Анализи

За седум години, само една пресуда за загаден воздух

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Градовите уриваат светски рекорди во аерозагадување | Фото: БИРН

Супермаркет од Гевгелија што испуштал непријатна миризба и голема бучава од вентилациските цевки и со тоа ги загрозил жителите на три куќи е единствениот кривично осуден загадувач на воздухот од 2012 година до денес. Оваа пресуда била донесена од гевгелискиот суд во 2014 година и е единствената што може да се најде во судската архива на интернет во последниве седум години, што се однесува на загадување на животната средина со непридржување кон прописите. Компанијата била казнета со 130.000 илјади денари, а управителот со 61.500 денари.

Во меѓувреме, Македонија стана најзагадена земја во Европа, а градовите Тетово, Скопје, Битола, Кичево и други, на моменти ги уриваат светските рекорди во концентрации на суспендираните честички ПМ10 во воздухот. Водата во реките излегува од градовите за една до две класи позагадена отколку кога влегува, а недостигот од систем за управување со отпадот создава ѓубришта насекаде.

Но, иако во Кривичниот законик има глава од 16 члена што се однесуваат на загрозувањето на животната средина, борбата против овие појави недостасува во судската пракса. Пребарувањето низ судската архива покажува дека случаи главно се водат против поединци или помали фирми, додека големите загадувачи, или ги нема, или се извлекуваат.

За рибарите затвор, за трујачите на реки ништо

Отпадот заглавен во Вардар им служи за одмор на птиците | Фото: БИРН

Судовите низ земјава, од 2012 година до денес, донеле вкупно 401 пресуда во врска со кривични дела против животната средина. Најголем дел од нив, 157, се однесуваат на узурпација на недвижности. Лица што заземале јавен простор во природа и го користеле за свои потреби се казнувале условно или со парични казни.

Второ дело според бројот на пресудите е незаконскиот риболов, за кој има вкупно 90 судски одлуки. За ловење риба без дозвола се определувале од дневни глоби до затворски казни од по неколку месеци. Слично поминувале и криволовците, за кои во овој период има донесено 61 пресуда според главата за животна средина во Кривичниот законик.

Но, големите загадувачи на природата, и во ретките судски постапки што се воделе против нив, не само што се извлекувале со парични казни, туку и тие пресуди паѓале на апелациските судови. Рудник во источниот дел од земјава, поради неодржувани инсталации за контрола на јаловината, ги загадил локалните реки за три категории, од втора во петта. Локалниот суд ја осудил компанијата на казна од 300.000 денари, управителот на 61.500 денари, а надлежниот менаџер на 49.200 денари. Сѐ на сѐ, нешто помалку од 6.700 евра казна за голема меѓународна рударска компанија. Сепак, тие се жалеле и апелацискиот суд ја отфрлил пресудата на основниот, со образложение дека таа се однесувала на загадување и на почвата и на водата, а резултати од мерења имало само од водата.

Ѓубрето во двор се казнува, на дива депонија не

За загадување со отпад се добиваат и затворски казни | Фото: БИРН

Во 2016 година, жител на Скопје бил осуден на три месеци условна затворска казна за загрозување на животната средина со отпад, што е уште едно кривично дело од главата за животна средина. По оваа основа имало вкупно три пресуди, но само скопјанецот поминал со казна.

Тој бил собирач на пластична амбалажа, која ја складирал во неговиот двор во Скопје. Судот утврдил дека тој вршел управување со отпад без да поседува соодветна дозвола за тоа, а со натрупувањето на амбалажата во дворот ја загрозил средината околу неговиот имот. Му одредиле условна казна затоа што бил сиромашен, но требало да плати паушал од 1.000 денари за судските трошоци.

Прилепчанец, пак, бил осуден на една година затвор за истото дело, бидејќи иако имал регистрирано претпријатие за собирање и за тргување со неопасен отпад, тој го земал отпадот директно од граѓани и го продавал на други  фирми, и парите (околу 100 илјади евра) ги ставал на лична сметка. Пресудата гласи дека е осуден за загрозување на животната средина со отпад.

