Регион

Поранешен припадник на ОВК се изјасни за невин

Пјетер Шала во судницата, на денешното рочиште. Фото: ССК/Скриншот

Пјетер  Шала, поранешен припадник на ОВК, се изјасни за невин по обвинението за воени злосторства, при своето прво појавување пред Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг.

„Јас ги разбрав (обвинувањата) и мислам дека обвинувањата се смешни“, му рече Шала на судијата на денешното претпретресно рочиште.

„Сметам дека не сум сторил никакво злосторство, освен што ја бранев својата земја. Јас во целост не сум виновен“, нагласи тој.

Шала, кој за време на војната бил познат како командант Ујку (командант Волк) и кој дејствувал во зоната Дукаѓин, во западно Косово, беше уапсен минатиот месец во Белгија, каде што живееше.

Во притворот во Хаг, тој беше префрлен на 16 април, откако судијата за претходна постапка, го потврди обвинението од четири точки, кое го товари за воени злосторства.

Шала истакна дека „немало потреба од апсење … и дека самиот ќе одговорел на поканата на судот“.

Тој наведе дека во повеќе наврати бил во Трибуналот на ООН во Хаг, како сведок на судењето на поранешниот командант на ОВК и актуелен политичар, Рамуш Харадинај, кој беше обвинет за воени злосторства.

Шала се товари за притворање, сурово постапување, тортура и убиства во Кукс, северна Албанија, во фабрика за метали, што ОВК ја користела како центар за притвор.

„Кривичните дела за кои г. Шала е обвинет, се извршени отприлика од 17 мај до 5 јуни 1999 година, над лица приведени во Кукс (Албанија), во фабрика за метали, која според обвинението ја користела ОВК“, се вели во соопштението на ССК.

Заедно со Шала, за учество во „заеднички злосторнички потфат (ЗЗП)“ се обвинети и поранешните припадници на ОВК, Сабит Геци и Џемшит Красниќи.

Во обвинението се истакнува дека приближно меѓу 17 мај и 5 јуни 1999 година, Шала и другите припадници на ОВК, „без редовни правни постапки“ приведувале лица во фабриката за метали во Кукс.

ССК се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Холандија, а се екипирани со меѓународен кадар.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои стравуваа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.

Меѓу оние кои веќе се во Хаг, поради обвинение за воени злосторства, се поранешниот претседател, Хашим Тачи, и поранешните претседатели на Собранието, Кадри Весели и Јакуп Красниќи, и поранешниот пратеник, Реџеп Селими, сите некогашни високи припадници на ОВК.

Сите изјавија оти не се виновни по обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото.