Анализи

Преродбата се сопна на најкрупните чекори

programa2006-2010b

Високи стапки на економски раст од 6% до 8%, двојно поголем доход по жител за 10 години, изградба на автопати, железници, електроцентрали, влез во ЕУ и НАТО… Ова беа клучните цели што си ги постави владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ уште во 2006 година кога ја презеде власта, но анализата на политичките програми на оваа партија во последните десет години, за четири парламентарни изборни циклуси, покажува големи разлики меѓу предизборните ветувања и постизборната реалност.

Има партијата да наброи повеќе проекти што им ги вети на граѓаните и ги оствари, меѓутоа, клучните реформи со коишто земјата требаше да направи поголем исчекор напред, пропаднаа.

„Оваа програма има една единствена цел – преродба на Македонија“, напиша лидерот на партијата, Никола Груевски, во воведот на предизборната програма на 116 страници „Преродба во 100 чекори“ за парламентарните избори во 2006 година.

„Наши врвни приоритети се брз економски напредок и развој, унапредување на земјоделството, образованието, здравството, консолидација на државните институции, уредување на односите во политичката сфера со засилено начело на јавна одговорност, одвојување на политичката компонента од јавната администрација“, пишува на првите страници од програмата.

„Кец во ракавот“ на ВМРО – ДПМНЕ во оваа, а и во следните три програми за парламентарните избори, како основа за преродба на земјата беа економските реформи.

„Ќе оствариме стапка на раст на БДП од 6% до 8% годишно, базиран врз примена на современи технологии во економијата, зголемена продуктивност и конкурентност, инвестиции во образованието и информатичката технологија. Погледнете ги примерите на Естонија, Летонија, Литванија, Ирска, Кина, па и Романија и Бугарија во последниве неколку години. Ние ви нудиме програма за економски пресврт. Сакаме двојно повисок доход по жител за 10-12 години. Ние не сакаме да чекаме 70 години. Секој од нас има еден живот и сакаме да го живееме сега, достојно и богато“, пишува во Преродбата во 100 чекори од 2006 година.

Владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ има бројни проекти со кои може да се пофали дека ги оствари за десет години владеење, но анализата на БИРН на изборните програми покажува дека најголемите чекори што требаше да направат преродба, партијата не ги направи

Но, наспроти ветените стапки на економски раст од 6% до 8% и дуплирање на доходот по жител, порастот на бруто домашниот производ (БДП) единствено во 2007 година достигна 6,5%. Просечниот раст во овие десет години е само 3,1%, а вината за потфрлувањето властите ѝ ја припишаа на глобалната економска криза, а во последно време и на внатрешно политичката криза. БДП по жител од 3.360 долари во 2006 година, се зголеми на 4.870 долари лани, што е раст од речиси 45%, но далеку од ветеното дуплирање.

Подоцна во предизборните програми во 2008, 2011 и 2014 година партијата ги ревидираше своите очекувања, но сепак како императив остана амбициозната проценка за економски раст меѓу 6% и 7%, што не е постигната.

Сепак, економистите коментираат дека и доколку се исклучи ефектот од глобалната економска криза, Македонија можеше да оствари повисок економски раст со продуктивни јавни инвестиции во изградба на автопати, железници, електроцентрали, гасовод.

Со други зборови, тоа значеше дека во услови на криза стратегијата на раст не може да се базира на извоз туку мораше да се бараат други извори на раст, коментира универзитетскиот професор Марјан Петрески.

„Владата премина на стратегија на поддршка на градежништвото како контратежа на кризата, меѓутоа во веројатно погрешни градежни проекти“, истакна Петрески.

Сепак, власта на ВМРО ДПМНЕ не успеа да ги преструктуира јавните расходи од државната каса со зголемени капитални инвестиции до 5% од БДП како што вети. За оваа намена најмногу пари се потрошија во 2008 година, и тоа 326,2 милиони евра или 4,8% од БДП.

Во следните години капиталните инвестиции не надминаа 3,3% од БДП, а крупните инфраструкурни проекти за коишто треба повеќе години да се реализираат и ќе направеа разлика на подолг рок, останаа нереализирани.

Наместо во патната, железничката и енергетската инфраструктура што ја ветија, властите од 2010 година до лани се фокусираа на помалку продуктивни проекти. На пример, 667 милиони евра инвестираа во проектот Скопје 2014 што е 40% од парите за капитални објекти од 2010 година до денес.

