Интервјуа

Заев: Пролетва ќе има кадровско проветрување

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Задоволен сум од ставовите на опозицијата по прашањето за името“  | Фото: Роберт Атанасовски

Во ходникот што води до неговиот кабинет стојат портретите на неговите претходници. Во актуелниот контекст, заеднички именител за нив е што во нивните мандати не успеаја да стават крај на најтешкиот камен врз интегративните чекори на Македонија – спорот за името со соседна Грција. 

Дали ќе му успее тоа на нивниот наследник, актуелниот премиер Зоран Заев, ќе се знае до почетокот на летото, а со вонредни напори и заложби, можеби и до крајот на март. Она што го прави поразличен, е што во неговиот речник не се слушат фрази од типот – „не можеме“, „не веруваме…“

Говорот му е едноставен, без „меѓуредови“ и со видлив оптимизам. Тоа доминира и во разговорот за името, но со воздржаност по прашањето дали Берлин ќе игра некаква улога во процесот.

„Верувам дека е возможно, исто како и со Бугарија, билатерално да го решиме спорот, но не е на одмет и со пријателски осврт да се охрабрат двете страни. Германија во континуитет го покажува пријателскиот однос кон Македонија од нашата самостојност до денес и знам дека и мисли добро на нашата земја. Тоа е така и со Грција. Решението не е невозможно, иако е многу тешко. Ако било лесно, досега ќе бил решено“, потенцира премиерот.

Моја желба и амбиција и на сите што сме вклучени во овој процес, е да се дојде до решение на проблемот со името до крајот на март

Во едно од последните интервјуа како краен рок за решение го наведе јуни, но вели дека тоа не е ретерирање од претходните најави „до крајот на март“.

„За нас и јуни не е краен рок по прашањето за НАТО, бидејќи имаме автоматска покана за членство, и не мора тоа да биде на Самитот. Но, добро е да се заврши до јуни, затоа што ќе ги охрабри одлуките за датум за преговори со ЕУ. Истовремено, знам дека секој нов месец нема да ни биде од помош. Моја желба и амбиција, желба на Владата, на Никола Димитров, на сите што сме вклучени во овој процес, е да се дојде до решение до крајот на март. Ако го одложиме, тоа нема да ни помогне, бидејќи секогаш има антагонистички струи кои влечат кон нерешавање на овој проблем. Останувам на мојата верба дека прво премиерот Алексис Ципрас искрено сака да се најде решение. Гледам дека и министерот Коѕијас прави напори. Останувам на чувството што ме води од самиот почеток: дека е возможно решение. Но, остануваме и на ставовите дека тоа решение мора да значи заштита на идентитетот и достоинството на двете страни“, дециден е Заев.

Уште подецидно одговара на прашањето: Што ако промената на Уставот е услов без кој не ќе може да се постигне решение?

„Не би требало ни нашата, ни нивната страна да поставува нешто без кое не се може. Искрено сум посветен да најдам прагматично објаснување за грчката страна, мислејќи, пред се, на грчкиот народ, дека ова претставува обид за трајно решение, а не некаков вид заобиколување, манипулација, лажење еден на друг… При ваков процес мора да се водиме од фактите. Јас немам дилема дека е факт оти на географската територија на Македонија ние сме северниот или горниот дел, дека јужниот и припаѓа на Грција, источниот на Бугарија. Ако се водиме од фактите, мора да најдеме решение. И да не заборавиме дека проблемот е за името. Не треба да допираме до нешто со кое дополнително ќе предизвикаме проблеми, а кои ќе не доведат до причини за нерешавање“, потенцира премиерот.

Со оглед на дискрецијата во сегашната жешка и тешка фаза на разговори, нема друг начин да се разбере колкав е неговиот оптимизам за успешен исход на разговорите, освен илустративно да го соопшти тоа ниво на скала од 1 до 10.

„Никој досега не го тестирал мојот оптимизам на ваков начин. Но, немам проблем да го дефинирам тоа и преку бројки. Јас сум оптимист, иако не докрај, но сепак би дал ‘осумка’“.

