Регион

Атлас на надзорот во Србија

Каде се системите за препознавање лица, глас, регистрации и однесување

Камери што го препознаваат лицето додека поминувате низ училишната капија. Микрофон во автобус што го снима разговорот. Систем што може да ја поврзе регистарската табличка со рутата на движење низ повеќе градови.

Во последниве пет години, стотици јавни институции во Србија набавиле повеќе од илјада парчиња опрема за надзор – од камери со функции за препознавање лица, за следење регистарски таблички и анализа на однесување, преку камери што снимаат и анализираат звук, сè до дронови, кои повеќекратно зумираат и прават термално снимање.

БИРН Србија, во повеќегодишното истражување собра податоци од јавните набавки за опремата за надзор и ги мапираше на интерактивна платформа. Податоците се прибирани од јавно достапна документација, со помош на интерната алатка „ТендерСпај“, развиена за систематско следење на јавните набавки.

На тој начин се овозможува детален увид во тоа каде во Србија се користат камери што препознаваат лица и регистарски таблички, каде се снима и звук, кој поседува софтвер за анализа на однесувањето и како се шири мрежата на уреди што можат да го следат движењето на луѓе и возила.

Сепак, количеството набавена опрема за надзор е значително поголемо, бидејќи српското Министерство за внатрешни работи , војската на Србија, Воено-безбедносната агенција, Воено-разузнавачката агенција и Безбедносно-информативната агенција, ваков вид опрема набавуваат по посебни процедури.

Експертите што зборуваа за БИРН велат дека наведените видови опрема имаат безбедносна улога, но носат ризик од злоупотреба, особено кога станува збор за приватноста на граѓаните.

„Правото на приватност е уставна категорија и кога немате соодветна основа да навлегувате во приватноста, тоа не треба да се прави. Оваа технологија се разви со преселбата на голем дел од живеењето во онлајн-сферата. Правото не ја следеше технологијата. Многу често се случува проблемите да се натрупаат, за дури потоа да се носи регулатива“, вели за БИРН, адвокатот Милош Стојковиќ.

Ваквиот надзор не се однесува само на вработените во институциите, туку и на граѓаните што ги посетуваат тие објекти или поминуваат покрај нив. Во случаите на градовите што  поставуваат камери на јавни места, надзорот опфаќа широк круг луѓе и отвора прашања за рамнотежата меѓу безбедноста и приватноста.

Прашањата што се наметнуваат не се само технички – колку долго се чуваат снимките, кој може да ги користи и за кои цели – туку и етички, бидејќи ваквите системи можат да ја загрозат приватноста, слободата на движење и правото на собирање, особено кај чувствителните групи.

„Овие активности го прошируваат ‘социјалното сортирање’ на популацијата во различни категории, така што со луѓето може да се постапува различно, во зависност од тоа каде се евидентирани. Тоа главно се случува без знаење на јавноста, а дури и кога постои свест за тоа, ретко се преземаат понатамошни чекори. Ова се сериозни прашања што не се однесуваат само на приватноста“, вели за БИРН, Дејвид Лајон од Квинс универзитетот во Кингстон, Канада.

Истражувањето доаѓа откако во изминатите две години, новинарите на БИРН документираа нелегален дигитален надзор над активисти и новинари, вклучително и отклучување телефони со форензичка опрема на компанијата „Селебрајт“ и инсталирање на домашниот шпионски софтвер Новиспај, како и израелската програма Пегазус.

Притоа, Србија нема посебен закон што го уредува биометрискиот надзор, а обидите да се воведе правна основа за масовното препознавање лица беа повлечени под притисок од јавноста.

Во такво опкружување, континуираната набавка на напредни системи за видеоаналитика, препознавање лица и други форми на дигитален надзор добива пошироко значење, бидејќи се одвива без јасни и независни механизми за контрола на нивната употреба.

Во продолжение на ова истражување, БИРН открива каде во Србија се користи аудио и видеонадзор, како се следат регистарски таблички и лица, и какви последици може да имаат таквите системи врз секојдневниот живот на граѓаните.

