Обвинение за кражба на идентитет, изчезнат адвокат и закани за уништување на хрватскиот туризам, го следат судењето против Хрватска, кое се води пред американски суд, а по тужба на потомците на жртвите на усташките злосторства, со која се бара компензација.
Свен Милекиќ, Загреб
Во четвртокот, пред Окружниот суд во Чикаго, продолжи судењето во предметот „Лалиќ и др.“ против Хрватска, иако адвокатот на обвинителот, Антони Д‘Амато, не се појави пред судот, откако, пред судската расправа, упати закани дека ќе обелодени одредени работи кои би можеле „да го уништат туристичкиот бизнис во Хрватска“.
Да потсетиме, во март, „Вечерњи лист“ објави дека потомци на жртвите од Втората светска војна, бараат од Хрватска 3,2 милијарди евра отштета за одземен имот, како и за страдањето кое профашистичката Независна држава Хрватска (НДХ) , на чело со усташкото движење, им го нанела на нивни роднини за време на Втората светска војна.
Според пишувањето на „Вечерњи лист“, тужбата, во април 2016 година, го поднеле потомците на хрватските Срби, Евреи и Роми, Лизабет Лалиќ, Младен Ѓуричиќ, Роберт Предраг Гаковиќ, Вељко Миљуш, Богдан Кљаиќ, Давид Леви и Даниел Пјевиќ.
Но, американскиот адвокат, Џонатан Леви, кој ги застапува Лалиќ, Кљајиќ и Пјевиќ, наведува дека тужбата е поднесена без нивна согласност, имплицирајќи дека е украден нивниот идентитет.
Кљајиќ и Лалиќ испратија дописи до судот и до хрватската амбасада во САД, барајќи отфрлање на случајот, тврдејќи дека Д‘Амато не ги застапува.
Повикувајќи се на нарушена здравствена состојба, Д‘Амато, на првото рочиште, на 8 август, побара да биде присутен на судењето преку телефон.
На судската расправа присуствуваа адвокати на Хрватска од адвокатската фирма Хиншо и Кулбертсон ЛЛП од Чикаго, но Д‘Амато беше присутен на телефонската линија многу кратко. Според судската евиденција, тој ја спуштил слушалката и судот не можел повторно да го добие.
Судот не можел да го најде ниту до сослушувањето одржано во четвртокот, па сега, тој има рок да се пријави во судот до 14 септември или, во спротивно, обвинението автоматски ќе биде поништено.
Во пресрет на судската расправа на 8 август, Д‘Амато, на судијата претседавач, Жорж Л. Алонсо, и на адвокатите на Хрватска, им испратил предлог за вонсудска спогодба.
Меѓутоа, тој им предложил спогодба за отштета од 3,2 милијарди евра на „адвокатите на хрватската туристичка индустрија“.
А туристичката индустрија, очигледно, нема врска со тужбата.
Во својот предлог, Д‘Амато вели дека, доколку не биде постигнат никаков договор, ќе објави грозоморни детали за усташки убиства кои би можеле да ѝ нанесат штета на меѓународната слика на Хрватска и „да го уништат туристичкиот бизнис на Хрватска“, кој изнесува околу 18% од годишниот БДП.
„Дури и неколкумината кои би сакале да ја посетат Хрватска, би се воздржале за да не предизвикаат антагонизам кај Евреите и Словените, кои биле жртви на неверојатни злосторства на Хрватска“, напишал Д‘Амато во својот предлог.
Хрватските адвокати повторија дека Хрватска не е правен наследник на НДХ.
Тие побараа Д‘Амато да се санкционира поради „непримерни намери (на неговиот предлог) да ја посрамоти Република Хрватска и членовите на хрватската туристичка индустрија и да ги присили членовите на таа индустрија да преговараат со господинот Д‘Амато под закана дека господинот Д‘Амато ќе објави наводи за кои верува дека ќе го уништат хрватскиот туризам“.
На 28 август, хрватските адвокати побараа од судот да ја разгледа можноста за кражба на идентитет и да востанови „дали…процесот е искористен за вознемирување или измама“.
Д‘Амато, минатата година упати слично обвинение против Унгарија, во име на унгарските Евреи, жртви на холокаустот.