Истражувањa

МРТ финансирала филмска верзија на „Скопје 2014“

Серијата историски документарци на малите екрани требаше да го постигне она на што „Скопје 2014“ целеше со фасади, со згради и со споменици

Изработка на документарци со историска содржина „прекршена“ преку идеолошката призма на ВМРО-ДПМНЕ била една од клучните активности на Македонската радио телевизија (МРТ) и за таа цел јавниот сервис за три години потрошил 1,8 милиони евра, покажува истражувањето на БИРН на копродукциските договори склучени 2013, 2014 и 2015 година.

Законската обврска на МРТВ да соработува со независни продукции и да произведува документарна програма беше искористена за производство на историски документарци коишто преку малите екрани во јавноста требаше да го постигнат она  на што „Скопје 2014“ целеше со фасади, со згради и со споменици, да го ревидира и да го раскаже минатото низ ракурсот на библиски народ, кој имал континуитет од Александар Велики, преку Св. Кирил и Методиј, па сè до АСНОМ  и независноста.

Како и архитектонското „Скопје 2014“, така и документарците за свој ментор ја имаат поранешната влада на Никола Груевски. Тоа е евидентно и од објавениот прислушуван разговор помеѓу Груевски и министерот Миле Јанакиевски, во кој тогашниот премиер бара во буџетот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да биде предвиден трошок од пола милион евра, колку што „должат за документарците“.

„За општествена одговорност еве да пребаци, за, може да крстиме некој документарец којшто е вака најпопуларен, односно нај што одговара, за македонската борба за слобода и независност. Тоа ќе се користи за сите документарци, ама он за тоа нека го каже. Да не биде сега за Скопје или за нешто друго, знаеш. За македонската борба, ај“ му вели Груевски на Јанакиевски.

Враќање на „забранетата“ историја

Документарецот за „Скопје 2014“ со работен наслов „Скопје продолжува“ е една од најевтините емисии во копродукција со МРТВ. Тој го чини Јавниот сервис само 7 илјади евра за 14 епизоди, а веќе во првата се поставува идеолошката траекторија на целиот потфат која се сведува на ставот дека „на Македонија ѝ било забрането да се сеќава, а на Скопје да биде убаво“.

„За тебе кој живееш 30 години без да видиш една нова градба во центарот и тебе кој си роден во независна Македонија и не ти е јасно зошто на твојата земја ѝ е забрането да се сеќава и да има историја. Време е, време е да го добиеме она што ни припаѓа, она за што двоеја пари нашите предци, а со нив се градеа туѓи дворови, туѓи улици и туѓи споменици.“

Во серијата соговорници се експремиерот Никола Груевски, неговата министерка Елизабета Канческа – Милевска, поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, уметници, историчари, авторот на неколку ТВ-емисии, Миленко Неделковски, како и професорот Мирослав Грчев кој е жесток противник на „Скопје 2014“.

„Скопје продолжува“ е правен според авторски текстови на архитектот Вангел Божиновски, на професорот Бранислав Саркањац и на познатиот скопски хроничар Данило Коцевски. Божиновски и Саркањац се гласни поборници на проектот за менување на ликот на главниот град.

Поврзаноста меѓу двата проекта, оној градежниот „Скопје 2014“ и овој филмскиот, се гледа и во синхронизираното поставување споменици и снимање документарци. Спомениците на Андон Лазов Јанев – Ќосето, Лидија од Македонија, Михајло Апостолски и на Ѓорги Сугарев се поставени меѓу последните, а истото е и со документарците за овие историски личности, тие се снимани во 2015.

И во ТВ проектот го има обидот за балансирање кон албанската етничка заедница, со тоа што е снимен документарец и за Скендер бег.

Повторувањето е мајка на знаењето

Документарците требаше да го постигнат она на што Скопје 2014 целеше со фасади, со згради и со споменици | Фото: БИРН

Важноста што му била придавана на овој проект за телевизиски документирана историја и раскажувањето на минатото на македонскиот народ е видлива и во екстремното повторување на емисиите на јавниот сервис, а подоцна и на другите телевизии оценети како пријателски кон поранешната влада на Груевски.

Неретко се случувало дел од историските документарци да бидат репризирани по три и повеќе пати и тоа во истиот ден кога било емитувано премиерното издание.

Таков е случајот на пример со серијата „20 години македонска независност“ чиишто премиерни изданија на епизодите во 2011 биле прикажани уште три пати истиот ден.

„Ако се има предвид дека секоја од епизодите трае приближно по еден час, произлегува дека дневно, само за емитување на епизодите од оваа серија, се отстапуваат по четири часа“, забележала Агенцијата за медиуми во анализата на програмата на МРТВ и сугерирала да престане нивното „банализирање со неколкукратно репризирање на една емисија во исто деноноќие“.

Ова интензивно повторување се случува и на другите телевизии на кои МРТВ во јануари 2014 им ги отстапила историските документарци на користење.

Најнапред емитувани во ударни термини, денес тие сѐ уште континуирано се емитуваат, но само на Канал 5 Плус и евентуално на Сител 3, каде што телевизиите со нив ја пополнуваат програмата.

