Анализи

Бизнис-шпекулант, драг на сите политички елити

Димитрис Контоминас повеќе од дваесет години, со различни улоги е присутен во Македонија и во целиов период се смета за близок на речиси сите политички елити. Се враќал во државава на голема врата, најавувал огромни инвестиции, за подоцна сѐ да се изјалови

Тужел грчка новинарка за скандалот со „Македонски Телеком“

Димитрис Контоминас изгледа како кој било просечен пензионер што ја преполовил осмата деценија од животот. Одамна му побелела косата, понекогаш носи очила и пред камерите се труди да изгледа елегантно, носи палто и вратоврски во светли бои. Жолти, портокалови или небесно сини.

Малку поради зголемената тежина, повеќе поради возраста, чекори несигурно, меѓутоа во гласот не му се препознава вознемиреност поради фактот дека веќе не гази толку цврсто во бизнис светот и дека сè почесто има проблеми со правдата. Ова се површните впечатоци што можaт да се добијат за контроверзниот тајкун гледајќи ги снимките на грчките телевизии, бидејќи денес новинарите тешко доаѓаат до него, посебно оние од оваа страна на границата.

Тој во моментов не смее да ја напушти Грција поради аферата „Хеленик постбанк“, тешка половина милијарда евра, меѓутоа уверен е дека нема ниту трошка криминал во кредитите што се предмет на истрагата околу грчката банка.

Впечатлива е архивската снимка која ја пуштаат речиси сите грчки телевизии кога известуваат за Контоминас и за аферата. Грчкиот бизнисмен со уште еден човек стои пред штанд со книги, додека продавачката им ги пакува насловите што ги одбрале. Контоминас вади големо купче евра, брои и забележува дека пријателот веќе тргнал да плати. Театрално му ја сопира раката, како да вели: „дозволи, јас ќе платам“.

Се чини дека со истата галантност, барем судејќи според сведоштвата на неговиот пријател и некогашен соработник во Македонија, Слободан Богоески, Контоминас често посегнувал во длабокиот џеб и така ги решавал проблемите со политичарите и на „Илинденска“ бр. 2.

Богоески во сведочењето пред њујоршкиот суд открива дека Контоминас посредувал кога „Маѓар телеком“ поткупувал македонски функционери во 2005 и в0 2006 година, а наводно истиот човек две години подоцна ја „подмачкал“ и актуелната власт за да се откаже од истрага.

Тајните преговори го поврзале со Македонија

Според сведоштвото на Богоески, неговите контакти со Контоминас датираат од зимата 1993, кога претседателот Киро Глигоров го задолжил да води тајни преговори со Грција за да се надмине трговското ембарго, кое јужниот сосед го почна со блокирањето на нафтата од солунското пристаниште. Од другата страна на преговарачката маса бил Контоминас, кој во тоа време бил исклучително близок со премиерот Константин Мицотакис.

И тогаш Контоминас бил богат, но ни оддалеку не бил моќен како денес.

Познанството преминало во пријателство засновано на соработка, а Контоминас во наредниот период често ги користел консултантските услуги на поранешниот шеф на разузнавањето. Барем така раскажува Богоески во ланското интервју за „Фокус“, кое беше повод Американците да долетаат во Скопје и час-побргу да го сослушаат за аферата „Телеком“.

Но, тука не завршиле контактите и познанствата на Контоминас во Македонија. Скопските пријатели на грчкиот бизнисмен раскажуваат дека тој почесто почнал да доаѓа во Македонија пред изборите во 1998, кога за прв пат контактирал со тогашната опозиција, која ја презема власта по гласањето.

Четиригодишното владеење на Љубчо Георгиевски се дочека со очекувања дека неговата влада дополнително ќе ги заостри односите со јужниот сосед, меѓутоа откако Георгиевски замина од власт, на 15 септември 2002 година, стана јасно дека се случи спротивното. Можеби проблемот со името не се реши, меѓутоа грчкиот капитал длабоко навлезе во македонската економија, а заслугите за грчкиот инвестициски бум му се припишуваат токму на Контоминас.

Наводно соработката со владата на Георгиевски била на такво ниво, што некогаш Контоминас бил консултиран и за одредени кадровски решенија.

