Истражувањa

Албанската војна против дрогата

Албанија со невидена брзина ги уништува стеблата канабис, но корупцијата, како и неуспехот да се посочат главните што стојат зад мултимилијардерската индустрија ја демантираат „војната против дрогата“ на оваа земја-членка на НАТО

Пишува: Елвис Наболи – Скадар, Тирана, Бари

Додека полека се смрачува, планинската патека станува сѐ поопасна. Ѓерѓи нѐ води по патеката, десетина минути пеш од главниот пат, низ буковата шума до неколку мали чистинки каде што првите зелени ’ркулци канабис ѕиркаат од земјата.

Овој 21-годишен млад човек ги напуштил универзитетските студии за да се грижи за плантажата во близина на празната куќа што ја поседува неговото семејство во дивината на албанските планини во близина на северниот град Скадар.

„Ова растение бара многу работа. Но, ако успееме до крај, добро се заработува”, вели тој. „Ќе ја реновирам куќата во Скадар, а потоа ќе заминам за Англија”.

Ѓерѓи зема празни пет литарски шишиња скриени во грмушките, ги полни со насобраната дождовница за да ги наводни стеблата канабис.

„Сѐ повеќе млади луѓе како мене се во планините, наместо долу во градот, каде се грижат за плантажите со канабис”, вели тој. Но, успехот зависи од една работа.

„Вреди само ако имате врска во полицијата. Врската ќе ме извести ако има полициски рации во оваа област, и ако успееме да ги собереме, од 2.000 стебла околу 200 остануваат за него“. Тоа е потенцијална заработка од десетици илјади евра за корумпираниот службеник, ако стеблата пораснат силни и високи.

На овој начин функционира мултимилијардерската индустрија што за 25 години ја претвори Албанија во еден од главните снабдувачи на канабис на меѓународните пазари, покрај Колумбија, Јамајка, Холандија и Парагвај.

Во 2013 година дојде до промена на власта и новата социјалистичка влада под раководство на уметникот кој стана политичар, Еди Рама, веќе следната година им објави војна на одгледувачите на канабис, со петдневен напад на озлогласениот рај за дрога во близина на јужната граница со Грција.

Токму таа година, 2014-та, полицијата запленила нешто повеќе од 101 тон марихуана, малку повеќе од претходните девет години заедно. Биле уништени нешто повеќе од половина милион стебла марихуана, а следната година тој број се зголемил на 800.000, а во првите девет месеци од 2016 година полицијата соопштила дека бројката на уништени растенија се зголемила повеќе од двојно достигнувајќи до 2.1 милиони стебла.

Првите ’ркулци од растението канабис на една чистинка во шума во северна Албанија / Фото: Елвис Наболи

Првите ’ркулци од растението канабис на една чистинка во шума во северна Албанија / Фото: Елвис Наболи

Таквите бројки, според владата на Рама, се доказ дека ја добиваат војната, по многу години во кои останувале неказнети за време на владеењето на неговите ривали – демократите.

Истражувањето направено за целите на Балканската стипендија за новинарска извонредност, сепак, покажува многу посуптилна слика: незаплашени, одгледувачите се преселиле во оддалечените планински области; шверцерите се фалат дека имаат полициска заштита; италијанските иследници се восхитуваат на генијалноста на албанските криминални банди; додека во Европа и во САД, владите се загрижени заради големиот неуспех на нивниот НАТО сојузник да уапси или обвини некого, освен ситните риби.

„Се апси само некој што нема пријатели во полицијата или во државната администрација“, вели Јана Арсовска, експерт за балканскиот криминал со седиште во Њујорк, за релациите во албанското општество

Долготрајната сиромаштија, пак, ги поткопува сите напори да се убедат одгледувачите на канабис дека имаат било каква друга алтернатива.

„Криминалните организации се организации во кои се учи и кои брзо се прилагодуваат на контрамерките што доаѓаат од врвот“, вели Јана Арсовска, доцент на „Џон Џеј“ колеџот за правда во Њујорк и експерт за организиран криминал на Балканот.