Каде сѐ во Србија камерите снимаат звук

 

CCTV и IP камерите неретко имаат тешко видлив, вграден микрофон | Фото: Амазон

Случајот со аудионадзор преку камери во автобусите на две линии во Белград од мај минатата година, според пишувањата на медиумите, го поттикна државниот претставник за информации од јавен карактер и заштита на податоци за личноста, да покрене инспекциски надзор, а Секретаријатот за јавен превоз да наложи исклучување на автобусите во кои се појавија налепници дека возилото е под аудионадзор.

Овој случај отвори повеќе прашања – каде сѐ во Србија се користи опрема, која, покрај слика, снима и звук.

Сепак, како што открива БИРН, речиси сите камери во автобусите на градските сообраќајни претпријатија во Белград и во Нови Сад, имаат вграден микрофон. Последната набавка на видеонадзор за градските автобуси во Ниш од 2017 година, исто така, предвидува можност за аудиоснимање во 16 возила на градското претпријатие.

„Микрофонот квалитативно ја менува природата на надзорот: за разлика од ‘класичниот’ видеонадзор, аудиокомпонентата директно ја опфаќа содржината на говорот и комуникацијата, го зголемува ризикот од прекумерна обработка и секундарна употреба на снимките, особено во чувствителни средини, како што се училиштата и болниците. Кога системот вклучува микрофон, значително се проширува обемот на обработка на податоци – се преминува од ‘набљудување’ кон собирање содржина од говорот“, велат од невладината организација Партнери Србија, која со години се занимава со безбедност на личните податоци.

Тие наведуваат дека во Србија не постои посебен закон што го уредува аудио-видео надзорот во јавните институции надвор од полицискиот систем.

Користејќи различни зборови како „двонасочна аудио-комуникација“, „вграден микрофон“ и слично, при пребарување на техничките спецификации на порталот за јавни набавки во Србија, БИРН пронајде камери со можност за снимање звук на повеќе локации, меѓу кои железничките станици во Заечар и Лапово, Институтот за онкологија и радиологија на Србија во Белград, гимназија и основно училиште во Стара Пазова, неколку градинки во Сечањ, Пионерскиот и паркот Ушче во Белград, како и казнено-поправни установи во Белград и во Сремска Митровица, заедно со неколку установи за социјална заштита.

Ваква опрема набавувале и локални самоуправи, вклучувајќи ги општините Кула, Лазаревац, Кучево, Ваљево и Лучани. Според достапната документација, камери со вграден микрофон се купувале и за основни и за средни училишта во повеќе општини на северот на Косово.

Набавки реализирале и бројни други државни органи и јавни претпријатија. Особено чувствително прашање за аудионадзорот се однесува на работните места. Според написите во новосадскиот портал 021, вработени во секторот за наплата на патарини во рамки на претпријатието „Патишта Србија“, со години укажуваат на политички притисоци, меѓу другото и поради тоа што работат под аудионадзор.

Скоро сите камери во градските автобуси во Белград и Нови Сад имаат вграден микрофон | Фото: БИРН Србија

На наплатните станици се истакнати налепници што информираат дека се врши аудио и видеоснимање, а претставници на синдикатот предупредувале дека таквата практика може да влијае врз условите за работа и чувството на постојан надзор кај вработените.

„Вработените што вршат контрола преку видеонадзор, односно контрола на работата на вработените на наплата на патарина, ги преслушуваат аудиоснимките само во случај на детектирани сомнежи за злоупотреба или во случај на примени поплаки од учесници во сообраќајот, што не може да се утврди само со преглед на видеозаписот“, велат од „Патишта Србија“ за БИРН.

Дека камерите не снимаат звук, односно дека не поседуваат таква опрема, во одговорите на новинарските прашања на БИРН тврдат повеќе институции, како спортскиот центар „Соко“ во Сомбор, специјалната болница „Меркур“ во Врњачка Бања, општата болница Лесковац и домот за стари лица во Сурдулица.

И пред 2020 година, ваква опрема набавувале бројни установи, од спортски центри, болници, градинки и училишта, сè до јавни претпријатија и градови, меѓу кои и Чачак, Аранѓеловац, Горњи Милановац, Ариље и Сента.