Меѓу грандиозните проекти во инфраструктурата што ги вети ВМРО – ДПМНЕ, а не ги оствари, се изградба на автопатот од Коридорот 8 којшто ја поврзува земјата со Албанија и Бугарија, модернизација и надградба на железничката инфраструктура на Коридорот 8 од која почна изградбата само на делницата Куманово – Бељаковце.

Оваа партија вети и завршување на изградбата на ХС Злетовица со систем за наводнување и 6 хидроцентрали; модернизација и трансформација на ТЕЦ Неготино во електрана што ќе произведува струја од природен гас; изградба на уште една комбинирана термоелектрана – топлана Енергетика во кругот на поранешна Железара која ќе користи природен гас како погонско гориво со инвестиција процената на 120 милиони евра.

Освен тоа, владејачката ВМРО – ДПМНЕ уште во 2006 година се обврза со издавање под концесии да го зголеми производството на струја преку неколку поголеми и позначајни хидроенергетски објекти, како на пример ХЕ Чебрен, ХЕ Галиште и ХЕ Бошков Mост.

ХЕ Чебрен и ХЕ Бошков Mост како планирани проекти се сретнуваат во сите досегашни предизборни програми со тоа што во последната од 2014 година, рокот тие да се изградат е пролонгиран најдоцна до 2018, односно до 2022 година, а вкупната инвестиција е проценета на над 500 милиони евра. ХЕ Галиште пак, во последната програма воопшто не е спомната, но е најавена изградбата на Акумулацијата Луково Поле со инвестиција од 84 милиони евра и рок за завршување на изградбата до 2019 година.

demir-kapija-smokvica-aktor

Од автопатите, во првите години од владеењето, се изгради само делницата од Коридорот 10, во должина од 8 километри, Куманово – Табановце, а сѐ уште трае изградбата на последниот неизграден дел од овој Коридор, потегот од Демир Капија до Смоквица / Фото: МИА

Во областа на енергетиката, еден од најголемите реализирани проекти во овој период е изградбата на ХЕ Св. Петка со инвестиција од 68 милиони евра.

Иако ветена уште во 2006 година, изградбата на гасоводната мрежа почна минатата година и до оваа година се изградија 61 километар магистрален гасовод од Клечовце до Штип.

Од автопатите, во првите години од владеењето, се изгради само делницата од Коридорот 10, во должина од 8 километри, Куманово – Табановце, а сѐ уште трае изградбата на последниот неизграден дел од овој Коридор, потегот од Демир Капија до Смоквица.

Од 2014 година власта почна да ги гради и двата автопати од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид во должина од 104 километри, а за кои се задолжи кај кинеската Ексим банка за 580 милиони евра.

Останатите инвестиции во патната инфраструктура беа во локални и регионални патишта.

Освен нови километри автопат, партијата што ја доби довербата од граѓаните да ја води државата во 2006 година вети дека ќе воведе и електронска патарина, но до денес овој проект остана само во предизборната програма.

Економистите коментираат дека во 2006 година кога власта се обврза да ги реализира грандиозните проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура имаше и поголем фискален простор да се задолжува.

Притоа, партијата ВМРО – ДПМНЕ се обврза дека буџетскиот дефицит нема да надмине 1,5% од БДП, а со повисоки стапки на економски раст и јавниот долг ќе се одржува најмногу до 35% од БДП. Подоцна овие бројки во предизборните програми се ревидираа, но во реалноста, буџетскиот дефицит урна рекорди искачувајќи се до 4,2% од БДП во 2014 година, а јавниот долг според последните податоци, заклучно со третиот квартал годинава достигна 50,6% од БДП.

Даночни реформи

vmro-programa1

Една од главните заложби на партијата ВМРО – ДПМНЕ во 2006 година беше намалување на даноците во насока на зголемување на конкурентноста на економијата. Тие воведоа рамен данок, односно еднаква стапка на персонален данок на доход и данок на добивка од 10% и нулта стапка на данок за реинвестирана добивка.

Владата на ВМРО – ДПМНЕ почна да ги намалува и социјалните придонеси како што вети во предизборната програма, меѓутоа, во екот на економската криза, властите одлучија да ја замрзнат оваа определба.

Еден од главните адути на ВМРО – ДПМНЕ беше привлекувањето странски инвеститори што ќе отворат фабрики во Македонија и нови работни места.