Телекомот е најголемата „приказна“ на Контоминас во Македонија

Богоески во последното интервју за „Фокус“ тврди дека грчкиот тајкун во 1999 бил главниот посредник во продажбата на рафинеријата ОКТА, која јавноста ја доживеа како корупциска афера и скандал од големи размери. Тогашниот извештај на Меѓународната кризна група пренесе коментар на независен инвеститор кој оценил дека „таков дил можел да склучи само идиот или корумпиран функционер”.

Поради компликациите што ги предизвика зделката, државата Македонија ѝ плати на рафинеријата отштета од 50 милиони евра по одлука на Меѓународниот арбитражен суд во Париз.

Тужел грчка новинарка за скандалот со „Македонски Телеком“

Контоминас во Грција тужел за клевета новинарка која објавила дека грчкото обвинителство отворило предмет против него за подмитување функционери во Македонија во случајот „Маџар Телеком“, како и за перење пари.

Интересно е што тој на судот како доказ дека е наклеветен доставил потврда од Обвинителството во Скопје од октомври 2014 година дека против него не се води истрага за „Маѓар Телеком“, но Контоминас го изгубил спорот.

Во 2000 година грчкиот бизнисмен вети дека ќе изгради огромен трговски комплекс веднаш до базенот во „Карпош“, во близина на хотелот „Александар палас“. На површина од 9.000 квадрати требаше да никне трговски наречен „Вилиџ сити“, опремен со кино сали, деловни простории и со подземни паркинзи, вреден дури 60 милиони германски марки.

Проектот никогаш не стана реалност, додека околу оваа зделка Богоески обвини дека владата на Георгиевски го убедила Контоминас дека му продава земјиште, иако во тоа време можел да добие само корисничко право врз плацот.

Ако му се верува на ексразузнавачот, грчкиот бизнисмен и во овој дил не бил наивен, бидејќи дал мито за имотниот лист со фалсификувани податоци.

Богоески во 2009 посредувал меѓу Владата и Контоминас да се реши спорот и Гркот да не ја тужи државава, меѓутоа настрада токму при разврската на случајот. Тој пред неколку месеци доби две години затвор, бидејќи македонската полиција сметаше оти нелегално ја наплатил посредничката улога. Ексразузнавачот тврдеше дека е жртва на подоцнежните дилови помеѓу актуелнава власт и Контоминас.

Контоминас во 2001 учествуваше и во продажбата на „Македонски Телеком“ на тогашниот „Маѓар телеком“, купи акции од Телеком и неколку години со Унгарците го држеше мнозинскиот пакет во компанијата. Оттогаш до 2006, според анализата на „Транспаренси интернешнл“, Телеком потрошил дваесетина милиони евра на сомнителни договори.

Со фанфари се најавуваше преземањето на Контоминас на локалната ТВ Скопје во 2001. Новата телевизија беше замислена како медиум со богати содржини и со софистицирана опрема, меѓутоа ништо од најавеното не се оствари. Телевизијата ја продаде на Штерјо Наков, кој од неа ја создаде Алфа ТВ и подоцна ја продаде на српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ.

Ништо не испадна ниту од неговите инвестиции во банкарството и во бизнисот со осигурувањето, кои беа најавувани на почетокот од минатата деценија. Тогаш беше спомнуван и како еден од заинтересираните купувачи на „Поштенска банка“, а дури се зборуваше и за негова инвестиција во слободна економска зона во гевгелиско Прдејци.

Луѓето што го познаваат Контоминас велат дека не зачудува тоа што речиси ниедна од неговите инвестиции, ниту тогаш, ниту сега, не се остваруваат до крај, бидејќи тоа е неговиот начин на работа. Велат тој е бизнис-шпекулант, човек кој заработува со тоа што, благодарејќи на политичките врски, евтино купува имот и бизниси, а подоцна поскапо ги продава.

Посредник по мерка на сите

По смената на власта во 2002, продолжиле контаките на Контоминас со власта на СДСМ и кога во Владата бил Бранко Црвенковски, како и подоцна кога владејачката гарнитура ја предводеше Владо Бучковски. Весниците во ноември 2003 објавија дека Контоминас се сретнал со Црвенковски во премиерскиот кабинет, а средбата ја потврдија и владините служби, објаснувајќи дека тоа било обичен состанок на тогашниот премиер со заинтересиран инвеститор.

