Интервјуа

Алаѓозовски: Ќе го раскинеме договорот за споменик на Мајка Тереза

„Скопје 2014 е вирус со чии последици ќе се соочуваме со години“ | Фото: Роберт Атанасовски

Во културата затекна состојби позаплеткани и од неговите суканици – партизирана и девастирана култура, штетни импровизации и финансиски импликации. Долг е списокот на обврски што стојат пред министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, и тоа само за санирање на последиците. Голем дел од нив имаат опашка од многу нули и во естетска, и во финансиска смисла, а се синоним на контраверзниот проект „Скопје 2014“.

„Тој проект во своите мегаломански и архитектонски, но и криминални димензии, треба да се третира како изолиран вирус, напад на вкусот, јавните површини, науката, уметноста, историјата, животната средина… И не се работи за вирус кој лесно ќе го прележиме, туку со неговите последици ќе се соочуваме со години“, вели министерот.

Како пример ги посочува новите објекти кои протекуваат, а се платени десетици милиони евра народни пари, како и бетонските галии кои драматично го зголемуваат ризикот за поплави. Но, тоа не се единствените проблеми кои бараат третман. Клучниот е – што секој споменик или објект од тој проект е посебна приказна во поглед на надлежностите околу набавките, градбата и поставувањето.

Работната групата на Министерството подготвува елаборати во кои ги анализира и правните, архитектонските, просторните и други аспекти за секој од спорните објекти и споменици од ‘Скопје 2014’ посебно. Потоа и ги доставува на разгледување и постапување кај органите надлежни за конкретен објект.

„Така беше и со споменикот на Ќосето, каде се јави двојна надлежност – на Град Скопје и Општина Центар. Откако тие ги прегледаа сопствените документации и се најде правна основа и институционално решение, непрописно поставениот споменик беше отстранет. Ние нема да брзаме газејќи преку законите и процедурите во разрешување на оваа сложена ситуација. Ниту пак нашите одлуки ќе зависат од секојдневните политички случувања. Ја следиме институционалната логика и ќе ги отплеткаме замрсените состојби една по една. Тоа им го должиме на граѓаните, чија иднина беше ограбувана преку тие споменици“, ветува министерот.

Ние нема да брзаме газејќи преку законите и процедурите. Ниту пак нашите одлуки ќе зависат од секојдневните политички случувања. Ја следиме институционалната логика и ќе ги отплеткаме замрсените состојби една по една. Тоа им го должиме на граѓаните, чија иднина беше ограбувана преку тие споменици

И веќе е извесно кој е следен објект што ќе се збогува со јавниот простор.

„Тоа што можам за првпат да го споделам со јавноста, е дека мошне скоро ќе го раскинеме договорот за изградба на објектот со скулптурална композиција што требаше да биде донација од индискиот бизнисмен Субрата Рој. Таа донација воопшто не се реализираше, а целиот товар падна на буџетот и граѓаните. Таа композиција, не само што го нарушува естетскиот изглед на плоштадот ‘Македонија’ и уште повеќе ги стеснува јавниот простор, пристапот и функционалноста, туку е и израз на мегаломанство што нема никаква врска со нашата нобеловка. Ги запревме градежните активности и во преговори сме со изведувачите за затворање на обврските кон нив за претходно извршените зафати, на начин кој нема да предизвика дополнителна штета по буџетот. По формализирање на овие аспекти ќе се донесе и одлука за судбината на овој објект“, најавува Алаѓозовски.

Она што веќе е затворено како прашање, е сервисирањето на долгот кон „Штрабаг“ за зградата на Македонската филхармонија, наследен од претходната власт во пакет со недовршен објект, без технички прием, без централно греење и други проблеми.

„Успеавме да ги решиме сите предизвици и навреме да го отвориме објектот за сезоната, која е и најуспешна за Македонската филхармонија. За неколку месеци, со помалку од 15-тина настани таа оствари приход од околу 3 милиони денари, што е повеќе од приходите кои ги остварила Филхармонијата во двете претходни години, со седумдесетина претстави! За долгот од 15 милиони евра, со компанијата ‘Штрабаг’ договоривме динамика на исплата со која ги спречуваме огромните камати од стотици илјади евра месечно. Како благодарност за коректниот однос од страна на Владата, Македонија од компанијата ќе добие подарок врвно концертно пијано ‘Стенвеј’, што ќе биде од извонредна помош за организирање на ексклузивни светски концерти, а во текот на годинатa ќе обезбеди и гостување на врвен австриски диригент или солист“, најавува министерот.

