Регион

Хрватска се подготвува за изборна пресметка меѓу претседателот и премиерот

Ривалството меѓу премиерот Пленковиќ и претседателот Милановиќ се засили пред изборите | Фото: Фејсбук-страници на Андреј Пленковиќ и на Зоран Милановиќ

Во Хрватска денеска се одржуваат парламентарни избори. Со нив ќе се избере 11-от состав на хрватскиот парламент по првите повеќепартиски избори што се одржаа во земјата во 1990 година.

Вкупно 3.733.283 гласачи се регистрирани во избирачкиот список. Од нив, 3.511.086 се жители на Хрватска, а 222.197 се без живеалиште во земјата, но се активно регистрирани.

Гласачите ќе избираат кандидати во 12 изборни единици. Освен 140-те пратенички места што ги претставуваат територијалните изборни единици, осум места во парламентот се гарантирани за националните малцинства, а три за дијаспората, што значи дека има вкупно 151 пратеничко место.

Владејачката Хрватска демократска заедница, ХДЗ, се надева дека ќе освои трет последователен мандат, на чело со премиерот Андреј Пленковиќ.

Политичарот што по изборите ќе му приложи на претседателот на републиката Зоран Милановиќ 76 потписи од членови на парламентот, ќе добие мандат за формирање нова влада.

Изборниот молк трае од вчера, а ќе заврши денеска во 19 часот, кога ќе се затворат околу 6.500 избирачки места.

Додека молкот е во сила, какво било промовирање на кандидатите, објавување проекции за изборните резултати или рани, неофицијални резултати, како и објавување фотографии, изјави и интервјуа со кандидатите во медиумите, е забрането.

Не се предвидени казни за кршењето на изборниот молк за парламентарните избори, но со мали девијации,тој постојано бил почитуван во поранешните избори.

Со почетокот на предизборниот молк, се означува крајот на 17-те дена официјална кампања, и следува гласањето, кое, наместо како што е вообичаено во недела, овојпат се одржува во среда.

Предизборниот период во Хрватска се памети по тоа што претседателот Милановиќ сакаше да се кандидира на листата на опозициската Социјалдемократска партија, СДП, како кандидат за премиер од партијата.

Сепак, Уставниот суд одлучи дека неговата кандидатура за премиер, додека ја држи претседателската функција, е некомпатибилна со неговата уставна позиција и со принципот на поделба на власта.

Како резултат на таа одлука, Милановиќ не е формален учесник на парламентарните избори и неговото име не се наоѓа на гласачките ливчиња. Но, речиси на дневна основа, тој изјавуваше дека по изборите има намера да формира нова влада и ја напаѓаше актуелната влада на ХДЗ, премиерот и нивните политики.

Хрватските гласачи ќе имаат можност да гласаат денеска, а оние што живеат во странство, гласаат од вчера.

Граѓаните без седиште во Хрватска гласаат два дена и ќе изберат тројца од вкупно 151 пратеник. За нив ќе бидат отворени 110 избирачки места. Првите места беа отворени уште во понеделникот навечер по хрватско време, во Канбера, Сиднеј и во Мелбурн, а последните ќе се отворат в четврток наутро во Чикаго и во Лос Анџелес.

Изборите ќе се организираат во вкупно 41 земја во странство, но мнозинството гласачи се од соседната Босна и Херцеговина.