Регион

БиХ: Oдбележување на годишнина од масакрот на Коричанске стијене

Локалитетот Коричанске стијене. Архивска фотографија на БИРН

Членови на семејствата на жртвите и претставници на Сојузот на логорски затвореници на Босна и Херцеговина, денеска ќе ја одбележат 27-годишнина од убиствата на околу 200 невооружени Бошњаци и Хрвати, што ги извршија полициските сили на босанските Срби на планината Влашиќ, неколку месеци по почетокот на војната во БиХ, која траеше од 1992 до 1995 година.

Единаесет поранешни полицајци од босанскиот град Приедор се осудени за учество во масакрот на Коричанске стијене, извршен на 21 август 1992 година, како дел од бранот убиства и етничко чистење што го вршеа силите на босанските Срби. Останките на дел од жртвите сè уште не се ексхумирани од јамата во која беа фрлени.

„Полицијата од Приједор изнесе од автобуси, селектираше и транспортираше околу 200 затвореници на Коричанске стијене на Влашиќ“, рече Јасмин Мешковиќ, претседател на Сојузот на логорски затвореници на БиХ. „Сите беа стрелани и фрлени во јама длабока повеќе од 200 метри“.

Масакрот го преживеале 12 мажи.

Поранешниот припадник на полициските сили, Дарко Мрѓа, во 2004 година, пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, ги призна убиствата и беше осуден на 17 години затвор. Другите десет поранешни полицајци од Приједор беа осудени од Судот на БиХ, кој им изрече казни од 8 до 23 години затвор.

„И годинава, жртвите, семејствата на жртвите, пријателите и сите оние кои имаат чувства и почит имаат можност да оддадат почит и да се сетат на сите жртви, да ѝ служат на историјата на сведочењето и на културата на сеќавањето, да се борат против заборавот, како на жртвите на стрелањто на Коричанске стијене, така и на сите жртви во Босна и Херцеговина помеѓу 1992 и 1995 година“, рече Мешковиќ.

Тој додаде дека околностите во кои е извршен масакрот на Коричанске стијене ја покажуваат систематската природа на ваквите злосторства и криминалната намера на сторителите.

„Секој човек кој беше стрелан на Коричанске стијене или нивните семејства, дадоа по 100 марки за да можат да заминат во Травник“, рече тој.

„Сепак, и земањето на нивните пари и злосторството беа со предумисла и тие знаеја што ќе се случи на Коричанске стијене. На крајот, тоа се оствари“, нагласи Мешковиќ.