За реконструкции – 60 милиони денари

„И од најмали врнежи протекуваат покривите во над 20 културни установи“ | Фото: Роберт Атанасовски

Ретко кој министер за култура ги следи и метеоролошките билтени, но македонскиот, очигледно, мора. Секоја капка дожд денес го вклучува алармот во Министерство, кое наследи деградирани објекти, некои и без елементарни услови.

„И од најмали врнежи протекуваат покривите во над 20 културни установи. Владата и Министерството за култура во буџетот за 2018 година подготвија посебна програма и издвоија средства во висина од 60 милиони денари за реконструкции што ќе се одвиваат главно во текот на летото кога дозволуваат временските услови, а и кога поголем дел установи се на летна пауза. Во меѓувреме, ги охрабривме раководителите веднаш да ги спроведат сите помали, но ургентни интервенции, за што имаат законски можности и наша поддршка. За дел од интервенциите кај новите објекти нема да имаме финансиски импликации, бидејќи се во гарантен рок и пропустите ќе ги поправат компаниите кои ги граделе објектите“, објаснува Алаѓозовски.

Надвор од реконструкторските аспекти со кој денес е обремент ресорот, во есенцијата на она што значи културна политика стојат уште поголеми предизвици. Особено ако се има предвид дека, со цел формално-законски да се покрие, претходната власт менувала закони и процедури според дневни потреби.

Алаѓозовски како илустрација го посочува податокот дека Законот за заштита на културното наследство бил менуван дури 16 пати. За разлика од тоа, недопрени останале други прашања: технолошко опремување, дефицит на стручњаци, несоодветни вработувања со големи разлики во рамки на иста институција, па дури и за иста работна позиција, една деценија непотпишан колективен договор…

Со цел формално-законски да се покрие, претходната власт менувала закони и процедури според дневни потреби, па така на пример Законот за заштита на културното наследство бил менуван дури 16 пати

„Сите параметри и податоци до кои дојдовме, укажуваат дека состојбата во културата е очајна во секој поглед. Ќе ни требаат огромни напори за да тргнеме по патот на закрепнувањето и напредокот. Сепак, во ниту еден момент не се обесхрабривме, ниту сакаме да ја искористиме ситуацијата како оправдување“, вели министерот.

Задоволен е што со измена на четири закони се запрени огромните буџетски одливи за национални уметници, музички композиции, национални пензии, а вратени многу значајни активности.

„Го вративме лекторскиот испит по македонски јазик кој не се спроведуваше четири години. Ја помогнавме бесплатната достапност на Правописот на интернет, ја зајакнавме поддршката за Семинарот за македонски јазик со сет од 11 мерки за унапредување на состојбата со македонскиот јазик. Го запираме пропаѓањето на културното наследство. Тоа го покажавме со усвојување на мерките за заштита на Охрид, со што ја спречивме опасноста за губење на статусот на светско наследство под заштита на УНЕСКО. Го спречивме пропаѓањето на црквата ‘Св. Ѓорѓи’ во Курбиново, ја заштитивме галеријата со стари икони во Музејот на Македонија, започнуваме реставрација на Скопскиот акведукт, ги оневозможивме клиентелистичките привилегии, стопиравме одлевање на пари за ‘Скопје 2014’, за бесмислените т.н. музички субвенции кои се доделуваа преку МРТ, и многу други зафати“, набројува министерот.

Реформа и на Министерството

„Сите параметри и податоци до кои дојдовме, укажуваат дека состојбата во културата е очајна во секој поглед“ | Фото: Роберт Атанасовски

Во разговорот за БИРН Алаѓозовски потврдува дека потребата од темелен ремонт во сферата на културата е повеќе од очигледна и најавува процеси за преструктуирање на системот. По долгогодишна негрижа, врвен програмски приоритет е заштитата на културното наследство и музеите. Се подготвува темелна ревизија на состојбите, стратегија за заштита, и нов закон за заштита на културното наследство.

