Регион

Хрватска ќе мора да му плати отштета на Србин кој бил жртва на полициска тортура

Свен Милекиќ, Загреб
 

Хрватски војници ја преминуваат реката Купа, во близина на линијата на фронтот кај Сисак, во октомври 1991 година. Фото: ЕПА/Eтер Нортхал

Според одлуката на Општинскиот суд во Сисак, Хрватска е должна да му исплати 8.000 евра отштета на Перо Драгојевиќ, Србин од хрватскиот град Суње, бидејќи во август 1991 година, бил измачуван, објави во неделата net.hr.

Одлуката е донесена врз основа на Законот за одговорност на Република Хрватска за штетата предизвикана од припадниците на хрватските воени и полициски сили за време на Татковинската војна, како и врз основа на фактот дека Драгојевиќ бил една од жртвите во предметот што за воени злосторства се водеше против поранешниот заменик начелник на Полициската управа во Сисак, Владимир Миланковиќ.

Хрватскиот Врховен суд во јуни 2014 година го осуди Миланковиќ на десет години затвор, за давање наредба за незаконски апсења, како и за неказнување на илегалните притворања и злоупотреби на српски цивили, што резултирало со смрт на 24 лица, од средината на јули 1991 година до средината на јуни 1992 година.

Во август 1991 година Драгојевиќ бил незаконски уапсен, а потоа тепани на неколку воени локации во близина на Сисак, вклучувајќи го и седиштето на резервната полициска единица „Волци“, кои извршиле злосторства.

„Тие беа облечени во црно и ме одведоа во кризниот штаб каде што психички и физички ме малтретираа. Морав да ги соблечам чорапите и самиот на себеси да си ги ставам во уста. Потоа ме одведоа во зградата на лекувалиштето „Јодно“, каде што нив дваесетина продолжија да ме тепаат. Извикуваа ’Убиј го четникот’!“, вели Драгојевиќ во тужбата, објави net.hr.

„Потоа ме затворија во подрум и идните три дена ме малтретираа. Тоа беа членовите на единицата „Волци“, но не им ги знам имињата. Тие ме тепаа додека не ја изгубив свеста. Поради сето ова, се обидов да извршам самоубиство“, наведува Драгојевиќ.

Тој во тужбата вели дека подоцна бил ослободен, а потоа повторно, во повеќе наврати, апсен и тепан. Медицинска помош побарал во Цриквеница, но не сакале да го примат.

Драгојевиќ истакнува дека Миланковиќ не го видел на местото на злосторството.

Против оваа пресуда може да се поднесе жалба.

Ова не е прва судска пресуда за надомест на штета во врска со пресудата против Миланковиќ за воени злосторства.

Во декември 2015 година, Љубан Ољача од Хрватска доби надомест во износ од 30.000 евра, бидејќи „Волците“, во август 1991 година, го убиле неговиот син.

Во јуни 2016 година, Општинскиот суд во Сисак, донесе одлука, Хрватска да ѝ исплати 34.000 евра на Виолета Домитровиќ, бидејќи „Волците“, во август 1991 година, го убиле нејзиниот татко, Млаѓа Вила.

Истиот суд во јануари 2016 година, на семејството на лицето Станко Мартиновиќ, кого припадниците на истата единица го убиле во септември 1991 година, му додели отштета од 86.000 евра.