Додека многумина на Балканот се однесуваат како ситуацијата со корона вирусот да е надмината, Северна Македонија првите денови од јуни повторно ги поминаа во изолација.
Србија ја укина вонредната состојба, Црна Гора прогласи крај на епидемијата на корона вирусот, а и други земји во балканскиот регион попуштија со строгите мерки за ограничување на движењето наметнати неколку недели претходно, со цел да се спречи ширењето на Ковид-19. Но, голем дел од луѓето во Северна Македонија го поминаа првиот викенд од јуни во изолација, откако дојде до зголемување на бројот на новозаразени лица.
Едно од местата каде што беше забележан пораст на бројот на новозаболени, е градот Куманово, кој има околу 110.000 жители. Тоа беше првиот во Северна Македонија што, на почетокот на април, за време на викенд, воведе полициски час, потег кој потоа го следеа и други градови во државата.
Сепак, кон крајот на април, кога БИРН го посети Куманово, парковите во градот беа преполни, само некои луѓе носеа маски на лицето и ретко кој држеше физичка дистанца.
Меѓу пријавените случаи на заразени со Ковид-19, беше и градоначалникот на Куманово, како и огромен број на вработени во локалната болница. За само еден месец, најмалку 75 вработени во болницата беа заразени.
„Не можеме да знаеме од каде се сите зарaзeни“, вели директорката на кумановската болница, Снежана Захариева. „Некои дошле во контакт дома, некои со луѓе што се асимптоматични, некои при преглед на пациенти кои не ни знаеле дека го носат вирусот во себе”, вели таа за БИРН.
На луѓето во Југоисточна Европа им беа наметнати низа збунувачки мерки поради Ковид-19, кои беа различни не само меѓу државите, туку и меѓу градовите во самите држави.
Заедничко за сите беше паничното купување кога ќе дојдеа најави за карантин. Тоа беше случај во Куманово во Северна Македонија, во Митровица во Косово, па сѐ до островот Муртер во Јадранското море во Хрватска.
Контролни пунктови, полиција и војска по улиците, мажи и жени облечени во бело кои вршеа дезинфекција на јавните места – сликата беше слична во повеќе места, во градот Сучава во Романија, во селото Пешкири во Босна и Херцеговина, во градот Дебар во Северна Македонија. На жителите на островот Муртер, околу 5.000 на број, дури им беше речено да не излегуваат ниту во сопствените дворови. Толку голем беше стравот од непознатото.
Владините мерки честопати се донесуваа ад хок, понекогаш беа недоволно испланирани. Некогаш тие се менуваа поради критиките на јавноста. Така, земјоделците откако реагираа добија дозвола да работат на своите ниви, а на семејствата на лицата со инвалидитет, откако протестираа, им беше дозволено да излегуваат надвор.
И покрај изолацијата, вознемиреноста и неизвесноста, голем број луѓе покажаа извонреден степен на разбирање, или беа само благо критични.
Кои мерки беа правилни, а кои погрешни, кои беа предвремени, а кои дојдоа предоцна, кои беа оправдани, а кои несразмерни? Тешко е да се каже А како сето ова изгледаше на теренот? За да дознаеме, БИРН разговараше со десетици луѓе во 12 града и села низ шест балкански земји.
Тотална изолација на Тузи
За разлика од Северна Македонија, Црна Гора соопшти дека го победила корона вирусот. Жителите на Тузи, град кој се наоѓа на 10 километри од црногорскиот главен град Подгорица, платија висока цена, со најтешки мерки во регионот.
По 14 потврдени случаи на Ковид-19 за еден ден, градот со околу 15.000 жители, главно Албанци, на 24 март беше ставен во целосен карантин.
На жителите речиси еден месец им беше забрането да ги напуштаат своите домови, со исклучок на волонтерите, новинарите, а подоцна и на земјоделците, кои имаа дозволи за движење.
„Генерално, тоа беше голема драма, затоа што луѓето мислеа дека има и други причини за преземањето на овие мерки, различни теории“, вели студентката Доника Беришај.
„Како што знаеме, Тузи имаше голем број случаи на заразени пациенти за еден ден, од ништо. Доколку не беа преземени овие мерки, бројот на заразени лица ќе беше уште поголем, затоа што сите сме блиски едни со други“.