„Годинава ќе спроведеме и ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од проектот „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство. Ќе се подготви листа на споменици од национално значење, Национален акциски план за превенција на криминал со културното наследство, надградба на постојниот информациски систем и соодветно одржување на Националниот регистер на културно наследство. Ќе спроведеме и измени на Законот за музеите, ќе го преиспитаме нивниот статус (национален или локален), општествената и стручна оправданост за постоење на одделни музеи, со предлог за неопходни трансформации и анализа на просторните услови во музеите, со предлог – мерки“, најавува тој.

Но, под реформа ќе бидат и Министерството и институциите на културата.

„Министерството веќе нема да биде авторитарен чинител на културниот живот и главен арбитeр, како претходно, туку регулатор на општите рамки на културниот систем и ќе ги утврдува основните цели на културната политика. Политика од која не отстапуваме, е да обезбедуваме транспарентност за финансиското и целокупното работење на Министерството“, дециден е Алаѓозовски.

Ќе се ревидираат постојните ресурси, мрежата на установи, со насоки за годишно и повеќегодишно финансирање, а Министерството ќе се екипира со специјалисти од областа на културниот менаџмент и културната администрација.

Годинава ќе спроведеме и ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од проектот „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство

„Што се однесува до системот на финансирање, националните установи ќе добиваат резервиран буџет врз основа на стратегиски план за период од три години. Програмите ќе ги носат програмските совети и Управните одбори, а Министерството ќе ги преиспитува од аспект на усогласеност со културните политики. Ќе се применуваат комбинирани и специјални повици, еднократни и со променливи датуми, за краткотрајни, но и подолгорочни проекти што имаат потреба од повеќегодишно финансирање, особено за пресретнување на проектите што добиле европска поддршка“, ја објаснува Алаѓозовски новата стратегија.

Нема да изостане ни поддршка на граѓанскиот и независниот културен сектор.

„За прв пат спроведовме конкурс за мултидисциплинарни проекти. Годинава ќе се работи на основање Одделение за развој и финансирање на современи независни интермедијални и интередисциплинарни културни и уметнички практики. Кај самостојните уметници, статусот ќе подлежи на либерализација на условите и постапките, за стимулирање на поголем број самостојни уметници. Ќе ги мапираме расположливите ресурси за културни и креативни индустрии на национално, локално и на урбано ниво. Ќе се работи на интегрирана стратегија за развој на културните и креативни индустрии, зашто на новиот дигитален глобален пазар кој не е ограничен од произведени количини, транспортни и други трошоци, Македонија може многу повеќе“, оценува министерот.

Учење од грешките

„Министерството веќе нема да биде авторитарен чинител на културниот живот и главен арбитeр, како претходно“ | Фото: Роберт Атанасовски

По ланските критики од продукции и филмски работници до Агенцијата за филм, министерот најавува и преиспитување на законското решение за нејзино финансирање, со цел да се дојде до праведно решение за сите засегнати страни.

„Ова решение е наметнато од потребата на поранешната власт директно да ја контролира филмската дејност. Направени се големи штети, за кои треба да има одговорност. Но, треба да дојдеме и до решенија за одржлива иднина на нашиот филм. Треба да учиме од грешките на минатото и да не ги повторуваме. Ќе се спроведе ревизија на досегашните финансирани проекти, исполнувањето на договорените обврски на филмските продуценти, почитувањето на роковите, буџетите, и квалитетот на филмовите. Ќе се подготви стратегија за развој на филмската дејност, што е обврска од Законот за филмска дејност. Отворањето на таа јавна расправа ќе биде одлична можност решенијата да дојдат заеднички со филмската заедница“, потенцира министерот.

Голема поука е извлечена и од распределбата на средствата од Годишната програма, која неодамна крена многу прав во јавноста.

По ланските критики од продукции и филмски работници до Агенцијата за филм, министерот најавува и преиспитување на законското решение за нејзино финансирање, со цел да се дојде до праведно решение за сите засегнати страни

„По долги години апсолутна нетранспарентност во Министерството, ги објавивме резултатите, добитниците и одобрените суми од еден конкурс со дури 5.000 пријавени и прифатени над 2.500 проекти. Спорните проекти не надминуваат ни 1 отсто од проектите и средствата за целата годишна програма, што е мала маргина на грешка за ваков макотрпен процес. Токму транспарентноста на Министерството им даде на медиумите и засегнатите страни можност да укажат на неправилности и да помогнат овие ситуации да се разрешат. Најголем дел од спорните ситуации се разрешени со повлекување на проекти и учесници, за дел од случаите побаравме мислење од ДКСК, а жалбената постапка ќе даде можност да се адресираат и останатите забелешки. Најважно е што низ овој процес во практика покажуваме дека времето на незаконско и непрофесионално дејствување во институциите заврши“, вели првиот човек во ресорот култура.

