Репортажи

Арачиново: Нема федерализација, а далеку е и канализацијата

Една година по фамозните парламентарни избори на кои изненадувачки победи СДСМ

Арачиново сѐ уште е табу територија за повеќето етнички Македонци. Оние што му припариле, всушност само поминале по главната улица со цел да го заобиколат автопатот кон Куманово и да не платат патарина.

Останатите веројатно во очите ја имаат врежано панорамската ТВ-слика од 2001 година со армиски хамери паркирани на почетокот од долгата улица што како „ролеркоустер“ оди надолу и веднаш се искачува. Ги помнат и експлозиите во позадина и приказната за тоа како наводно Американците со автобуси ги спасувале припадниците на ОНА.

И едните и другите сѐ уште сметаат дека Арачиново е сива зона надвор од дофатот на било кој закон, некаков македонски Меделин без својот Пабло Ескобар и затоа често ќе предложат „таму да ги видам да казнуваат за пушење по кафеани“.

Некои од нас го паметат и по тоа што во деведесетите таму на црно можеше да се купи евтина бела техника за чие потекло, фала Богу, никој не прашуваше. Се купуваа сиви „појачала-лампаши“, големи телевизори со далечински и германски видеорекордери со две глави.

Во последнава деценија речиси и да го снема Арачиново од вестите, а првата побитна информација од ова скопско село стигна дури вечерта на 11 декември 2016 година и таа зачуди многумина.

СДСМ победи во Арачиново.

„Струмица 2“ не е изградена за еден ден

Арачиновци прв пат го виделе Заев кога влегол во пицеријата „Адвани“ | Фото: БИРН

На истата главна улица денес може да го видите графитот „Струмица 2“, напишан е на перфектна кирилица врз ѕидот на автобуската станица. Преживеал цела година и никој не се обидел да го избрише или да го пречкрта.

Мештаните прв пат го виделе Заев кога влегол во пицеријата „Адвани“ и како да раскажуваат некаква голема тајна, речиси шепотат дека таму е зачнат проектот „Албански гласови за СДСМ“.

Нема кој да ви каже како точно оделе подготовките, ама општо е прифатено дека со амин на страниците и со помош на старите политички волци од Арачиново, СДСМ успеа за три години од осум гласа да дојде на победничките 3.000.

„Луѓето од старата гарда на ПДП ги извадија тефтерите од подрумите и ја дувнаа прашината од листите со нивни гласачи“, велат арачиновци.

Не помнат кој месец точно се случило, дали било лето или зима, ама сигурни се дека сето ова се договарало уште пред „бомбите“.

И тука приказната добива по малку митски димензии. Старите политички шамани од деведесетите ги отвориле портите од селото за да влезе струмичанецот, во знак на добрите времиња кога биле дел од владите на Бранко Црвенковски.

„Ова не поминало без Бранко“, убедени се тие.

Продолжението на оваа епизода е уште поинтересно.

Со помош на старите политички волци од Арачиново, СДСМ успеа за три години од осум гласа да дојде на победничките 3.000 | Фото: БИРН

За операцијата на СДСМ кадрите на ПДП биле вистинските идеолози, ама не и добри теренци. Затоа ги привлекле и кадрите на ДПА, кои биле многу поснаодливи, дури и градоначалничката потекнувала од фамилија традиционално поблиска до оваа партија.

Бројките на некој начин и ја илустрираат асимилацијата на овие гласови. Ако ДПА освоила 1.500 гласови во 2014 година, две години подоцна партијата на Мендух Тачи на пржинските избори добила нешто помалку 300 гласа.

Таму сакаат да веруваат дека пред локалните избори Заев им рекол на Албанците од коалицијата дека може да соработуваат во другите општини, ама да не му го чепкаат Арачиново.

А, за да ни доловат колку се вложиле во неговата политичка кариера, арачиновци велат дека во критичната вечер на 27. април неколку стотини биле подготвени да појдат во Собрание. Само требало да падне наредба.

