Ветувања напишани со големи или здебелени букви и извичници. Кога изборните програми би биле преточени во политички говори на митинзите, токму деловите поврзани со корупција би биле изговорени со високи тонови.
На овие парламентарни избори, шесте главни програми се напишани на над 700 страници. Половина од нив се на најголемите партиски играчи, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Ако од програмите се „исчистат“ наративите и кованиците како „нула корупција“, „фронт против корупцијата“, конкретните ветувања што се остварливи се малку.
По третпат од 2016 година наваму, СДСМ ветува ветинг и главно ги нагласува проектите што веќе ги спровеле. И ДУИ e за ветинг, но не само за судии и обвинители, туку сега и за политичари, овојпат со директно вклучување на меѓународната заедница.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе ги распуштаат Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Најавуваат правда за „осудените во политички монтираните случаи“ и ревизија на работењето на специјалното јавно обвинителство.
Левица, кои самите се оценуваат како „неподмитливи“ по малку филмски, ветуваат „одлучно антимафијашко делување, со уфрлени агенти-провокатори“.
„Вреди“ ветува привремено тело од западни експерти, интегрирано во обвинителските и во судските совети, а ЗНАМ се залага за враќање на укинатите одредби од Кривичниот законик и за зголемени казни за корумпираните функционери.
Во анализата на изборните програми што ја изработи Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) пишува дека „програмите имаат силни заложби што не се објаснети како ќе се реализираат и кои механизми ќе се употребат во процесот“.
Но, ретко која од партиите опишува како ќе ги оствари ветувањата, особено оние популистичките, со кои му „намигнува“ на електоратот.
Голем дел од ветувањата е речиси невозможно да се оствари без 80 пратеници, а други мерки веќе се спроведени.
Сево ова е во атмосфера во која само еден процент од граѓаните, според ланската анкета на ИРИ, целосно му верува на правосудството, а меѓународните извештаи, како најновиот на Фридом хаус, бележат назадување во борбата со корупцијата.
Рециклирана и нејасна идеја за ветинг
СДСМ, во новата програма ја рециклира старата идеја за ветинг. Социјалдемократите не објаснуваат конкретно што подразбираат под ветинг и како и кој би го спровел, дали би бил „еднократен“ или постојан.
Само уверуваат дека ќе се проверува интегритетот на судиите и на јавните обвинители – мерка што партијата ја заговараше уште пред да дојде на власт во 2016 година, а не помина поради несогласувањето на европските дипломати.
Најавениот и неспроведен ветинг од 2016 година, СДСМ го ставија повторно на политичката понуда и за претходните предвремени парламентарни избори, но во различна форма.
На билбордите во 2020 година пишуваше „прочистување на судството“, а главниот наратив со кој се бараше победа на изборите беше „правда“. Па, откако пропадна идејата за генерален реизбор на судии и обвинители, предлагаа „мек“ ветинг, односно проверка на имотот на судиите и на обвинителите и методологии за проверка на нивната работа. Тоа не го даде посакуваниот ефект кај граѓаните и јавноста.
Седум месеци пред изборите, дополнително се стопи довербата на граѓаните во правната држава, особено со измените на Кривичниот законик, со кои поранешни функционери и бизнисмени куртулија од кривична одговорност.
Слична идеја имаат и ДУИ.
Се залагаат за „владеење на правото, неселективна правда, борба против корупцијата и организираниот криминал“ преку „сертифицирање“ на функционерите пред да бидат избрани на функција.
Во програмата на ДУИ ги нема старите ветувања за меѓународно преиспитување, на, како што ги нарекуваа „спорните судски случаи“, мерка што ја предлагаа во 2020 година. Но, повторно ја внесуваат меѓународната заедница НАТО, САД и ЕУ како дел од политичката понуда, и тоа токму преку ветинг.
Ова ветување би го постигнале преку оживување на предложениот закон за ветинг од 2020 година, кој никогаш не беше изгласан. Предлагаат идните функционери да се проверуваат низ два филтри: вмешаност во корупција и руско влијание, а таа проверка, по теркот на НАТО безбедносните сертификати, да ја прави меѓународен борд.
На иста линија за ветинг е и Левица, но тие прстот го вперуваат кон ДУИ.
Ветуваат „детално преоценување и проверка на работата и имотната состојба на луѓето од правосудството „со цел имплементирање на проектот за „дедуизација на судството!“
Коалицијата „Вреди“, во делот од програмата наречен „европеизација на правдата“, најавуваат „привремено тело на западни експерти, главно од европските земји, кои ќе бидат интегрирани во обвинителските и во судските совети“. Иако, за да се спроведе тоа, особено во Судскиот совет, потребно е да се смени Уставот.
Сите се против корупција
Уште на првите страници од програмата на СДСМ се спомнува борбата со корупцијата, веднаш над потписот на партискиот лидер Димитар Ковачевски. Најмногу страници од изборната програма се посветени за да се опишат мерките што веќе се усвоени, како Законот со управување со конфискуван имот, одредбите од Кривичниот законик за проширената конфискација…
Деловите од измените на Кривичниот законик, со кои се намалија казните за дела сторени со корупција и со кои застаре речиси сѐ што отвори СЈО, не се споменуваат никаде.
