Интервјуа

Унковски: Mакедонецот не знае што да прави со слободата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Промените во културата, и воопшто во општеството, не се соодветни на револуционерната енергија за промени која ја донесе оваа Влада“ | Фото: Роберт Атанасовски

Прилично лимитирачки е да го претставите само како театарски режисер, бидејќи е многу повеќе од тоа: врвен мајстор на естетиката, исклучителен професионалец кој со години на својот грб го носи тешкиот „крст“ на театарот, издашен извор на инспирација за новите генерации, синоним за врвни успеси во, и надвор од Македонија, промислувач, објективен критичар на сегашноста…

Разговорот го реализираме во денови на негова тага по заминувањето на Небојша Глоговац, актер и пријател уште од времето на „Буре барут“ и годините потоа. Писмото од Унковски прочитано на комеморацијата за Глоговац, го обиколи регионот. Беше тоа многу повеќе од проштално писмо. Зборовите зад кои стои потписот на режисерот, добија значење на највисоко одликување за актерот.

Впрочем, неговиот потпис одамна е „бренд нејм“ во сите дестинации на културната мапа каде што ја разиграл режисерската палка. Па дури и онаму каде што од „други причини“ тоа би изгледало помалку можно. Но, не и во неговиот случај.

Како СДСМ да е расчеречен меѓу ургентноста за драстични и драматични промени, и потребата од нови квалитетни луѓе на нови места и идејата за право и правна држава

Разговорот го почнуваме со времето кога во Атина беше награден за „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, само четири дена откако САД го признаа уставното име на Македонија. Bo 2005 година со Шекспировиот „Крал Лир“ ја крена Атина на нозе. На сцената доби честитки од двајца грчки претседатели – Каролос Папуљас и Костис Стефанополус, а грчкиот весник „Та неа“ во интервју го најави како режисер од Македонија.

Оттогаш до денес, освен тој, а кон крајот на минатата година Ѓорче Ставрески со „Исцелител“, не сме имале личности од Македонија кои во Грција собрале толку аплаузи. Разлистувајќи ги низ мислите страниците на минатите две децении, Унковски потсетува: „Не треба да се заборават ни ‘Пред дождот’ на Манчевски ни концертите на ‘Леб и сол’ и ‘Анастасија’“…

Бараме одговор што се случи оттогаш до денес – дали потфрли културата или предоминантна стана политиката?

„Во меѓудржавната размена владеат најмалку два принципа. Едниот е пазарната логика, односно квалитетот на уметничкото дело или на авторот, а другото е нешто што би можеле да го означиме како државна стратегија и политика. Кога се несредени основните односи, не може да се говори за каков било континуитет или долгорочен план. Мислам дека грчката држава направи неколку чекори на почетокот на новиот милениум кои одеа кон тоа да се размрдаат и евентуално да се стоплат односите. А можеби само сакаа да покажат пред Европа, како, ете тие, се кооперативни…“, вели театарскиот маг.

Сепак, потсетува дека не треба да се заборави оти Грција, со сите мани, има сериозен државен механизам и дека нејзините акции се синхронизирани, диригирани и иницирани во рамките на една прецизно дефинирана стратегија за развој, кочење и насочување на прекуграничната комуникација.

„Во еден момент на приближување имавме и ние значајни отворања, како гостувањето на Националниот театар на Грција на ‘Охридско лето’, на танцовата група на кореографката од Солун, Софија Спирату, во Скопје и во Стоби, и се разбира, концертот на Теодоракис во Скопје како прв и значаен контакт.

Нема едноставен одговор

„Секојдневието и животот се порелаксирани и точно е дека надежта лебди во воздух, но таа е со ограничен рок на траење“ | Фото: Роберт Атанасовски

Претставите што ги работев во Атина беа на покана на господинот Никос Куркулос, директор на Националниот театар, кому му се допадна мојата естетика, а во Солун, не знам точно, претпоставувам по успехот во Атина, некако беше природно да се појавам и таму. Дали тука намигнала политиката или дошол импулс од Министерство за култура или за надворешни работи, не знам. Како што гледате, нема едноставен одговор“, констатира Унковски.

Но, има сосема сигурен одговор дали би можел денес без никакви проблеми на грчката сцена да ја постави претставата „Лерин – полиња жито, ридишта крв“?