„За да се реши овој проблем потребни се луѓето и општеството во целина, а не само државните агенции“.

Селективна правда

Војната тукушто започна во Лазарат, село во јужна Албанија, во кое во последниве 15 години се развива незаменливата индустрија со канабис во Европа. Добро вооружено, селото било одговорно за околу половина од производството на канабис во Албанија или околу 900 тони годишно со проценета пазарна вредност во Европа од 4.5 милијарди евра.

Неговите жители, кои непречено одгледувале канабис во дворовите и полињата, редовно гласале за демократите, кои владееле од 2005 до 2013 година.

Рама наредил уништување на индустријата со канабис во селото една година откако дошол на власт, само неколку дена пред Европската унија да донесе одлука дали да ѝ се даде на Албанија посакуваниот статус на земја кандидат за членство, со што ќе и бидат достапни повеќе средства од ЕУ.

Околу 800 полицајци, вклучувајќи ги и специјалните сили во оклопни возила, го опколиле селото и го држеле под опсада повеќе од пет дена во јуни, отворајќи оган кон оние кои биле решени да ги бранат насадите додека постепено се повлекувале и бегале кон планините. Биле запалени околу 130.000 стебла канабис, уништени четири лаборатории за дрога и запленети 80 тони марихуана. Десетици луѓе биле уапсени.

Рама изјавил дека полицијата ја уништила „криминалната зона која 20 години претставувала табу тема бидејќи се прогласила за посебна република и се претворила во знак на срам за Албанија“. Неговиот министер за внатрешни работи, Самир Тахири, изјавил дека тоа ја покажува решеноста на владата „да се воведе владеење на правото во сите делови од Албанија“.

Но, повеќе од две години подоцна, само 10 лица останале во затвор, главно врз основа на обвиненијата за пукање кон полицијата и одгледување канабис.

Тие главно биле ситни играчи во организираниот криминален потфат што има индустриски размери, додека лидерите останале недопрени, или веројатно никогаш не ни биле таму.

Слики од воздушното набљудување преземени од страна на италијанската финансиска полиција на кои се прикажани плантажите со канабис во селото Лазарат, во јужниот дел на Албанија, во јули 2013 година, и во јули 2015, една година по полициската рација во оваа област / Фото: Елвис Наболи

Слики од воздушното набљудување преземени од страна на италијанската финансиска полиција на кои се прикажани плантажите со канабис во селото Лазарат, во јужниот дел на Албанија, во јули 2013 година, и во јули 2015, една година по полициската рација во оваа област / Фото: Елвис Наболи

Во извештајот за напредокот на Албанија кон членство во Унијата објавен во ноември 2016 година, ЕУ го поздрави „извонредниот голем број заплени на дрога и уништување на стеблата канабис”, но рече дека бројот на пресуди и понатаму е на ниско ниво. Истрагите и обвиненија, се вели во извештајот, „не одат доволно високо во хиерархијата на снабдување со дрога”.

„Полицијата и обвинителството не успеваат да ги идентификуваат криминалните банди кои стојат зад одгледувањето и шверцот со дрога, и ретко кога следи ефикасна судска разрешница по кривичната постапка”, се вели во извештајот.

Извештајот за напредокот на претходната година, предупреди дека „недоволно се користат“ финансиските истраги, мерките за спречување на перење пари и конфискација на средствата. Всушност, помеѓу 2010 и 2015 година, се вели во извештајот, помалку од 35 лица беа осудени за перење пари.

Арсовска изјави за БИРН: „Албанското општество работи на системот на сродство или пријателство, а некој се апси само доколку нема пријатели во полицијата или во државната администрација“.

„Иако владата тврди дека се ’бори’ со проблемот со дрога, истовремено имаме сериозни прекршители/трговци со дрога кои шетаат слободно или бегаат од затвор“.

Амбасадорот на САД во Тирана, Доналд Лу, го искажа својот став за ова прашање во септември, зборувајќи пред група студенти по новинарство дека и сегашната и претходната влада „имаат проблем со трговијата со дрога и дека постојат политичари кои имаат корист од нивните врски со трговците со дрога“.