Од критиката се учи

„Нема да му падне капата од глава на ниеден политичар ако некој критички се осврнува кон него“ | Фото: Роберт Атанасовски

По оптимизмот во дипломатската офанзива за спорот, се соочува со домашниот песимизам по прашањето за ефикасен реформски исчекор и критичките повици „Премиере, вратете се дома“, во смисла, дека додека тој е посветен на крупните прашања – името, НАТО, преговори со ЕУ, на микро-план се редат случаи кои потсетуваат на девијантните практики на претходната власт, со примери на дефицит од професионален и морален кредибилитет кај именувани функционери.

„Сериозно гледам на секоја критика и се трудам да учам од неа. И таа критика е дел од слободата и демократијата, за која, како шеф на тогашната опозиција водев борба да се вратат тие вредности, и сега треба да ги ползуваме. Нема да му падне капата од глава на ниеден политичар ако некој критички се осврнува кон него. Посебно, ако сакаме од тоа да учиме. Од моето време 10% до 15 % трошам на меѓународната политика, и тоа е заради економијата“, објаснува премиерот.

Уверен е дека градењето пријателство носи инвестиции и охрабрува.

„Во пријателска и извесна атмосфера секој е охрабрен да го преземе ризикот, да земе кредит, гради фабрика, вработува луѓе, и чека да генерира профит. Надежта за приближување кон НАТО и ЕУ има и прагматична вредност. Луѓето кои инвестираат во капацитети знаат дека вредноста на пазарот расте по членство во НАТО и со датум за преговори со ЕУ. Оваа меѓународна политика има импакт: економски квалитет на животот на граѓаните. Другиот дел од времето, од 30% до 40 % го трошам на компаниите. Повеќето се странски, би сакал да има и повеќе домашни, и се надевам дека ќе ги има, откако со новата програма се изедначени мерките и за странските и домашните“, вели Заев.

Како пример дека не каскаат работите на домашен план, посочува дека се потпишани осум договори со странски компании, за период од осум ипол месеци.

„Сето тоа со нула денари, без реклами, без економски промотори, без роуд-шоуа. Покрај тие 8, уште 20 компании чекаат одлука на компаниите-мајки, бидејќи ги завршија процесите овде. Ако сублимираме, досега сме разговарале со повеќе од 300 компании. Тоа само по себе кажува дека Македонија е излезена од политичката криза. Да, Македонија негува пријателство кое е дополнително охрабрување за инвеститорите, и да – Македонија е во надежна фаза дека ќе се интегрира во НАТО и ЕУ“, тврди премиерот.

Сериозно гледам на секоја критика и се трудам да учам од неа. И таа критика е дел од слободата и демократијата, за која, како шеф на тогашната опозиција водев борба да се вратат тие вредности, и сега треба да ги ползуваме

Се надева на подобрување на перформансите на институциите, со цел тоа да ја зголеми економската оперативна активност во државата.

„Еден дел од капиталните инвестиции со години не може да се реализираат заради трапавоста и тромоста на администрацијата во изработката на проектните документации, спроведувањето на јавните набавки, и имплементацијата и реализацијата на самите проекти. Зборувам, пред се, за капитални инвестиции, оние што носат пари: пат, гасоводи, школи, болници градинки, домови за стари лица, а сето тоа е дополнителна инјекција за стопанството“, набројува тој.

Во образложението, стигнува и до слабостите на дел од новоизбраните функционери, критикувани во јавноста.

„Се раководев од критериуми и услови да им ја дадам довербата на луѓе во кои стартно верував. Можете да ги погодите комплетно, да погодите дел од нив или да промашите дел од нив. Добро е што тоа е на увид на јавноста, и што се дебатира“, се согласува Заев.

Наскоро промена

„Рекапитуларот може да предизвика и реконструкција“ | Фото: Роберт Атанасовски

Одговара и на забелешките дека отсуствува енергична реакција со која јасно ќе се обзнани нулта толеранција за неодговорно и коруптивно однесување. Вели дека по тоа прашање нема дилема.