Во секој дел од градот имаше назначени доброволци, кои доставуваа храна и други неопходни намирници. Но, чувството на немоќ имаше психолошки последици.
„Да бидам искрена, размислував и ги споредував нашите животи со оние на членовите на нашето семејство и на пријателите кои емигрираа“, вели, локалната наставничка, Маја Гојцај.
„Тие заминаа на друго место, со различна култура, во нешто ново, каде што можеби немаат шанса да сменат нешто. Се најдовме во иста ситуација, но во своето место, соочени со ситуација во која не можевме да смениме ништо, освен да се прилагодиме“, додава таа.
Адаптирањето, исто така, значеше импровизирана настава од дома, прво со едноставни алатки преку интернет, а потоа часовите почнаа да се емитуваат на телевизија, на албански и на црногорски јазик. Католиците и муслиманите можеа да ги следат неделните верски служби на локалната ТВ Боин.
Земјоделците можеби имаа предност, бидејќи им беше дозволено да работат на своите ниви, но ним им недостасуваа работници, кои обично доаѓаа од соседна Албанија.
„Сега кога границите се затворени, немаме луѓе за да ја работат земјата“, нагласи, Агрон Ницај, земјоделец од Тузи.
После 20 дена, карантинот беше заменет со полициски час, при што беше дозволено да се отворат продавниците, аптеките и бензинските пумпи. Само на по едно лице од секое домаќинство му било дозволено да оди да пазарува.
На крајот, по цел месец, мерките беа олеснети, со цел да се усогласат со останатите места во земјата, во кои немаше карантин, а сега нема ни случаи на заразени со корона вирус.
Босанскиот Вухан, кој не стана тоа
За разлика од Тузи, Коњиц беше ставен во карантин долго откако овој град сп 25.000 жители, лоциран на реката Неретва, стана центар на заразата со Ковид-19 во Босна и Херцеговина.
Сѐ започна во фабриката за муниција „Игман“, каде на почетокот на мает околу 180 луѓе се собраа да ја прослават 70-годишнина од постоењето на оваа фирма. Набргу потоа, 28 жители на Коњиц беа потврдени како позитивни на корона вирусот. Две лица починаа. Се верува дека дел од заразените го проширија корона вирусот во другите краеви на земјата.
Некои босанските медиуми го нарекоа Коњиц босански Вухан, по градот во Кина во кој за прв пат се појави вирусот.
„Во тој момент, сите го гледаа Коњиц и нас што доаѓаме од тој град како… како што порано ги гледале заболените од чума“, вели епидемиологот од Коњиц, Един Алејбеговиќ.
Но, Коњиц не беше веднаш затворен, туку речиси еден месец по забавата во фирмата „Игман“.
Останатиот дел од Херцеговско-неретванскиот кантон го следеше овој пример, па на жителите на ова подрачје им беше забрането да ги напуштат своите општини, а на оние до 18-годишна и над 65-годишна возраст, во целост им беше забрането да излегуваат.
Зденко Бубаш од Мостар ги пропушти своите прошетки. По пензионирањето, тој пешачел секое утро и секоја вечер, без пресконување, сè до појавата на КОВИД-19.
На Бубаш, поради возраста, му беше забрането да го напушти својот дом, а на другите луѓе од овој кантон им беше забрането да влезат во градот Мостар. Бизарно, граѓаните од остатокот на земјата можеа слободно да влегуваат.
Сепак, Мостар беше речиси празен. Познат по стариот мост над Неретва од 16 век, кој беше разнесен на парчиња за време на војната 1992-1995 и повторно обновен во 2004 година, Мостар стана град на духови, без туристи, кои обично, почнувајќи од средината на март, го посетуваа и се собираат на мостот.
„Ова 100 проценти ја погоди мојата работа“, ни рече Елвис Реџиќ кон средината на април, стоејќи во празниот двор на својот ресторан, кој гледа кон новиот Стар мост.
„Имав одобрение за работа од 11 март, а забраната за работа на угостителите настапи на 15 март“, нагласува тој. „Еве, гледате колкав е дворот, ние можевме комотно да седиме на далечина од еден и пол метар и да работиме, што значи да се придржуваме до правилата“.