Притоа, оваа партија се обврза да направи специјални технолошко индустриски развојни зони каде што ќе важат специјални услови за инвеститорите што ќе одлучат да градат фабрики таму. И тоа ветување властите го остварија. До денес во земјава има 14 технолошко индустриски развојни зони, сите во различна фаза на развој, а инвеститорите добиваат државна помош за изградба на капацитетите и посебни даночни и царински олеснувања.

Освен тоа, се формираше специјална Агенција за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот, 6 министри во Владата се задолжени да ги привлечат инвеститорите од цел свет да отворат фабрики во Македонија помогнати од над 30 промотори распоредени во различни земји.

Во својата програма од 2008 година ВМРО – ДПМНЕ дури вети дека за период од пет години, ќе привлече над 2 милијарди евра странски инвестиции, од 300 милиони евра во 2008 година до 750 милиони евра во 2012 година.

Меѓутоа, статистиката потоа покажа дека не оди сѐ според планот, па така во тој период од ветените 2 милијарди евра, салдото на странски инвестиции достигна 860 милиони евра. И ова потфрлување во бројките ВМРО – ДПМНЕ го припиша на светската економска криза.

Истата проценка потоа се најде и во следната предизборна програма, Манифест за реформи и развој од 2011 година, каде што партијата наведува дека до 2015 година ќе привлече над 2 милијарди евра странски инвестиции. Но и оваа проценка не се оствари. Од 2011 до 2015 година, салдото на странски инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра.

Една од најпопуларните политики на ВМРО – ДПМНЕ која што е наведена како план уште во предизборната програма во 2006 година се земјоделските субвенции. Иако на почетокот беа ветени 20 милиони евра државни субвенции за четири години, подоцна во предизборните програми за оваа намена се ветуваа и до 150 милиони евра годишно. Иако според податоците од завршните сметки на буџетот, во ниту една година не се реализираа целосно најавените суми за субвенции, сепак досега над 500 милиони евра народни пари завршија како помош за земјоделците.

Меѓутоа, и покрај рекордните субвенции, потрошените над половина милијарда евра не ги дадоа очекуваните резултати во производството и извозот на земјоделски производи. Пласманот на земјоделските производи остана проблематичен откако не се изградија и ветените откупно дистрибутивни центри во повеќе градови во земјава, а потребите за храна, Македонија уште повеќе ги задоволува со увоз.

Меѓу проектите што како свои асови ги истакнува оваа партија е и Регулаторната гилотина и низа законски олеснувања за бизнисот што придонесоа Светска банка годинава да ја рангира земјата на десетто место во Извештајот Doing business, зголемувањето на платите во јавниот сектор и пензиите, повлекување на неколку транши кредитни линии од Европската инвестициска банка (ЕИБ) со субвенционирана камата од 5,5% и политиката за поттикнување на вработеноста со кредити за самовработување.

Демагогии за глас повеќе

marjan-petreski

Петрески: Програмите секогаш ветуваат многу повеќе од она што реално може да се направи и она што реално економијата може да го издржи

Недостатокот на критика од јавноста и гласачите е всушност главната причина поради која партиите на власт ги добиваат изборите постојано со лажни ветувања вршејќи популистички кампањи без вистинска желба за решавање на проблемите.

Одговорноста е делумно во политичарите, како од власта така и од опозицијата, кај граѓаните кои што како гласачи тоа не го санкционираат и во медиумите, коишто недоволно укажуваат на дадените ветувања пред изборите и не вршат притисок тие да се остварат.

„Генерално програмите секогаш ветуваат многу повеќе од она што реално може да се направи и она што реално економијата може да го издржи. И, потоа има два исклучиви ефекта од тоа: реализацијата на сите ветувања значи дека премногу трошиме и дека поради тоа јавниот долг расте; или нереализацијата на тие ветувања значи брзо разочарување на гласачкото тело и проблеми за таа политичка партија во владеењето до следните избори“, го сумира ставот на експертската јавност професор Петрески.

Тој смета  дека „сега е време за поразумни ветувања, особено ветувања кои земаат предвид дека фискалниот простор во голема мера е веќе потрошен“.

Се чини дека предизборните ветувања ќе се повторуваат сѐ додека не се формира зрела политичка јавност која критички и рационално ќе согледа што ѝ се нуди и колку е тоа остварливо, кога ќе одлучува која партија ќе ја заокружи на изборниот лист.