Дали на некого совршено му одговара телефонот на Крпач да остане непробиен, без оглед на желбата на ОЈО да влезе во неговите тајни? И дали треба да веруваме дека телефонот на Крпач е позаштитен и од телефонот на поранешниот премиер?
Од Основното јавно обвинителство се жалат дека не можеле да го декодираат мобилниот телефон на Коста Крпач, поради што не успеале да истражат со кого разговарал во последните часови или денови од неговиот живот. Јасно е дека обвинителите не се технички остручени да „влезат“ во телефонот. И јасно е дека тоа можат да го направат исклучиво стручни лица. Но, од ОЈО тврдат дека телефонот марка „Сони“ имал лозинка, која дури ни стручните лица не можеле да ја пробијат.
Посредно ова е добра реклама за „Сони“, лоша за ОЈО и одлична криминална препорака за „стручњаците“. Не знам кои се тие што биле ангажирани, но во стручни кругови тврдењето за непробивноста на лозинката наиде на неверување и потсмев, а во една политичко-бизнис елита и на огромно задоволство од вака „завршената работа“.
Вистинското прашање во случајов е – дали на некого совршено му одговара телефонот на Крпач да остане непробиен, без оглед на желбата на ОЈО да влезе во неговите тајни? Односно, дали некој „стручно“ помага телефонот да остане нефункционален/невалиден како доказ? Па на крајот, како таков да биде стопен и со дробилица претворен во прав, а неговите тајни постхумно рассеани на некој отпад, за век и веков.
Иронично е што ваквото тврдење дојде истиот ден кога на Јутјуб беше објавено видео од хакирањето на електронската адреса на СЈО, со презентирање на разни преписки меѓу тимот на Јанева со новинари и други лица, и откако десетици други приватни телефонски разговори меѓу функционери од една партија и натаму слободно плутаат на социјалните мрежи, но досега без одговор како се нашле таму.
Наспроти нив, телефонот на Крпач останува единствениот нескршлив бедем! Вакви ситуации, ми го враќаат во сеќавање крикот на легендарниот Младен Делиќ: „Људи моји, па је ли то могуќе?“
„Не е могуќе“, тврдат експери, но и „административци“, сведоци за тоа со какви ресурси располага нашата чудесна (вон)институционална Македонија. Имено, меѓу многубројните вработувања по партиска линија, во голема дискреција се реализирани и завиден број вработувања на докажани хакери, денес распоредени по разни институции.
Се разбира, формално се вработени како референти или советници за ова или она, но се ангажирани за многу конкретни задачи. Нивната главна препорака се сторени прекршоци во сферата на електронски криминал, богато искуство во хакирање и ред други подвизи во таа насока.
Убавите приказни за еднакви шанси во општеството или за рамноправен натпревар на пазарот, паѓаат пред однапред хакираните податоци за бизнис планови, планирни цени за тендери, за увоз, извоз, средби, политички стратегии и други „дребулии“
Поради стекнатато искуство, на некои од нив казната им е заменета со привилегија – вработени се за „специјални задачи“, под параванот на државната администрација, а некои ангажирани и под покривот на партиски субјект.
Па така, кога ќе гледате како некоја жолта куќарка за неколку години се претворила во бела палата – од сиромашно грдо пајче во богат бел лебед, не прашувајте наивно од каде им се парите. И не се чудете како нечии „никакви бизниси“ преку ноќ станале најуспешни, ниту како некој во последна минута го провалил планот на опонентот. Одговорот делумно лежи во слушнатите, но и неслушнатите „бомби“, но во голема мера и во учинокот на некои млади бушави момчиња, наши ИТ генијалци.
Да се разбереме, не станува збор за „дигитални дисиденти“, луѓе кои ќе хакираат скриени државни податоци за да демскарираат одредени криминали на носителите на власта. Обратно, тие се собирачи на информации за потребите на владејачката структура, односно за еден дел од неа. Не им пишува на челото дека се хакери, ниту во договорот за работа.
Таман ќе помислите дека некое момче разнесува бурек низ одредено министерство, со ишарет ќе ве предупредат дека не е тоа што мислите. Деталите ќе ви ги раскажат надвор од зградата.
Сепак, многу мал круг на луѓе по разни институции знаат за вистинските работни обврски на овие стручњаци. Нема тука никаков тип на „етичко хакирање“. Тие обезбедуваат податоци од бизнис-економски или од политичко-партиски карактер, со кои на налогодавецот му обезбедуваат секогаш да биде чекор напред, благодарејќи на информациите добиени на ваков начин.
Убавите приказни за еднакви шанси во општеството или за рамноправен натпревар на пазарот, паѓаат пред однапред хакираните податоци за бизнис планови, планирни цени за тендери, за увоз, извоз, средби, политички стратегии и други „дребулии“.
Погрешно е да се рече дека овие лица работат за Владата. Поточно е дека работат за „влада“ во Владата, односно за мала, меѓусебе одбрана елита отуѓена од граѓаните, која ги менаџира процесите преку моќта на нелегално прибавените информации. Така однапред знае кога треба да купи, а кога да продаде акции, кога е време на некого да му се уништи бизнисот, семејството или партијата, и ред други слични демократски методи и алатки.
Значи хакери не ни недостигале – и за телефони и за компјутери и за други комуникациски алатки. Впрочем, по објавувањето на снимката од разговорот меѓу Груевски и неговата астролошка претскажувачка, експерти изјавуваа дека најверојатно станува збор за хакирање на неговиот телефон.
Од страна на оштетениот немаше никаква изјава за случајот, ниту пак потврда дали навистина му е хакиран телефонот, па се остана во сферата на шпекулации. Но, во основа што треба да заклучиме од таа епизода? Дека телефонот на Крпач е позаштитен и од телефонот на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ? Па је ли то могуќе?
Кога највисоки претставници на власта злоупотребуваат софистицирана опрема и кршат закони без страв од казна, тајните на моќта стануваат најопасно оружје
Не е. Кога највисоки претставници на власта злоупотребуваат софистицирана опрема и кршат закони без страв од казна, тајните на моќта стануваат најопасно оружје. Пред тоа опасно оружје, остануваат „врзани рацете“ на многу експерти кои за помалку од минута треба да го истипкаат брзо откриениот пасвород за влез во одредена комуникациска алатка.
Но, ако се ангажирани да го прават само потребното за главниот нарачател, се друго, што евентуално не оди во насока на неговите интереси, извршителите треба да ги испорачаат како „невозможно“, свесно претставувајќи се како нестручни и поткапацитетни за такава, божем сложена опреција. Се разбира, сложена заради поголемите импликации од нејзиното одгатнување, отколку од нејзиното неодгатнување.
Формално, засега волкот е сит, ама овците не се на број. И тоа ќе биде прашање што нема да може да биде турнато под тепих.
Телефонот на Крпач може, и мора да биде отворен, на начин кој ќе гарантира дека при постапката не се изгубило или избришало ништо од комуникацијата. Тоа значи дека подобро е таа операција да не ја вршат други домашни стручњаци, (по оние кои досега не успеале), за да не се случи од заклучен, ОЈО да добие расипан телефон, во кој не ќе се знае ни од каде доаѓале повиците, ни каде исчезнале заедно со пораките, па на крајот да излезе дека Крпач исклучиво сам себе си ѕвонел.