Анализи

Анкета на ИРИ: Мртва трка меѓу СДСМ и ВМРО

Двете најголеми партии имаат пад на поддршката, а зголемен е процентот на испитаници што нема да гласаат

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Новата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), објавена денеска, покажува дека два месеца пред изборите, кои веројатно ќе се одложат поради ситуацијата со корона вирусот, рејтингот на СДСМ бил за само еден процентен поен поголем во однос на оној на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, 17 проценти од анкетираните се изјасниле дека би гласале за СДСМ, додека 16 отсто рекле дека ќе ги заокружат кандидатите на најголемата опозициска партија.

Меѓународниот републикански институт ги добил овие резултати преку одговорите на прашањето „За која партија би гласале граѓаните доколку изборите се одржат сега в недела?“. Институтот го направил истражувањето теренски, интервјуирајќи 1.222 испитаници во нивните домови за време на првите десет дена од февруари.

По СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, трета на анкетата е ДУИ со поддршка од седум отсто, веднаш по неа е Алијансата на Албанците на Зијадин Села со пет проценти, додека четврта е Движењето БЕСА со четири проценти. Важно е да се нотира дека анкетата е спроведена во време кога не се ни насетуваше коалицијата меѓу БЕСА и владејачката СДСМ. На дното на листата се ДПА на Мендух Тачи и Левица, со поддршка од само еден процент.

Неопределените, тие што се очекува да ги одлучат изборите, процентуално се повеќе од рејтингот и на двете најголеми партии, дури 21%.

Забележливо е дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изгубиле добар дел од поддршката што ја имале пред неполни две години. Ако се спореди новата анкета на ИРИ со таа од 2018, се гледа дека кај СДСМ падот на рејтингот е подраматичен – од 21 процент на 17, додека кај ВМРО-ДПМНЕ, поддршката се „лизнала“ од 18 на 16 отсто.

Како што паѓа довербата во двете најголеми партии, така расте разочараноста од политичката понуда и се зголемува бројот на тие што се категорични дека нема да гласаат. Пред две години, само четири проценти рекле дека нема да гласаат на денот на изборите, додека на овогодинешната анкета така се изјасниле дури 12 отсто од испитаниците.

Извор: Анкета на ИРИ, февруари 2020

Заев нема поддршка за реизбор

Третина од анкетираните сметаат оти Заев добро си ја вршел работата | Фото: Роберт Атанасовски

Иако СДСМ како партија е во мала предност пред ВМРО-ДПМНЕ, сепак мнозинство од испитаниците смета дека Зоран Заев не заслужува нов мандат. Така одговориле 54 проценти од анкетираните, додека 31 процент сметаат оти тој добро си ја вршел работата и заслужува уште четири години да ја води извршната власт.

Заев е на врвот и на позитивната и на негативната листа министри и членови на Влада. На позитивната листа по него се Мила Царовска, Оливер Спасовски и Бујар Османи, додека на негативната по Заев следат Радмила Шекеринска, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и министерот за здравство, Венко Филипче. Листите се добиени како резултат на одговорите на прашањата кои министри си ја вршат добро работата, а кои не.

Извор: Анкета на ИРИ, февруари 2020

Анкетата бележи пад во перцепцијата на испитаниците во однос на тоа дали владата на СДСМ е транспарентна. Ако во јули 2018, нешто повеќе од половина од испитаниците сметале дека таа е транспарентна, во февруари годинава, тој процент паднал на 37.

Истражувањето на ИРИ покажува и дека сериозно се зголемил процентот на испитаниците кои сметаат дека државата оди во погрешна насока, ако пред две години така мислеле 30 отсто од анкетираните, денес дури 43 проценти сметаат дека тоа е така.

Покрај негативните трендови за СДСМ и за нејзината влада, во последниве две години се зголемило и уверувањето дека ВМРО-ДПМНЕ е неконструктивна опозиција. Пред две години, така сметале 22% испитаници, а денеска овој процент изнесува 31.

Копнежот по ЕУ останува, ама надежта опаѓа

Само 28 проценти веруваат оти државава ќе влезе во унијата во наредниве пет години Фото: Роберт Атанасовски

Иако високи 80 проценти од граѓаните поддржуваат Македонија да стане членка на ЕУ, само 28 проценти веруваат оти државава ќе влезе во унијата во наредниве пет години, што претставува пад од седум процентни поени во споредба со анкетата на ИРИ од јули 2018.

Исто така, процентот на испитаници што мислат дека евроинтеграцијата ќе трае подолго од десет години, е зголемен за седум процентни поени.

Анкетата покажува дека земјава и натаму е длабоко поделена околу промената на уставното име, односно 47 отсто сметаат дека промената не влијае врз идентитетот на Македонците, додека 46 проценти се уверени во спротивното.

Извор: Анкета на ИРИ, февруари 2020

Во последниве пет години, по аферата со прислушувањето и по објавените снимки за „Рекет“, многу е актуелен стравот дека во Македонија телефоните и воопшто разговорите се прислушуваат и се снимаат. Имено, дури 46 проценти сè уште сметаат дека има можност некој да ги прислушува, додека 35 отсто не веруваат во тоа.

Тука нема некоја голема промена во последниве пет години, зашто најголемата недоверба во овој сегмент била во октомври 2015, кога половина од анкетираните сметале дека се прислушуваат нивните телефонски разговори.

Мнозинството сѐ уште верува дека демократијата е најдобрата можна форма на управување на нашата земја, 61 процент, меѓутоа нешто повеќе од четвртина од испитаниците, сепак, сметаат оти постои, или еднакво добра (16%), или подобра алтернатива од демократијата (11%).

Прилично песимистички се и одговорите на прашањето дали денешната генерација на млади има добра иднина во државава. Дури 71 процент одговориле негативно, наспроти 19 отсто, кои сметаат оти младите имаа добра иднина во Македонија.

Телевизиите прв извор на политички вести

Сè помалку луѓе ревносно следат политика преку медиумите | Фото: Роберт Атанасовски

Анкетата укажува на трендот дека сè помалку луѓе ревносно следат политика. Ако пред три години, речиси четвртина од анкетираните се изјасниле дека ги следат сите политички вести, сега тој процент е сведен на 16 проценти.

Извор: Анкета на ИРИ, февруари 2020

Доминацијата на телевизијата како извор на политички вести продолжува да се намалува, но, сепак, таа и понатаму е примарниот медиум од каде што се информираат граѓаните. На прашањето „Каде следевте вести вчера?“, дури 81 процент ја навеле телевизијата, 36 проценти рекле дека политичките новости ги дознале од порталите и преку социјалните медиуми, додека одвај три проценти читале весник за да дознаат што се случува на политички план.

А, дури 83 проценти се изјасниле дека воопшто не читаат весници.

Од телевизиските вести, оние на Сител биле најмногу нотирани како примарен извор на политички вести, потоа следат оние на Алсат-М, додека дневникот на Канал 5 е на трето место. Подолу на листата се МТВ 1 и Телма, 24 Вести, Алфа, МТВ 2, Шења и ТВ 21.