Регион

БиХ под притисок да донесе закон за негирање на геноцидот во Сребреница

По деценија неуспешни обиди постои можност највисокиот меѓународен службеник во оваа земја, Валентин Инцко да го наметне овој закон

На седницата на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, што се одржа минатата недела, претставниците на српскиот и хрватскиот народ гласаа против измените на кривичниот закон на БиХ, кои се однесуваат на забраната за негирање на фактите за геноцидот во Сребреница.

Ова беше последниот во низата неуспешни обиди, во последната деценија, да се донесат законски измени или да се донесе нов закон за забрана на геноцидот врз Бошњаците од Сребреница, извршен во 1995 година.

Високиот претставник на меѓународната заедница, Валентин Инцко, повеќепати бараше да се донесе овој закон, но предлозите никогаш не беа изгласани.

Златко Милетиќ, еден од двајцата делегати што застанаа зад предлогот, кој, на 8 април, не помина во Домот на народите, вели дека е крајно време да се донесе законот заради жртвите, за да можеме „барем да ги оставиме мртвите мирно на почиваат“.

Вториот предлагач, Денис Беќировиќ, објаснува дека, бидејќи делегатите на главните партии на Србите и Хрватите, Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и Хрватската демократска унија (ХДЗ) на БиХ, не ги поддржаа промените, сега е време Инцко да интервенира и да наметне решение.

„Очигледно е дека тие сега целосно го отворија патот, меѓународната заедница и високиот претставник, да ‘воспостават’ таков закон“, рече Беќировиќ.

Веќе неколку години, организациите на жртвите на геноцидот во Сребреница, го повикуваат Инцко да го наметне законот. Тој би можел да го стори тоа, како дел од таканаречените „бонски овластувања“, што му овозможуваат да ги отстрани пречките за законите, кои се од витално значење за одржување на мирот.

Во јули 2019, Инцко изјави оти очекува законот да биде усвоен до јули 2020 година. Но, по истекот на овој рок, тој изрази подготвеност да го наметне, доколку тој не биде донесен до јули 2021 година.

Инцко, последен пат наметна закон пред 11 години, но поборниците на забраната за негирање на геноцидот, сметаат дека нема друг начин тој да се донесе.

Од друга страна, босанските Срби се спротивставуваат на „бонските овластувања“ и тие не би биле задоволни доколку Инцко ги искористи, за да го донесе споменатиот закон, бидејќи тие не прифаќаат дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид.

„Прашање на политичка волја“

Исмаил Манџиќ, неговата сопруга Мерса и четирите од пет нивни деца (Есма, Сумеја, Алија и Хакија) во нивниот стан во Поточари кај Сребреница, на 30 јуни. Фото: Недим Дервишбеговиќ

Првата иницијатива за промена на кривичниот закон на БиХ, со цел во него да влезе и забраната за негирање, оправдување или величање на геноцидот, холокаустот и воените злосторства, беше покрената во 2009 година.

Сепак, Лејла Гачаница, истражувач и автор на публикацијата „Нарекување на  воените злосторства со нивното вистинско име“, вели дека тогаш (по војната) било рано, оти општеството, државата и политиката не биле „зрели“ доволно, ниту биле донесени конечни пресуди во некои од поважните судски случаи за Сребреница во Хаг.

Донесувањето на закон за забрана на негирањето на геноцидот, беше предложено во 2011 и 2016, а измени и дополнувања на Кривичниот закон, повторно, во 2017 година.

„Но, дотогаш, веќе сфативме дека добивањето законска регулатива не е прашање на зрелост на државата и општеството, туку исклучиво на политичката волја“, вели Гачаница.

На седницата на Домот на народите на 8 април, шест делегати гласаа за измените и дополнувањата на законот, седум гласаа против, а еден беше воздржан. Гласањето беше поделено по национална линија, така што оние од српскиот и хрватскиот народ беа против иницијативата на Беќировиќ и Милетиќ, додека Бошњаците ја поддржаа.

Делегатот, Марина Пендеш, од ХДЗ БиХ, која гласаше против измените, истакна дека Беќировиќ го користи законот за свои политички цели и дека „тоа нема никаква врска со негирањето на геноцидот, тоа едноставна е лага“.

