Истражувањa

Паралелен профит: Бугарските дилери со лекови

Слабата контрола врз „паралелната трговија” со скапи фармацевтски производи прават бугарскиот здравствен систем да биде жртва на трговците со лекови. Но, вистински губитници во овој случај се пациентите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пишува: Димитар Илиев | Свиленград, Софија, Лисабон

Надја Митева има вештачки колена и колкови. Низ горните пршлени и минува жица која помага да се стабилизираат коските на вратот. Кога зборува, таа притиска на едно црвено копче на цевката во нејзиното грло, вметната за време на неодамнешната операција на гласните жици.

„Тоа е колатерална штета од ревматската болест”, вели таа.

На Митева, која раководи со комуналниот центар во селото Сладун, во близина на градот Свиленград во јужна Бугарија, единственото нешто што ѝ помага во борбата против нејзиниот тежок ревматоиден артритис е неделната инјекција со имуносупресивен лек наречен „РоАктемра“.

Без него, таа е во агонија.

„Болката ве раскинува однатре”, вели 44-годишната Митева. „Понекогаш сакате да ја откинете кожата”.

Трипати оваа година, заради проблемот со снабдување на лекови таа не можела да ја добие „РоАктемра“ во најблиската аптека која го набавува лекот, што се наоѓа на 80 километри во градот Хасково, до каде што патува со автобус.

Обично потребни се 24 часа за аптеката да го набави лекот. Но, цели 43 дена оваа пролет, 36 дена кон крајот на летото и осум дена доцна во есента, набавката не се реализирала. Сè што можела да направи е да чека покрај телефонот и да биде трпелива.

Митева не била единствената која не ги добивала лековите. Според Здружението за ревматски болести, недостигот од „РоАктемра“ ги погодила аптеките и во другите градови на југот, како Димитровград, Стара Загора, Казанлак и Панаѓуриште.

„Некои луѓе постојано имаат проблем да го најдат лекот”, вели Борјана Ботева, претседателка на здружението кое поддржува 30.000 лица кои страдаат од ревматски заболувања низ Бугарија.

„РоАктемра“ е само еден од десетиците лекови за кои здравствените експерти велат дека исчезнуваат од полиците во аптеките низ Бугарија, бидејќи посредниците ги купуваат за да ги препродаваат во други земји на ЕУ со цел да заработат.

Таквите дистрибутери се како дилери на дрога од ексклузивен вид. Тие се специјализирани за патентирани лекови и ги искористуваат разликите во цените во различни држави. Според правилата на ЕУ за слободно движење на стоки и услуги, сето тоа е совршено легално.

Позната под името „паралелна трговија”, таа функционира на следниот начин.

Овластените дистрибутери увезуваат лекови од мултинационални производители на лекови во земји како што се Бугарија, Грција или Португалија, каде што тие се релативно евтини во согласност со одредниците што ги користат националните власти.

Потоа дел од лековите ги извезуваат, обично околу 10 проценти, во земји како Германија, Велика Британија или Холандија, каде лековите чинат многу повеќе.

Дистрибутерите ги препакуваат лековите со етикети на јазикот на новиот пазар, ги продаваат по повисоки цени и разликата во цената ја ставаат в џеб.

Над 320 дистрибутери се овластени за паралелна трговија од страна на Бугарската агенција за лекови (БДА).

Иако многу земји преземаат мерки за спречување на недостатокот од резерви на лекови на домашниот пазар, поради паралелните трговци кои извезуваат во другите земји од Унијата, контролата во Бугарија е една од најслабите во Европа, велат експертите за здравство.

Дополнителни нарушувања се случуваат под превезот на паралелниот пазар на лекови во Бугарија, бидејќи како резултат на измамите и кражбата исчезнува дел од резервите, открива истрагата на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).

Од бескрупулозните фармацевти до криминалците кои ги демнат онлајн групите за поддршка за купување на лекови, БИРН откри просперитетна незаконска активност преку која исчезнуваат лековите од здравствениот систем.