„Не. Мислам дека грчкото општество во еден голем дел сѐ уште не е подготвено да ја отвори до крај драмата на граѓанската војна во Грција, улогата на комунистичката партија на земјата, нејзините врски со Русија на Сталин во тој момент, улогата на големите сили, особено Англија, и посебно, прашањето на борците од македонска националност кои масовно учествуваа во оваа борба и дадоа огромни жртви, зашто тоа за нив беше надеж да се решат нивните права и слободи. Верувам дека така им било и ветено. Мојата претстава ‘Лерин…’ е еден прв, посериозен обид ова прашање да се отвори и кај нас на еден покомплексен начин и не само за децата бегалци. Не треба да се заборави дека и дури книгата „Солун, град на духови“ на Марк Мазовер, американскиот историчар од светски глас, според која го сработив првиот дел од трилогијата, наиде на драматично поделени коментари, иако се смета дека е една од најобјективните приказни за Солун“, вели Унковски.

Според тоа, сигурен е „дека не е време да се прикаже ‘Лерин…’ пред грчката публика, иако пред нашите сонародници во Егејска Македонија би имала огромен успех“.

„Иако на прв поглед тоа звучи парадоксално, корените на проблемите со признавањето на нашето име и држава, според мене, не се од 1991 година туку од многу порано, меѓу другото и од периодот на крвавата граѓанска војна“, оценува тој.

Новата слобода покажа дека Mакедонецот не знае што да прави со слободата и како да е посреќен и поуреден во диктатурата која му даваше рамки, лимити и закани од секаков вид

Прашањето на денешнината е – во кои сфери треба да се бараат каналите на продлабочена комуникација меѓу двете земји, а тие односи да не се сведуваат тривијално на „море, гиро и узо“ од една страна, и „ракија, ајвар, забар и казино“ од друга? Унковски е уверен дека и обете страни се доволно динамични и со идеи за да можат во еден изменет амбиент да ги развијат идеите кои и денес, сѐ уште, можат да ни изгледаат нереални и невозможни.

„Ако општата клима се смени кон попријателска и евентуално ослободена од опасните јалови стеги на национализмот и квази патриотизмот, како што тоа веќе полека се гледа со чекори кои не се спектакуларни, ама се драматично нови на разни нивоа на политичка, меѓуградска и други форми и нивоа на комуникација, ќе имаме една позитивна експлозија на соработка во сите области и кооперација и копродукција во уметничката дејност. Владите треба да ја отворат големата замандалена врата со за’рѓано резе, и тука да се одморат, а културните институции веднаш ќе ги преземат следните активни чекори. И тука државата не треба веќе да се меша, освен со средства за реализација на проектите или како дополнување на прекуграничните фондови. Евентуално да се јави уште и со еден протокол за соработка“, сугерира режисерот.

„Корупцискиот модел до највисоките места на власта во изминативе десетина години на ВМРО-ДПМНЕ, ги извитопери свеста и чувството за морал“ | Фото: Роберт Атанасовски

Во време кога течат разговори за надминување на разликите во спорот за името, Унковски не знае каде би ја сместил жанровски, и со каква експресија би ја опишал суштината на оваа политичка драма, доколку би имал можност да ја претстави на сцената.

„Речиси е невозможно да направите приказна за подвижна мета. Скудните информации не ни помагаат многу да ги препознаеме работите зад видливото. Сега делува како напнат трилер со постојано нови моменти, а можеби е, всушност, цела партитура на уцени, закани, условувања, попуштања и одбивања, што нашиов драмски заплет може да го лоцира во многу полиња од трагедија до апсурдна драма. Притоа, нашава страна во преговорите има една одлична квази лежерност што води кон победа или барем ќе биде гарант дека нема враќање на старо, а тоа е значаен аспект на секој напредок“, заклучува оптимистички.

Перспективите за НАТО и ЕУ на моменти изгледаат далечни и недофатливи, не само за мојата генерација тука и пошироко

Отвораме и еден друг аспект на темата: дали е наивно да се верува дека на целиот процес можеше да му се даде друг предзнак: наместо „надминување на разликите“, „барање на точките на спојување“? Односно, можат ли зборовите со потенцирање на позитивното, а не на негативното, да направат чуда и во реал-политиката?