Мерките, во меѓувреме, се олеснети, но поради ограничувањата за патување туристичката индустрија во Мостар и во другите места е потоната.
Нема влез, нема излез
На спротивниот крај на БиХ, во дистриктот Брчко, 33 жители на селото Пешкири беа отсечени од остатокот на светот 20 дена во текот на април.
Властите во Брчко го затворија селото, откако утврдија дека еден жител, кој беше позитивен на Ковид-19, бил во контакт со другите.
Полициските службеници го контролираа движењето на жителите. Ова село нема продавница за храна, ниту пак аптека. Никој не смееше да влегува, дури ни новинарите.
„Тие рекоа дека нема да трае долго, два-три дена“, ни рече преку телефон Санела Зечевиќ, домаќинка од Пешкири.
„Кога ни ги донесоа тие договори, ни рекоа 28 дена. Побаравме да одиме да си купиме намирници или нешто, им реков дека имам мало дете. Тие ни рекоа дека Црвениот крст ќе се погрижи за сè“.
Жељко Прањиќ од Пешкири не бил во селото кога тоа било ставено во карантин. Тој истакнува дека осум дена не дошла никаква помош, сè додека тој, со помош на дијаспората, Црвениот крст и младинскиот центар во Брчко, не организирал достава на помош.
Биле испратени екипи да извршат дезинфекција, не само на патот, туку и на дворовите и на тревниците.
Дури десет дена по затварањето на селото, еден од жителите, кај кого се појавиле сериозни симптоми на корона вирус, конечно бил тестиран и примен во болница.
„Јас повикав полиција, плачев, молев, велев дека (сопругот) е болен, дека не можам повеќе“, објаснува Ивана Зечевиќ-Пејиќ.
„Им реков дека тој умира, дека морам да ја прекршам изолацијата. Од полицијата ми рекоа да ја прекршам изолацијата и да го возам на лекар“. По ова, нејзиниот сопруг се опоравил.
Еден град, а две изолации
Во Косово, населено претежно со албанско население, наследството од војната 1998-1999, се чувствуваше дури и за време на пандемијата, при што општините на северот, што ги водат Срби, се соочија со спротивставени мерки, наметнати од властите во Приштина и од властите во Белград.
Косовската влада беше прва што ги затвори училиштата и соопшти дека полицијата ќе интервенира доколку и училиштата во претежно српскиот северен дел не се придржуваат кон ова. За среќа и Србија, која не ја признава независноста на својата поранешна покраина, веќе следниот ден нареди училиштата да ги затворат своите врати.
Но, имаше конфузија околу полицискиот час.
Српските и косовските власти во различно време воведоа полициски час, што им зададе главоболка на жителите на Митровица, град на северот на Косово, кој е поделен на српски дел (северна Митровица) и албански дел (јужна Митровица). Во северниот дел главно функционираат како дел од српската држава.
„Не ми падна толку тешко тоа ограничено движење“, вели Мирјана Нунан од Прокупље.
„Повеќе ми пречеше тоа што не знаев кои мерки да ги следам. Бидејќи јас сум всушност тип кој, во принцип, сака да ги слуша надлежните, но во оваа ситуација не знаев кога да ги слушам, бидејќи мерките буквално се преклопуваа и ги правеа секојдневниот живот и функционирање невозможни во некои ситуации“.
Некои останаа збунети. На други, се чинеше, не им беше многу гајле: во северниот дел од Митровица, некои жители кришум се состануваа во кафулиња. Полицијата не реагираше, но собирањето се намали со зголемувањето на нови потврдени случаи на заразени.
Во почетокот на април, северна Митровица и нејзините 22.000 жители беа ставени во карантин. Полицискиот час прво се воведе од пладне до 6 часот наутро следниот ден, што доведе до помасовно обирање на луѓето во продавниците и аптеките. Потоа, правилата се сменија, при што луѓето можеа дневно да бидат надвор 90 минути, а точно во кое време, беше одредувано според последната бројка на нивните лични карти. За да се избегнат гужвите, продавниците беа отворени од раните утрински часови до 10 часот навечер.
На лицата над 65 години, им беше „советувано“ да останат дома.