Во меѓувреме, здравствените власти велат дека е можно некои болници да ги фалсификуваат податоците за да ја зголемат количината на лекови што им е потребна за скапите третмани против рак, со што се создава вишок на ампули со скапоцени лекови кои потоа можат да се препродадат.

Властите велат дека лековите што се крадат преку ваквите измами речиси секогаш се препродаваат во странство.

Надја Митева стои пред болницата во градот Пловдив, во јужна Бугарија. Заради недостатокот од лекови против ревматоиден артритис во текот на годината таа беше во агонија од болки. Фото: Димитар Илиев

„Извозниците ни се потсмеваат“

Оние кои ја поддржуваат паралелната трговија ја гледаат како начин здравствените системи да ги намалат трошоците. Во Германија, аптеките се законски обврзани да набават најмалку пет проценти од своите залихи преку паралелен увоз.

Корист немаат само побогатите земји. Во Бугарија, постојат три дистрибутери овластени од страна на БДА за увоз на околу 40 лекови од земји каде што цените се пониски, вклучувајќи ги Романија, Грција, Унгарија, Италија, Чешка, Летонија и Литванија.

„Тоа го олеснува процесот за регулирање на цените на пазарот во ЕУ за оригинални фармацевтски производи”, вели Даниела Дариткова, претседателка на собраниската комисија за здравство во Бугарија.

Димитар Петров, заменик-директор на Националниот фонд за здравствено осигурување (НЗОК) ја зголеми вредноста на законскиот паралелен пазар на лекови во Бугарија на околу 153 милиони евра во 2016 година.

Германија е главната цел за извозниците преку законски дозволениот паралелен пазар во ЕУ, чија вредност е околу пет милијарди евра годишно, се вели во последната секторска анализа направена од страна на швајцарските консултанти „Биргли“ во 2013 година.

Тоа воопшто не е изненадување ако се земе предвид дека кутија „РоАктемра“ од 162 мг го чини германскиот здравствен систем 1.782 евра, што е речиси 70 проценти повеќе отколку во Бугарија.

Додека паралелниот извоз учествува со 10 отсто од активноста на фармацевтскиот пазар во Бугарија, за одредени лекови постои толкава побарувачка што 50 отсто од залихите се испраќаат во странство, се вели во анализата на Министерството за внатрешни работи, цитирана од портпаролот на министерството.

„РоАктемра“ е еден од тие лекови, изјави портпаролот за БИРН.

Државата треба да ја регулира трговијата на пропорционален начин за да ги заштитиме нашите здравствени потреби

Атанас Кундурџиев, поранешен заменик-министер за здравство

Запрашан за лекот на Надја Митева што никаде го нема, „РоАктемра“, главниот секретар на БДА, Светлин Спиров, вели: „Не можеме да бидеме сигурни дали истите ампули отишле некаде како дел од паралелната трговија. Под еден сериски број, може да има 100.000 шишенца. Така да не може да се открие трагата на една ампула. Ова би можело да се реши ако секоја кутија има своја шифра со податоци“.

Оние кои се залагаат за транспарентност сметаат дека е потребен систем за следење во реално време како клучен фактор за превенција на недостигот и сузбивање на нелегалната трговија во Бугарија. Тие, исто така, сакаат поголеми овластувања за властите да го контролираат извозот.

„Државата треба да ја регулира трговијата на пропорционален начин за да ги заштитиме нашите здравствени потреби”, вели Атанас Кундурџиев, поранешен заменик-министер за здравство.

Со законот воведен во 2014 година на БДА ѝ било овозможено да го блокира секој паралелен извоз што го смета за проблематичен, но уставниот суд одлучил дека законот е во спротивност со принципите на ЕУ за слобода на трговијата.

Еден поранешен висок претставник на министерството за здравство, кој одби да биде идентификуван, вели дека пресудата дошла по лобирањето од страна на дистрибутерите.