Околу 70 документарци за три години

Снимени се документарци и за Александар Македонски, Филип Втори и за Аминта Трети | Фото: БИРН

Во 2013 МРТВ за овие документарци потрошила половина од фондот за сопствена продукција или копродукција. Таа година јавниот сервис одвоил речиси 2,5 милиони евра за сопствена програма и соработка со надворешни продукции и од оваа сума повеќе од 1,2 милиони отишле за документарците. Документите со кои рапсолага БИРН покажуваат дека за нив најмногу пари од страна на МРТВ се потрошени во 2013  година, пред усвојувањето на новиот Закон за aудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Наредната 2014 МРТВ дала значително помалку пари од фондот за оваа намена, само околу шест проценти и потпишала само четири договори за изработка на документарци за сума од 120.000 евра.

Последната година што ја истражувавме, 2015, МРТВ потрошила речиси два милиони евра за копродукција и од тие околу 20 проценти или 430.000 евра отишле на историските документарци.

Во триве години МРТВ финансирала околу 70 документарни филмови и серии за историски личности или за теми од минатото.

Снимени се документарци со работни наслови „Александар Македонски“, „Филип Втори (со Аминта Трети)“, „Свети Кирил и Методиј“ и „Св. Климент и Наум“, а филмувани се  животот и делото и на Даме Груев, Гоце Делчев; Борис Сарафов, Пере Тошев, Кочо Рацин, како и на помалку познатите Ѓорги Баждаров, Наум Томалески, Апостол Петков Терзиев, Петар Шанданов и други.

Портрет-документарците обично чинеле по 11.800 евра и се снимале за еден месец. Тие одеа на Првата програма, а поголем дел од овие филмови сега можат да се видат и на неофицијален јутјуб-канал.

Документарните серии, пак, ја чинеле МРТ од 20.000 па сè до 100.000 евра, а нивната цена зависела најмногу од тоа колку епизоди имаат.

Сериите обработувале историски теми како „Српската окупација на Македонија“, „Учеството на Бугарите и другите надворешни претставници во македонските национални тела“, „Историската позадина на противењето на Грција кон името на Македонија, македонскиот јазик и македонска нација“, „Самоубиството како чин на жртва во македонското револуционерно дело“, „Лидерите на Македонија во комунизмот“ и други.

Најмногу пари МРТ дала за сериите „Најважните извештаи на конзулите и патописците од Македонија“ и „Најважните војводи“, кои секоја одделно чинеле по 100.000 евра и имале по десет епизоди, како и за „Тврдокорни“, која чинела 110.000 евра.

Меѓу овие проекти е и серијата „Крв и мед“ на новинарот Васко Ефтов, која чинела околу 28.000 евра и која во договорот е опишана како комбинација од документарни филмови, репортажи и истражувачки стории на различни теми од македонската историја. Договорот за нив е потпишан 2015, но емисиите почнаа да се емитуваат дури во почетокот на 2017 година.

Присутноста на политиката на  ВМРО-ДПМНЕ во дел од произведената документаристика  се гледа и во фактот што меѓу документарците е и „Лустрацијата во Македонија, помеѓу минатото и сегашноста“ каде што еден од авторите е Томе Аџиев, првиот човек на озогласената Комисија за лустрација.

Авторски печат близок до Владата на Груевски

Надворешните продуцентски куќи за изработка на документарците се фокусирани на македонските историчари од катедрата за историја, но и нa институти и институции што се занимаваат со историја. Притоа, освен експертизата, еден од критериумите е и блискоста и споделувањето на вредносните на тогаш владејачката партија.

Најчест автор на текстовите според кои се работат документарците е неодамна починатиот историчар Зоран Тодоровски, кој во тоа време бил директор на Архивот на Македонија.

Една од неговите заложби е и рехабилитација на Тодор Александров што де-факто е и направено со проектот „Скопје 2014“, со поставување негов споменик, како и со именување објекти и улици според овој контроверзен историски лик.

Поврзаноста на Тодоровски со проектот „Скопје 2014“ се гледа и во неговото речиси редовно учество во комисиите за идејни решенија на спомениците, што во периодот до 2013 Општина Центар ги поставува во тесното градско подрачје.

Меѓу историчарите според чиишто авторски текстови се изработуваат документарците е и Михајло Миновски, историчар што го оспори договорот со Бугарија со тезата дека е штетен за македонските национални интереси.

Во отпорот кон договорот со Бугарија што го потпиша Владата на социјалдемократот Зоран Заев на Миноски му се придружува и историчарот Никола Жежов, исто така чест автор на документарните серии што МРТВ ги изработува во копродукција со независни продуцентски куќи.

Жежов е гласен и во осудата на „сквернавењето на спомениците“, како што го именува фрлањето боја врз симболите на „Скопје 2014“ и врз Портата Македонија од страна на демонстрантите за време на „Шарената револуција“, а застанува во одбрана и на целиот проект за филмувана историја за кој вели дека е огромен подвиг на тогашната влада.

„Владата постигна еден полн погодок што ги поддржа овие продукти, а и МРТВ која секаде е главен продуцент, главен учесник во овие серии. Таа направи еден огромен подвиг, кој тешко ќе се повтори наскоро“ изјави Жежов.