Ивана Ракиќ, основач на здружението „Поддржи ме“, кое брои повеќе од 100 членови, родители на деца и возрасни со посебни потреби, вели дека ова било тешко време за овие семејства, вклучително и за нејзиното.
„Тешко ми беше да им објаснам дури и на повозрасните деца дека е полициски час и дека не можат да излезат надвор, а особено кога требаше да ѝ објаснам на малата Елена дека треба да носи маска. Таа се бунеше зошто не може да излегува надвор. И од другите родители слушав дека е многу тешко“, вели Ракиќ за БИРН.
Тестовите за Ковид-19, спроведени во претежно српскиот северен дел од Косово, беа испраќани на обработка во Србија, со исклучок на оние земени во притворската единица во Митровица. Оние што имаа потреба од лекување, беа примени во болницата во северниот дел или беа префрлени во Србија.
Улиците беа дезинфицирани неколку пати, како и аптеките, јавните институции и продавниците.
Снабдувањето со средства за дезинфекција се вршеше во центарот на градот, за да можат жителите да ги исчистат влезовите во нивните станбени објекти. Ова наиде на пофалби кај многу луѓе, но, некои беа разочарани бидејќи со тоа се уништија цвеќињата на јавните површни.
Косовски села изгледаа како напуштени
Во другите делови на Косово, четири села околу Призрен, град во јужно Косово, и Гњилане, град во источно Косово, беа исто така ставени во излоација.
Дојде до панично купување.
„Првиот ден од воведувањето на карантинот, најголемиот маркет во селото изгледаше како да е бајрамска ноќ“, вели Мехмет Ахметај, земјоделец од селото Кориша кај Призрен.
„Имаше околу 500 луѓе кои се туркаа наоколу, а тоа го зголеми ризикот од ширење на вирусот“, истакнува тој.
Хајриз Мифтари од селото Врапчиќ во близина на Гњилане, нагласува оти тој и неговото семејство се чувствувале напуштени од државата.
„На почетокот се плашевме, но сега навикнавме на тоа“, вели тој.
„Мора да им се заблагодариме на лекарите, но општината не се грижеше многу за нас. Бевме четири недели во изолација во нашите домови, а тие ни донесоа храна само еднаш. Не знам дали вредеше 25 евра. Тие не дојдоа да го дезинфицираат селото“, нагласува Мифтари.
Во Кориша, откако паниката се смири, се насели морничава смиреност; најголемата активност беше организирањето на дезинфекција на улиците. Полициските службеници беа стационирани на шест различни точки, проверувајќи го секое возило што влегува или излегува од селото. Имаше неколку момчиња на ролерки, се слушаше лаењето на едно осамено куче и цвркотењето на птиците. Местото изгледаше напуштено.
Околу 100 бегалци, косовски Албанци, беа убиени во Кориша кога НАТО по грешка, мислејќи дека се работи за воена цел, го бомбардираше магацинот во кој тие спиеја. По војната, многу селани заминаа во западна Европа во потрага по работа и сега испраќаат пари за да им помогнат на своите семејства.
Деновите многу не се изменија за Зуќуфли Морина, кој е сам со своите кучиња и стадото од околу 200 овци и кози, кои тој ги носи на пасење во ливадата над селото Топаница. Понекогаш го посетуваат волци, кои доаѓаат по неговите овци.
Последниот пат кога Топаница била отсечена, било за време на чумата, за време на „црната смрт“, како што тој вели.
„Од постарите сум чул дека целото село се иселило и оти луѓето се населиле на место наречено ‘бунга’. Останале таму, не знам колку долго, но важно е дека беа изолирани од селото“, додава Морина.
Јахи Мустафа од селото Ладово кај Гњилане, смета дека е среќен што можел да работи на нивите, со дозвола од Министерството за земјоделство. На другите, чија земја е надвор од селото, тоа не им беше дозволено, што создаде загриженост бидејќи сезоната не чека никого.
„На земјата и на пченката не им е гајле за вирусот“, вели Мехмет Ахметај. „Ако сега не ја засадиме земјата, што ќе собереме кога ќе дојде време за тоа?“.
Дебар, Гњилане, Коњиц, Кориша, Куманово, Митровица, Мостар, Муртер, Пешкири, Сучава, Топанице, Тузи