Тој ја потсети публиката: „Знаеме дека постојат неколку пратеници, градоначалници во Албанија и кандидати за градоначалници кои биле осудени за трговија со дрога во земји-членки на ЕУ“.

БИРН побара интервју со Министерството за внатрешни работи и преку е-меил испрати прашања во врска со полициската корупција и обвинувањата дека државата не ги таргетира главните лица зад индустријата со канабис, но не доби одговор. БИРН, исто така, побара коментар од страна на државната и граничната полиција, но не доби одговор.

Прилагодување за преживување

Постојат знаци дека острите мерки во Лазарат ги натерале одгледувачите на канабис да се преселат во други области, со цел да се задоволи побарувачката; тие сѐ повеќе садат на јавни површини, а не на приватно земјиште, во самите шуми или на далечните, планински падини, што ѝ отежнува на полицијата да ги открие насадите и да утврди кому им припаѓаат, соопшти полицијата.

Во интерната анализа од страна на јавното обвинителство на Албанија, од која одредени делови протекоа во албанските медиуми во јуни, се вели: „Во текот на последните неколку години, одгледувањето канабис се прошири низ целата земја и во секој регион“.

„Одгледувачите на канабис сатива”, се вели во извадокот од извештајот до кој дојде БИРН, „користат земјиште кое е во државна сопственост, главно, во шуми и пасишта, или во близина на извори на вода и далеку од населени места“.

Портпаролот на јавниот обвинител Адриатик Лала, кој беше назначен на функцијата од страна на парламентот за време на претходната влада предводена од демократите во 2012 година, не одговори на барањето на БИРН да го потврди постоењето на извештајот и наодите.

„Ситуацијата оваа година е неспоредлива со претходните години, што се должи на огромниот пораст на засеани површини“, изјави Хивзи Бушати, поранешниот шеф на специјалните полициски сили во Северна Албанија, кој бил разрешен кога социјалистите ја презеле власта, а сега е член на опозициските демократи.

„Без врски во полицијата и политиката, никој нема храброст и смелост за таква инвестиција, одгледување на илјадници стебла канабис во земјата”, изјави тој за БИРН во едно кафуле во Скадар.

Владата го демантира тврдењето дека производството на канабис е во пораст и дека полицајците се вклучени. Таа, исто така, ги отфрли обвинувањата, изнесени од страна на опозициската партија на демократите, дека е во дослух со трговците со луѓе.

„Јавноста создава погрешен впечаток дека постои зголемување на површините насадени со канабис”, изјави на прес-конференција во август Алтин Ќато, заменик-генерален директор на албанската државна полиција, „Но, тоа не е така, полицијата е едноставно подобра во идентификувањето и преземањето акција“.

Тој рече дека Министерството за внатрешни работи немало индикации за вмешаност на полицајците. „Ако се случи тоа, ние ќе ги уапсиме, бидејќи соработниците се исти како и одгледувачите“. Подоцна, во септември, Ќато изјави дека осум полицајци биле отпуштени, додека 21 бил под истрага под сомнение дека не успеале да ги држат под контрола областите за кои биле задолжени.

Плодна почва

Благословена со просечно од 218 сончеви денови годишно и богата со планински извори, Албанија е плодна почва за одгледување канабис.

Енвер Хоџа, комунистичкиот диктатор кој ги затворил границите на Албанија во текот на четиридецениската параноична, сталинистичка власт по Втората светска војна, им забранил на Албанците да одгледуваат канабис во 1946 година Дрогата претходно била слободно продавана за рекреативна употреба и како седатив за деца.

„Ако сакате да го направите ова [да превезувате канабис], ќе мора да зборувате со оние на власт“ – неименуван „превозник“ на дрога во северниот дел на Албанија

Во времето на Хоџа, државата ја презела контролата, преобразувајќи ја во индустриска култура за извоз врз основа на она што денес е дел од Институтот за земјоделство во Камез, општина во округот на Тирана.

