Регион

БиХ: Комеморација за жртвите на воените злосторства во Ахмиќи и Трусина

Младен Лакиќ, Сараево
 

Од комеморацијата во ахмиќи. Фото: Анадолија

„Имаме две обврски кон овие невини жртви. Едната е да се сеќаваме на нив, и денес ќе се сетиме, а втората, да сториме сѐ, таквите работи повеќе да не се повторат“, изјави на комеморацијата во Ахмиќи, Бакир Изетбеговиќ, бошњачки член на Претседателството на БиХ.

Силите на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), кои во војната имаа поддршка од Хрватска, го нападнале Ахмиќи на 16 април 1993 година.

Во нападот убиле повеќе од 100 цивили, главно жени и деца. Најмладата жртва имала само 3 месеци и најстарата 82 години.

Некои од нив биле живи закопани во нивните домови, додека локалната џамија биле уништена.

Хашкиот трибунал го осуди поранешниот генерал на ХВО, Тихомир Блашкиќ, на девет години затвор за воени злосторства, вклучително и за давање наредба за напад на Ахмиќи.

Осуден, за воени злосторства, вклучувајќи ги и оние во Ахмиќи, беше и Дарио Кордиќ, поранешен лидер на самопрогласената Хрватска Република Херцег-Босна.

За учество во злосторствата во ова село, пред Судот на БиХ беше осуден и Пашко Љубичиќ.

Комеморација денеска се одржа и во селото Трусина, кога припадници на Армијата на БиХ, истиот ден кога бил извршен масакрот во Ахмиќи во 1993 година, убиле 15 хрватски цивили и 7 војници на ХВО.

Судот на БиХ, на вкупно 37 години затвор, за учество во овие убиства, осуди тројца припадници на Армијата на БиХ.