Мориц Готѕаунер-Волф, Сашка Цветковска, Ерјона Руси, Бојана Јовановиќ, Иван Ангеловски и Лоренс Марзоук од Виена, Скопје. Тирана, Белград, Лондон
Патувајќи низ Балканот, Хелена Алута-Олтјан, поранешна словенечка убавица и сопруга на моќникот на „Алпине Бау“ Дитмар, ќе се претстави пред бизнис партнерите и локалните медиуми како „претставник на Алпине за Балканот“.
Но, едногодишното истражување на австриското списание „Датум“ и на БИРН, открива дека нејзиниот однос со фирмата на нејзиниот сопруг, не бил толку едноставен.
Повеќе извори од седиштето на „Алпине Бау“ во Салцбург, велат дека и покрај нејзината клучна улога во договорите, збунувачка била нејзината службена положба и мандат, па дури, се поставувало и прашањето, дали таа воопшто била директно вработена од фирмата.
Ревизорите, воедно, се прашуваа, зошто на акционерот, г-дин Алута-Олтјан, поранешен директор кој што морал да ја напушти позицијата поради наводи за корупција, му било дозволено да ја води „Алпине Бау“ во нејзината уништувачка експанзија на Балканот, и покрај тоа што немал менаџерска улога во фирмата.
Фирмата пропадна во јуни 2013 година, со долг од 3.2 милијарди евра, 15.000 доверители и недовршени градежни работи низ целиот свет.
Главна причина за пропаѓањето на „Алпине Бау“, била брзата експанзија на странските пазари, каде што за една деценија изгубила 1.3 милијарди евра. Речиси половина биле насочени кон Србија, Хрватска, Романија, Бугарија, Албанија и Македонија.
„Беше хаос на Балканот“, вели поранешен вработен, на добра позиција во „Алпине бау“ во Салцбург. „На пример, имавме 16 различни системи на платни списоци, никој не знаеше кој каде точно работи и како изгледаат нивните договори“.
Нашето истражување, открива наводи дека брачниот пар Алута-Олтјан, работеле на Балканот со малку контрола на менаџментот на „Алпине Бау“, преку група на блиски соработници, кои некои од вработените во седиштето на фирмата во Салцбург, ги нарекувале „семејство“,.
Операциите биле водени, делумно, од велелепниот дом на брачниот пар Алута-Олтјан, што се наоѓа во спа центар во близина на седиштето на „Алпине Бау“ во Салцбург.
Кога Алута-Олтјан ја напуштил „Алпине Бау“, една година пред пропаѓањето на оваа втора најголема градежна фирма во Австрија, што се случи во јуни 2013 година, Хелена регистрирала нови фирми за изградба на патишта и експлоатација на камен на Балканот, повлекувајќи ја со себе мрежата нејзини пријатели, па дури купила и дел од банкротираните подружници на „Алпине Бау“.
Приватни авиони и министри
Половина дузина внатрешни извори и блиски соработници, опишаа како Хелена го користела приватниот авион на фирмата, за да присуствува на состаноци во регионот. Други извори, официјално и неофицијално, ни кажаа како таа присуствувала на вечери со шефови на држави и министри.
Раководители на сектори и високо рангирани вработени лица во Салцбург, сепак, изјавија оти никому не му била јасна нејзината вистинска улога во фирмата, ниту пак дали таа била директно вработена од фирмата.
Таа, во голем број статии објавени во регионалните медиуми, во кои ги коментирала најважните градежни проекти на фирмата, се наведува како „претставник за Балканот“ или „координатор за Балканот“ на „Алпине Бау“.
Хелена, во некои годишни извештаи на „Алпине Бау“, е опишана како „управен директор / член на надзорен одбор на неколку подружници“ на „Алпине Бау“. Се појавува како директор или член на одбор за неколку мали подружници на „Алпине Бау“ во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и во Србија, кои што биле вклучени во рударската индустрија или давале консултантски услуги.
Но, таа не се појавувала во документацијата, поврзана со било која од главните гранки на „Алпине Бау“, одговорна за градежни проекти. Нејзиното име не се појавувало ниту во официјалниот органиграм како „претставник за Балканот“ или „ координатор за Балканот“, вели висок извор, кој работел во седиштето на „Алпине Бау“. Поранешен висок претставник за Балканот, вели оти мисли дека таа, се појавила еднаш во таа улога, во 2011 година.
