Тетовскиот базен

Колумна на Ирена Цветковиќ

Како зборуваат Македонците на теми што суштински не ги интересираат? Изгледа чудно што во земја, која едвај успева да ја задржи формата на демократијата, веќе неколку дена се одвива дискусијата за еден базен. Што ја интересира Македонија, кој и кога ќе плива во Тетово? Не се тоа ниту вишок слободно време, ниту вишок капацитет за дебата, туку конкурентни наративи или различни визии за тоа каков е светот и кои се жените што го населуваат.

Како што е редот, кога ќе се појават вакви дискусии во јавноста, не изостануваат ни повиците „Каде се сега феминистките…“ За среќа, феминизмот нема одговор на ова прашање, или поточно нема еден одговор на ваквите дилеми.

Велам „за среќа“, затоа што секој конечен одговор би бил погрешен, а вистинскиот предизвик не е затворање на ова прашање, туку градење капацитет за издржување на контрадикциите. Демократија не е совршено уреден свет, во кој за сите дилеми и прашања се крие еден вистински одговор, кој јавноста треба да го пронајде. Демократија значи живеење заедно со сета нелагодност на контрадикциите без потребата тие веднаш да се расчистат.

Демократија не е совршено уреден свет, во кој за сите дилеми и прашања се крие еден вистински одговор, кој јавноста треба да го пронајде

Во среда и во сабота, во тетовскиот базен ќе се отворат два утрински термина само за жени, како одговор на потребите на локалните жени. Или можеби нема, како одговор на барањата на јавноста и правно-политичките институции. Утрата во среда и сабота административно, вака или онака, ќе се регулираат во документите и праксата на тетовскиот базен, но она што уште еднаш ќе остане напуштено се идеите за тоа како да го организираме заедничкиот живот, односно темите што Македонците најмалку ги интересираат.

Ако најголемиот дел од нас што дискутираме за тетовскиот базен никогаш нема ни ножниот палец да го натопиме во таа вода, тогаш очигледно оваа дебата не е само за базенот. Таа ни е важна затоа што ги активира нашите веќе постоечки наративи за тоа кои и какви се жените и што сакаат тие. Жените се ранливи на родово засновано насилство и затоа тие треба да уживаат простор без сексуално вознемирување, па посебните термини се начин тоа да се понуди.

Жените се различни, тие имаат различни културни и религиски уверувања и потреби, па посебните термини се начин јавните добра да се приспособат на овие разлики.

Жените се модерни, еманципирани, секуларни граѓанки и тие одбиваат да бидат третирани како објект на конзервативниот морал, па поништувањето на одлуката за посебни женски термини е поништување една назадна и репресивна административна отстапка што претендира да создаде поширок преседан.

Жените се демократски граѓанки, кои се заинтересирани да го бранат нормативниот поредок, односно загарантираниот еднаков пристап до јавни добра и услуги за сите, па поништувањето на одлуката за посебни термини е победа на правниот ред.

Наместо да се исцрпуваме со прашањето која позиција е морално исправна, потребно е да се прашаме како да живееме со фактот дека другите имаат различни телесни навики, желби, срамови, верувања…

Па, сепак, во симболичкиот поредок нема „жени“ како целосна, стабилна и претставлива категорија. Фалоцентричниот поредок не ја препознава жената како таква, туку произведува слики, функции и фантазии за тоа што треба да биде жената.

Таа треба да биде заштитена од насилство, приспособена во својата културна разлика, ослободена од конзервативниот морал или поставена како демократска граѓанка што го брани правниот поредок. Во сите овие наративи, жената постои, но како место врз кое се запишуваат туѓи политички, морални и идеолошки проекции. Токму затоа, категоријата „жена“ постојано се измолкнува, а феминизмот не успева да произведе единствен одговор. Таа се повикува како нешто очигледно, а, всушност, е една од најнестабилните категории во јавниот говор.

Штом ќе кажеме „жените на базенот“, ние веќе сме одлучиле кои жени ги гледаме: дали ранливи, дали религиозни, дали еманципирани, дали граѓанки. Но, секое такво именување, истовремено произведува остаток: жени што не се вклопуваат, жени што не се доволно слободни за едните, ниту доволно пристојни за другите.

Токму тој остаток е најважниот дел од дебатата.

Ако успееме да излеземе од морално-нормативната рамка, без да се паднеме во релативизам, тогаш полека пристигнуваме на местото на контрадикции и нелагодност, кое единствено може да ни го вети заедничкиот живот како возможен. Па така, наместо да се исцрпуваме со прашањето која позиција е морално исправна, потребно е да се прашаме како да живееме со фактот дека другите имаат различни телесни навики, желби, срамови, верувања, стравови и начини на присуство.

Моралниот суд бара брза јасна позиција – дали нештото е модерно или назадно, автентично или наметнато, добро или лошо. Она што ни недостасува нам како јавност не е морален суд, тој го имаме вишок, туку капацитет за демократска организација на нелагодноста. Да се живее заедно, значи да се усвои и прифати нелагодноста од идеите, желбите и трагите на другите.

Базенот е исклучително интересен случај затоа што е простор на изложеност на поглед. Во јавниот простор, погледот е неизбежен факт, ние гледаме и сме гледани.

Ако инсистираме на некаков одговор во оваа дискусија, тоа би бил: сите сме во право и сите сме згрешиле, па сега издржете во оваа контрадикција

Да се живее заедно со другите, значи да се обидеме да го организираме животот околу фактот дека изложеноста е неизбежна, дека туѓиот поглед е секогаш присутен, но наместо тој да се регулира, треба да се гради и негува. Туѓиот поглед често е сексуализирачки, дисциплинирачки, исмевачки, исламофобичен, хомофобичен итн. Туѓиот поглед или погледот кон другите е граден, конструиран, темелно и посветено, низ образование, медиуми, култура и политика.

Токму поради тоа, тој може да биде и поинаков. Погледот кон и на другите може да биде неосудувачки, поглед на љубопитност, емпатичен, грижлив и ненасилен. Но, таков поглед не се појавува сам од себе, тој мора да се гради низ еден вид педагогија на заедничкиот поглед. Во овој случај, тоа би значело дека ќе се работи на условите во кои различни тела можат да бидат присутни без да бидат сведени на проблем.

Преку образование, култура, право, јавни политики, медиуми и секојдневни практики треба да се гради поглед, кој не е ниту слеп кон разликата, ниту опседнат со неа. Поглед кој може да забележи различност без веднаш да ја сексуализира, дисциплинира, исмева или да ја прогласи за закана. Па така, ако инсистираме на некаков одговор во оваа дискусија, тоа би бил: сите сме во право и сите сме згрешиле, па сега издржете во оваа контрадикција.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија