Истражувањa

Договорите за државна помош откриваат што добивале инвеститорите

БИРН ги анализираше договорите со инвеститорите од 2015 и 2016 година на коишто потписник е ТИРЗ

Само последните две години Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони склучила договори за доделување државна помош од 19,7 милиони евра на 13 компании што донеле одлука да изградат фабрики. Договорите со инвеститорите до кои дојде БИРН, покажуваат дека за да ја добијат одобрената државна помош, овие компании се обврзале на инвестиции од најмалку 39 милиони евра и отворање 6.252 работни места.

БИРН ги анализираше договорите со инвеститорите на коишто потписник е ТИРЗ од 2015 година наваму, откога оваа институција доби законска можност да доделува државна помош. Во тој период, со оваа Дирекција раководеше Виктор Мизо.

Најголема сума на државна помош од 3,4 милиони евра е впишана во договорот со американската компанија „Гентерм“. Потоа, следуваат „Ки Сејфти Системс“ со доделена државна помош од речиси 3 милиони евра, а на три компании им била одобрена државна помош од околу 2,5 милиони евра, и тоа „Адиент Аутомотиве“, „Делфи Електроник Системс“ и „Ван Хоол“ за втората фабрика.

Оваа сума од речиси 20 милиони евра дирекцијата ја поделила на компаниите по две основи, таа им давала кеш-грантови за изграба на фабрика и субвенционирала отворање работни места.

По првата основа, дирекцијата на 12 компании им одобрила кеш грантови за изградба на фабриките од половина милион евра, колку што е и максималниот лимит, освен на една компанија на којашто ѝ се одобрени 300 илјади евра.

Вкупната државна помош по оваа основа изнесува 6,3 милиони евра.

Оваа директна поддршка за изградбата на фабриките во договорите е условена со минимални инвестиции на секоја компанија, коишто се движат од половина милион евра, па до 15 милиони евра, што е неколкукратно помалку од сумите што ги објавуваа во јавноста при поставувањето на камен темелниците.

Но, освен за градењето на фабриките, овие странски инвеститори добиле државна помош за секое отворено работно место којашто се движи од 1.000 евра до најмногу 7.000 евра во одделни компании.

За отворање на вкупно 6.252 нови работни места, вкупната помош достигнува 13,4 милиони евра.

По одделни компании, во договорите најголема бројка на работни места впишала „Гентерм“, од вкупно 1.935 работници, а неколку компании се обврзале да отворат само стотина работни позиции.

Пресметките на БИРН покажаа дека само половина од одобрената државна помош за овие компании е досега искористена, бидејќи овие договори се склучени во текот на 2015 и 2016 година и предвидуваат постепено користење на помошта како што ќе ги исполнуваат предвидените обврски за вработувања и вредноста на инвестицијата.

Пет од овие компании коишто на хартија имаат добиено народни пари како стимулација за инвестицијата, според нашите информации, сѐ уште не ги исполниле договорените лимити и засега не добиле државна помош. Меѓутоа, новата власт јавно се обврза дека во целост ќе ги исполни сите обврски кон сите странски инвеститори.

Џонсон Мети се обврзал на најголема инвестиција, Гентерм на најмногу вработени

Американската компанија „Гентерм“, која лани во зоната во Прилеп отвори фабрика за производство на термални системи за автомобили се обврзала дека ќе отвори најмногу работни места, вкупно 1.935 и според тоа ѝ е одредена најголема државна помош од 2,9 милиони евра или 1.500 евра за секое од нив.

Компанијата добила уште половина милион евра за изградба на објектот со обврска прво да инвестира најмалку 4 милиони евра, со што се доаѓа до вкупна државна помош од 3,4 милиони евра.

Исплатата на помошта за работните места е условена со исполнување на предвидените квоти во повеќе години, од кои вработување на 831 во првите пет години.

Втора на листата компании во зоните на кои им е одредена најголема државна помош последните две години е уште една американска инвестиција и тоа на компанијата „Ки Сејфти Системс“, којашто отвори фабрика за производство на воздушни перничиња во зоната во Кичево.

За отворање на вкупно 1.000 работни места, на оваа компанија ѝ е одобрена помош од 2,5 милиони американски долари или по 2.500 долари за секое од нив.

За изградба на фабриката, компанијата добила половина милион евра со обврска најпрво да инвестира најмалку 2 милиони евра. Во договорот е предвидено целата инвестиција да се реализира до крајот на 2018 година.

Државна помош од 2,55 милиони евра ѝ е одобрена на компанијата „Адиент Аутомотиве“, којашто гради фабрика за автомобилски седишта во зоната во Струмица.

За отворање на вкупно 1.300 работни места, во договорот се предвидени различни суми на помош. За првите 500 работни места, на пример, државата се обврзала да исплати по 2.500 евра помош, а за останатите по 1.000 евра.

Исплатата е предвидено да биде во четири транши како што ќе се отвораат работните места, 200 до септември 2016 година, уште 300 работни места до септември годинава, останатите 500 до септември догодина и последните 300 работни места до заокружување на вкупната бројка во 2019 година.

„Доколку бројот на пријавените вработени во некоја од годините е помал од минималниот потребен број, износот на траншата ќе биде намален за секое неостварено вработување во определениот рок“, пишува во Договорот во случај компанијата да не ги реализира најавените вработувања.

Оваа компанија се обврзала на минимална инвестиција од 3 милиони евра до крајот на 2016 година како услов за добивање половина милион евра помош за градење на фабриката.

Најголема помош за едно работно место од овие 13 компании, добила „Делфи Електроник Системс“. Вкупно 2,025 милиони евра се предвидени како стимулација за отворање на вкупно 300 работни места, од кои за првите 250 по 7.000 евра за секое од нив и по 5.500 евра за останатите 50 работници.

