Истражувањa

Родителите на децата убиени во масакрот во Тузла се сеќаваат на нивното страдање

Масакрот во Тузла, извршен на 25 мај 1995 година, во кој животот го загуби 71 младо лице, е еден од најголемите, извршен врз цивилите, во војната во Босна и Херцеговина. Досега, за ова злосторство, осудено е само едно лице, кое се наоѓа на слобода.

Адмир Муслимовиќ, Тузла

Кога на плоштадот во босанскиот град Тузла, познат како тузланска Капија, експлодирала граната, родителите на Сандро Калесиќ, прославувале годишнина од бракот. Неговиот татко зел слободен ден на работа, за да го прослави овој датум.

Сандро и Дино Калесиќ. Фотографија на Дино Калесиќ.

Двеиполгодишниот Сандро бил убиен во оваа експлозија, која усмртила 71 младо лице, а ранила 200, кога од позициите на Војската на Република Српска (ВРС), над градот, во вечерните часови на 25 мај 1995 година, била исфрлена граната.

„Кога видов дека Сандро е погоден, го привлеков кон себе, почувствував влажност околу неговото срце. Не знаев дека е погоден, а потоа го тргнав и видов крв. Трчавме до нашиот автомобил низ распарчените тела”, раскажува, Дино Калесиќ, таткото на Сандро.

„Кога дојдовме на влезот на клиничкиот центар, Сандро ми умре на раце”, вели тој.

Тој ден, на тузланска Капија, животот го загубила и девојката, Едина Ахметашевиќ. Нејзиниот татко Ариф бил на бојното поле кога се случило тоа.

„Слушнав дека во Тузла се случил масакр. Помислив: ‘Не дај боже, таа често излегува’. Подоцна, околу десет часот, ме донесоа од боиштето. Дојдов во Градина (болницата во Тузла) и видов како Едина ја изнесуваат од болницата. Ја носеа на одделението за патологија”, вели Ахметашевиќ.

Аднан Пириќ, во то време бил 17-годишен ракометар, а денот кога гранатата била исфрлена, од тренинг, пошол во центарот на градот. „Пријателите што дојдоа со мене, лежеа врз мене, па се обидов да ги тргнам, веќе беа мртви”, раскажува тој. Пириќ ја изгубил ногата, бидејќи поради повредата, лекарите морале да му ја ампутираат.

Тешко повреден бил и неговиот пријател, Асим Хаџиселимовиќ, кој го преживеал масакрот. Тој, по ова, морал две години да помине на лекување. „По две и пол години, за прв пат излегов од кревет. Никогаш нема да го заборавам тоа чувство. Јас буквално одново учев да одам“, вели Хаџиселимовиќ.

„Мирисот на крвта”

Гробот на Едина Ахметашевиќ, меѓу гробовите на другите жртви. Фото: БИРН

Голем придонес, бројот на жртви да биде што помал, таа ноќ – најтешка во историјата на Тузла – дадоа и лекарите и медицинскиот персонал на Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) во Тузла.

„Мирисот на крвта, плачењето, мешавината на дезодоранси, децата беа стокмени за излегување, требаше да одат на својот прв состанок, кој излезе дека за нив е последен”, изјави Салих Слијепчевиќ, кој во 1995 година работел во УКЦ Тузла.

„Јас не можам да ги опишам видовите на повреди и тие искривени ликови на мртви деца, со болни лица … Но, уште полошо во тие моменти ми беше да ја гледам надежта на родителите, кои под крвавите бели чаршафи, ги бараа своите деца и нивните пријатели”, додава тој.

Есма Слијепчевиќ се надевала до последен момент дека нејзиниот син Асим е меѓу преживеаните.

„Слушнав дека паднала граната и оти ранила и убила многу луѓе. Отидов таму за да го побарам мојот Асим. Си помислив дека можеби им помога на другите, можеби носи ранети. Но, додека го барав, видов многу крв, многу повредени луѓе, многу мртви луѓе покриени со чаршафи. Подоцна дознавме дека и тој е мртов”, вели Есма.

Четири дена по масакрот во Тузла бил организиран погреб на загинатите. Поради постојаното гранатирање на градот во тој период, погребот се одржал на 29 мај во четири часот наутро.

„Се плашевме поради масовноста да не дојде до нов масакр”, вели Јасмин Имамовиќ, градоначалник на Тузла.

Родителите морале со своите деца да се збогуваат за последен пат, во тишина.