Затоа сега и се разочарани што во првата година од мандатот Заев не дошол да ги посети.

„Министри и директори доаѓаа, ама него не сме го виделе“, велат тие.

Нема живот без канализација

Арачиново има околу 13.000 жители, ама тие немаат фекална канализација | Фото: БИРН

Општинската зграда во Арачиново е барака сместена меѓу запуштената црква и џамијата.

Во ходникот нѐ пречекаа постер од ОНА на ѕидот и врева која доаѓаше од состанокот на општинскиот совет. Бараката е толку мала што да знаевме албански веројатно ќе можевме да напишеме записник од состанокот, чекајќи ја градоначалничката во холот.

„Нема да ве прими, има итен состанок во градот. Оставете број и ќе ви се јавиме.“

Момчето што се претстави како личен советник на Миликије Халими љубезно се ослободи од нас.

За да нѐ увери дека СДСМ тука е сериозна партија, ни ги покажа новите зелени клупи и корпи за отпадоци на кои на албански и на македонски пишуваше Општина Арачиново. Сосема ги испочитувале казнените одредби од новиот закон што сѐ уште не излегол во Службен весник.

Халими не се јави и останавме без официјални информации за тоа што всушност се случува со канализацијата, која на големо беше најавувана на изборите преку слоганот „Канализација, не федерализација“.

Претходните општински власти направиле проект според кој за канализацијата биле потребни неколку милиони евра, многу повеќе од вкупниот општински буџет.

Оттаму е јасно дека канализацијата може да ја направи само државата.

„Се работи сериозно, ќе ја биде и канализацијата“, вака советникот на Халими со една реченица ни одговори на целата листа прашањата.

Арачиново има околу 13.000 жители, ама тие немаат фекална канализација.

Тие не може да се пофалат ниту со одлична водоводна мрежа, често снемува вода, улиците и училишта им се пристојни, но им треба интервенција, ама фекалната канализација сѐ уште е апсолутен минимум што СДСМ треба да го испорача за да го задржи кредибилитет во новиот бастион.

Се користат септички јами, а некои фекални води се исфрлаат и во отворениот канал за одведување води што минува низ Арачиново. И не е тешко да се замисли како мириса кога скопската котлина ќе качи температура од над 40 Целзиуса.

Зградите „Џеваир“ видени преку прозорецот на куќа уништена од конфликтот во 2001 година | Фото: БИРН

Засега општината прикажувала дека многу работи, ги реновирала училишта, црквата и џамијата, правела огради и слични помали проекти.

Сепак, една година по изборите веќе се слушаат првите разочарувачки коментари.

Имало неисполнети ветувања за вработувања, како и за вадење луѓе од затвор, бидејќи со последната амнестија од преку 50 затвореници од Арачиново, биле опфатени само пет или шест лица.

Дали се ветувало премногу или, пак, некој погрешно ги сфатил партиските мисионери, сепак дел од арачиновци не дочекале да им се реши проблемот со неплатените сметки кон ЕВН. По изборите им рекле дека станува збор за приватна компанија и оти на „власта ѝ биле врзани рацете“.

„А ние на раце го носевме Заев“, по малку разочарувачки прокоментира еден од активистите на СДСМ во Арачиново што го сретнавме во пицеријата.

СДСМ во 2016 освои 2.000 гласа, околу 500 повеќе од дотогаш неприкосновениот Али Ахмети. Чудото не траеше три дена. Следната година на локалните избори овие 2.000 пораснаа на 3.000.

По конфликтот во селото останало само едно семејство етнички Македонци, иако на гласачкиот список ги има повеќе. Оттука јасно е дека Заев допрел до Албанците и дека таа врска е персонализирана, може да се каже дека во Арачиново не победи СДСМ, туку Зоран Заев.

Не е случајно што на ѕидот покрај автобуската пишува „Струмица 2“, а не „Бихаќка 2“ и затоа лично од него очекуваат тој да ја исполни бесата.