Дистрибутерите сѐ уште се законски обврзани да ја известат БДА за нивната намера да извезуваат лекови, еден месец пред да го сторат тоа, но сѐ што може да стори агенцијата е да ги следи тековите. Па дури и тоа е тешко со оглед на големиот обем на известувања што го заглавуваат системот.

„Беспомошни сме”, вели Спиров. „Извозниците само не исмеваат”.

Помеѓу јули 2016 и јули 2017 година, дистрибутерите ја информирале БДА за нивната намера да извезат 78.220 пакувања на „РоАктемра“ од 162 мг.

Според податоците од самиот производител на лекот „Рош“, во истиот временски период од него во Бугарија биле увезени само 6.000 пакувања.

Борјана Маринкова, извршна директорка на Бугарската асоцијација за развој на паралелна трговија со лекови, изјавила дека разликата се должи на фактот што дистрибутерите поднесуваат посебни известувања за намерата за извоз на даден лек во повеќе земји на ЕУ, без разлика дали тие навистина ги извезуваат.

„Овие 78.000 апликации се само техничка сума од бројните намери”, вели таа. „Оваа бројка не може да се гледа како вистински извоз на целата количина”.

Муштерија плаќа за лекот во една аптека во Софија. Фото: Илијана Кирилова

„Незаконската трговија е насекаде“

Новото законодавство пред парламентот ќе и даде на БДА поголеми овластувања. Освен тоа што ќе и дозволи на агенцијата да забрани извоз под одредени околности, измените на законот ќе донесат казни за прекршоци во согласност со стандардите на ЕУ.

Бидејќи НЗОК ги покрива трошоците за лекови што се издаваат на рецепт, на аптеките или поединците не им е дозволено да им продаваат лекови на дистрибутерите.

Нелегалната паралелна трговија со лекови во Бугарија вреди околу 50 милиони евра годишно, вели заменик-директорот на НЗОК, Петров.

Казните за непочитување на законот се 1.500 евра за прв прекршок и 2.500 евра за секој следен. Тоа е неспоредливо со соодветните казни од 30.000 евра и 50.000 евра во Португалија.

Според новиот закон, аптеките може да бидат казнети со парична казна до 25.000 евра за продажба на лекови на дистрибутерите, додека паралелните трговци би можеле да бидат казнети со 50.000 евра за нелегален извоз.

Сепак, Бугарската асоцијација за развој на паралелната трговија на лекови вели дека новото законодавство е непотребно.

„Постојната законска рамка обезбедува доволно механизми и алатки за контрола”, вели извршната директорка Маринкова.

Таа го повика министерството за здравство, даночните власти и БДА да го засилат спроведувањето на постоечките закони преку редовни ревизии на веледрогериите и аптеките.

Запрашана за проблемот со недостиг од лекови предизвикан од паралелната трговија, Маринкова вели: „Законот јасно наведува дека сите веледрогерии се должни прво да го покријат локалниот пазар и само по покривање на националните потреби можат да го извезуваат вишокот лекови”.

Мито и стимул

Извори од бугарското Министерство за здравство, Националниот фонд за здравствено осигурување и болниците, независно ја опишуваат измамата во која продавачите се согласуваат да соработуваат со дистрибутерите и докторите за зголемување на продажбата на лекови користејќи го профитот од паралелната трговија.
Според извори, кои одбиле да бидат идентификувани, тоа функционира вака.
Некои бескрупулозни локални посредници на меѓународните производители на лекови сакаат да ја зголемат пенетрацијата на пазарот, така што се здружуваат со дистрибутерите за да ги поткупат лекарите да ги препишуваат нивните лекови наместо производите на нивните конкуренти.
Дистрибутерите задоволно го плаќаат ова мито, бидејќи тие го гледаат како шанса да склучат повеќе бизнис зделки со производителите на лекови и да стигнат на нивните листи на посакувани дистрибутери.
За да имаат пари за поткуп, дистрибутерите претерано ја зголемуваат домашна продажба на лекови во нивните изјави за независните консултанти кои ги прават анализите на пазарот. Во меѓувреме, тие пренасочуваат дел од профитот од паралелната трговија во тајно купче пари.
Локалните посредници ја завршуваат измамата со пријавување на фалсификуваната домашна продажба назад во нивните седишта, така што производителите на лекови ништо не дознаваат.
„На пример, од 100 пакувања увезени во Бугарија, 50 може повторно да бидат извезени”, вели еден извор. „Од тие 50 (продадени во странство), 30 отсто од добивката се враќа кај одредени лекари [како мито]”.
Како резултат на тоа, во реалноста повторно се извезуваат многу повеќе лекови, отколку на хартија, што понекогаш доведува до недостаток.
„Да, сум слушнал за таквите шеми”, вели Дечо Дечев, раководител на болницата „Св. Иван Рилски” во Софија, што не е вмешана во било какви незаконски дејствија.