„Во повеќе наврати, таа имаше средби со политичари, со премиерот, со министерот за транспорт и други официјални лица“, вели Ѓоко Динев, менаџер во подружницата на „Алпине Бау“ во Македонија.
Поранешен висок функционер на македонското Министерство за транспорт и врски, за БИРН и „Датум“, изјави дека Хелена се појавувала како одговорно лице и дека имала редовни средби со највисоките политичари.
„Јас бев вклучен во подготовка на средбата меѓу неа, министерот и премиерот [Никола Груевски]. Бев присутен на почетокот на средбата, а потоа заминав“.
„Не се сеќавам многу на деталите од таа средба, но на повеќето средби таа беше придружувана од Ивица Борошак“.
Борошак, заедно со Динев, беше менаџер на македонската подружница, но имаше и други улоги во „Алпине Бау“, главно во неговата родна земја Хрватска.
„Таа имаше добри врски и беше личноста која што ги правеше договорите“, вели Гезим Колавери, сопственик на фирмата „Албан Тирана“, долгогодишен партнер на филијалата „Алпине Бау“ во Албанија.
„Се разбира, тие [Хелена и Дитмар Алута-Олтјан] го контролираа Балканот. Сите добри и лоши работи на Балканот, тие ги направија“.
Хелена одби да одговори на нашите постојани барања за интервју, за да ја разјасни својата позиција или да ни даде подетални одговори на некои прашања.
ФЦЦ, сопствениците на „Алпине Бау“, исто така не одговорија на нашите барања за информации.
Царска резиденција
Колавери во Албанија и Динев во Македонија, како и двајца други високи поранешни менаџери во Австрија, поднесувале соодветни извештаи на редовните состаноци на балканските менаџери во Салцбург. Во текот на овие заеднички регионални состаноци, се дискутирале проекти и „биле потпишувани договори“, вели Колавери, кој како и Динев, неколку пати учествувал на состаноците.
Средбите, не се одржувале, како што се очекувало, само во седиштето на „Алпине Бау“ во познатиот град, туку и на приватниот имот и грандиозен дворец на Дитмар Алута-Олтјан во близина на Бад Ишл, спа центар, кој бил поранешна царска резиденција.
Во оваа тесно поврзана група биле и Борошак и пријателката и близок контакт на Хелена Алута-Олтјан, Невенка Синѓиќ, генерален директор на српската подружница „Алпине Бау“ и поранешен директор на федералниот трезор, во времето на Анте Марковиќ.
„Балканското семејство“, го вклучувало и братот на Хелена, Перо Симончиќ, кој, според три независни извештаи од Србија, Македонија и од Албанија, бил ангажиран во бизнисот на „Алпине Бау“. Колавери изјави оти тој работел како „брокер за нивните [на Дитмар и Хелена] интереси“.
Симончиќ за БИРН и „Датум“ потврди дека 11 или 12 години работел за „Алпине Бау“ како „надворешен консултант“.
„Работев на разни проекти – автопати и така натаму“, изјави тој. „На се што Алпине работеше [на тоа работев]: мостови, патишта, изградба на некои објекти“.
Тој додаде дека сега е во пензија, но оти сепак интензивно патува во регионот, во чии рамки остварува средби и со неговиот „пријател“, актуелниот премиер на Србија, Александар Вучиќ.
„Ние долго време сме пријатели “, вели тој. „Јас го посетувам во Србија како пријател“.
Реформи во мрежата
Во октомври 2012 година, кога во австрискиот печат излегоа написи за тешката финансиска состојба на „Алпине Бау“, Хелена и нејзиниот тесен круг на луѓе, ја формираа првата од серијата нови фирми за градежништво и експлоатација на камен, за добивање на зделки на Балканот, во кој се вработија нејзините сојузници од „Алпине Бау“.
Само неколку месеци порано, сопругот на Хелена, ги продал своите последни акции во „Алпине Бау“, за повеќе од 50 милиони евра, кога истапил од раководната функција на холдинг компанијата, во март 2012 година. Не е јасно кога Хелена се повлекла од својата позиција како „координатор за Балканот“, но документите покажуваат оти таа ги напуштила своите позиции, во малите локални подружници на „Алпине Бау“, истата година.
Хелена го поставила Борошак за генерален менаџер на нејзината нова градежна компанија во Хрватска, „Асфалт конструкции“.