Тој најавува и почеток на децентрализација на културата. Ќе бидат поддржани иницијативите на општините да основаат нови културни установи или да го зголемат бројот на институции под нивна надлежност. Таква поддршка веќе добиле три иницијативи на општината Гази Баба, на Ѓорче Петров, Липково, Чаир и Чучер Сандево… Се водат разговори за отворање Ромски културен центар, како дел од процесот за унапредување на статусот на оваа заедница.

„Ќе направиме анализа на досегашните искуства со одржливоста на општинските буџети и локалните ресурси, за да бидеме сигурни дека културниот живот нема да се наруши, туку ќе добие шанси за реализација на културните потреби на граѓаните од таа средина. Со министерствата за финанси и локална самоуправа работиме на создавање фискални услови и зголемување на парите што ги добиваат општините преку блок-дотации за култура. Наш основен критериум ќе биде што поширок територијален опфат и поголема достапност на културните содржини за сите граѓани, без оглед на тоа во кој дел од земјата живеат“, објаснува Алаѓозовски.

Верува дека има доволно потенцијал за реализација на целите.

„Низ неколкуте стратегиски процеси што ги спроведовме, но и преку средбите што ги имав со многу луѓе од културата и уметноста, детектиравме фантастичен потенцијал кој постои – базен на знаење, вештини, идеи, инфраструктура која со малку подобра организација и поддршка може да го произведе тој напредок, кој се чини тешко достижен“, уверен е министерот.

Офанзива на меѓународен план

„За суштински промени и културен напредок ќе треба уште многу време, добар план и координација“ | Фото: Роберт Атанасовски

Но, патот не лесен. Вели дека по повеќегодишно „повнатрешнување на културата за идеолошки и партиски потреби“, во изминатиов период е почната еден вид меѓународна културна офанзива со која се ревитализира соработката со земјите во регионот и Европа.

„Постигнавме значаен успех во рамки на Иницијативата „16+1“ за соработка на НР Кина со 16 земји од Централна и Источна Европа. Успеавме да се избориме Центарот за културна соработка на овие земји да биде во Скопје. Вчера го отворивме во НУБ ‘Климент Охридски’ и од неговото дејствување очекуваме значајни меѓународни проекти и можности за соработка. Имавме успешни претставувања на Генералното собрание на УНЕСКО во Париз, ‘Мартинките’ и ‘Хдрлез’ беа прогласени за светско нематеријално наследство. Станавме полноправна членка на Европската преведувачка мрежа ‘Традуки’, што отвора големи можности за поддршка на преводната литература, а успешни претставувања имавме и на важни меѓународни саеми на книга“, потенцира министерот.

Во тој спектар ги додава филмовите, музиката и дел од културното наследство презентирани во Канада, во Лувр, претставувањето на нашата модерна архитектура на значајна изложба во Виена… А, во 2018-та ќе биде посветено посебно внимание на меѓународното претставување на македонското издаваштво.

„Од годинава целосно го активираме Секторот за книга. Министерството го презема меѓународното претставување и презентирање на издавачката продукција и литературата од нашата земја, преку концептуално презентирање на автори и дела од Македонија прилагодено на тематските фокуси на саемите“, вели министерот.

На крајот, убеден е дека со посветена работа, аргументирана и критичка опсервација на јавноста, низ меѓусебно почитување и активно учество преку институционалните механизми, ќе се дојде до одржливи решенија.

„Иако понекогаш ни се чини дека работите тешко се менуваат, дека се движиме премногу бавно, важно е да ја задржиме оваа посветеноста што не доведе во неспоредливо подобра ситуација од онаа во која што функциониравме пред само една година. За суштински промени и културен напредок ќе треба уште многу време, добар план и координација, многу работа, ресурси, знаење, трпение. Тоа што можам недвосмислено да ја уверам јавноста, е дека во Министерството и во сите кои се дел од институциите во културата, ќе има достојни и посветени сопатници во заедничките стремежи за подобри денови и обнова на културата во Македонија“, ветува министерот.