Истражувањето на БИРН не ги опфати приватните видеонадзори, чии снимки под одредени услови можат да ги прибават органите на редот.

Филип Милошевиќ од Фондацијата Шер потсетува на случај од крајот на минатата година, кога во таблоидите протече разговор на студенти во еден угостителски објект, кој бил снимен преку камера што снима звук.

Приватност на пат: камери за препознавање таблички

Софтверот „Dahua Cyber City“ може да пребарува конкретни возила, лица и рути на движење | Фото: Принтскрин од Јутјуб

Системот за автоматско препознавање регистарски таблички стана еден од клучните елементи на современиот надзор на сообраќајот во Србија.

Камерите го бележат поминувањето на возилата, времето и местото на снимање, а со поврзување на поголем број камери можно е да се реконструираат рутите на движење и посредно да се следи движењето на сопственикот или корисникот на возилото. Покрај регистарската ознака, многу системи го бележат и типот и бојата на возилото, насоката на движење и други податоци, а некои овозможуваат и ГПС-локација и пребарување возила низ базите на податоци.

Општина Инџија набавила систем, кој, според документацијата, овозможува евиденција на милион регистарски ознаки и пребарување низ база на податоци. Повеќе градови, меѓу кои Мионица, Зрењанин и Сомбор, поседуваат интеграциони платформи, кои овозможуваат обединување на податоците од поголем број камери и пребарување возила со одредена регистарска табличка низ целата мрежа на поврзани уреди.

Камери со функција за читање регистарски таблички, според податоците за јавни набавки, набавувале бројни локални самоуправи. Покрај полицијата и „Патишта Србија“, кои ваквите системи ги користат за контрола на сообраќајот, откривање прекршоци и управување со сообраќајните текови, камери за препознавање таблички набавуваат и паркинг-служби, јавни комунални претпријатија, градски пазари и други институции.

МВР не кажува дали полицијата користи софтвер за следење на рутите на движење на возилата | Фото: Принтскрин од Јутјуб

„Граѓаните стравуваат дека нивното движење се следи – што, секако, со помош на таквите технологии е можно – или дека снимките собрани за една цел може да се користат за некоја друга. Ова се ‘лизгави’ технологии, кои бараат строга регулација за да се спречи или барем да се ограничи нивната незаконска или злоупотребена примена“, вели Дејвид Лајон, социолог и експерт за прашања на дигитален надзор од канадскиот Квинс универзитет.

Министерството за внатрешни работи не одговори на прашањата на БИРН за тоа дали полицијата користи софтвер за следење на рутите на движење на возилата, колку долго се чуваат снимките од сообраќајните камери и под кои услови тие податоци се споделуваат со други институции.

„Камери има многу, сите ги препознаваат табличките, сето тоа постојано некаде се бележи и следи, а сега ги имаме и новите камери што препознаваат и лица во самото возило“, забележува Филип Милошевиќ од Фондацијата Шер.

Во соопштение од 2017 година, тогашниот државен претставник за информации од јавен карактер и заштита на лични податоци, коментирајќи ги камерите за препознавање таблички што ги користи „ Патишта Србија“, наведе дека „овие податоци можат да станат лични податоци, само во случај кога е можно да се поврзат со сопственикот, односно кога врз основа на нив може да се идентификува сопственикот на возилото“.

Сегашниот државен претставник, за БИРН, вели дека обработката на податоци преку видео и аудионадзор значително може да ја загрози приватноста, слободата на движење на граѓаните и други права, поради што имателот е должен пред воведување таков систем да утврди дали целта на надзорот е „оправдана и законита“, како и дали обработката е навистина неопходна и пропорционална на таа цел, односно дали целта може да се постигне на помалку инвазивен начин, со обврска за транспарентно информирање на лицата чии податоци се обработуваат.

Медијана, Ужице, Стари град, Смедерево и Вршац, на прашањата на БИРН, одговорија дека немаат камери со можност за препознавање регистарски таблички, ниту ја имаат таа функционалност, додека Баточина, Крушевац, Топола, Врњачка Бања, Рума, Пирот и Темерин навеле дека тие системи не ги користат бидејќи за нив е надлежно МВР.