Оваа бројка на вработени треба да се оствари до крајот на 2019 година, па така и исплатата на помошта е предвидена во четири транши, на крајот од секоја година почнувајќи од 2016 година до кога било предвидено да се отворат 100 работни места.

Оваа компанија всушност се всели во погонот на „Вистеон Електроникс во зоната Бунарџик, и се обврзала да инвестира најмалку 1,5 милиони евра во доизградба на објектот за да ги добие предвидените половина милион евра помош по таа основа.

Белгиската компанија „Ван Хоол“ за втората фабрика минатата година склучила договор за државна помош во вредност од 2,5 милиони евра, но сѐ уште не ја искористила, бидејќи до крајот на годинава има обврска да инвестира 2,5 милиони евра и да вработи 145 луѓе.

Договорот предвидува отворање на 400 нови работни места, што ќе ја чинат државата по 5.000 евра секое од нив. Оваа компанија во 2014 година ја отвори својата прва фабрика за производство на автобуси во Бунарџик и според зборовите на директорот Филип Ван Хоол, добиле околу 17 милиони евра државна помош. 

На германската компанија „ОДВ Електрик“ којашто гради фабрика во зоната во Струга според договорот ѝ е доделена 975 илјади евра државна помош, од кои 475 илјади евра за отворање 300 работни места.

За првите 200 вработени државата ќе субвенционира по 2.000 евра, а за останатите 100 работници по 750 евра. За да ги добие предвидените половина милион евра од државата за градење на фабриката, компанијата се обврзала да инвестира најмалку 1,2 милиони евра до крајот на 2015 година. Според нашите информации, државата ја исплатила помошта за објектот и дел од парите за отворените работни места.

Уште една германска компанија, „Техникал Текстајлс“, којашто отвори фабрика во зоната во Штип, добила помош од 900 илјади евра, од кои 400 илјади за отворање 300 работни места. Тоа значи дека државата платила по 1.333 евра за секој вработен во оваа фабрика.

За грантот од половина милион евра, се обврзала да инвестира најмалку 2 милиони евра во изградба на фабриката и според информациите што ги има БИРН, помошта и по оваа основа е исплатена.

Британската компанија Џонсон Мети за втората фаза од инвестицијата во Македонија, во 2015 година склучила договор за државна помош во вредност од 700 илјади евра, од кои 200 илјади евра или по 2.000 евра, за отворање нови 100 работни места. За грантот наменет за изградбата на фабриката од половина милион евра, пак, компанијата се обврзала дека до јануари 2015 година ќе инвестира 15 милиони евра. И по двете основи, државната помош е исплатена.

Италијанската компанија „Макдиа“ треба да добие од државата помош од 651 илјада евра, од кои половина милион евра откако до крајот на 2019 година ќе инвестира 2 милиони евра во фабриката во Бунарџик и уште 151 илјада евра за отворање 101 работно место.

Уште една италијанска компанија, Витек, којашто веќе отвори два погона за производство на хидраулична опрема во Бунарџик, годинава во февруари склучила договор за државна помош за трет погон, во вредност од 626 илјади евра, од кои 126 илјади за отворање 105 работни места до септември 2019 година и половина милион евра за објектот ако инвестира најмалку 2 милиони евра во истиот рок. Оваа компанија има добиено државна помош уште во два наврата, во 2013 и 2014 година.

Компанијата „Јуроп Шок Абсорберс“, исто така италијанска инвестиција, има договор за добивање државна помош од 550 илјади евра, од кои 300 илјади евра за изградба на објектот, доколку до крајот на 2019 година инвестира најмалку 2 милиони евра и уште 250 илјади евра за отворање 100 работни места.

Меѓу овие 13 компании, има и две домашни фирми со македонски капитал коишто во 2016 година склучиле договори за државна помош.

Хај Тек Асембли“ е првата домашна инвестиција во Бунарџик за електронски компоненти и треба да добие државна помош од 706 илјади евра. Од нив, половина милион евра за градење на објектот, доколку до крајот на 2016 година инвестирала најмалку 1,1 милион евра. Договорот предвидува оваа помош да биде исплатена до крајот на март годинава, но според нашите информации, таа не е исплатена. За работните места, компанијата се обврзала да вработи вкупно 206 луѓе за коишто треба да добие по 1.000 евра за секого од нив. Обврската од договорот е вработување на најмалку 100 луѓе до крајот на 2016 година, но и овој дел од помошта според информациите на БИРН не е исплатен.

ФПЦ Технопласт“ пак, постави камен темелник за изградба на фабрика во Бунарџик за производство на пластични компоненти за автомобилска индустрија лани во ноември. Договорот за државна помош го склучила осум месеци порано, со којшто се предвидува да добие 655 илјади евра. Од нив 155 илјади евра за креирање 105 работни места и половина милион евра за изградба на објектот. Оваа инвестиција според договорот треба да се реализира до крајот на 2019 година.

Ова се само дел од договорите за доделување државна помош што претходната власт ги склучи со странските инвеститори и коишто до неодамна беа класифицирани како тајни, а јавноста немаше увид во трошењето народни пари за привлекување на инвестициите во индустриските зони.

Како што објави портпаролот на Владата, последните десет години, вкупната сума потрошена за привлекување странски инвестиции достигнала 225 милиони евра, од кои околу 26 милиони евра биле кеш грантови за фирмите и околу 69 милиони евра по основа на даночни и царински ослободувања.

Претходно БИРН објави дека од завршните сметки на буџетот во последните десет години, за привлекување на странски инвестиции, од маркетинг и промоција, субвенции, па до изградба на технолошко индустриските развојни зони, без државната помош, претходната власт потроши најмалку 148,7 милиони евра.