Интервјуа

Касами: БЕСА може да влезе во Владата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Изгледа не бевме подготвени за успехот што го постигнавме“ | Фото: БИРН

Општинската зграда во Чаир е епицентарот на политичките потреси во албанскиот политички блок. Советничката група на БЕСА се расцепи, Џемиле Мехмети отиде со мнозинството и стана претседавач, уште еден советник од БЕСА ѝ се придружи, додека останатите сопартијци останаа опозиционери.

Овој општински раскол е рефлексија на жестоката поделба во партискиот врв која, меѓу другото, резултираше и со преселба на седиштето од скопска Мавровка, во куќата токму спроти општината Чаир.

Кога неделава ги посетивме новите простории на БЕСА ходниците беа празни и сѐ уште се чувствуваше мирисот на свежо варосаните ѕидови. Преселбата е во тек.

Претседателот Биљал Касами член по член го разгледуваше договорот за кирија во новата канцеларија, во која немаше фотографии на ѕидовите, туку само по некоја книга на полиците.

„Ова е седиштето на партијата“, самоуверен е Касами.

Неговите противници, вели тој, ги искористиле релациите со газдата на претходното седиште и се обраќале од таму за да прикажат дека го имаат легитимитетот.

Конгресот е точка на прекршување

Поради јазичната бариера, македонскиот дел од јавноста и не сфаќа најдобро кои се причините за расколот во БЕСА.

„Тоа е малку посложена приказна и извира од основањето на партијата“, вели Касами.

Накратко тој раскажа дека БЕСА немала доволно време да ги филтрира своите кадри во овој турбулентен тригодишен период, во кој имавме два изборни циклуси и тешка политичка криза. Луѓето во бранови се зачленувале и во тој налет некои од нив, според Касами, незаслужено завршиле на високи и одлучувачки позиции.

„Партиските органи беа формирани од горе-надолу, без да се слушне гласот на членовите.“

Касами не спомнува имиња и своите противници, луѓето околу пратеникот Неџбедин Каремани, прилично внимателно ги нарекува незадоволници, меѓутоа уверен е дека ги лоцирал причините за расколот.

Речиси половина од членовите во Централниот одбор на партијата доаѓаат од скопски Чаир, а по конгресот многу од нив не би си ги задржале местата

Смета дека во партијата има дваесетмина на високи партиски позиции коишто немаат поддршка од базата и не се подготвени за внатрепартиски избори. Затоа проблемот и ескалирал во моментот кога го објавиле конгресот што треба да се одржи на 24 февруари.

„Се исплашија дека ќе ги изгубат позициите“, дециден е Касами.

Поделбата на партијата во јавноста често се опишува и како судир на скопското и на тетовското крило на БЕСА, а Касами, условно кажано, му припаѓа на второто..

И самиот смета оти е неправедно тоа што речиси половина од членовите во Централниот одбор на партијата доаѓаат од скопски Чаир и вели дека ситуација драматично би се сменила по конгресот.

„Можеби ни половината од тие луѓе не би си ги задржале местата.“

Прекин на спрегите со ВМРО-ДПМНЕ

„Шпекулациите дека БЕСА е радикално исламистичка опција ќе заминат во историјата по конгресот“ | Фото: БИРН

Успехот на БЕСА на изборите во 2016 беше изненадување за многумина. Добија речиси 60.000 гласови коишто беа доволни за пет пратенички места.

„Изгледа дека не бевме подготвени за овој успех“, продолжува Касами.

Според него структурите што пред изборите стоеле на страна и не верувале во успех, подоцна ставиле рака врз партијата, се обиделе, а во неколку клучни моменти и успеале да влијаат врз одлуките на БЕСА.

„Не станува збор за класични бизнисмени“, вели Касами, „тоа се луѓе од граѓанскиот сектор што имаат извори на финансирање и кои ги користат за влијание во партиите“.

„Комуникацијата со овие луѓе не беше проблем сѐ до моментот кога нивните консултации почнуваа да стануваат диктат. Видоа дека не може БЕСА да се контролира и побараа да се повлечам.“

Најголемата победа на таканареченото НВО-лоби во БЕСА, според Касами, е тоа што партијата не влезе во владата на СДСМ и на Зоран Заев.

„Имаше влијание и притисок да не влеземе во Владата, поради врските на дел од овие структури со претходниот систем, конкретно со ВМРО-ДПМНЕ. Значи, спреги не со ДУИ, туку директно со ВМРО“, открива тој.

Резултат на тие спреги, како што ги нарекува Касами, бил и ангажманот на аналитичарот Владимир Божиновски, којшто важи за близок до структурите во ВМРО-ДПМНЕ.

„Формално не знам како бил ангажиран, ама во јавноста излезе дека се консултирале. Јас како претседател немав никаква врска со Божиновски, тоа значи дека функционирале паралелни комуникации.“

Тој бил изненаден кога неговиот сопартиец Зеќирија Ибрахими, сега припадник на спротивниот табор, на 27 април минатата година ја пееше албанската химна во Собранието, која многумина ја сметаат за иницијална каписла за инцидентот во кој беа сериозно повредени неколку пратеници и тогашниот мандатар Заев.

Другиот критичен политички момент биле локалните избори, кога ова НВО-лоби притискало за коалиција со ДПА.

„Тоа не го прифатија органите на партијата и почна јавниот линч против мене. Бев кандидат за градоначалник за Тетово, а експоненти на овие луѓе работеа против мене и за ДПА.“

На пролет најверојатно во Влада

Касами верува оти шпекулациите дека БЕСА е радикално исламистичка опција со линкови до партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе заминат во историјата заедно со неговите противници од НВО-секторот кои имаат религиозен бекграунд.

„Еден од носителите на овој процес против мене бил на протестите за поддршка на Ердоган по пучот во Турција и на Палестина, а за вакви деликатни прашања во БЕСА никогаш не сме разговарале, ниту, пак,сакаме. Имаме доста домашни проблеми, за да се занимаваме со глобални прашања.“

Првиот удар на овие структури, вели Касами, бил многу силен, бидејќи ги имале финансиите и луѓето на  позиции и првиот впечаток во јавноста бил дека членството на БЕСА е со нив, а тој е сам.

„Но, реалноста е друга.“

Тој вели дека противниците не ни ја почнале правната процедура за менување на раководство во суд, оти претходно го избраа пратеникот Каремани за в.д. претседател, знаејќи дека таа битка ќе ја изгубат.

Членовите од БЕСА не се подготвени за нова политичка опција. Околу 70 отсто од нив се млади луѓе и интелектуалци што за прв пат се вклучуваат во политика и сакат да останат

Верува дека на конгресот ќе победи неговата опција, тој повторно ќе биде претседател, а другата група истиот ден ќе прогласи дека формира некаква нова партија.

„Ама членовите од БЕСА не се подготвени за нова политичка опција. Околу 70 отсто од нив се млади луѓе и интелектуалци што за прв пат се вклучуваат во политика и сакат да останат.“

Набрзо по расколот во партијата, Биљал Касами се сретна со премиерот Заев и од изјавите по средбата можеше да се предвиди дека БЕСА, барем оној дел што го поддржува Касами, нема само да ги гласа законите на владејачкото мнозинство, туку дека постои можност и да стане дел од владиниот кабинет.

„Според зборовите на Заев првата реконструкција се очекува во пролет и тој ни понуди да размислиме дали тогаш би се вклучиле во Владата“, вели Касами и потенцира дека неговата партија има кадри со кои би можела да придонесе во Владата.

Касами потсетува дека од петте пратеници на партијата веќе тројца имаат изјавено дека остануваат во БЕСА.