„Тоа што значи неуспешност во менаџирањето на една институција, не може да заврши како рефлексија во самата институција. Ќе следуваат кадровски промени. Не сакам никој да ја изгуби шансата. Ако не е за првото место, можеби ќе биде за второто, третото, четвртото… Има огромен дел кои многу сакаат да се докажат, но не знаат. Тука се и новите генерации кои доаѓаат, и веројатно, паралелно и учат. Има дел кои знаат и се трудат. Има дел кои ниту знаат, ниту се трудат. Рекапитуларот ќе се случи по десетте месеци од стартот на Владата, напролет, кога на дел од нив ќе им се заблагодариме. Немаме многу време, а граѓаните чекаат резултати. Рекапитуларот може да предизвика и реконструкција. Може да има промена на директори, но и промена на министри, на државни секретари…“, најавува премиерот.

Но, кадровските промени не се доволни, а засега нема информација до каде е предистражната постапка на ОЈО за „двајца пријавени функционери од власта“, кои пред неколку месеци тој ги спомна во контекст на битката против корупцијата.

„Истрагата е работа на обвинителството. Се што доаѓа како индиција, наша должност е да го процесуираме до истражните органи“, вели премиерот. Лично тој поднел две-три пријави, а некои институции – и други.

„Кај мене стигнаа некои укажувања. Кога ги соопштив како пример, тогаш беа два случаја. Но, јас не треба да судам. Се што било испратено до мене, сум го испратил до Обвинителството, но запознавајќи го за тоа и раководното лице – директор или министер, кој е надлежен на пријавеното лице. Без разлика како ќе заврши истрагата, за мене и тие индиции се доволни дека тие лица не треба да го продолжат мандатот. И по актуелните конкурси верувам дека сите што беа в.д. нема 100 % да останат на истите позиции“, категоречен е Заев.

Но, и некои расчистени случаи, ги следат контраверзи. Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Александар Донев, беше „приземјен“ поради авио-билет за бизнис класа, но на истата седница на која беше разрешен Владата ја прифати неговата програма за работа Агенцијата. Премиерот смета дека нема морален лупинг во оваа постапка.

Во случајот со Донев, верувам дека се работи за добар кадар, и не беше во прашање кривично дело, туку етичкиот аспект: како се однесуваме кон средствата на граѓаните – дали ќе бидеме штедливи или расипнички настроени

„Програмата е доставена со потпис на директорот, но е плод на работата на институцијата. Може да се случи програмата да стигне по пошта и по два дена откако бил разрешен директорот. Директорот само го процесуира она што институцијата го сработила. И јас ја потпишувам програмата на Владата, но не ја работам само јас, туку сите заедно во консултација со министрствата и стручните служби. Во случајот со Донев, верувам дека се работи за добар кадар, и не беше во прашање кривично дело, туку етичкиот аспект: како се однесуваме кон средствата на граѓаните – дали ќе бидеме штедливи или расипнички настроени“, вели Заев.

Тврди дека не слушнал оти имало користење службени картички за шопинг, но ако има има такви потврдени информации – би сакал да ги знае. Има јасен одговор и за писмото од градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во кое тој вели дека 100.000 жители му се лутат на Заев, бидејќи општинскиот буџет е блокиран за атер на ДУИ.

„Јас сум прагматичен политичар. Буџетите во Струмица во 90 отсто случаи ги носев со консензус заедно со опозицијата. Градоначалникот и членовите на Советот мора да седнат и да ги изградат стратегиите. Граѓаните сами ќе оценат, но веројатно, начинот на раководење на општината провоцира одредени состојби за некомформноста на мнозинството на Советот да носи одлуки. Не може да повикувате на консензус за одредени прашања, а да ги смените сите директори и да поставите само од ВМРО-ДПМНЕ и од Алијанса за Албанците. Ако повикувате на консензус, тогаш ги консултирате сите и консензуално ги поставувате луѓето. Буџетот е најважен документ за секоја општина и тој се дискутира“, порачува Заев.

