму можел да изгради помали објекти за рекреација, како сали, базени, паркови, зоолошки градини и слично.

Планот дозволува 40 проценти од таа парцела да се изгради и комерцијален објект како дуќан, ресторан, кафуле или административни канцеларии или, пак, зграда каде би се одржувале културни настани како музејски поставки, галерии или кинотеки.

Според Катастарот моменталната намена на куќата е А4 – 2, односно мотел, што на хартија е според дозволеното, бидејќи ДУП-от не предвидува семејна куќа на тоа место.

Меѓутоа, она што е објавено во медиумите упатува дека Тодоровиќ изградил луксузен дом, а не комерцијален објект од јавен интерес.

Поглед од Google maps

За да ја разрешиме дилемата го баравме Тодоровиќ на неговиот телефон, меѓутоа тој не крена слушалка, ниту, пак, одговори на СМС-пораката, додека неговата секретарка во „Тинекс“ не ги одговори прашањата што ѝ ги пративме по електронска пошта.

Затоа се држиме до информациите за куќата што се објавени и што упатуваат на тоа дека Тодоровиќ изградил хациенда.

Лани Асоцијацијата на архитекти на Македонија ја награди фирмата „Радо инженеринг“ токму за архитектонската изработка на оваа куќа, односно за проектот наречен „Домување со посебен режим“.

Она што е интересно е дека, станбени куќи со посебен режим на користење и заштита, кои се означуваат со А0, се куќи со висок стандард и вили за кои минималната површина на градежната парцела изнесува 500 метри.

А овој опис најмногу одговара на објектот што е близина на салата „Борис Трајковски“.

Поради молкот од „Тинекс“ и од Тодоровиќ, се обративме кај еден од архитектите на куќата, Пако Радовановиќ и конкретно го прашавме дали објектот е куќа за живеење или, пак, мотел.

„‘Радо инженеринг’ беше ангажирана од фирмата ‘Антера’ (н.з. фирма исто така на Тодоровиќ) да изготви проект според дадените услови за градба. Според истите услови е изготвен е проект и добиено одобрение за градба. За понатамошните можни промени, треба да барате одговор од инвеститорот“, изјави Радовановиќ за БИРН.

Нема одговор ниту од Општина Карпош, на чија територија е објектот, дали тамошната градежна инспекција излегла на терен и увидела што изградила компанијата „Тинекс“.

Редок луксуз

Хациендата е опремена и со винотека, што се лади во тек на цела година со посебен клима уред | Фото: БИРН

Повеќе за содржината на куќата може да се дознае од текстот објавен во стручното списание „Порта 3“, во којшто се опишани многу нејзини карактеристики.

Куќата има централен ѕид обложен со травертин кој ја дели хациендата по вертикала на дел за приватно користење и дел кој е достапен, како на домаќинот така и на гостите, додека покривот има улога на зелен покрив.

„Целиот простор се бања во светлина со помош на голема стаклена градина. Ваквата архитектура антиципира радост на живеење, неприкосновена удобност и хармонија помеѓу човекот и природата“, пишува „Порта 3“.

Во целиот објект има подно греење, над галеријата има плафонско ладење и греење, додека топла вода објектот добива од централен бојлер од 1.000 литри и од соларни панели. Контролата на температурата во просториите е преку собен термостат на кој може да се прочита температурата и да се нагодува.

Хациендата е опремена и со винотека, што се лади во тек на цела година со посебен клима уред.

Осветлувањето во просториите се вклучува и се исклучува автоматски на движење, а надворешните декоративни и сигурносни светла се активираат автоматски по однапред утврден временски режим на работа. Ролетните се автоматизирани и има можност по однапред утврден режим да го обезбедат саканото ниво на светло во просториите.

За безбедноста се грижи системот за детекција и дојава на пожар и кражба, како и видео надзорот.

Општината предвидела на тоа место да се изградат објект и други забавни содржини што ќе можат да ги користат сите граѓани, како паркови и спортски терени. Oфицијално и Катастарот покажува дека таму сега има комерцијален објект – мотел.

Но, во Скопје според Златна книга во моментов има 11 мотели и ниту еден не е на локацијата на наградената хациенда.

Пишувањата на медиумите за објектот,  но и молкот од „Тинекс“ и од Владимир Тодоровиќ, укажуваат дека наместо јавен простор на тоа атрактивно место во близина на реката Вардар и на салата „Борис Трајковски“ е изградена хациенда на поранешниот градоначалник на Центар.