Анализи

Амнестија или амнезија за стариот говор на омраза

Со неказнетиот говор на омраза се газат правата на граѓаните | Фото: БИРН

Бетонските плочи за  неистомислениците, нападите врз ЛГБТ заедницата, смртните закани кон Ромите и „поинаквите“, како и други случаи на говор на омраза, кои резултираа со поделено општество во кое насилството стана нормално, не смеат да бидат заборавени, предупредува Хелсиншкиот комитет за човекови права

Од таму велат дека ако не се расчисти со старите случаи, борбата против говорот што изразува и поттикнува омраза нема да биде успешна. Затоа е многу важно фокусот на дејствувањето да биде насочен токму на еклатантните примери од времето кога власта го охрабруваше говорот на омраза, а не само скорешните случаи.

Се засилија и обвинителството и МВР

Конечно има обвиненија, но за новите случаи | Фото: БИРН

На 19 октомври, скопското Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем против едно лице, во врска со пожарите во Атика летово, во кои имаше човечки жртви. Во соопштението пишуваше дека станува збор за „јавна личност и новинар“, но повеќето медиуми објавија дека обвинетиот е водителот Миленко Неделковски.

Тој е обвинет за објава на својот фејсбук-профил на денот на пожарите, со која, според обвинителството, промовирал омраза кон одредена етничка група, Грците, кои биле засегнати од катастрофалниот пожар.

Еден ден по пожарот во Атика, обвинителството оформи предмет во врска со коментари и написи по социјалните мрежи, а со кои во јавноста се шират ксенофобични и расистички материјали. Оттаму најавија дека ќе ги собираат доказите за овие кривични дела и ќе го утврдуваат идентитетот на лицата што учествувале во ширењето на говорот на омраза. Резултат на сето тоа беше пријавата против Неделковски од пред две недели.

Овој случај предизвика коментари дека конечно институциите влегле во посериозна борба против ширењето омраза преку интернет. Имено, од 2010 до јули годинава, обвинителството нема поднесено ниту едно обвинение за двата члена од Кривичниот законик што го регулираат и санкционираат говорот на омраза.

Но, нешто се смени, па кривични пријави за говор на омраза на 6 август добија двајца битолчани поради скандирањата на прославата на Мечкин камен на 2 Август, што беше забележано во видеозапис на една од националните телевизии.

Не само обвинителството, туку и полицијата изгледа дека е сѐ поактивна против неодговорното однесување на поединци на социјалните мрежи што упатуваат закани за насилство или употребуваат говор на омраза.

Само во изминатиов месец, МВР преку својот сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика поднесе кривични пријави против 38-годишен жител на Коњари и против 30-годишен битолчанец поради закани кон пратеници во Собранието објавени на нивните фејсбук-профили, како и против 61-годишен скопјанец, кој со својата објава на истата социјална мрежа предизвикал загрозување на безбедноста на претседателот на Владата.

Во февруари годинава, овој сектор на МВР документираше 30 случаи на загрозување на сигурноста, злоупотреба на лични податоци и други кривични дела со кои биле засегнати високи државни функционери, меѓу кои и премиерот Зоран Заев.

Полицијата има и посебна имејл-адреса [email protected] на која граѓани можат да пријават говор на омраза, закани и други кривични дела извршени преку интернет.

Старите дела не смеат да се заборават

Пировска: притисокот од јавноста ја смени ситуацијата | Фото: БИРН

Но, тоа што во последниов период има повеќе пријави, не значи дека има повеќе говор на омраза. Токму спротивното, вели Уранија Пировска, извршна директорка на македонскиот Хелсиншки комитет. Таа инсистира дека говорот на омраза бил многу поприсутен до 2017 година.

„Во тој период ние имавме 13 пријави, од кои седум кривични, но секогаш работата запнуваше кај обвинителството“, додава Пировска.

Хелсиншкиот комитет има документирано повеќе случаи, во кои јавни личности повикувале на линч или предизвикувале омраза, но ништо не било преземено против тоа. Таков е примерот со водителот Неделковски, кој се закани дека со бетонска плоча ќе поклопи неколкумина новинари и други лица што беа критичари на претходната владејачка партија во земјава. Тоа воопшто не бил единствен случај кога ова лице употребувало говор на омраза. Меѓу другото, тој го оправдувал и нападот на клубот „Дамар“ во Скопската чаршија на 24 октомври 2014 година, додека се прославувала годишнината од формирањето на ЛГБТ центарот за поддршка.

ЛГБТ заедницата беше предмет на вербален напад и од поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски. Како што е забележано во архивата на Хелсиншкиот комитет, тој во предизборен говор на 13 октомври 2017, на два дена пред локалните избори, го обвинил својот противкандидат Стефан Богоев дека е хомосексуалец, а хомосексуалците биле „опасна мафија која сакала да се инсталира во Општина Карпош“.

Пировска повикува дека овие и други случаи не смеат да бидат заборавени.

„Сега има големи реакции и притисок од јавноста и затоа се засилија активностите на институциите. Но, не е дека порано немаше говор на омраза. Ние имаме четири пријави против Миленко Неделковски и за ниедна не е постапено, а се отвори постапка за неговиот говор во врска со пожарите во Грција“, вели Пировска.

Со казни за водачите ќе се воспитаат следбениците

Хелсиншкиот комитет годинава поднесе четири кривични пријави | Фото: БИРН

Годинава, комитетот поднесе пријави против Неделковски и против новинарката Мирка Велиновска за емисијата во која искажуваат навреди кон албанската заедница, како и против новинарот Цветин Чилиманов за закана кон колешка и против лидерот на партијата „Единствена Македонија“ Јанко Бачев за закани кон пратеници.

„Потребна е поголема енергичност. Сè уште не се цени говорот на омраза доволно сериозно, иако тој произведува дела од омраза. Пример за тоа е што најголемиот број случаи на говор на омраза се врз етничка основа, а такви се и повеќето дела. Секој може да одговара за ширење омраза, но одговорноста е поголема кај влијателните личности. Тоа е критериум што го цени и Европскиот суд за човекови права. Некои од оние што шират омраза имаат и над десет илјади следбеници“, додава Пировска.

Хелсиншкиот комитет ги регистрира и инцидентите поврзани со омраза по различни основи, меѓу другите и убиството на припадник на навивачката група Комити во Скопје, говорот на омраза и нападот на кафуле од припадници на навивачката група Балисти во Тетово, повикувањето на насилство на протест против договорот од Преспа пред Собранието летово и други.

„Мора да се санкционира говорот на омраза. Тоа ќе има ефект и врз следбениците, кога ќе видат дека тие што шират таков говор се санкционирани. Неказнивоста го направи говорот на омраза толку застапен. Кога најголемите сторители ќе бидат санкционирани, ќе се зголеми свеста и кај другите“, смета Пировска.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески, во јануари годинава, се сретна со претставници на Здружението на новинарите на Македонија и најави дека ќе им даде динамика на предметите за насилство и за говор на омраза против новинарите.

Според Пировска, обвинителството и под негово водство сѐ уште не е на ниво на задачата, бидејќи спротивно на очекувањата на активистите, не се зафатило со заостанатите случаи на ширење омраза.

Од обвинителството молк за старите случаи на ширење омраза регистрирани до 2017 година.