„Верувам ДА. Морам да кажам дека сѐ што слушам од господинот Заев е токму во таа насока, кон позитивно, кон сличностите, кон подобро. Но, за жал, не смее да се заборави една огромна негативна празнина оставена од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, која и покрај интензивното покривање, одново и одново се појавува и како црн облак, со својата нарација, споменици и непреземање чекори, и како црн облак стои во салите за преговори. Во секој случај, исчекоривме од залепеноста во место и време, и можеме со крупни чекори понатаму. Макар како пријатели…“, убеден е Унковски.

Дециден е во одговорот на прашањето – на што прво помислува кога ќе се спомне „нашиот идентитет“: „Помислувам на македонскиот јазик, тоа е за мене нашиот идентитет!“

Загаден простор

„Јас верувам дека и во оваа популација денес имаме некој Мисирков, Делчев, Миладиновци, Конески,.. само се плашам дека збунетото крдо ќе ги прегази и ќе ги сотре во паниката и стравот од исчекор во непознато и ново“ | Фото: Роберт Атанасовски

Лани во Белград работеше на претставата „Ајнштајновите соништа“, приказна која се базира на разни аспекти на времето. Врз основа на некаква симболична аналогија, опишува како ги препознава и толкува времето, просторот и животот во македонското секојдневие.

„Имам чувство како времето да оди наназад. Се појавуваат грозни работи и личности какви што сум мислел дека кај нас ги нема. Примитизмот и злобата вријат. Интелигенцијата и убавото се поразени. Перспективите за НАТО и ЕУ на моменти изгледаат далечни и недофатливи, не само за мојата генерација тука и пошироко. Народот е во очајничка потрага и промовирање на новите богови или по тагување на паднатите божества. Сопствениот живот се одложува да се живее некогаш подоцна со цели гради. Животот се арчи без упатство за употреба, без принципи и култура, без воспоставени норми. Поединци се жртвуваат за доброто и слободата на сите, во земја каде што историјата е само привремена ТВ-серија на штимања и преправки, која нема да ги запамети. Просторот е загаден со секакво ѓубре, животот е во очекување да се расече Гордиевиот јазол, да се отвори оваа брана на летаргија, беспомошност и безизлез, и да се распука овој чир на нашето постоење кој се заканува да стане гангрена од која оваа Македонија, каква што денес ја знаеме, ќе умре“, дијагностицира Унковски.

Помислувам на македонскиот јазик, тоа е за мене нашиот идентитет!

Поради тоа, вели дека ги цени огромните напори да се направи храбар исчекор со Грција, денес и веднаш.

„Да се придвижиме, да се отвори небото, да се види на дело некоја перспектива во конкретна, дофатлива форма. Да излеземе од вителот што нѐ дави и да земеме воздух за еден нов почеток. Кадровските решенија на Заев можеби не ви се допаѓаат, некои потези на Владата можете да ги означите како несмасни, држењето за правото во услови на победа на револуцијата да ги видите како неспособност, страв или опортунизам, но мислам дека само еден драматичен потег нанапред може да нѐ разбуди и да нѐ врати во живот, а потоа ќе се вратиме пак на кадрите, средствата и сѐ друго што е една нормална работа на една нормална влада, во една нормална држава во едно нормално време“, проценува тој.

Кој е тој потег напред? Констатираме дека четврт век наша колективна стратегиска цел е членството во ЕУ и НАТО. Но, ако приказната ја спуштиме на индивидуално ниво, пејзажот е многу сиромашен. Со многу мали исклучоци, Македонија нема индивидуални проблесоци, подвизи, дострели, нема сонувачи и тркачи кон највисоките врвови во креативна и научна смисла. Социјалниот капитал на земјава, главно е поделен во два контингента: едни кои сонуваат да заминат, и други кои сонуваат да се вработат во државна администрација. Според Унковски, тоa што останува „помеѓу“ – квантитативно и квалитативно, не е доволен кадровски супстрат кој треба да ја трасира иднината.