„Тоа беше канабис со многу добар квалитет“, изјави за БИРН Ахмет Осја, последниот министер за земјоделство на владејачката партија пред падот на комунизмот во 1991-92 година. „Швајцарците го сакаа, бидејќи беше високо квалитетен, поради светлината. Се користеше за лекови, лековити билки и коноп“.

По падот на комунизмот завладеала децениска интензивна нестабилност, со граѓански немири во земјата и војна во соседната поранешна Југославија. Оружјето станало вообичаена појава, политиката станала длабоко поларизирана, а криминалните банди цветале. Како земја-членка на НАТО од 2009 година, Албанија сé уште се бори со последиците од деведесеттите години и моќта на организираните криминални мрежи кои се протегаат длабоко во Западна Европа.

Арсовска вели дека краткотрајните напори на албанските влади по падот на комунизмот да се справат со трговијата со дрога повеќе биле направени „за слава и публицитет”, често мотивирани од политиката на „морков и стап“ спроведувана од страна на ЕУ кон балканските земји кои се стремат еден ден да се приклучат кон унијата.

„Во принцип, постои недостаток на цврсти, долгорочни институционални аранжмани за борба против организираниот криминал во Албанија“, вели таа. „Организираниот криминал живее во симбиоза со државните институции“.

„Флексибилната адаптација врз основа на анализата на начините да се заобиколат владините политики во борбата против дрогата помага да се објасни зошто нелегалната индустрија со дрога опстојува во Колумбија и во Албанија, и покрај тоа што владите затвориле неколку главни организации, вклучително и групите Меделин и Кали [наркокартели во Колумбија], или групите од Лазарат“.

Светската книга на факти на Централната разузнавачка агенција на САД пишува за „ограниченото производството на опиум и проширувањето на канабисот во Албанија“ и вели дека организациите за трговија со дрога на етничките Албанци се „активни и се шират во Европа“.

Транспортер

Во Хоти, зафрлено планинско село на границата меѓу Албанија и Црна Гора, еден шверцер ни посочи тесен пат, сокриени зад грмушки и дрвја.

„Оттука натаму, користиме животни за превоз“, вели тој.

„Кога ќе се постигне договор, работата на полицијата е едноставна. Тие само го вртат радарот на друга страна, наместо кон планината, во насока на Скадарското Езеро, и ни кажуваат кога патот е слободен, па пратката ја праќаме безбедно до нејзината дестинација“.

„Се бара“

Критичарите на власта се фокусираа на случајот со Клеменд Балили, 44-годишен албански бизнисмен и поранешен директор на одделението за транспортни услуги, во состав на Министерството за транспорт, во јужниот албански регион Саранда, како доказ дека постои клима на неказнивост и дека владата е во дослух со шверцерите.
Во мај 2016 година, американската Управа за борба против дрогата (ДЕА) била вклучена во операција во која грчката полиција запленила околу 687 килограми марихуана со потекло од Албанија, по околу 451 килограми запленети во јануари 2014 година, и речиси 700 килограми во април 2015 година – дел од двегодишната полициска акција против еден синџир за трговија со дрога.
Грчката полиција соопштила дека трговците користат моторни чамци за транспорт на марихуана од Албанија во Грција, а потоа основале лажни транспортни компании да ги пренесат до другите европски земји. Грчките и албанските медиуми го идентификувале главниот осомничен како Балили.
Балкан инсајт објави дека името на Балили се појавува на грчкиот налог за апсење издаден на 9 мај. Тој бил отпуштен од неговото државно работно место, но и понатаму е во бегство.

Албанската опозициска партија на демократите ја обвинила владата дека го штити од апсење, нешто што владата го негира; според Балкан инсајт и албанските медиуми семејството Балили има повеќе политички врски.

Самиот Балили на 11 мај ги негирал обвинувањата во тиранскиот портал newsbomb.al, велејќи дека се политички мотивирани.

