Регион

БиХ: Поднесено обвинение за убиство на затвореници

 

Објектот „Сушица“, каде се извршени наводните злосторства. Фото: БИРН

Обвинителството на Босна и Херцеговина, денеска поднесе обвинение против Горан Вишковиќ, познат под прекарот Вјетар, кое го товари за злосторства против човештвото, извршени во објектот за притвор „Сушица“, во Власеница, од април 1992 до крајот на 1993 година.

Тој веќе издржува казна од 18 години затвор, на која Судот на Босна и Херцеговина го осуди, за злосторства во „Сушица“.

Во новото обвинение се тврди дека тој лично учествувал во убиствата на цивилните затвореници, кои биле затворени во „Сушица“.

„Во неколку наврати, униформиран и вооружен, заедно со нему познати војници, тој учествувал во незаконско одземање на физичката слобода на цивилното бошњачко население и нивно водење во просториите на Станицата за јавна безбедност (СЈБ) Власеница, во Општинскиот суд и во објектот ‘Сушица’, над кои извршиле и други нечовечни дела, со намера да им нанесат сериозни физички или психички повреди или да го нарушат здравјето на голем број несрпски цивили“, соопшти Обвинителството на БиХ.

Според Обвинителството, Вишковиќ ги извршил злосторствата во својство на припадник на воената полиција на ВРС, како дел од широко распространет и систематски напад врз бошњачкото цивилно население, во општините Власеница и Милиќи.

Во 2011 година, Судот на БиХ го прогласи Вишковиќ за виновен, за учество, како член на ВРС, во широко распространет и систематски напад врз несрпското цивилно население во Власеница, од април до септември 1992 година.

Тој, исто така, беше осуден и за две силувања и дека во јуни 1992 година, извел Бошњак, кој бил затворен во „Сушица“, на кого оттогаш му се губи секоја трага.

Обвинението е проследено до Судот на БиХ на потврда.

Заедно со Вишковиќ, во истиот случај беше осуден и Предраг Бастах, припадник на резервната полиција на силите на босанските Срби, против кога минатата година, исто така, беше покренато обвинение, за вмешаност во убиства на 37 бошњачки цивили, во општината Власеница.