Регион

БИРН ja објави ажуриранатa мапа на пресуди за воени злосторства

Графика: БИРН

Балканската истражувачка мрежа (БИРН), ја објави ажурираната и подобрена мапа на пресуди за воени злосторства, со што на корисниците им е овозможено да ги пребаруваат пресудите донесени од судовите на земјите од поранешна Југославија и од Хашкиот трибунал.

Мапата ги опфаќа сите достапни конечни пресуди за воени злосторства од 42 различни судови од Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Косово и од Србија.

Во неа се вклучени и пресудите донесени од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и предметите во кои обвинетиот починал за време на судењето пред овој суд.

Сега, со ажурирање на мапата, корисниците можат да пребаруваат според името и презимето на обвинетиот, според единиците на кои осудените им припаѓале, земјите во кои се наоѓаат судовите, локациите и датумите на злосторството. Мапата се базира на повеќе од 1.400 судски документи.

Мапата сега содржи 468 пресуди, со вкупно 1.028 имиња на сторители. Пресудите беа изречени помеѓу 1992 година, кога беа отворени првите случаи во Хрватска, и 2019 година.

Најголем број пресуди донеле судовите во БиХ, вкупно 209, додека во Хрватска, има најголем број обвинети, 396.

„Оваа мапа е резултат на нашето посветено следење на меѓународните и на домашните судења за воени злосторства од 2004 година, па наваму. Додека известувавме од судницата, ние како новинари, честопати се боревме да ги добиеме сите документи. Во текот на сите овие години, собравме значајна архива и сакавме да ја споделиме со колегите, но и пошироко со јавноста, за да им го олесниме следењето на судењето и да им понудиме повеќе факти“, вели Марија Ристиќ, регионална директорка на БИРН.

„Оваа мапа на пресуди за воени злосторства, доаѓа во време на зголемен напор на судовите, да ги анонимизираат судските документи, што нè спречува правилно и точно да известуваме од судењата“, додаде Ристиќ.

Пресудите што ќе ги донесат Механизмот за меѓународни кривични судови и Специјализираните совети на Косово, исто така, ќе бидат додадени во мапата.

Сепак, БИРН сè уште чека, судовите во некои земји, да ги стават на располагање сите пресуди.

Во војните во поранешна Југославија загинаа 125.000 луѓе, а 12.000 сѐ уште се водат како исчезнати.

Мапата на пресуди за воени злосторства е дел од проектот Балканска транзициска правда на БИРН, кој е финансиран од страна на Европската комисија.

Проектот има за цел да го подобри јавното разбирање на прашањата за транзициската правда во земјите од поранешна Југославија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и во Србија.

Мапата можете да ја видите овде.