„За превоз на еден килограм канабис сатива, плаќаме 50 евра, и со ова се покриваат албанските и црногорските превозници, а полицијата зема свој дел бидејќи невозможно е да се транспортира нешто без нивна дозвола“, изјави тој за БИРН. Транспортерите користат магариња, рече тој, натоварени со товар меѓу 50 и 100 килограми.

„Обично само оние кои се обидуваат да одат сами или не се точни со исплатите за нивните лица за контакт во граничната полиција се апсат“, изјави шверцерот.

Во Хоти, еден таков „превозник“ седна во аголот на терасата од едно кафуле со поглед на патот. Се претстави како Гзим. „Тука сите имаат уши, иако сите го прават тоа“, вели тој.

Како и другите превозници, и тој го знае теренот и има полициски врски.

„Сме успеале да пренесеме најмногу 100 килограми во еден ден, а плаќањето е исто, 50 евра за килограм. Обично одиме во текот на ноќта или во раните попладневни часови“, кога луѓето или ручаат или одмараат.

„Ако сакате да го правите ова, мора прво да се зборува со оние на власт. Во спротивно, може да завршите во затвор на многу долго време“.

Според албанскиот закон, одгледувањето или превозот на марихуана се казнува со казна затвор од три до седум години или пет до 10 години како дел од организирана група. Водачите се соочуваат со казни меѓу седум и 15 години затвор.

Од Хоти, во Црна Гора, дрогата потоа си го наоѓа својот пат низ порозните граници на поранешните југословенски републики, преку Србија, Босна или Хрватска и конечно во безграничната Шенген зона на ЕУ, почнувајќи од Унгарија или Словенија.

Други шверцери имаат подиректна рута, преку море или воздух од западниот брег на Албанија до крајбрежјето на Пуља во Јужна Италија. Нешто повеќе од 200 километри ги раздвојува Драч во Албанија и италијанскиот пристанишен град Бари.

Фотографија со плантажа со канабис во северна Албанија, објавена од страна на полицијата во август 2016 година / Фото: Албанската полиција

Фотографија со плантажа со канабис во северна Албанија, објавена од страна на полицијата во август 2016 година / Фото: Албанската полиција

„Албанската марихуана често доаѓа на многу моќни глисери, преку копно низ Црна Гора, Хрватска и Словенија, или со мали авиони наречени Пајперс“, вели еден иследник од Финансиската полиција, италијанска агенција задолжена за борба против финансискиот криминал, шверцот и трговијата со дрога .

„Со последниот метод, шверцерите само фрлаат големи количества дрога во Пуља, каде ги пречекуваат нивните соработници“, изјави за БИРН иследникот во Бари, кој побара да остане анонимен, бидејќи не е овластен да разговара со новинари.

Авионите „пајпер“ омилени меѓу шверцерите се лесни авиони, со еден мотор и две седишта кои можат да носат до околу 500 килограми и да летаат до 1.600 километри без дополнување на гориво.

„Криминално-политичката врска што се храни од корупцијата дозволува организираниот криминал да цвета”, – Јана Арсовска, експерт за балканскиот криминал

Во извештајот од 2015 година на Централната управа на Италија за борба против трговијата со дрога било наведено дека шверцерите користат „тајни патишта преку Јадранското Море“. Националниот директорат за борба против мафијата во Италија, исто така, во извештајот од 2015 година, пишува дека една од омилените тактики на шверцерите била да се скрие дрогата меѓу другата стока во „модифицирани приколки, комбиња или патнички автомобили“ што поминуваат преку пристаништето во Бари.

Според податоците на Финансиската полиција на Италија, во 2014 година, нешто повеќе од три тони марихуана биле запленети во пристаништето. Таа бројка паднала на 1,8 тони во 2015 година, но за само еден ден во јули 2016 година, бил запрен еден 10-метарски брод и било утврдено дека носи 1,2 тони канабис со проценета пазарна вредност од 12 милиони евра.

Во 2006 година, за време на владеењето на демократите под водство на премиерот Сали Бериша, Албанија вовела забрана за приватни глисери, заради недозволената трговија со дрога и луѓе, во обид на владата да ја убеди ЕУ да го олесни визниот режим за Албанците. Мораториум истекол во 2013 година, непосредно пред парламентарните избори на кои Бериша загубил од Рама, и оттогаш не е обновен.