Милетиќ објаснува дека со измените и дополнувањата, се менуваат само три члена од Кривичниот закон.

Првиот се занимава со дефинирање на омразата, вториот предвидува затворска казна од шест месеци до пет години за секој што јавно ќе ги негира или оправдува геноцидот, злосторствата против човештвото или воените злосторства утврдени со конечна одлука на Меѓународниот суд на правдата (МСП) , Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) или на домашните судови, а третиот се однесува на забраната за величање на воените злосторници.

Измените и дополнувањата на законот, предвидуваат затворска казна од шест месеци до пет години затвор, за доделување признанија, награди и привилегии на осудени воени злосторници или за донесување одлука за именување улици и други јавни места, по осудени воени злосторници. Исто така, се наведува дека секој што ќе ги изврши овие кривични дела со злоупотреба на својата положба или овластувања, ќе биде казнет со затвор од една до десет години.

„Овие измени во законот не се големи, тие се минимални“, нагласува Милетиќ.

За Мунира Субашиќ, претседател на здружението „Мајки на енклавите Сребреница и Жепа“, новата одлука е дополнително изненадување, затоа што, како што вели, токму Драган Човиќ, претседателот на ХДЗ БиХ, им помогнал на мајките од Сребреница, да го изградат меморијалниот центар во Поточари.

„Тој беше министер за финансии, нѐ ослободи од данок и ни даде донација од 5.000 марки, ни помогна да спроведеме анкета, за гробиштата да бидат во Поточари, а не во Кладањ, како што утврди нашата влада“, посочува Субашиќ.

Таа додава дека со неприфаќањето на законот, политичарите „продолжуваат да ни испраќаат порака дека нема помирување, дека нема човечност“.

БИРН не можеше да добие коментар од Човиќ, за неговото гласање за измените на законот.

„Негирањето не е во согласност со европските вредности“

Меморијалниот центар и гробиштата во Поточари (Сребреница), БИРН

Во јули 1995 година, повеќе од 7.000 мажи и момчиња од Сребреница беа масакрирани од страна на силите на босанските Срби, а над 40.000 жени, деца и стари лица, беа протерани. Пресудите на МКТЈ, МСП и Судот на БиХ, ги дефинираа овие масакри како геноцид. Сепак, политичарите на босанските Срби, ја отфрлаат оваа дефиниција.

Минатогодишниот извештај на Европската комисија за БиХ, свртува внимание на тоа како политичките лидери во БиХ, продолжуваат да ги оспоруваат судски утврдените фактите за воените злосторства и да ги величаат нивните сторители.

„Ревизионизмот и негирањето не се во согласност на најосновните европски вредности“, се вели во извештајот.

Кога политичарите во БиХ, следниот пат јавно ќе се определат за интеграција во ЕУ, вели Гачаница, „можеби треба да се сетиме дека истите тие политичари, го држат општеството во состојба на замрзнат конфликт, практикуваат величање или негирање на воени злосторства и злосторници, а  сето тоа во спротивност на пораките што ни доаѓаат од ЕУ, кои директно предупредуваат на недопуштеноста на ваквите практики“.

Уште во 2019 година, за време на прославата на 24-годишнината од геноцидот во Сребреница, високиот претставник најави дека ќе се залага за усвојување на законот за негирање на геноцидот, во парламентот на БиХ.

„Следната година, сигурно ќе имаме таков закон, на 25-годишнината од геноцидот“, изјави тогаш австрискиот дипломат. Но, тоа не се случи.

Од Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) за БИРН изјавија дека жалат што Домот на народите гласаше против законот.

„Со усвојување на овој закон, парламентарците во БиХ би покажале  подготвеност и решеност да го остават злото во минатото и да се фокусираат на создавање атмосфера, погодна за помирување и градење на подобра, неоптоварена иднина, за сите граѓани на БиХ“, истакнаа од ОХР.

Сега во центарот на вниманието е следниот чекор на Валентин Инцко, кој во ноември изјави дека ако законот не биде усвоен до следната годишнина, тој самиот ќе го наметне ово закон.

„Да бидеме целосно јасни, јас сум подготвен“, заклучи високиот претставник.