„Ако останат вака работите, ќе нема кој да води, кој да го додефинира и развива водството, нашиот механизам ќе нема машини и ќе нема смисла. Државната администрација стана синоним за најлошото и најнеспособното, наместо да е обратно, а залетот што го имавме од времето на Југославија, конечно по две и пол децении секна, па ниту одиме кај што сме тргнале, ниту знаеме да се вратиме од каде што сме тргнале, ниту има некој да нѐ поведе, не во политичка смисла туку во просветителска. Застанати сме како гуски во магла, збунети од сѐ што ни е туѓо, непознато и со друг јазик, уплашени од неизвеснота, згрозени од другоста, затворени во мал задушен круг, се касаме самите и се обвинуваме неспособни да определиме што е тоа што треба да биде прагматично и практично решение, а што ќе оставиме народниот пејач да го стави во песни и легенди. Јас верувам дека и во оваа популација денес имаме некој Мисирков, Делчев, Миладиновци, Конески,.. само се плашам дека збунетото крдо ќе ги прегази и ќе ги сотре во паниката и стравот од исчекор во непознато и ново“, констатира театарскиот маг.

Надеж со рок на траење

„Владите треба да ја отворат големата замандалена врата со за’рѓано резе, и тука да се одморат, а културните институции веднаш ќе ги преземат следните активни чекори“ | Фото: Роберт Атанасовски

Откако Македонија излезе од тешка политичка криза по една деценија авторитарен пир, го прашувам – чувствува ли денес промени во културата, во секојдневието?

„И да, и не. Веќе ништо не е исто, ама личностите за кои мислевме дека ќе ги снема од нашата сцена, сѐ уште се мотаат наоколу, некои на битни места. Новата слобода покажа дека Mакедонецот не знае што да прави со слободата и како да е посреќен и поуреден во диктатурата која му даваше рамки, лимити и закани од секаков вид. Културата оди во нејасен правец со препознатливи популистички потези и со идеја да се нахранат сите. Промените во културата, и воопшто во општеството, не се соодветни на револуционерната енергија за промени која ја донесе оваа Влада. Секојдневието и животот се порелаксирани и точно е дека надежта лебди во воздух, но таа е со ограничен рок на траење“, потенцира Унковски.

И кога грди практики од минатата власт и денес добиваат свои оазички, без разлика дали се исклучоци или подметнати кукавичини јајца, барам одговор – дали гледа политичка волја и општествена енергија да се прекинат тие девијантни појави, пред да стане доцна.

„Ми се чини дека бројот на оние што веруваат дека овие девијантни појави можат да се прекинат е помал од бројот на оние што смислуваат како да се искористат можностите. Корупцискиот модел до највисоките места на власта во изминативе десетина години на ВМРО-ДПМНЕ, ги извитопери свеста и чувството за морал, одговорноста кон задачата, професионалноста, не е важно што се краде ако се гради и слично… Кај нас на автопатот пишува: „Не ја загадувај нашата иднина“ и постојано гледате ѓубре. Во САД пишува: „Казна за загадување 500 долари“ и нема ѓубре“, компарира Унковски.

Мислам дека грчкото општество во еден голем дел сѐ уште не е подготвено да ја отвори до крај драмата на граѓанската војна во Грција

Смета дека искоренувањето на корупцијата не е прашање на семинари, поетски читања и нежен говор туку на смени, судења, истраги, мониторинг, работа на обвинителството.

„Тоа што денес секој има потреба да го изрази својот став за прашања од неговата експертиза или многу почесто надвор од неа, го сметам за позитивно, но недоволно. Нам ни е потребна акција на сите нивоа која треба да ја започнат државните органи, зашто кај нив е и мечот и сѐ друго. Како СДСМ да е расчеречен меѓу ургентноста за драстични и драматични промени, и потребата од нови квалитетни луѓе на нови места и идејата за право и правна држава, за простување и вклучување на некои од машите на минатата власт за да има еден ден национално помирување и нов заеднички почеток“, анализира режисерот.

И сигурен е во оценката кои ќе бидат првите знаци по кои ќе препознаеме дека сме израснале во демократска смисла, дека сме станале позрели, посвесни, поодговорни: „Кога ќе се води дебата без лични дисквалификации, кога ќе нема поделби на патриоти и предавници, кога ќе умееме да ја сослушаме другата страна, кога ќе се обидеме да го разбереме другиот, кога ќе дадеме предност на среќата над зависта и злобата, кога ќе го живееме и браниме својот живот сега, овде, кога ќе престанеме да изигруваме жртва и да се самосожалуваме“.