Без сопствени капацитети за надзор, Албанија склучила договор со Италија во август 2012 година за италијанската полиција да направи воздушни фотографии на областите каде се одгледува канабисот. Сликите се испратени на Универзитетот во Неапол, каде што експертите го пресметуваат бројот на стеблата канабис.

Во 2014 година, набљудувачките летови идентификувале 815 плантажи со околу 165.000 стебла канабис за време на летовите над само 15 отсто од територијата на Албанија, покажуваат бројките на Финансиската полиција. Во 2015 година, биле идентификувани 1.200 плантажи со околу 243.000 стебла, исто така, на околу 15 отсто од територијата.

„Ни требаат пари“

„Кога полицијата уништува повеќе стебла, тие (одгледувачите) само ја зголемуваат површината со насади“, вели познатиот новинар Артан Хоџа, кој пишува за криминалот во Албанија.

Хоџа со години известувал за криминалот поврзан со дрога во Албанија, а во 2015 година добил смртна закана преку СМС порака од холандски регистрирани телефонски број.

„Годинава … за да ѝ отежнат на полицијата да изврши рација, тие (шверцерите на дрога) го зголемиле бројот на плантажи и ги прошириле низ целата земја“, изјави тој за БИРН, „при што за полицијата е невозможно да ги уништи сите“.

„Албанската полиција нема доволно кадар ниту опрема потребни за да работи низ целата земја. Оние кои се уапсени се претежно неорганизирани поединци или сиромашни селани, а повеќето од плантажите остануваат“.

Во извештајот на ЕУ за напредокот на Албанија од 2015 се вели дека нивото на полициска опрема и логистика е загрижувачко. Се вели дека полицијата „малку ги користи“ алатките за стратешко разузнавање што ѝ се на располагање според оперативниот договор со Европол, агенција на ЕУ за спроведување на законот.

„Малиот капацитет на судската полиција и обвинителството за откривање и истражување на сложените кривични дела значи дека тие се ограничени на едноставни истражувања што завршуваат со апсења за делото, така што не постои сеопфатен пристап за истрага и кривично гонење“.

Албанската државна полиција има околу 10.000 службеници, на популација од околу 2.7 милиони, кои во просек заработуваат околу 350 евра месечно. Просечната плата во Албанија е само малку поголема 370 евра месечно. Речиси секој петти работоспособен човек е невработен, а земјоделството е најголемиот работодавец.

Шверцерите немаат голем проблем да најдат соработници кои се подготвени да одгледуваат канабис и полицајци кои се подготвени да се прават дека не го забележуваат тоа.

Арсовска изјави за БИРН: „криминално-политичката врска што се храни од корупцијата дозволува организираниот криминал да цвета“.

Поткупот, вели таа, има „долга традиција“ и е општо прифатена.

„Гледајќи ја ситуацијата во Авганистан”, вели Арсовска, „тешко е да им се каже на земјоделците да престанат да одгледуваат афион ако не им се понудат подобри алтернативи. Алтернативата за заработка треба да биде подеднакво профитабилна и помалку ризична, со цел понудата да опаѓа. Тешко е да им се каже на луѓето да престанат да соработуваат со прекршителите на законот, ако немаат подобри начини за заработка, или, ако едноставно се плашат од одмазда“.

Ѓерѓи, во планините над Скадар, го кажува истото, но со свои зборови:

„[Купувачите] имаат пари, ние имаме стока. Едноставно е“, вели тој. „Еден килограм канабис може да се продаде за 800 до 1.000 евра. Затоа ни е толку важно“.

„Сакаме да живееме и ни требаат пари. Нема сите да избегаме, но јас се надевам дека ќе го сторам тоа“.

Елвис Наболи е новинар во албанската телевизија „Њуз“, со седиште во северниот регион на Скадар. Овој текст е објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network. Истражувањето е објавено и на Balkan Insight