Истражувањa

За обезбедување државен имот потрошени 3,2 милиони евра

Половина од тендерите за обезбедување имот на државни институции, во вредност од 1,65 милиони евра ги добила Секјурити Груп Сервисис (СГС)

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Државните институции лани склучиле вкупно 42 тендерa за физичко обезбедување објекти и лица во вредност од 3,2 милиони евра, покажува анализата на договорите објавени на Електронскиот систем за јавни набавки.

Половина од вредноста на сите тендери, односно 1,65 милиони евра, добила агенцијата Секјурити Груп Сервисис (СГС) со што ова друштво за услуги, како што е регистрирано во Централниот регистар, со склучени вкупно 12 договорa со државни институции, апсолутно доминира на овој пазар кога станува збор за обезбедување државен имот.

Најголемиот тендер лани е од Јавното претпријатие за државни патишта, за обезбедување на наплатните станици, во вредност од 422 илјади евра, што го добива СГС.

Анализата на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, покажува дека последните пет години, СГС добила вкупно 68 тендери, во вредност од околу 17,6 милиони евра

И вториот најголем тендер за обезбедување државен имот го добила истата агенција, СГС, склучен со Град Скопје за унапредување на безбедноста и сигурноста во училиштата, на сума од речиси 228 илјади евра.

Третиот најголем договор за јавна набавка за физичко обезбедување имот е направен меѓу СГС и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), и изнесува околу 224 илјади евра.

Годинава, исто така добро ѝ тргна бизнисот на оваа агенција со тоа што само три дена по Нова година, доби тендер од АД ЕЛЕМ, во вкупна вредност од 430 илјади евра за обезбедување на Дирекцијата, ХЕЦ Маврово и за Реон Битола и Осломеј.

ТОП 5 агенции за обезбедување со највредни тендери во 2016-2017 година

Сумите се изразени во евра. Извор: Електронски систем за јавни набавки

 

Од другите агенции за обезбедување што добиле тендери лани, друштвото за обезбедување имоти и лица Водно – АС МС добило околу 400 илјади евра преку две јавни набавки од општината Ѓорче Петров. Вториот договор е потпишан во јануари годинава, за 24–часовно обезбедување имот во сопственост на општината во текот на 2017 година. Друштвото за обезбедување Никоб има добиено два тендера во вредност од околу 160 илјади евра, додека пак, Ројал Секјурити од Битола, има склучено три договори во вкупна вредност од околу 110 илјади евра. 

Подем со државни тендери

СГС сè уште нема веб-страница која би можеле да ја посетат потенцијалните клиенти 

Друштвото за услуги Секјурити Груп Сервисис (СГС) е основано во декември 2010 година, но последните пет години доживува подем откако го освои пазарот, главно преку учество во јавните набавки.

Анализата на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, покажува дека последните пет години, СГС добила вкупно 68 тендери, во вредност од околу 17,6 милиони евра.

Листата на институции и објекти што ги ибезбедува СГС последните пет години е долга, од објекти од проектот Скопје 2014, ЕВН, АД ЕЛЕМ, АЕК, ТЕЦ Неготино, Клиниката за гинекологија и акушерство, Јавното претпријатие за државни патишта, СЦ Борис Трајковски и други.

Успехот на СГС на огласите за јавните набавки последните пет години, пропорционално се отсликува и во финансиските извештаи на оваа компанија. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека 2011 година, кога всушност почна да работи оваа агенција, приходите изнесуваат 435 илјади евра, а во компанијата се вработени 102 луѓе. Следната година, 2012, приходите на СГС растат четири пати, на 1,7 милиони евра, а бројот на вработени достигнува 712 луѓе. Во 2013 година, компанијата остварува приходи од 4,8 милиони евра, една година подоцна 8,5 милиони евра за во 2015 година, до кога се достапни последните податоци од Централниот регистар, приходите на СГС да достигнат 9,6 милиони евра, а бројот на вработени 1.624 луѓе.

Секјурити Груп Сервисис (СГС)

Извор: Централен регистар

 

Добивката на компанијата во 2015 година изнесува 1,4 милиони евра.

БИРН се обрати до Друштвото за услуги Секјурити Груп Сервисис со прашање за тоа колку државните тендери ѝ овозможија на оваа компанија петкратно да ги зголеми приходите во периодот од 2012 до крајот на 2015 година, меѓутоа, не добивме одговор.

Компанијата СГС е основана со влог од 15 илјади евра, а како сопственик се појавува Дејан Ќировски. Управител, пак е Мирољуб Давидов.  

Меѓутоа, за сопственоста на СГС и за тоа кој стои зад неа се отворија дилеми откако партијата СДСМ објави прислушуван разговор со којшто се алудира дека газда на оваа компанија е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Од 2011 година кога почна да работи оваа компанија, до крајот на 2015 година приходите се зголемени од 435 илјади евра на 9,6 милиони евра, а бројот на вработени од 102 на 1.624 луѓе

Како потврда на тоа, СДСМ објави аудио снимки од разговори кои наводно се водат меѓу Мијалков и Слободан Николовски – Цобе, пензионер на МВР, поранешен командант на мобилната единица „Алфа“ и поранашен командант на ЕБР.

Дополнително беше објавен и разговор меѓу Мијалков и Дејан Митревски – Урко, поранешниот телохранител на премиерот Никола Груевски кој се повлече од агенцијата за обезбедување Лупус откако СГС почна да работи со полна пареа.

Во еден од разговорите, Николовски го информира Мијалков дека бројот на вработените достигнал над 930 луѓе на што Мијалков наводно вели „чекај, уште да го завршиме ова со Т-Мобиле и ќе одиме до 1.100“.

Во друг разговор, пак, Мијалков и Николовски – Цобе договараат средба на којашто треба да го информира за трошоците на СГС.

Во истиот разговор, според СДСМ, Мијалков потврдува дека и неговите пријатели од мобилниот оператор „Албафон“ треба да склучат договор со СГС. За да се реализира оваа зделка потребни се измени во договорот со Телеком.

Во дел од разговорите, може да се слушне како се планираат нови вработувања во СГС, нови тендери за обезбедување, а се слуша и како Муса Џафери од ДУИ регира дека во агенцијата СГС има вработено лица, членови на ДПА. Мијалков на ова одговара дека сите ќе бидат ДУИ, ако треба.

Која е СГС?

Првиот сопственик на СГС е фирмата НВСП, чиј газда е Владислав Стајковиќ. Оваа фирма се споменуваше и во аудио разговорите што ги објави СДСМ, како фирма на чија сметка наводно треба да легне провизијата од израелската донација од опрема за прислушување.

Стајковиќ е управител на фирмата Мобико ДООЕЛ, каде што газда е Жарко Луковски, главен оперативен директор на Македонски Телеком.

Инаку, СГС и оф-шор фирмата од Лугано, Швајцарија, Ексико, на почетокот од отворањето на агенцијата делеле иста адреса, покажуваат документите од Централниот регистар.

Првото седиште на СГС е на улицата „Иван Милутиновиќ“, истата адреса на која што сега е седиштето на Ексико.

Седиштето на СГС сега е на улицата „11 Октомври“, спроти Зоил, во центарот на Скопје.