 

БИРН пронајде многу докази за нелегална продажба од аптеките на дистрибутерите.

Податоците од фактурата на Агенцијата за јавни приходи, добиена од страна на БИРН, покажаа дека шест дистрибутери купиле лекови во вредност од 2,2 милиони евра од аптеките помеѓу април и август 2015 година.

Иако продажбата била спротивна на законот, аптеките сепак го пријавиле приходот од овие трансакции на даночните власти, што укажува на тоа дека тие можеби повеќе се плашат од Агенцијата за јавни приходи отколку од БДА.

Според податоците од фактурата, фирмата наречена „Фалконс 2000“, која е регистрирана во малиот град Сливница во западна Бугарија и поседува неколку мали аптеки, продала лекови во вредност од 368.000 евра на дистрибутер наречен „Чирита“.

Од „Фалконс 2000“ одбија да коментираат.

Запрашан за незаконските набавки, сопственикот на „Чирита“, Амир Мохамед ал Хусаини, ги потврдил трансакциите и ги оправдал како разумен бизнис.

„Аптеките можат да ги купат овие лекови директно од производителот на промоција, со попуст до 30 отсто”, изјави за БИРН сопственикот на „Чирита“, Амир Мохамед. „Со договорот склучен на ниво продавница-продавница [производител-дистрибутер] не може да се добие таква ниска цена”.

Според Иван Гешев, раководител на специјалното обвинителство во Софија, во почетокот на декември полицијата го уапсила Ал Хусаини и шест други лица откако направиле проверки на 60 адреси во Софија, Сливница, Пловдив и Шумен, како дел од истрагата за наводното незаконско стекнување со лекови за паралелна трговија.

На 11 декември, Специјалното обвинителство го обвинило Ал Хусаини и петмина од уапсените дека биле дел од организирана криминална група. Седмото лице било обвинето за перење пари.

Во меѓувреме, податоците од Агенцијата за јавни приходи покажале дека компанијата под името „ХГ-Христо Јелев“, која поседува аптека во планинскиот град Котел во централна Бугарија, продала лекови во вредност од 114.000 евра на дистрибутерот „МН 2011“, регистриран во Асеновград, во периодот април – август 2015 година.

Сопственикот на аптеката, Христо Јелев, призна дека продажбата била спротивна на законот, но вели дека фактот што ги платил даноците за неа го ублажува незаконското дело.

„Јас немам обртен капитал и овие плаќања се авансно финансирање на идните залихи”, изјави тој за БИРН.

Дистрибутерот „МН 2011“ одби да коментира.

Националниот фонд за здравствено осигурување не може да се справи со фармацевтската мафија

Илко Семерџиев, поранешен министер за здравство

БДА има мала моќ да ги спречи незаконските трансакции.

„Во 2016 година, агенцијата спроведе околу 40 проверки во аптеките, но сите биле однапред планирани, ниту една не дошла како реакција на дојава”, вели поранешниот заменик-министер за здравство Кундурџиев.

Целта на таквите проверки била да се види дали аптеките имаат точна документација за лековите што ги набавуваат, вели тој.

Но, инсајдерите од индустријата велат дека голем дел од продажбата на лекови на дистрибутерите се врши целосно незаконски, без да има документирани докази за тоа.

