Анализи

СДСМ се надева на 50 илјади албански гласови

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
protest-albanci-upsc1024b

Евентуалното гласање на Албанците за СДСМ е повеќе еднократна казна за политиките на албанските партии во власта во изминативе декади, сметаат аналитичарите / Фото: БИРН

За прв пат од независноста на Македонија доминантното етничко гласање  како резултат на поделеноста на партискиот систем по етнички линии се наоѓа пред сериозен тест.

Како никогаш досега, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како предводник на опозицијата тргна во лов на гласови на Албанците. СДСМ одржува предизборни средби во населените места, кои се со претежно албанско население. Во Арачиново или Студеничани, на пример, досега вакви средби одржувале само партиите на Албанците.

Анкетата на Институтот за истражување на политиките и добро владеење во Скопје покажува дека за СДСМ би гласале 4% од Албанците, што е досега најдобар прогнозиран резултат за СДСМ од аспект на поддршката на албанското гласачко тело.

Заев очекува победа во албанскиот електорат

Обидувајќи се да ги привлече Албанците, на последниот конгрес, СДСМ одлучи да кандидира двајца кандидати, кои се на сигурни позиции. Новинарот Мухамед Зекири во изборната единица 2 и професорката Ѓулумсер Касапи која ќе ги бара гласовите на Албанците во шестата изборна единица

Тенденцијата на опозицијата да има асиметрично гласање од етнички аспект, гласно ја промовира лидерот на македонската опозиција, Зоран Заев. Тој дури е и преамбициозен, надевајќи се и очекувајќи дека на следните избори неговата коалиција „Сојуз со граѓаните“ ќе добие најмногу албански гласови, повеќе и од ДУИ, ДПА, ДР- ДПА, БЕСА или која било друга партија на Албанците.

„Сметам на албанските гласови за СДСМ, за коалицијата предводена од СДСМ, без разлика дали ние ќе имаме коалиција со албанските партии или не. Јас сметам на албанските гласови во овој процес на избори пред кој сме исправени и очекувам СДСМ да добие најмногу албански гласови, повеќе од која било друга политичка партија од албанскиот блок, зашто ги имаме сите причини на светот тоа така да се случи“, рече Заев.

Обидувајќи се да ги привлече Албанците, на последниот конгрес СДСМ одлучи да кандидира двајца кандидати, кои се на сигурни позиции. Новинарот Мухамед Зекири во изборната единица 2 ќе се бори за гласовите на кумановско- липковскиот и дел од скопскиот регион, како трет на листата која ја води Оливер Спасовски, а професорката Ѓулумсер Касапи ќе ги бара гласовите на Албанците во шестата изборна единица, натпреварувајќи се како втор кандидат, по Петре Шилегов.

Адеми: СДСМ има 10 илјади членови Албанци

Едмонд Адеми: Албанците се подготвени за сериозни промени во раководењето со државата

Едмонд Адеми: Албанците се подготвени за сериозни промени во раководењето со државата

Едмонд Адеми во СДСМ е од своите млади години, бидејќи верува во социјалдмократијата, односно во левицата како политички концепт и идеологија.

Тој вели дека од средбите со граѓаните од албанските населени места се чувствува една енергија за промени по 11 декември и дека ќе има неетничко гласање.

Адеми низ бројки ја опишува поддршката, која според него ја има неговата партија од Албанците.

„Бројот на гласовите на Албанците за СДСМ ќе биде над 50 илјади. Поминав стотици километри во албанските населени места. Нивната порака е јасна, тие се подготвени за промени во раководењето на државата. Барањата им се исти како и на сите граѓани: економски развој, работни места, квалитетно образование и здравство, поддршка на земјоделството и сточарството, кои се столбови на нашата платформа. Ако имаме предвид дека имаме 10 илјади граѓани Албанци кои се членови на партијата, јасна е довербата што ја имаме кај албанскиот гласач“, вели Адеми.

ДУИ и другите албански партии не се чувствуваат загрозени

Демократската унија за интеграција не стравува дека СДСМ може да ги добие гласовите на Албанците. „Не стравувам воопшто, но Заев треба да излезе со платформа за Албанците, а не да ги бара гласовите без да им понуду платформа. Што им нуди тој на Албанците, што им гарантира?“ изјави Ахмети.

На иста линија со ДУИ е и Движењето БЕСА. Генералниот секретар на оваа партија, Африм Гаши, смета дека сѐ уште во Македонија не постои атмосфера во која Албанците ќе гласаат за некоја македонска партија и смета дека тоа нема да биде во полза за Албанците.

„Знаејќи ја политичката свест на Албанците во земјата и не заборавајќи го минатото, Албанците имаат стотици причини да не гласаат за македонските партии. Не е време да гласаат за македонските партии, додека имаме нови албански опции. Иако ова е нашето мислење, сепак на крајот од краишптата право на секој е да гласа за кого сака. Тоа е демократијата“, истакнува Гаши.

Движењето за реформи – ДПА предвидува дека и покрај големото разочарување од политичкото претставување на Албанците, сепак бројот на тие кои ќе гласаат за некоја македонска партија ќе биде мал. Агон Ферати, потпретседател на партијата изјави:

„Овие гласови нема да се даваат поради понудата за Албанците туку поради фактот што омразата кон клептоманското владеење, а посебно и поради антиалбанскиот пристап на оваа гарнитура. Ниту СДСМ, ниту ВМРО- ДПМНЕ никогаш не понудиле конкретни предлози за унапредување на правата на Албанците. Без разлика на изјавите на некоја од овие партии, се гледа дека сѐ е во фаза на импровизирање  и политичко шминкање, а во суштина има многу малку реална подготвеност“, вели Ферати.

Експертите контра партиите

Рамадан Рамадани: Еден контингент на гласови може да оди директно за СДСМ, затоа што таа е носител на процесот за ослободување на државата и институциите од двопартиското окупирање ДПМНЕ- ДУИ

Рамадан Рамадани: Еден контингент на гласови може да оди директно за СДСМ, затоа што таа е носител на процесот за ослободување на државата и институциите од двопартиското окупирање ДПМНЕ- ДУИ

Рамадан Рамадан, аналитичар од Институтот „НИСМА“, изјави дека фактот што Македонија се наоѓа во најголемата институционална криза во историјата може да влијае врз дел од Албанците да гласаат за СДСМ.

„Ова вонредна ситуација е причина поради која еден контингент на гласови би можел да отиде директно за СДСМ, само затоа што таа е носител на процесот за ослободување на државата и институциите од двопартиското окупирање ДПМНЕ- ДУИ. Но, СДСМ, освен приближувањето на Албанците во претседателството и кандидатските листи, нема некоја посебна понуда за Албанците. Ова ќе влијае поддршката со гласови да биде еднократна“, коментира Рамадани.

Универзитетскиот професор Али Пајазити смета дека е можно одреден дел од албанските гласови да отиде во СДСМ, но според него дека тоа нема да биде голема бројка.

„Ова може да се случи имајќи го предвид расположението на албанскиот електорат, по дебаклот на двете партии кои ги менувале позициите во власта последните 15 години,  како и големата игра со етничките чувства и маркетиншкиот патриотизам“,размислува Пајазити.

Тој вели оти СДСМ дала знаци дека сака општество и држава, различна од концептот на македонската националистичко-конзервативна партија – ВМРО-ДПМНЕ.

„Дискурсот на Зоран Заев и комуникацијата што ја има со албанскиот дел се надежни за една позитивна, граѓанска, отворена, а не моноетничка, етноцентрична, словенска и православна Македонија. Честото истакнување на синтагмата „граѓаните на Македонија“, изјавите за двојазичност како реалност на ова општество, организирањето на мултикултурниот митинг мината година, учеството на лидерот на СДСМ во натпреварите на „Шкендија“, отворањето штабови во албанските населени места говорат дека оваа опција е подемократска, попопуларна и поопимистичка за Албанците, споредено со груевистичкиот либерализам, кој и главниот град го гледа со очила на политичка миопија“, анализира професорот Пајазити.

Истовремено, тој исклучува дека ВМРО-ДПМНЕ може да се надева на гласови од Албанците заради  анти-албанската политика на таа партија.

Гласовите за СДСМ се казна за албанските партии во власта

Според  дел од политичките партии на Албанците, евентуалното прелевање на гласовите на албанскиот електорат на контото на СДСМ е резултат на  политиката на ДУИ.

„ДУИ толку многу ги изневери Албанците што некои почнаа да мислат дека нема надеж и дека некој македонски субјект ќе ги реши нивните проблеми. На 11 декември Албанците ќе ги казнат вазалните политики на ДУИ“, вели Африм Гаши од БЕСА.

Агон Ферати од ДР-ДПА смета дека не само ДУИ туку и ДПА преку неквалитетното претставување придонела дел од албанскиот електорат да размислува да гласа за македонска партија. „Инсистирам на тоа дека тие само мислат да гласаат, затоа што сум убеден дека во текот на изборната кампања ќе го сменат мислењето“, истакна Ферати.

За аналитичарот  Рамадан Рамадани, на овој процес треба да се гледа како на позитивно влијание на албанскиот електорат врз општествените процеси.

„Мнозинството во државата, односно Македонците, би требало да бидат авангардната и еманципаторската сила, но Албанците и во овој случај можат да бидат најсвесната политичка заедница во Македонија. Ова диспропорционално гласање не е трајно, и не е резултат на програмски или идеолошки причини туку е резултат на долгиот период на политичко претставување под ниво, што Албанците  го чувствуваа во текот на оваа декада под владеење на ДУИ и ДПА“, коментира Рамадани.

И професорот Али Пајазити, причините за одлевање на гласовите на Албанците во СДСМ ги гледа во политиката на ДУИ и ДПА.