Менаџерот на подружницата на „Алпине Бау“ во Македонија, Динев, кого ревизорите од КПМГ го „закачија“ заради неговата улога во процесот на доделување на договори на компанија во негова сопственост и во сопственост на други вработени во „Алпине Бау“, беше поставен за директор во новата подружница на „Асфалт конструкции“ во Скопје. Динев негира дека сторил нешто незаконски и тврди дека договорите биле склучувани по наредба на неговите претпоставени.
Алпине Бау загуби во 2012 година
Србија: 42 милиони
Хрватска: 58 милиони
Македонија: 25 милиони
Полска: 111 милиони
Романија: 28 милиони
Босна и Херцеговина: 16 милиони
Албанија: 6.4 милиони
Германија: 108 милиони
„Асфалт конструкции“ д.о.о, формира своја подружница и во Црна Гора, каде во летото 2013 година, неуспешно учествува на тендер во вредност од 1 милион евра, проект финансиран од ЕБРД.
Динев вели оти го повикале во домот на Алута-Олтјан во Бад Ишл, за да разговараат за новиот бизнис предлог.
„Ивица [Борошак] ме повика во Австрија. Таму беа и Дитмар [Алута-Олтјан] и црногорските претставници“, вели тој.
„Ми понудија одлична плата и решив да ја прифатам работата, но тоа траеше само 6 месеци, а потоа тие ја згаснаа компанијата“.
Според австрискиот трговски регистар, 69-годишната Хелена, била прв човек на текстилната трговска компанија „Текотекс“, која од 90-години е лоцирана во Грац. На почетокот на оваа година, фирмата е преименувана во „Теко мајнинг“, по што почнува да купува каменоломи на Балканот.
Откако на 19 јуни 2013 година, Алпине Бау ГмбХ пропадна, Хелена ја купува српската компанија за експлоатација на камен, „Алпине Камен“, на продажба од ликвидаторите во Виена.
Борошак станал менаџер во „Теко мајнинг“ ГмбХ, а пријателката на Хелена, Невенка Синѓиќ, менаџер во „Теко мајнинг“ во Србија.
За разлика од градежните фирми, бизнисот со каменоломите на г-ѓа Алута-Олтјан е во подем. Таа неодамна за белградскиот весник „Политика“, се пофали дека од февруари, во нејзините шест каменоломи во Србија, се инвестирани 20 милиони евра.
Господинот Алута-Олтјан се чини исто така останува активен на Балканот. Во јуни годинава Борошаке именуван за директор на хрватската фирма за каменоломи Бусишта 2, во сопственост на „Алута Бетеилигунгс доо“, што Дитмар ја пријавил во својата листа на финансиски интереси до Алпина во 2011.
Господин Алпине
За разлика од неговата сопруга, официјалната позиција на Дитмар Алута- Олтјан, во групата Алпине, била јасно утврдена, иако, како што се тврди, тој имал моќ и и надвор од својата функција.
Алута-Олтјан бил наречен „Г-дин Алпине“, во интерното списание на компанијата, за неговото децениско работење во градежниот гигант. Но, тој се повлекува од фирмата во 2005 година, откако се појавија тврдења дека поткупил функционер, за да го осигура добивањето на договорот за изградба на фудбалскиот стадион Алијанц Арена.
Оттогаш, па се до неговото заминување од групата, во март 2012 година, тој бил на функции во холдинг компанијата на „Алпине Бау“, „Алпине Холдинг“. Но, во реалноста, според записници од состаноци на одборот, според ревизорите и поранешни колеги, тој го задржал огромното влијание врз профитабилните градежни гранки и опасната експанзија на новите пазари.
Пост стечајната ревизија на фирмата БДО, го опишува Алута- Олтјан како „моќник“ во „Алпине Бау“,„активен на извршно ниво, без никакви проверки и баланс“.
Според ревизијата, брзото ширење во региони како Балканот, кое што било предводено од г-дин Алута-Олтјан и мнозинството сопственици на ФЦЦ, „имале разорен ефект врз профитабилноста“ на Алпине.
БДО истакнува: „На менаџерско ниво, кое било одговорно за спроведување на соодветна контрола, до почетокот на 2012 година, доминирал г-дин Алута-Олтјан“.
„Ова било така и покрај фактот дека тој формално не функционирал како генерален менаџер, ниту пак бил во надзорниот одбор на ’Алпине бау’ ГмбХ“.