„Патишта Србија“, пак, навеле дека „ја користат оваа функција за контрола на наплатата  во затворениот систем на наплата на патарина и за детектирање потенцијално ‘бегање’ на возила на ‘диви излези’ од автопатиштата“, како и дека „од почетокот на примената на системот, континуирано комуницираат и се консултираат со државниот претставник за заштита на лични податоци“, а нивните акти и процедури „повеќепати биле официјално проверени и одобрени во рамки на редовни и вонредни контроли“.

Биометриски надзор и таму каде што не му е местото

Технологиите за препознавање лица спаѓаат меѓу најинвазивните облици на видеонадзор, бидејќи овозможуваат идентификација на конкретно лице што се наоѓа на одреден простор. Истражувањето на БИРН покажа дека ваквите системи не се набавуваат само за потребите на безбедносните служби, туку и во установи каде што тоа поретко се очекува – пред сè во образованието и во здравството.

Меѓу новооткриените случаи на набавка на видеонадзор со функции за препознавање лица се наоѓаат повеќе училишта во Зрењанин, кои преку ист понудувач набавиле снимачи со напредни аналитички функции, вклучувајќи препознавање лица.

Слична опрема набавиле неколку училишта во Димитровград, како установи за предучилишно образование и социјална заштита во Чачак и во Белград. Во здравствениот систем, меѓу набавувачите се нашол и Центарот за палијативно згрижување, во рамки на Универзитетскиот клинички центар на Србија.

Бранкица Јанковиќ, поранешна државна претставничка за заштита на рамноправноста, за БИРН вели дека „видеонадзорот може дополнително да ја загрози положбата и човековите права на особено чувствителните општествени групи и таквиот надзор на одредени места е неприфатлив.“

„Замислете дека во моменти кога нашето здравје е загрозено, кога сме во простор каде што очекуваме да имаме свој интимен агол, имате болки или неволни движења што сигурно не би сакале некој да ги гледа. Да не зборувам за разговори во центрите за социјална работа, снимање разговори со деца, граѓани на кои им е потребна поддршка од социјалната заштита за надминување различни животни тешкотии. Некој ве гледа токму тогаш кога најмногу ви е потребна заштита на приватноста.“

Иако овие технологии најчесто се оправдуваат со потребите за безбедност и заштита на имотот, експертите предупредуваат на поширок спектар на можни последици.

„Таквите технологии можат да ве сместат во одредени категории, од фотографиите да се формираат бази на податоци, како и да се врши профилирање и предвидување на однесувањето, што во некои случаи може да биде и забрането. Истовремено, можат да имаат и легитимна примена, на пример во потрага по исчезнати деца, но неопходно е да се обрне посебно внимание на можноста за злоупотреби, бидејќи тие се реални и веројатни“, вели за БИРН, истражувачката Тамара Завишиќ, која се занимава со прашањата на етика во системите на вештачка интелигенција.

Анализа на однесувањето и ефекти од напредните системи за видеонадзор

Некои од примерите на анализа на однесување преку видео-надзор | Извор: NEC корпорација

Броењето луѓе претставува уште една од сè почесто користените аналитички функции на современите системи за видеонадзор. Покрај проценката на бројот на лица во кадарот, овие системи често овозможуваат и изработка на т.н. „жешки-мапи“, кои ги прикажуваат зоните на најчесто задржување и насоките на движење.

Во поединечни случаи, софтверот може да детектира и специфични однесувања, како што се собирање поголем број луѓе, брзо движење или трчање, фрлање предмети…

„Камерите за анализа на однесување можат да се претставуваат како неутрални алатки за контрола на масата и унапредување на безбедноста, но во реалноста тие суштински го менуваат начинот на кој луѓето го доживуваат јавниот простор“, вели Аљоша Ајановиќ од европската организација за дигитални права ЕДРИ.

