Регион

Белград: Започна судењето на Незир Мехметај

Обвинителството за воени злосторства на Србија и Специјалното одделение за воени злосторства при Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Судењето на Незир Мехметај, косовски Албанец, обвинет за учество во воени злосторства врз цивили во селото Рудице, општина Клина, во јуни и јули 1999 година, започна пред Вишиот суд во Белград.

Мехметај е обвинет за учество во убиство на седум лица и за палење и грабежи на куќи во Рудице, како припадник на ОВК.

Според обвинението, во средината на јуни 1999 година, тој учествувал во убиството на пет члена на семејството Дашиќ, а на крајот на истиот месец, во убиствата на Jeлај Рамадан и Зорка Шиљаковиќ.

Обвинението тврди дека Мехметај и други неименувани припадници на ОВК, ограбиле и запалиле десет куќи во селото, што им припаѓале на неалбанци, во јули 1999 година,

Тој е обвинет и за малтретирање на Роми и Египќани во Рудице.

Во една прилика во јули 1999 година, тој насилно донел шест-седум тинејџери, Роми и Египќани,  во неговата куќа во селото, ги присилил еден час да копаат јама, а потоа ги навредувал и отворил оган во нивна насока. Тинејџерите избегале од страв, а подоцна го напуштиле селото и повеќе не се вратиле.

Мехметај ги отфрли сите обвиненија.

Тој рече дека е роден во Рудица и дека го напуштил Косово во 1987 година, кога заминал да работи во Швајцарија.

Мехметај истакна дека се враќал еднаш годишно да го посети своето семејство и дека воопшто не дошол за време на војната во 1999 година.

„Првпат дојдов во Косово, во септември 1999 година, преку Албанија. Купив автомобил во Драч, ги зедов мајка ми, сестрите и брат ми, и отидов со нив во селото Рудице“, истакна Мехметај пред судот.

Тој додаде дека неговото семејство тогаш живеело во Албанија, како бегалци.

Кога дошол во Косово, тој започнал да трага по својот татко, кој бил уапсен во 1998 година, но не се знаело каде се наоѓа.

„Дознав дека татко ми е жив, во средината на октомври, кога претставници на Црвениот крст дојдоа во нашата куќа (во Рудице). На крајот на ноември (1999 година), се вратив во Швајцарија, кај сопругата и семејството“, истакна Мехметај.

Тој беше уапсен во јануари 2020 година, на граничниот премин Мердаре, меѓу Србија и Косово, врз основа на потерница распишана по него од Србија. Оттогаш тој е во притвор.

Судењето треба да продолжи во мај.