Наредната година грчкиот бизнисмен му ги продаде своите 7,44 отсто акции во „Македонски Телеком“ на „Маѓар телеком“, со што Унгарците станаа доминантен сопственик на компанијата, меѓутоа, ако се суди според сведоштвото на Богоески, тој продолжил да „соработува“ со Телеком.

Од сведоштвото разбравме дека Контоминас бил клучниот посредник во поткупот.

Тој ги споил македонските функционери со директорите на „Маѓар Телеком“, преку неговите кипарски фирми се испумпувале парите, во неговата вила се броеле банкнотите, луѓе од неговото обезбедување го предавале кешот на граница и токму тој ги смирувал страстите во албанскиот политички блок со нови и црни 1,25 милиони евра, откако функционерите на ДУИ сфатиле дека не ги добиле сите договорени пари.

Контоминас ги контролирал конците на играта со таканаречениот нон-пејпер, документ кој ја регулирал поделбата на парите. Со нон-пејперот ги држел под уцена функционерите кои ги ветиле отстапките во корист на „Маѓар Телеком“, случајно да не избегаат од дадената „беса“.

Офицерскиот дом е уште една недовршена приказна на Контоминас / Фото: БИРН

Присуството на Контоминас во македонскиот бизнис не прекинува ниту кога власта ја презема повторно ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. Во првите неколку години, фирмата на Контоминас, „Нетфон“, го доби тендерот за поставување на вај-макс во Скопје, еден вид помоќна интернет вај-фај мрежа, и пројави интерес за влегување во фиксната телефонија.

Меѓутоа, и од овие бизниси не бидна ништо.

Во меѓувреме, во грчките медиуми осамна информацијата дека атинскиот суд стартувал кривична истрага против Контоминас за афера тешка 28 милиони од деведесеттите години на минатиот век, поврзана со неговата осигурителна компанија.

Злоупотребата била откриена при истрага на фалсификувани документи, издадени од „Интерамерикан“, осигурителната компанија на Контоминас, која е темелот на неговата бизнис-империја, денес надградена со медиумски куќи и со други бизниси.

Информацијата за кривичната стигнала во Скопје есента 2008 кога, според сведоштвото на Богоески, Контоминас им ветил 2,5 милиони евра на претставници од актуелната власт за да ја запрат истрагата за поткупот во „Македонски Телеком“.

Подоцна, во 2011, грчкиот бизнисмен на аукција купи атрактивно државно земјиште на скопскиот плоштад и се обврза таму да го обнови Офицерскиот дом и да изгради хотел во стилот на проектот „Скопје 2014“.

За целата парцела плати нешто повеќе од 620.000 евра или по 100 евра за квадрат.

Фирмата-инвеститор на Контоминас, „ДЦ прајм пропертиес“ беше лоцирана на истата адреса со адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“ и со неа директоруваше адвокатка која работеше кај овие правници. Клиенти на „Чукиќ и Марков“, покрај Контоминас, беа и контроверзната „Ексико“ со газда од Лугано, Швајцарија и компанијата од Белизе која стои зад неделникот „Република“.

Офицерскиот дом придружен со хотел од синџирот „Мериот“ требаше да биде инвестицијата на Контоминас вредна меѓу 30 и 50 милиони евра, меѓутоа Гркот годинава се откажа од проектот и му ја продаде фирмата-инвеститор на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Како што во Македонија му одела од рака соработката со функционерите од сите политички провениенции, така и во матичната држава Контоминас се зближувал со актуелните владејачки гарнитури. Ако пред дваесетина години бил близок со Мицотакис и со десничарската Нова демократија, денеска неговите медиуми се наклонети кон левичарската Сириза.

Портретирајќи го Димитрис Контоминас, од период во период може да се наслика моралната вертикала на речиси сите политичките елити кои управувале со Македонија. Власта во овие дваесет години се менувала, ама лошите практики, заедно со „доходовните“ пријателства, останувале.