Анализи

10 години дуел ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ

Графички приказ на битката во шесте изборни единици

Изборна единица 1

ie1info

Првата изборна единица ја сочинуваат гласачите што живеат во урбаниот дел од Скопје, како Центар, Карпош и Кисела Вода и уште неколку општини што се дел или гравитираат околу главниот град, без Бутел, Гази Баба и Ѓорче Петров.

Во последните четири изборни циклуси коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ постојано добива повеќе гласови од коалицијата на СДСМ во овој дел од Македонија, а најголема разлика партијата на Груевски ја направи на изборите во 2008, кога повеќе од двојно ја победи опозицијата, тогаш на чело со Радмила Шекеринска со резултат од речиси 86.000 наспроти околу 42.000 гласа.

Разликата меѓу партиите на последните парламентарни избори во 2014 беше околу 15.000 гласа, меѓутоа според последната анкета на Телма и на невладината МЦМС, направена од агенцијата „М проспект“ оваа разлика е стопена и во моментов во Скопје и во околината води коалицијата на СДСМ со предност од 2,3 процентни поени, односно скорот е 24,2 наспроти 21,9 во корист на партијата на Заев.

Излезноста во оваа изборна единица постојано покажува тренд на зголемување, бидејќи од 55,8 проценти во 2006, преку 62,9 во 2008, доаѓа до рекордни 67,4 во 2011 и 65, 2 во 2014.

На изборите в недела во оваа изборна единица право на глас имаат нешто повеќе од 297.000 граѓани.

Изборна единица 2

ie2info

Скопските општини Бутел, Ѓорче Петров и Гази Баба, како Куманово и општините околу овој град во северна Македонија се дел од втората изборна единица. И тука, четири пати по ред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ја добива коалицијата на СДСМ. За оваа изборна единица е карактеристично тоа што ако на изборите во 2011, Груевски и сопартијците победиле со разлика од 13.000 гласа, три години подоцна триумфирале со дури 34.000.

Меѓутоа, последната анкета на Телма и на невладината МЦМС, спроведена од агенцијата „М проспект“, покажува дека во недела нѐ очекува резултат сличен на оној во 2011, односно дека и тука коалицијата од Бихаќка сериозно ја намалила разликата, скорот е 19,3 наспроти 17,9.

Излезноста во оваа изборна единица покажува тренд на зголемување, бидејќи од 51,6 проценти во 2006, преку 53,7 во 2008, доаѓа до 60 во 2011 и во 2014.

На изборите в недела во оваа изборна единица право на глас имаат нешто повеќе од 306.000 граѓани.

Изборна единица 3

ie3info

Жителите во североисточниот регион на Македонија, од Велес, преку Штип и Кочани до Берово гласаат во третата изборна единица. Оваа изборна единица е практично бастион на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на последните три избори, во 2014, 2011 и во 2008, оваа партија успеала да освои преку 100.000 гласа и тоа на два наврати победувајќи со разлика од околу 50.000 гласа.

И според анкетата објавена вчера на Телма, ВМРО-ДПМНЕ води со голема разлика од 9.5 процентни поени, која во процентни поени е сѐ уште поголема од разликата во 2011 кога коалицијата на СДСМ, колку-толку успеа да му се приближи на Груевски.

Излезноста во оваа изборна единица покажува тренд на зголемување, бидејќи од 61,8 проценти во 2006, преку 63,2 во 2008, доаѓа до рекордни 71,8 во 2011 и 70,80 во 2014.

На изборите в недела во оваа изборна единица право на глас имаат нешто повеќе од 277.000 граѓани.

Изборна единица 4

ie4info

Јужниот регион од Прилеп, преку Кавадарци и Гевгелија, па сѐ до Струмица спаѓа во четвртата изборна единица. И тука коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на последните три изборни циклуси ја надминува бројката од 100.000 гласови, со таа разлика што коалицијата на СДСМ, сепак, не заостанува толку многу како во третата изборна единица.

Клучно за овие избори е што оваа изборна единица е на некој начин арената каде ќе се сретнат лидерите на најголемите партии, Никола Груевски и Зоран Заев, а нив ќе ги предизвика и поранешниот премиер Љупчо Георгиевски.

Анкетата што ја направи агенцијата „М-проспект“ покажува дека и тука се згуснува битката, бидејќи СДСМ иако сѐ уште е втора, според процентите, во моментов покажува подобар резултат од 2011 кога најмногу ѝ се доближи на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски му води на Заев со 28,3 наспроти 26 проценти.

Излезноста во оваа изборна единица прво паднала од 64,5 проценти во 2006 на 62,9 во 2008, а потоа многу се зголемила на 72,5 во 2011 и на 73 во 2014.

На изборите в недела во оваа изборна единица право на глас имаат околу 280.000 граѓани.

Изборна единица 5

ie5info

Изборната единица која гравитира околу Охрид и Битола е петтата по ред. За оваа изборна единица е карактеристично тоа што опозицијата во 2011 речиси и да се приближила до скорот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, освојувајќи само еден пратеник помалку со разлика околу 5.000 гласови.

Меѓутоа, во 2014 оваа разлика е дури 33.000 гласа.

Анкетата објавена на Телма покажува дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ нешто паднал, меѓутоа, сепак, останува разлика од осум процентни поени.

Излезноста во оваа изборна единица покажува тренд на зголемување, бидејќи од 55 проценти во 2006 и во 2006, расте на 61 во 2011 и во 2014.

На изборите в недела во оваа изборна единица право на глас имаат околу 272.000 граѓани.

Изборна единица 6

ie6info

Дуелот меѓу коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на СДСМ е најмал во шестата изборна единица, бидејќи таму доминираат партиите од албанскиот блок. Станува збор за регионот околу Тетово, Гостивар, Дебар и дел од Кичево.

Интересно е дека во целиов овој десет годишен период СДСМ победила само во шестката во 2006 и тоа со резултат од 13.000 наспроти 11.300 гласови, за две години подоцна ВМРО-ДПМНЕ да ги удвои гласовите, а СДСМ да изгуби малку од подршката.

На минатите избори во 2014 оваа разлика е уште поголема и за прв пат во оваа изборна декада партијата на Груевски зела четири пратеника од оваа изборна единица.

И според анкетата објавена на Телма, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се аутсајдери во оваа изборна единица и тука партијата на Груевски води со 3,3 процентни поени во однос на Заев и сопартијците. Анкетата покажува во оваа изборна единица има најголем процент на граѓани кои се изјасниле дека не знаат за кого ќе гласаат (20,3 %) или, пак, не сакаат да кажат (16,9).

Излезноста во оваа изборна единица е релативно стабилна бидејќи во 2006 била на ниво од 47 процнети, а наредните три изборни циклуси се движела околу 49.

На изборите в недела во оваа изборна единица право на глас имаат околу 277.000 граѓани.

Вкупни резултати

izbori-decade1

Во вкупната бројка на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, во 2011 и во 2014 влегуваат и по тројца народни избраници од дијаспората, бидејќи во претходните изборни циклуси иселениците немаа право на глас.

Генералните податоци од анкетата, на ниво на цела Македонија покажуваат разлика од 3,9 процентни поени во корист на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, резултати кои според нарачувачот на истражувањето, телевизија Телма укажуваат дека в недела ќе имаме неизвесни избори. ВМРО-ДПМНЕ води со 23,3 проценти, наспроти 19,4.