За сето тоа време, повеќето јавни комунални претпријатија во земјава го натрупуваат собраното ѓубре од домаќинствата на ѓубришта во непосредната околина на населените места, надвор од сите стандарди за управување со отпад. Неконтролираниот исцедок, палењето, загадувањето на воздухот, расфрлањето на ѓубрето од ветрот, се само дел од проблемите забележани на депониите со кои управуваат јавните институции.

Во судските архиви има пресуди против јавните претпријатија во две општини затоа што ја загрозиле животната средина со отпад.  Едната е против ЈКП Тетово и директорот Џелал Цека во 2016 година. Основниот суд во Тетово го осудил претпријатието да плати казна од 100.000 денари, а апелацискиот суд во Гостивар, по жалбата на обвинителството, ја зголемил казната на 200.000 денари. Во меѓувреме, проблемот со отпадот во Тетово се влошува, за што сведочат постојаните објави од жителите и од екоактивистите на социјалните мрежи.

Скопскиот апелациски суд, пак, укинал пресуда на велешкиот суд против јавното претпријатие на една од околните општини, кое било осудено да плати 100.000 денари поради загадување на водата во едно село. Образложението било дека не биле прецизни податоците за кој период се однесувало загадувањето.

Нема кривични пријави, но има други казни

Постапки што ги воделе судовите за загрозување на животната средина од 2012 до денес | Фото: БИРН

Додека кривични постапки се водат против индивидуални криволовци, рибокрадци, дрвосечачи, собирачи на отпад и други, загадувачите добиваат мандатни казни или прекршочни пријави. Последниот извештај објавен на страницата на Државниот инспекторат за животна средина се однесува на 2014 година, кога биле донесени 366 решенија, со кои се наредува да се исправи некоја неправилност, 28 решенија за забрана за работа, а биле поведени 72 прекршочни постапки и ниту една кривична постапка.

Според поранешниот државен инспектор Дарко Блинков, Законот за прекршоци е целосно усогласен со Законот за заштита на животната средина, што го прави полесно поднесувањето прекршочни пријави отколку кривични.

„Иако и моите колеги работеле на кривични пријави против компании, вообичаена пракса и во светот, не само кај нас, е инспекторите да се занимаваат со помалите  случаи, а поголемите да им ги остават на обвинителството и на полицијата. Идејата е прво да се направи обид за да се реши проблемот со медијација, потоа со прекршоци, па на крајот, ако нема друго решение, да се оди со кривични пријави“, вели Блинков.

Скопските инспектори за животна средина, пак, според нивниот извештај за 2017, за цела година поднеле вкупно едно барање за да се поведе прекршочна постапка и ниту едно за кривична. Раководителот на инспекторатот, Мирослав Богдановски признава дека имаат проблеми со капацитетите и со ангажираноста на инспекторите.

„Законите ги имаме, сега е борба да ги спроведеме. Постојано вршиме притисок инспекторите повеќе да излегуваат на терен. Тоа дава ефект, имаме повеќе надзори и повеќе изречени казни, но сѐ уште е премалку. Капацитетите ни се слаби, немаме ниту доволно луѓе, ниту доволно средства за работа. Но, ниту тоа што го имаме не го користиме доволно. Потребна е и дополнителна обука за инспекторите подобро да се запознаат со областа“, ни изјави Богдановски.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, неодамна на седница на советот рече дека бројот на изречени казни двојно се зголемил во однос на лани. Како што додаде тој, во септември биле изречени 137 мандатни казни, а во октомври 220 опомени и 132 казни. Биле казнувани претпријатија што не се придржувале до условите за добиената Б-интегрирана еколошка дозвола, градежни објекти, како и лица што несоодветно постапувале со отпадот.

Засега борбата за почиста животна средина продолжува да се води со плаќање казни за прекршоци, како и со кривични постапки, кои најчесто завршуваат со парични казни или со поништување на пресудите.