Најтежок момент по масакрот, за таткото на Едина, Ариф, бил, како што вели, самиот погреб.

„Помислив: ‘Боже, драги, тука може да дојде до забуна, да ми дале табут на некој друг’. Тогаш, во гробот, ја открив Едина, ја помилував, констатирав дека е таа”.

„Тоа ми беше најтешкиот момент … Тој чин на милување во гробот”, раскажува Ахметашевиќ.

Бегство на осуденото лице

Новак Ѓукиќ беше прогласен за виновен за гранатирањето на Тузла. Фото. Суд на БиХ

Само еден човек беше осуден за масакрот во Тузла, Новак Ѓукиќ. Казната не ja отслужуваше.

Ѓукиќ пред Судот на БиХ беше прогласен за виновен, дека како командант на тактичката група „Озрен” на ВРС, на 25 мај 1995 година, му наредил на артилерискиот вод, со топови да ја гранатира Тузла, поради што беше осуден на 25 години затвор.

Во февруари 2014 година, тој беше ослободен од затвор, откако Уставниот суд на БиХ ја поништи пресудата – поради погрешна примена на законот. Во јуни 2014 година, Судот на БиХ му ја намали казната на Ѓукиќ на 20 години затвор.

Но, неговиот адвокат, Душко Томиќ, неколку дена подоцна, го информираше Судот на БиХ, дека тој заминал на лекување во Србија.

„Немаше индикации дека ќе побегне. Ѓукиќ и јас јавно им соопштивме на медиумите дека ќе одиме во Тузла, ќе положиме цвеќе и ќе им оддадеме почит на невините жртви. Бев убеден дека ова ќе се случи, но на крајот тоа не се случи“, изјави адвокатот Томиќ.

Босанските власти во неколку наврати побарaа од Србија да го преземе извршувањето на пресудата и да го натера Ѓукиќ да го отслужи остатокот од казната, но судот во Белград сѐ уште не одлучил дали да постапи по ова барање. Расправите во неговиот случај беа одложувани неколку пати.

Огорчените родители на убиените деца, ниту речиси две и пол децении по масакрот, не се помируваат со фактот дека за злосторство од вакви размери, е одговорно само едно лице.

„Би сакал да го видам, да го сретнам, да го погледнам во очи и да го прашам дали може да спие, дали спие добро, дали ги гледа овие деца во своите соништа, дали сликите од Капија, каде што загина 71 лице, а повеќе од 200 беа ранети, му се појавуваат во главата“, вели Дино Калесиќ, татко на двегодишниот Сандро.

Адвокатот Томиќ смета дека неговиот клиент не е виновен. Неговата одбрана пред Судот на БиХ беше базирана на тезата дека во Тузла, на денот на масакрот, бил поставен експлозив.

„Според мое мислење, Новак Ѓукиќ е неправедно осудено лице. Знаеме кој го изврши злосторството, кој направи експлозивни направи, кој ги активираше и ги однесе во Тузла“, изјави Томиќ.

Но, наодите на експертите зборуваат поинаку. Анализирајќи го случајот на Капија, воениот вештак, Берко Зечевиќ, утврди дека на 25 мај 1995, од планината Озрен, бил испукан 130 милиметарски артилериски проектил.

Адмир Икиниќ, еден од преживеаните. Фото: БИРН

„Не само според моите проценки – многу анализи покажаа дека проектилот бил исфрлен од 27,5 километри одалеченост, од Озрен“, изјави Зечевиќ.

„Врз основа на картата што ја пронајдоа истражителите, беше утврдено дека таму имало три артилериски оружја. На картата јасно се гледаа однапред дефинирани цели во зоната на Тузла, а меѓу овие цели беше дефинирана и Капија, како место на цел“, додаде тој.

Родителите на убиените деца и преживеаниот лица сé уште чекаат Ѓукиќ конечно да се најде зад решетки.

„Би се задоволил, ако е виновен, а докажано е дека е виновен, да го видам на издржување на казната“, вели Аднан Пириќ.

Адмир Икиниќ, кој исто така го преживеал масакрот, вели оти има порака за Ѓукиќ: „Од 1992 до 1995 година, ме гранатираше, тука во мојот град, од Мајевица, од Озрен и од други места, секој ден“.

„Три години успевав да ти побегнам, но ме најде на Капија, ме рани, но тука сум, преживеав, а вие мора да одговарате за она што сте го направиле“, порача Икиниќ.