„Овој стил на лидерство, скроен за една индивидуа, како и придружната корпоративна култура, значително придонеле во утврдувањето на недостатоците во поглед на структурите, контролите и транспарентноста“.
Адвокатот на г-дин Алута-Олтјан, во својата изјава вели дека нивниот клиент бил обврзан на чување на деловна тајна и не може да одговори на нашите прашања за неговата „моќна“ позиција и водечка улога во „Алпине Бау“, во катастрофалните договори во странство.
Адвокатот додава: „Во име на нашиот клиент би сакал да истакнам дека бројни забелешки и претпоставки, врз кои се базираат прашањата, се евидентно неточни. Оттаму и сликата за мојот клиент е неточна“.
Дитмар се повлекува од функцијата извршен директор во „Алпине Бау“, функција што ја имаше повеќе од три децении, во декември 2005 година, откако против него беше покрената истрага, врз основа на која подоцна беше и осуден за корупција, заради мито што му го исплатил на официјално лице, за изградба на Алијанц арената на Баерн Минхен, еден од најпознатите стадиони во светот.
Во исто време, тој бил поставен за извршен менаџер на „Алпине Холдинг“, но со предупредување дека не може да дејствува сам, за да се обезбеди дека тој нема да има влијание врз „Алпине Бау“, во тоа време „Алпине Мајредер Бау“. Ова беше направено заради исполнување на барањата на баварските градежни власти, по скандалот со Алијанц Арена.
Но, Дитмар се чини копнеел да се врати на првите позиции.
Според записникот од состанокот на Одборот, одржан во февруари 2006 година, до кој дојдоа БИРН и „Датум“, тој се однесувал како никогаш да не се повлекол од „Алпине Бау“. Ова однесување, во комбинација со лошо проценетото интервју, во кое тој тврдеше дека исплатата за Алијанц арената не била ништо погрешно, го натера одборот да гласа за негово разрешување од функцијата во холдинг компанијата.
Адвокатот на Алута-Олтјан рекол дека неговиот клиент ги негира сите обвинувања против него. Тој додал дека коментарите на неговиот клиент во печатот биле погрешно пренесени и дека тој бранел плаќања за „легални провизии,“ а не поткуп.
На 8 март, истата година, одборот ја остварува оваа закана и го разрешува Алута-Олтјан, оставајќи го, за прв пат по 40 години, без формална функција во фирмата, иако тој поседувал околу една петтина од акциите.
Но, во овој период, шпанската градежна фирма ФЦЦ, станува сопственик на поголемиот дел од акциите во „Алпине Бау“, што ги купува од колегите на Алута-Олтјан и членови на одборот, Георг Папас, основач на „Алпине“ и инженерот Ото Миерл.
Според ФЦЦ, во „средината на 2006 година“, на Алута-Олтјан му била дадена улога на претседател на надзорниот одбор на „Алпине холдинг“ иако според документите од компанијата одлуката стапува на сила во јануари 2007.
Со тоа што неговите долгогодишни, внимателни колеги, заминале во последниот квартал на 2006 година ова му го отворило патот на Алута-Олтјан за турбо експанзија на „Алпине Бау“ на нови територии, почнувајќи од Балканот.
Проширувањето и моќта на Алута-Олтјан не се контролираат се до доаѓањето на новиот извршен директор во 2012 година, Јоханес Дотер, кој, за прв пат од 2007 година, „го ограничил неговото практикување на моќ [на Дитмар]“, се вели во извештајот на БДО.
Само неколку недели по назначувањето на Дотер, Алута-Олтјан бил заменет од позицијата претседател на Надзорниот одбор. Нејасно е дали тој поднел оставка или бил отповикан.
Во приближно исто време, тој ги продал преостанатите13,5 отсто од акциите на мнозинскиот акционер ФЦЦ за 52.6 милиони евра, со што ја пресекол последната врска со фирмата за која работел 40 години.
Но, како што голем број вработени открија за БИРН и „Датум“, на Алута-Олтјан му било тешко да каже збогум и регуларно продолжил да доаѓа во седиштето на компанијата во Салцбург.
Раководството потоа ангажирало приватно осигурување, да го предупреди раководството доколку тој се обиде да влезе во просториите на компанијата, изјави за БИРН и „Датум“, висок претставник вклучен во мерките за обезбедување.
Тоа беше невообичаен крај на една невообичаена кариера.