Регион

БиХ, Србија и Хрватска потпишаа договори за потрага по исчезнатите лица

Масовна гробница во Градина. фото: БИРН.

Советот на министри на БиХ, денеска потпиша посебни договори со владите на Србија и на Хрватска, за работните правила и процедури, како дел од протоколот за поефикасна потрага по илјадниците лица, што сè уште се водат за исчезнати во војните во 1990-тите.

Овој потег има за цел да го подобри процесот на пронаоѓање на исчезнатите лица и на скриените гробници, како и да ја унапреди размената на информации и да овозможи заеднички ексхумации.

Никола Перишиќ, претседател на Одборот на директори на Институтот за исчезнати лица на БиХ, изјави оти нема да биде можно да се заврши процесот на пронаоѓање на останатите исчезнати лица, без взаемна соработка на државите.

„Апсурдноста на оваа состојба најдобро ја објаснува примерот дека на територијата на поранешна Југославија, луѓето живееле и работеле во една, а посмртните останки им биле пронајдени во друга република, додека семејствата живеат во трета“, рече Перишиќ.

„Без институционални рамки и соработка, мисијата да се најдат посмртните останки, ќе биде невозможна“, додаде тој.

Претседателот на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија, Вељко Одаловиќ, истакна дека потрагата по исчезнатите лица треба да продолжи, затоа што семејствата бараат одговор на прашањето, што е со нивните најблиски.

„Не можеме да го запреме ова прашање на административните и на државните граници. Треба да најдеме механизми како овие, за да можеме сите заедно да работиме, пред сѐ заради семејствата и жртвите, без да не спречуваат административните или какви било други пречки“, рече Одаловиќ.

Но, Стјепан Сучиќ, помошник министер за исчезнати лица при Министерството на бранители на Хрватска, предупреди дека претходниот договор, не го донел очекуваниот напредок.

„Лесно е да се дојде и да се потпишат одредени договори и протоколи. Меѓутоа, кога ќе дојде време да се постапи по нив, тогаш се појавуваат разни пречки“, истакна тој.

„Не очекувам ништо спектакуларно, ако нема добра волја и доколку не се направи вистински, искрен чекор, во решавањето на прашањето за исчезнатите лица, како приоритетен, хуманитарен проблем, во кој не треба да има политика“, додаде Сучиќ.

Во БиХ и натаму се трага по 7.200 лица, по повеќе од 3.000 во Србија и во Хрватска по 1.892 лица.