„Кога системите се дизајнирани да означуваат ‘невообичаено движење’, да детектираат ‘сомнителни’ собирања или да класифицираат однесување, тие легитимни демократски активности – протести, штрајкови и воопшто престој во јавни простори – однапред ги третираат како потенцијално сомнителни.“

Во рамки на ова истражување, БИРН идентификуваше набавки на камери со функции за броење луѓе и анализа на однесување во повеќе градови и институции, како спортскиот центар „Милан Гале Мушкатировиќ“, Белградска арена, туристичкиот комплекс гондола Брзеќе, казнено-поправните установи во Крушевац, Белград и во Сремска Митровица, како и повеќе градови.

Непознато е дали српското МВР користи камери со аналитички функции и броење луѓе за да ги пребројува присутните на протест и да дава свои проценки, кои често се оспорувани.

Општина Смедеревска Паланка, во 2020 година, за време на пандемијата на ковид-19, купила камери, кои, според документацијата, имаат можност за броење луѓе и детекција за т.н. „социјално дистанцирање“, односно за процена на физичката оддалеченост меѓу лицата.

„Употребата на такви системи на камери има негативен потенцијал врз слободата на собирање. Поширокото влијание веројатно би бил т.н. ‘ефект на заплашување’ поврзан со камерите, кој создава страв кај оние што би можеле да бидат дел од такви собирања“, вели Дејвид Лајон од универзитетот „Квинс.“

Тој потсетува на случај кога полициски дрон неточно детектирал користење телефон при возење, поради што полицијата изрекла висока парична казна на една Канаѓанка, која, всушност, стоела на црвено светло и го извадила телефонот за да го фотографира дронот, сметајќи дека ѝ ја нарушува приватноста.

Снимање од воздух и нови димензии на надзорот во јавниот простор

ДЈЛ Матрице 350 е еден од понапредните модели на кинески дронови, кои ги набавувале српските органи на редот | Фото: ДЈЛ

И во Србија, употребата на дронови во надзорот, во последните години станува сè пораспространета.

Повеќе органи на јавната власт со години наназад набавувале беспилотни летала, најчесто од кинескиот производител ДЈЛ, кои се користат за надзор на терен, инспекциски работи или за безбедност, но технички можат да се користат и за надзор на протести или следење поединци.

Од ова истражување главно се изземени образовните, научните и истражувачките институции, кои набавувале дронови за едукативни и научни цели.

Меѓу купувачите на дронови се локални самоуправи и институции, како општините Крушевац, Неготин, Сврљиг, Кладово, Бор, Лазаревац, Панчево, Лозница, Ковачица, Бач и Мали Зворник, казнено-поправниот завод „Забела“, како и Криминалистичко-полицискиот универзитет.

БИРН Србија и претходно пишуваше за набавките на полициски дронови и нивните карактеристики, а податоците од поновите тендери покажуваат дека српското МВР  продолжило со модернизацијата на оваа опрема. Техничките спецификации укажуваат дека современите дронови што се користат за надзор имаат поголеми можности од претходните генерации.

Моделите од последните набавки на МВР имаат хибриден зум со зголемување до 200 пати, камери со висока резолуција со термално и ноќно снимање и стабилизација, автоматско следење објекти, пренос на слика во реално време и друго.

Дејвид Лајон, социолог од Квинс универзитетот во Онтарио, вели дека „употребата на надзорни дронови од страна на полицијата има неколку недостатоци – можат да се користат за прикриено снимање приватни простори, како домови или автомобили.“

Аљоша Ајановиќ од ЕДРИ додава дека она што ги прави дроновите особено загрижувачки е „нивната флексибилност и непредвидливост.“

„Луѓето може да знаат каде се поставени фиксните камери, но дроновите можат ненадејно да се појават и да дејствуваат на широки подрачја. Таа непредвидливост дополнително го засилува ‘ефектот на заплашување’: не знаете кога сте под надзор, ниту од каде ве набљудуваат. Лесно е да се замисли дека самиот звук на дрон што зуи над јавен простор може да создаде чувство дека сте цел или под присмотра, дури и кога не правите ништо незаконско“, додава Ајановиќ.

Како што се развива технологијата, дроновите стануваат уште еден слој од пошироката инфраструктура за надзор – заедно со фиксните камери, системите за препознавање таблички и видеоаналитиката – со што значително се проширува можноста за следење на движењето и активностите на луѓето во јавниот простор.