„Нема потреба дури ниту да се гледа во фактурите”, вели директорот за маркетинг на еден од најголемите дистрибутери во Бугарија, кој одби да биде идентификуван. „Нелегалната трговија е насекаде околу нас”.

Тој вели дека организираните криминалци биле дел од рекетот, купувале лекови без рецепти од аптеките и потоа ги продавале директно на дистрибутерите.

На пример, „елегантно облечени батки” редовно посетувале одредени синџири на аптеки во Софија и Пловдив, град во јужна Бугарија, носејќи рачно напишани листи со лекови, кои тие ги купувале со премии од 15 отсто, вели тој.

Нелегалното тргување со лекови исто така се одвива преку интернет. Рекламните сајтови, здравствените форуми и социјалните медиуми се преполни со огласи со кои ги поттикнуваат пациентите кои имаат рецепти за многу бараните лекови да ги продадат.

Кирил Јорданов, автор на една таква објава, напишал дека ќе плати 990 евра за лек наречен „Хумира“ и други третмани за ревматоиден артритис. „Хумира“ обично чини 820 евра во Бугарија и 1.878 евра во Германија.

Во април, од БИРН го контактирале преку телефон и се преправале дека се заинтересирани за продажба на кутија од биофармацевтскиот производ наречен „Енбрел“.

Јорданов звучел деловно. Тој зборувал за сериски броеви и рокови на употреба. Тој нагласил дека е важно пакувањето да изгледа како ново, без никакви недостатоци.

Од БИРН повторно му се јавиле во средината на јули, овој пат без да се прикриваат, за да го прашаат зошто купува лекови.

„Ги купувам лековите за себе, бидејќи не ги исполнувам критериумите на комисијата”, рекол Јорданов, мислејќи на панелот од медицински експерти кои одобруваат скапи третмани за пациенти како Надја Митева.

БИРН откри дека сопругата на Јорданов, Јорданка Илиева Барзакова-Јорданова, е фармацевт и е запишана во регистарот на Бугарската фармацевтска унија во филијалата во Пловдив.

Според податоците на Националната агенција за јавни приходи, во 2015 и 2016 година таа работела за дистрибутерот „Агилис фарма“ во Пловдив, кој извезувал лекови во вредност од 30,8 милиони евра во земјите на ЕУ помеѓу јануари 2015 година и мај 2017 година.

Во 2017 година, таа почнала да работи за „Мајлан НВ“, глобална фармацевтска компанија која произведува и дистрибуира генерички и патентирани лекови.

БИРН ја контактирал Барзакова-Јорданова и прашала дали нејзиниот сопруг набавувал лекови што ги купувал преку интернет продажба за извоз преку „Агилис фарма“, „Мајлан“ или други дистрибутери. Таа одби да коментира.

„Агилис фарма“ и „Мајлан“ исто така, одбија да коментираат на прашањето дали Барзакова-Јорданова им обезбедила лекови за извоз или препродажба.

Вработените во болницата Св. Ѓорѓи во Пловдив ги мерат скапите лекови против рак. Фото: Димитар Илиев

Прашање на тежина

Третманите за рак се меѓу најскапите лекови. Тие претставуваат 50 отсто од трошоците на НЗОК, односно на нив биле потрошени околу 153 милиони евра минатата година.

Тоа е повеќе од пет пати од средствата што фондот ги одвоил за лекови против рак во 2000 година, вели Јени Адарска, раководителка на Здружението на пациенти со онколошки болести.

Зголемувањето е резултат на растот на стапката на рак во светот – но НЗОК се сомнева дека тоа е исто така поттикнато од кражбите во болниците.

Еден висок извор во фондот вели дека најмалку осум болници се смета дека ги искористувале податоците на пациентите за да нарачаат повеќе лекови отколку што било потребно, веројатно за да ги продадат вишоците на паралелните трговци.

На почетокот од 2017 година, НЗОК започнал со проверки во самите одделенија за онкологија.