Во програмата напишале дека со „посветена работа“ придонеле за Македонија да се искачи на повисоко место на скалата на Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнел“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во својата програма најавува фронт против корупцијата.
Во првите 100 дена од мандатот ќе формираат владино координативно тело против корупцијата, во кое би влегле државни институции. Вакво меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата во Владата веќе постои.
Најавуваат засилена надлежност на Антикорупциската комисија. Во јавните настапи говорат дека функционерите на ДУИ се корумпирани, и дека целта на партијата е да направи влада без нив.
Од една страна ветуваат независно судство, од друга, пак, предлагаат ревизија на работењето на згаснатото СЈО, институција која четврта година е мртва, а најголемиот дел од нивните предмети се пресудени или застарени.
Ветуваат дигитализација, со што би се намалила корупцијата, и тоа во системот на патарините, во урбанизмот, за барањата за добивање дозвола за носење и користење оружје.
Левица ја замислуваат борбата со корупцијата со радикални мерки, како на пример со „уфрлени агенти-провокатори“. Иако во Законот за кривичната постапка, кој е донесен во 2010 година и важи и денес, веќе има вакви одредби за „лицата за истрага со прикриен идентитет и нивните овластувања“.
Се залагаат и за ревизија на приватизацијата, иако се поминати повеќе од три декади од тој процес.
Ќе воведуваат ново кривично дело „злоупотреба на ЕУ знаменце“, а ќе ги процесираат „Хашките случаи“. Предлагаат да се укине прекршочната и да постои само кривична одговорност за корупција, претседателот на ДКСК и мнозинството членови да ги предлага опозицијата…
Ветуваат целосно нов Кривичен законик, иако тој веќе е изработен од работната група што ја формира Министерството за правда.
ДУИ најавуваат обврска, нововработените во МВР да поднесуваат изјави за имотната состојба, пари за специјализирани обвинители, аналитичари за дигитална форензика, лиценци во урбанистичкото планирање…
ЗНАМ, во скромната предизборна програма од неколку страници немаат посветено многу простор за борбата со корупцијата. Меѓу неколкуте мерки најавуваат незастарување на кривичните дела за корупција.
Се залагаат за враќање на укинатите одредби од Кривичниот законик и за да се зголемат затворските казни за злоупотреба на службената положба и овластување.
Многу „ќе“ за двотретински измени во правосудството
Социјалдемократите ги внеле во изборната програма сите препораки од извештајот на оценската мисија на Европската Унија за Судскиот совет: Исклучување на министерот за правда и на претседателот на Врховниот суд како членови на Советот, за да се избегне внатрешно и надворешно влијание.
Но, за тоа да се случи, потребно е да се промени Уставот, односно двотретинско мнозинство. Се залагаат и за јавен избор на членови на Судскиот совет со интервју во Собранието, слично на изборот на членови на ДКСК.
Покрај тоа, членовите на Судскиот совет што ги предлагаат партиите, наместо како досега со просто мнозинство, да се избираат со двотретинско мнозинство, за да се „избегне политичко влијание“.
ВМРО-ДПМНЕ, во својата програма најавува радикални мерки во правосудството. Ќе ги распуштаат Судскиот совет и Советот на јавните обвинители и предлагаат законски измени за избор на нови членови.
Не објасниле како планираат да го направат тоа, бидејќи Судскиот совет е речиси невозможно да се разреши целиот, бидејќи во него има членови – судии што ги избираат самите судии, а не парламентот.
Во интервју за „360 степени“, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски објаснуваше дека, сепак, немало да го распуштаат целиот Судски совет, туку мислеле само петте члена што ги предлагаат партиите и претседателот, а ги избира Собранието.
Инаку, Министерството за правда лани формираше работна група за измена на Законот за Судскиот совет и таа интензивно работи.
Партијата ветува „строги и објективно мерливи критериуми“, кои треба да ги исполнат новите членови на Судскиот совет, кои се предлог на партиите и на шефот на државата. Предлагаат и многу промени во законите за кривична и парнична постапка, и целосно нов Закон за јавно обвинителство, но за такви измени ќе им треба поддршката од 80 пратеници.
„ЗНАМ“ во партиската програма, во делот на правосудството имаат предвидено дигитализација и зголемување на платите на администрацијата во правосудните органи за 30 проценти.
ДУИ на широко опишале дека се залагаат за независен судски систем. Но, мерките што ги предлагаат, како на пример, жалбите во дисциплинските постапки за судии и обвинители и критериумите за оценување за напредок во кариерата, веќе со години се применуваат.
Левица предлагаат судиите, наместо траен, да имаат ограничен мандат. За оваа мерка е потребно да се промени Уставот, или, со други зборови, ќе им требаат 80 пратеници за да го остварат ова ветување.
Истата бројка пратеници ќе им биде потребна за да воведат граѓанска порота.
„Вреди“, пак, ќе воведуваат специјализиран работен суд. И за ова предизборно ветување да се реализира, ќе треба да се смени Законот за судовите, кој е двотретински закон и за да се усвои, ќе бидат потребни 80 пратеници.