Вели дека за никого не е од полза Гостивар да нема буџет. А, ако Советот не го донесе буџетот, се распушта и треба да се избира нов.

„Не сакаме нови локални избори за Совет. Треба да си најдат решение на локално ниво. Го сфаќам писмото како некоја горчина, веројатно од прекинот на соработката помеѓу Алијансата и СДСМ, се надевам, времен. Не ги делам општините во она што значи соработка и поддршка. Градоначалниците, исто како и јас, се лица кои привремено добиле чест и одговорност да управуваат со средствата на граѓаните“, потенцира Заев.

Важна е насоката

„Да не заборавиме дека имавме окупирана држава од сите аспекти и сега ја подослободуваме“ | Фото: Роберт Атанасовски

Но, критиката од Таравари не е единствена. Едни реагираат за форсирање партиски решенија на власта, а други – за продолжување на мандатите на компромитираните „режимски кадри“.

„Прво, 30% до 40 % институците не се променети. Не тргнавме со намера на секој веднаш да му го прекинеме мандатот и да ја преземеме власта на тој начин. Не! На пример, во Гевгелија има 32 подрачни одделенија на извршната власт. Во 15 има промени, во 17 не. Ние не разрешивме 1.800 луѓе на првата седница на Владата, ни потоа. Сакаваме да испратиме порака дека правот на политички поделби треба да спласне и дека сметаме на се што е капацитетно во државата. Огромен број институции, регулаторни тела, не се чепнати и нема да бидат чепнати, освен ако нема причина во делот на законитоста на работењето, етичноста и т.н. Еден дел од нив професионално си ја вршат работата и јас лично сум задоволен“, тврди Заев.

Некои од оние кои се синоним за незаконско работење во мандатот на претходната власт, а би можеле и натаму да влечат потези штетни за демократизацијата и реформите, засега се „блиндирани“ со законите.

Ние не разрешивме 1.800 луѓе на првата седница на Владата, ни потоа. Сакаваме да испратиме порака дека правот на политички поделби треба да спласне и дека сметаме на се што е капацитетно во државата

„Се чекаат нови законски решенија кои институциите мора да ги направат независни, а не под контрола на извршната власт или други центри на моќ. Но, спроведување на тие законски решенија бара одреден период, а во меѓувреме институцијата од некого мора да биде водена. Во една институција деновиве се случи завршување на мандат и реизбор на одреден директор, и критичката јавност испрати серија критики со очекување дека Владата и таму нешто треба да смени. Во суштина не можете заради кадровското решение да давате примат пред реформите што треба да се испорачаат. Тоа е и со Законот за АВМУ, на пример. Во еден дел од институциите не е лесно да се сменат луѓе дури и да сакате да ги промените. Законите се така направени, што режимот буквално ги поставил за стогодишно владеење, за да не се случат промени. На пример, неопходно ‘пет години работно искуство во инстутуцијата каде што е’. Ако нема минимум луѓе во кои министерот би имал доверба, следи процес на градење кадар согласно со законите, за прво да се исполнат условите, па да се случат промените. Да не заборавиме дека имавме окупирана држава од сите аспекти и сега ја подослободуваме“, потсетува Заев.

Вели дека е добро што луѓето дебатираат, критикуваат, што власта е на мегдан за секоја нејзина одлука.

„Нема нешто што е скриено, освен од стратегиски причини, разговорите за името, но само за да не го урниса процесот. Ако имаме слобода, демократија, ќе има напредок. Кадрите ќе ги погодуваме, некогаш ќе ги промашуваме, ќе доаѓаат и ќе заминуваат, но многу е важно дали е погоден правецот, дали е поставен на шините за напредок“, вели тој .

Лично е задоволен од начинот на кој сега се поставени работите.

„Македонија е финансиски стабилизирана, ликвидноста е огромна, во моментов има 400 милиони евра резервоар поради новата обврзница, 100 милиони евра вративме. Сега сум убеден дека процентот на капитални инвестиции сериозно ќе расте. Задоволен сум од насоката во кој се движи Македонија, од перформансите на Владата, од владините институции. Ќе беше подобро ако кризата ги немаше рефлексиите што ги гледаме во парламентот, правосудството… Веројатно би било полесно“, заклучува премиерот.