„Експертите на фондот влегоа како полициски екипи и почнаа да ја мерат тежината на секој онколошки пациент”, вели Луција Добрева, поранешен шеф на болницата „Уни”, елегантна нова приватна болница во Панаѓуриште.

Болницата „Уни“ не била вмешана во никакви незаконски дела.

Заштитни мерки во Португалија

Со релативно ниски цени на лековите, Португалија е најголем паралелен извозник на патентирани лекови, вклучувајќи ги и лековите против рак. Но, владата има воспоставено цврсти мерки за следење на залихите и спречува да дојде до недостаток.
Електронскиот систем за следење во реално време и помага на Агенцијата за контрола на снабдувањето со лекови при Министерството за здравство, ИНФАРМЕД, да има информации за тоа каде се движат лековите во секоја фаза од нивното патување од производителот до пациентот.
Базата на податоци наречена Информативен систем за проценка на здравствената технологија (СИАТС) обезбедува моментално известување за сите недостатоци, овозможувајќи им на властите да го запрат извозот во други земји на ЕУ ако се загрозени локалните потреби.
Во меѓувреме, системот за споделување информации наречен „Зелен пат“ им овозможува на корисниците по електронски пат да следат како патуваат лековите од рецепт до налог од аптеката, до дистрибутерот и до производителот. Ова целосно оневозможува лековите да бидат пренасочени за нелегална паралелна трговија.
Според Умберто Мартинс, еден од директорите на Националната асоцијација на аптеки во Португалија, електронските системи за следење довеле до намалување на недостигот на лекови за 15 отсто во 2016 година.
Болничките одделенија за онкологија, исто така, имаат строги процедури за да осигураат дека е земен предвид секој милиграм од скапоцените лекови против рак.
На португалскиот Институт за онкологија, фармацевтскиот оддел располага со лекови против рак во вредност од околу три милиони евра, вели шефот на одделот Антонио Гувеја.
Во аптеката со најнова технологија, фармацевтите со ракавици, маски и заштитна облека ги мерат дозите за третман на болните од рак во ампули, внимателно да не потрошат ниту едно зрно од прашокот додека го раствораат во течност.
Камерите го надгледуваат просторот во и надвор од магацинот, каде во два огромни фрижидери се одржуваат лековите за хемотерапија под строга контрола на температура од 2 до 8 целзиусови степени.
Болниците во Португалија купуваат лекови преку транспарентен тендерски процес.
„Јас купувам и дистрибуирам за пациентите лекови против рак вредни 36 милиони евра годишно”, вели Гувеја.
Во Бугарија, тендерите ги спроведуваат дистрибутерите и не постои ограничување за тоа колку пари може да бидат распределени од страна на Националниот фонд за здравствено осигурување (НЗОК) кој им надоместува на дистрибутерите 100 проценти од цената за лековите против рак.
Здравствените експерти велат дека ова ги прави лековите за рак особено привлечни за паралелна трговија.

Аптекар подготвува ампули со лекови за хемотерапија во португалскиот Институт за онкологија во Лисабон. Фото: Димитар Илиев

За да се разбере зашто експертите постапиле така, важно е да се знае дека лекарите одлучуваат колку хемотерапија треба да му се препише на пациентот врз основа на неговата телесна тежина. Колку е потежок пациентот, толку повеќе лекови се потребни.

Резултатите од проверките на фондот на лице место им ги отвориле очите.

„Постојат болници каде што просечната тежина на пациентите е меѓу 108-110 килограми”, вели Петров.

Овие податоци ги споредивме со просечната тежина на мажите и жените во Бугарија, што според Националниот институт за статистика во 2016 година изнесувала 72,5 килограми.

Претпоставката била дека лекарите сигурно ја фалсификувале тежината на пациентите за да ги оправдаат прекумерните нарачки, вели Петров. Откако ќе се измерат точните дози, вишокот може незабележително да се стави на страна.

Само едно лице е осудено за кражба на лекови против рак од болница.

