Истражувањa

Албанија: Иницијатива политичкиот затвор Спач да се трансформира во музеј

Реализацијата на предлогот, затворот Спач, во кој за време на владеењето на комунистичкиот режим во Албанија биле притворани политички затвореници, кои државата ги праќала на принудна работа, да биде претворен во музеј, ја кочи недостигот на финансиски средства. Во меѓувреме, овој напуштен затвор продолжува да пропаѓа.

Фатјона Мејдини, Тирана

Минатата недела, во поранешниот комунистички затвор во северниот дел на Албанија, Спач, се одржа комеморација по повод 45-годишнината од познатиот бунт на затвореници, што во тоа време го шокирал диктаторскиот режим на Албанија.

Всушност, на 21 мај 1973 година, група политички затвореници, кои повеќе не сакалe да бидат испраќани на принудна работа во рудниците за бакар и пирит, кои се наоѓале во близина на затворот, дигнале бунт, повикувајќи на слобода и на ставање крај на комунизмот.

Бунтот се проширил низ целиот затвор, а кулминирал со подигање на албанското национално знаме, без комунистичка ѕвезда на врвот. Но, два дена подоцна, на 23 мај, бунтот бил угушен. Четворица затвореници биле егзекутирани, а 66 добиле повисоки казни.

На минатонеделната комеморација, за прв пат присуствуваше и висок државен претставник – претседателот, Илир Мета, кој во своето обраќање истакна дека бунтот бил херојски чин, при што вети поддршка за основање на музеј во затворот Спач, идеја што циркулира со децении, и која што ја поддржуваат и поранешните затвореници.

Спач беше официјално прогласен за споменик на културата во 2007 година. Тој е единствено место на комунистичката репресија во Албанија, кое што го добило овој статус. По ова, беше ветено дека локацијата ќе биде претворена во музеј и место на сеќавања.

Сепак, иако од прогласувањето на затворот како споменик на културата поминаа 11 години и 23 години откако овој озлогласен затвор ги затвори своите врати, идејата за отворање на музејот е далеку од својата реализација, а за да се спречи неговите ѕидови да паднат, потребна е итна интервенција.

Без финансиска поддршка од Владата

Ветувањето дека Спач ќе биде претворен во место на сеќавање, не беше поддржано и со буџетски средства.

Кога во јуни 2017 година го посети ова место, албанската министерка за култура, Мирела Кумбаро, соопшти дека наскоро ќе се одржи меѓународен натпревар за најдобар проект, за преадаптирање на затворот во музеј.

Сепак, од Министерството за култура, за БИРН потврдија дека дури и за 2018 година, немаат планирани средства за зачувување на овој објект или за започнување на нов проект на оваа локација.

„Министерството за култура е учесник во тркалезните маси и е дел од консултациите за проектите врзани за Спач”, велат од министерството за БИРН, сугерирајќи дека министерството, во голема мера, има ограничена улога кога станува збор за иднината на оваа локација.

Поради неможноста да обезбедат пари од Министерството за култура, албанскиот Институт за споменици и локалната власт, им се обратија на невладините организации, да им помогнат, идејата за музејот да не изгуби од актуелност.

Овие напори ги предводи невладината организација, Културно наследство без граници, КНБГ Албанија. Џонатан Итон, антрополог и програмски офицер на КНБГ Албанија, за БИРН вели дека оваа организација започнала да работи на идејата за создавање на музеј во затворот Спач во 2014 година.

Прво, организацијата иницирала широк дијалог за иднината на оваа локација, во која учествувале државни институции и организации, организации што ги претставуваат затворениците од комунистичката ера и поранешните затвореници од затворот Спач.

„На крајот на овој процес, создадовме акциски план со главна идеја, ова место да биде место на рефлексија и сеќавање, кое ќе биде интересно да го посетат не само странците, туку и Албанците”, нагласува Итон.

Дел од акцискиот план на КНБГ Албанија е и зачувување на седумте објекти, од понатамошно оштетување и уништување, како и формирање на независно државно тело, кое ќе биде одговорно за оваа место.

Меѓутоа, додека дијалогот течеше, некои од ѕидовите само што не се урнаа.

Со помош на грант на шведската влада, КНБГ Албанија постави нови носечки столбови во некои згради и ги реновираше старите покриви кои веќе неколку години протекуваа.

„Во 2017 година, бевме принудени физички да интервенираме за да го спасиме она што го имаме. Тоа беше прва (интервенција на одржувањето) по падот на комунизмот“, додава Итон.

Уривањето на зградите не беше единствениот проблем за затворот Спач. Имено, крадци ги крадеа железните прачки од зградите, со цел да ги продаваат.

Ова е една од причините зошто Луиџи Мила, директор на организацијата Музеј „Спач”, која лобира затворот да се претвори во музеј, од 2014 година плаќа чувар.

„Никој од локалната или централната влада не направил никаков напор да ги спаси зградите. Ние повеќе не можевме да го оставиме овој простор отворен, поради крадците на железо“, вели Мила.

Туризам меѓу урнатините

На некои ѕидови и денес можат да се видат испишани пораки од затворениците. Фото: Лорета цука/reporter.al

Затворот Спач не се промовира во ниту еден туристички водич за Албанија, иако Музеј „Спач“ проценува дека во 2017 година имало најмалку 3.000 посетители.

Странските и локалните туристи некако го наоѓаат патот до овој симбол на страдање од времето кога Албанија беше под комунистичка власт.

Тие можат слободно да влегуваат и да шетаат низ објекти, но нема да видат прозорци или врати на нив. Некои од ѕидовите се сериозно оштетени, иако на дел сѐ уште можат да се видат испишани пораки од затворениците.

Има неколку знаци на албански и на англиски јазик, што ги поставила организацијата Музеј „Спач“, во 2016 година, но за посетителите на ова место, други информации нема.

Мила додава дека организацијата се обидува да донесе меѓународни личности, кои ќе се запознаат со историското значење на оваа локација.

Во август, во Спач ќе биде организиран летен камп, кој ќе собере 24 студенти по историја од Албанија, Германија, Полска и Украина, заедно со нивните професори.

„Верувам дека албанската влада би можела да интервенира на оваа локација, ако се најде под меѓународен притисок”, истакнува Мила.

КНБГ Албанија смета дека отворањето на поранешната архива на тајната полиција, Сигурими, ќе биде шанса да се добие нов материјал од Спач, кој би можел да биде вреден за неговото наследство.

„Ние побаравме детални информации за сите затвореници од овој затвор, како и стари фотографии од нив и од затворот. Тоа ќе ни помогне многу“, вели Итон.

Тој верува дека патот за трансформација на Спач во пристојно место на сеќавање е долг, иако нему не му недостасува оптимизам.

„Најмалку едно нешто сега е сигурно – повеќе нема да дозволиме губење на неговите делови”, додава тој.