Регион

Критики до ООН поради одбивањето да им исплати отштета на Ромите, жртви на труење

Европскиот центар за правата на Ромите и други ромски организации, го осудија одбивањето на ООН, на косовските Роми, кои беа жртви на труење со олово, да им исплати отштета.

Пишува: Дие Морина, Приштина

Фото: ERRC

Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) и други ромски невладини организации, во четврток упатија критики до ООН, бидејќи оваа организација не им понуди медицинска нега и не ги призна жртвите на труење со олово, кое ѝ се припишува на Мисијата на ООН на Косово, УНМИК.

Овие организации побараа од ООН да ги спроведе препораките на нејзиниот Советодавен панел за човекови права.

Препораките опфаќаат целосно извинување, плаќање на надомест за 138 лица, како и обезбедување на итна медицинска помош за лицата кои биле подложени на труење со олово.

За потсетување, минатата година, Советодавниот панел за човекови права, формиран како тело кое ги испитува наводите за повреда на човековите права што ѝ се припишуваат на мисијата на ООН во Косово (УНМИК), соопшти дека ООН треба да го смета УНМИК за одговорен, бидејќи ромски семејства биле изложени на труење во камповите изградени за лица раселени поради војната во Косово, 1998-1999 година.

Имено, камповите за внатрешно раселените лица беа подигнати во близина на топилницата Трепча, за која уште од 1970 година се знае дека е причина за загадување на непосредната околина со олово и други форми на токсични загадувања.

Камповите требаше да обезбедат само привремено сместување до 90 дена, но тие беа оперативни неколку години.

Наместо да им исплати надомест, ООН одлучи да формира фонд за олеснување на иницијативите во заедницата, со цел финансирање на “проекти за асистенција”.

Тие би се имплементирале главно во Северна и Јужна Митровица и во Лепосавиќ, од кои, според ООН, придобивки ќе имаат Ромите, Ашкалиите и Египќаните.

“Го поздравуваме одговор на ООН на притисокот на граѓанското општество и на илјадниците луѓе кои бараат правда, но овој фонд нема да ја надомести сторената неправда, ниту ќе ги олесни непосредните проблеми на луѓето кои страдале во камповите за внатрешно раселени лица во Митровица и Лепосавиќ,” се вели во соопштението на ЕЦПР и на другите организации.

Организациите сметаат дека непризнавањето, што се рефлектира низ отсуство на јавно извинување, е навреда за луѓето кои долго време страдаат поради труењето.

ЕЦПР на 15 мај поднесе петиција со над 10.000 потписи до генералниот секретар на ООН, барајќи целосно извинување и компензација за злоупотребите извршени од УНМИК.

Објавено и на Балканска транзициска правда