Петја Кочева, главен фармацевт во болницата „Марко Марков“ во градот Варна на Црното Море, минатата година била прогласена за виновна за крадење на 39 ампули „Херцептин“, лек што се користи за лекување на рак на дојка, случај што тогашниот министер за здравство, Петар Москов, го опишал како „морално на многу пониско ниво од трговијата со дрога”.

Судот во Варна ја осудил на четири и пол години затвор, но регионалниот суд подоцна ја укинал казната.

Судот во Варна пресудил дека таа едноставно ги зела ампулите во вредност од 22.000 евра од болничката аптека. Обвинителството соопштило дека Кочева знаела оти одделот за онкологија имал неевидентирани ампули од лекот во нивниот фрижидер, па сметала дека злосторството ќе остане незабележано.

Обвинителството го повикало патологот, Добринка Радоинова, за експертско мислење околу прашањето за наводните дополнителни ампули.

Патологот ја анализирал медицинската историја на 75 пациенти со рак на дојка во болницата, споредувајќи колку „Херцептин“ бил навистина даден со сумата платена од НЗОК.

Таа заклучила дека имало голема разлика меѓу двете – доволно да останат вишок околу 76 ампули „Херцептин“, што има вредност од околу 42.700 евра.

Контактиран од страна на БИРН, Васил Попов, директор на одделот за онкологија во болницата „Марк Марков“, негирал дека неговиот оддел сторил нешто лошо.

Статистичките нерегуларности ги алармирале здравствените работници во Бугарија кои се обидуваат да го заштитат јавниот буџет од измама.

Илко Семерџиев, кој кратко време бил министер за здравство во периодот од јануари до март оваа година, тоа остро го претставил во една објава на Фејсбук во јули.

„НЗОК не може да се справи со фармацевтската мафија”, напишал тој.

„Преголемите трошоци за надоместок на лековите е само еден дел од проблемот. Другиот е повторниот извоз во странство. Така имаме двојни и тројни профити – од лекови за кои плаќа државата и профитабилната препродажба во ЕУ”.

Морално на многу пониско ниво од трговијата со дрога

Петар Москов, поранешен министер за здравство

Заменик-министерката за здравство, Лидија Нејчева, на состанокот на надзорниот одбор на НЗОК кон крајот на октомври рекла дека паралелната трговија скапо ја чинела државата, бидејќи фондот мака мачел да го надомести недостатокот од лекови.

„Една од причините за преголемото плаќање за лековите е нивниот повторен извоз”, рекла Нејчева, според записникот од состанокот објавен од страна на НЗОК. „Тоа е причината, и сите ја знаеме. Ако „здравата” паралелна трговија во регионот е до 10 отсто, во Бугарија таа е 50 отсто”.

Во октомври, тројца маскирани крадци провалиле во магацин на германскиот фармацевтски дистрибутер „Феникс“ во Софија. И покрај големиот избор на лекови кои можеле да ги украдат како морфиум, тие украле само онколошки лекови, објавиле локалните медиуми.

Извршниот директор на „Феникс“, Јулијан Неделчев, одбил да коментира за кражбата, но од БДА изјавиле за БИРН дека украдените лекови вределе 600.000 евра.

„Постојат две можности”, вели главниот секретар на БДА, Спиров. „Едната е дека лековите завршиле во паралелна трговија, но е малку веројатно дека некоја болница во ЕУ би ги купила. Другата е дека завршиле во бугарските болници и биле разменети за лекови со постари сериски броеви, кои потоа би можеле повторно да се извезат”.

Во февруари раководителката на БДА, Асена Стојменова, ги опишала подмолните ефекти на паралелната трговија пред собраниската комисија за здравство.

„Бугарија не е првата земја што се соочува со проблемот од недостаток на лекови, но е последната што ќе го реши”, изјавила таа.

Димитар Илиев е наградуван новинар кој работи во Софија, познат по неговите истражувачки стории за организираниот криминал. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската истражувачкa репортерска новинарство.