„Бомбите“ сѐ уште без судска детонација

Очекувам судски процеси побрзи од овие што ги имаме денес, но, немам намера да кренам телефон | Фото: Роберт Атанасовски

Поминаа три години од објавувањето на „бомбите“ а се уште нема судски епилог на некои од капиталните случаи, па во јавноста расте сомнежот дека во име на помирувањето можеби правдата ќе биде заменета за симболични казни, а во некои случаи ни за тоа. Заев ги отфрла ваквите сомнежи.

„Јас не бев кандидат ни за судија, ни за обвинител. Со сите слабости кои ги има правосудниот систем, очекувам законот да важи еднакво за сите. Секој што се огрешил пред законот , кој и да е, треба да одговара. Секако, очекувам судски процеси побрзи од овие што ги имаме денес, без разлика дали за мојот случај или за некој друг. Но, немам намера да кренам телефон за да охрабрам судија или обвинител да ги забрза. Сум против притвори, верувам во транспарентни судски постапки со сите докази пред очите на јавноста, верувам во правда и правичност еднаква за сите“, вели Заев.

Прашање отвори и изјавата на турскиот премиер, кој деновиве му изрази благодарност на Заев „за поддршката против терористичката организација Фето“, и за окончување на нејзини активности во Македонија. Заев тврди дека не станува збор за постапување по некаков список за наводни поддржувачи на Ѓулен.

„Ние сме против насилнички начин на преземање на институциите, нешто што се случи и во Македонија. Промени се случуваат по пат на дебата, дијалог и демократски процеси. Ние сме против секаков вид терористичко и насилничко организирање против институциите на системот. Во годините кога протестиравме по улици, и тоа како имавме шанса да влеземе во институции, не не го направивме тоа. Ако постојат индиции и докази за какви било терористички, радикални и екстремистички елементи во Македонија, ќе делуваме и тоа директно, со автономни мерки во согласност со нашите закони“, објаснува Заев.

Во Македонија нема служби кои слушаат, а граѓаните да ги плаќаат. Се надевам дека трајно ќе остане така, а гаранција е реформата на тајната полиција преку независната агенција што ќе се формира

Го прашувам – дали се воздржува кога разговара по телефон?

„Не. И верувам дека никој не се воздржува. Во Македонија нема служби кои слушаат, а граѓаните да ги плаќаат. Се надевам дека трајно ќе остане така, а гаранција е реформата на тајната полиција преку независната агенција што ќе се формира, и преку парламентарна и цивилна контрола. Незаконското прислушкување покажа како на најмизерен начин се уништуваат човековите права и слободи“, потсетува премиерот.

Во однос на соработката со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува средба со Мицкоски по враќањето од Берлин и Лондон.

„Би сакал да се сретнеме. Нема некои драматични новини од средбите Димитров-Коѕијас, но што и да е, треба да се информираме. Разговарав со министерот Димитров да го информира претседателот Иванов до каде сме дојдени, зашто преговарачкиот процес практично почна во Виена. Сакам опозицијата да знае се, и негувам желба да бидеме заедно во процесот на решавање на проблемот. Задоволен сум од ставовите на опозицијата по прашањето за името, тие се внимателни, а тоа е сериозна порака дека сакаат да се реши проблемот и дека се подготвени за партиципирање од аспект на негово решавање, а не за одложување или блокирање“, оценува Заев.

Не го одбегна и одговорот на прашањето – дали знае кој „немал чиста мета“ нишанејќи кон него, на 27- ми април 2017 година во парламентот?

„Тоа е дел од истрагата. Мојата позиција дава можност да бидам информиран. Не е нешто ново, само што веројатно сега се потврдува со докази. Јас ги знам деталите околу 27-ми април, толку колку што можам да дознаам. Најмногу знаат обвинителите. Законот треба да важи за сите, што се однесува до мене јас лично сум простил, и сакам да гледам напред“.